Духовден

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Духовден или дуовден е христијански празник во Македонија. Наречен уште и Педесетница (грчки: πεντηκοστή, латински: pentecoste) е еден од најрадосните и најсветли празници во православието во кој се слави слегувањето на Светиот Дух врз апостолите на педесеттиот ден од Христовото Воскресение. Овој настан претставува исполнување на старозаветните месијански пророштва.

Педесетницата се нарекува уште и „крај на празниците“, ден преку кој се довршува историјата на Спасението остварено преку Исус Христос токму поради тоа што православното учење како една службите на Месијата го назначува токму крстувањето преку Светиот Дух, односно Негово излевање врз човештвото. Иако Духот делува и пред и по Педесетницата, на овој ден Тој се покажува во Својот ипостас, а сѐ со цел самата историја на Спасението да се направи совршена. На овој ден започнува икономијата на Светиот Дух, Тој е Оној Кој го собира Божјиот народ во телото Христово, односно Црквата.

Обичаи за Духовден кај јужните Словени[уреди]

Овој празник како и Велигден се празнува три дена. Во Црногорско и Хрватско приморје овие денови се нарекуваат и Русаље или Русаљи, а во Македонија и кај останатите јужни Словени со православна вероисповед првиот ден од Духовден е и ден на Св. Троица.

На Духовден се внесувале билки во храмовите, од нив верниците плетеле венчиња кои ги носеле како заштита од демоните, но и како практична заштита од молците и другите штеточинки во своите куќи. Гробовите се прекривале со листови од орев, а некаде се кителе само крстовите.

На Духовден во Македонија не се спиело ноќе, на гробиштата луѓето седеле цела ноќ и раздавале храна за душата на покојните. Обавезно е носење на цреши во земјани садчиња кои според верувањата со симболично давање на блиските преминуваат граница на оној свет и им служат на покојните во тој задгробен живот.

Во Јужна Србија се верува дека човек роден на Духовден,секоја година на таа ноќ во стаклото на шишето во кое има вино може да ги види мртвите и да комуницира со нив, но пред да го стори тоа мора да помине низ обредни елементи меѓу кои е и отиде до гробот без да се сретне со некого, да појде од домот и да стигне до гробот во ‘глуво доба’, да пости седум дена пред Духовден и др. Некаде пак се верувало дека детето родено на тој ден нема да има среќа во животот.

Учење[уреди]

Св. Јован Златоуст укажува дека на денот на слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, Синот ги принесува „даровите на помирението“ на Бога на верните, преку Неговата жртва. Помеѓу Синот и Светиот Дух се остварува не само обична размена преку која Синот во залог ја зема нашата природа која истовремено преку Воскресението ја вознесува на небото, туку ни Го праќа и прославениот Христос и Светиот Дух покажувајќи го помирувањето помеѓу нас и Бог Отецот. Слегувањето на Светиот Дух е вистински знак на помирување, како што Неговото допирање било знак за гневот Божји. Св. aпостол Јован тврди дека Светиот Дух не пребивал на земјата пред Христа, затоа што сѐ уште не можеоле да станува збор за помирување со Бога без Неговата жртва: „А ова го рече за Духот, Кого ќе Го примат оние, кои веруваат во Него; оти Светиот Дух уште не им беше даден, бидејќи Исус уште не беше прославен.“ (Јован 7,39) Поради тоа и самиот Спасител вели дека Неговото Вознесување е потребно за Духот да биде испратен како знак и дар на нашето помирување со Бога преку Неговата жртва: „Но Јас вистината ви ја кажувам; подобро е за вас Јас да си отидам, оти, ако не си отидам, Утешителот нема да дојде при вас; ако, пак, заминам, ќе ви Го пратам.“ (Јован 16,7) Според тоа, Духот сведочи дека сме преку Христос синови Божји по благодет: „Самиот Дух му сведочи на нашиот дух, дека ние сме чеда Божји.“ (Рим 8,16)

Педесетницата и Црквата[уреди]

Педесетницата претставува не само роденден и темел на Црквата, туку и нејзин пример, дека околу апостолите, во заедница, биле присутни и првите христијански ученици и верници. Светиот Дух бил даруван на првата апостолска заедница (Дела 4,31) и преку Него тие биле дарувани со сѐ она што било потребно за христијанскиот организам: проповедањето на Евангелието, Свети тајни, харизма и ѓаконство. Куќата во која тие пребиваат еднодушни одеднаш е преисполнета со шум од небото, сличен на силен ветар, а разделени јазици, како огнени, се спуштаат врз секого од учениците. Од ова тие се исполнуваат со Дух Свети и почнуваат да го благовестат Евангелието на разни јазици, онака како што Светиот Дух им давал да изговараат. За разлика од мистиката на Успението на Пресвета Богородица, на пример, при доаѓањето на славата на Господ и другите одондестрани и чудесни појави кое им се открива како видение на некои од присутните, настаните на Педесетница стануваат очигледни за сите, не само за достојните. За да ги видат, на ерусалимците не им бил неопходен духовниот вид. Значи, зборувањето на сите јазици на кои луѓето од Ерусалим зборувале било едно од чудата кои биле видливи за сите. Св. апостол Петар вдахновено го објаснува настанот и ги упатува на пророштвата за овој настан до Избраниот народ дојдени преку Пророкот Јоил. Благовеста негова допрела до срцата на многубројните луѓе што го слушале и тие го примиле покајанието заради името на Исуса Христа. Во тој ден се крстиле и присоединиле кон Црквата Христова околу три илјади души. Оттогаш наваму Педесетница се смета за роденеден на црквата Божја. Постоењето на Црквата, воспоставување на апостолскиот континуитет и секое дејство на Црквата зависи од повикувањето на Светиот Дух. Црквата својот внатрешен живот го црпи токму од постојаното актуелизирање на Педесетницата и повикувањето на Светиот Дух. Токму затоа Св. Јован Златоуст во неговите дела вели дека „ние можеме да ја прославуваме Педесетницата во секое време“.

Значењето на Педесетницата се состои во тоа што од тогаш Светиот Дух конечно влегува во историјата, во која времето и просторот не постојат без личното присуство, вистинското доаѓање и активното Божјо делување.

Надворешни врски[уреди]