Јанчиште

Координати: 42°3′11″N 21°6′51″E / 42.05306° СГШ; 21.11417° ИГД / 42.05306; 21.11417
Од Википедија — слободната енциклопедија
Јанчиште

Средишниот дел на Јанчиште

Јанчиште во рамките на Македонија
Јанчиште
Местоположба на Јанчиште во Македонија
Јанчиште на карта

Карта

Координати 42°3′11″N 21°6′51″E / 42.05306° СГШ; 21.11417° ИГД / 42.05306; 21.11417
Регион  Полошки
Општина  Јегуновце
Област Долен Полог
Население 481 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1215
Повик. бр. 044
Шифра на КО 28030
Надм. вис. 390 м
Јанчиште на општинската карта

Атарот на Јанчиште во рамките на општината
Јанчиште на Ризницата

Јанчиште — село во Општина Јегуновце, во областа Долен Полог, во околината на градот Тетово.

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Името на селото првпат се сретнува во историските документи како Јанчишта во XIV век (1349 г.). Името доаѓа од ојконимот Јанче и додавање на -иште, што има значење „место каде што се наоѓа(ло) Јанче“. Другото објаснување е дека името доаѓа од личното име Јанко со додавање на суфиксот -иште.[2]

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Улица во Јанчиште

Селото се наоѓа во источниот дел на областа Долен Полог, сместено на територија на Општина Јегуновце, на алувијална рамнина од левата страна на реката Вардар.[3] Селото е рамничарско, на надморска височина од 390 метри. Од градот Тетово е оддалечено 18 километри.[3]

Низ селото поминува регионалниот пат 2242, кој ги поврзува селата Желино и Јегуновце.

Селото се наоѓа на рамна пространа тераса висока 6 метри над реката Вардар. Соседни села се Копанце на југоисток, Прељубиште на југозапад и Подбреге на североисток. На селскиот атар лесно може да се дојде до вода за пиење, бидејќи подземната вода е доста плитка. Околу селото извираат изворите Лопуф, Струкојца, Чешма, Бела Вода, Ибројца и Кандејца.[4]

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Црквиште, Чешма, Јасика, Орче, Рупа, Ќерамидница, Бела Вода, Караорман, Убоо Поле, Голема Нива, Кандејца, Бучеј, Разори, Ибројца, Тумба, Исмаилица, Бресчиња, Пашина Ливада, Јелок, Глибаќ, Глувчејца, Југурџино и Струкојца.[4]

Селото има збиен тип и куќите се групирани во две маала наречени Горно и Пашино Маало.[4]

Историја[уреди | уреди извор]

Јанчиште е старо село, првпат споменат во повелба на Стефан Душан во 1349 година, кога неговата селска црква „Св. Никола“ била приложена на манастирот „Св. Пантелејмон“.[4]

Селото се споменува во турските пописни дефтери од 1467/68 година, како дел од нахијата Калканделен и имало 39 христијански семејства и 2 вдовици христијани.[5]

Се пренесува предание дека селото еднаш за време на отоманскиот период опустело. Подоцна, било обновено од предците на денешните постари селски родови. Како најстари родови се сметаат Чадини и Чукаловци.[4]

По обновувањето на селото, Јанчиште станало чифчиско село. Сопственици на четирите чифлици биле Реџеп-паша, Мемет-паша, Есат-паша и Вели-ага. Есат-паша живееле во Желино. Мештаните почнале да ја купуваат земјата кон крајот на XIX век. Дефинитивно се ослободило дури во 1912 година.[4]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Поранешен услужен објект

Атарот на селото не е голем и зафаќа простор од само 5,1 км2, при што преовладува обработливото земјиште со површина од 395 хектари, на шумите отпаѓаат 83 хектари, а на пасиштата само 16 хектари.[3]

Во основа, селото има полјоделска функција. Во него има неколку услужни објекти.[3] Во Јанчиште има плантажи за производство на малини и ладилник.[6]

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948486—    
1953552+13.6%
1961641+16.1%
1971668+4.2%
1981747+11.8%
ГодинаНас.±%
1991725−2.9%
1994610−15.9%
2002587−3.8%
2021481−18.1%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Јанчиште живееле 145 жители, сите Македонци.[7] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Јанчиште имало 208 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[8]

Според Афанасиј Селишчев во 1929 година, Јанчиште е село во Шемшевска општина и има 40 куќи со 424 жители.[9]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 350 Македонци.[10]

Јанчиште е средно по големина село, коешто во 1961 година броело 641 жител, а во 1994 година 610 жители, од кои 564 жители биле Македонци, а 46 Срби.[3]

Според последниот попис од 2002 година, во селото Јанчиште живееле 587 жители, од кои 544 Македонци и 43 Срби.[11]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 481 жител, од кои 451 Македонец, 18 Срби, 1 останат и 11 лица без податоци.[12]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 145 208 486 552 641 668 747 725 610 587 481
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[13]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[14]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]

Родови[уреди | уреди извор]

Јанчиште е македонско село.[4]

Според истражувањата од 1947 година, родови во селото се:

  • Доселеници: Чадини (1 к.) и Чукаловци (1 к.), најстари селски доселеници. Нивните предци во времето на доселување во атарот на селото наишле само на шума, по што го изградиле селото. Од првиот род има иселеници во Тетово (две семејства) и во Русе (едно семејство); Савевци (4 к.), стари доселеници, не знаат од каде се доселени. Шоповци (6 к.), доселени се од селото Готовуша во Сириниќ (денес во Косово), го знаат следното родословие: Ристо (жив на 70 г. во 1947 година) Аврам-Тасе-Петар, кој се доселил во селото. Имаат иселеници во Тетово (две семејства); Расимовци (1 к.), место на потекло како и кај Шоповци. Овде се доселиле многу рано и кажувале дека во Готовуша имале воденица. Имаат иселеници во Скопје (едно семејство); Котлинци (10 к.), доселени се од селото Котлина кај Качаник, порано општина Витина (денес во Косово) и го знаат своето родословие Тодор (Тоде) (жив на 62 г. во 1940-тите); Апостол-Сибин-Спасе. Во 2019 година родот Котлинци познава осум колена: Спасе-Сибин-Апостол-Тодор(Тоде)-Јорда-Митко-Огнен-Луна. Родот Котлинци заклучно со 2009 година има преку 393 лица, кои живеат во Јанчиште, Тетово, Скопје, Детроит и други места. Домашна слава на родот Котлинци е Св. Аранѓел;[17] Ивановци или Ивањци (3 к.), доселени се на средината од XIX век од селото Иваје кај Качаник, тоа село е сега албанско, го знаат следното родословие: Сибин (жив на 45 г. во 1940-тите) Мојсије-Спасо, се доселил таткото на Спасо. Имаат иселеници во Скопје (едно семејство), Белград (едно семејство) и во Русе (едно семејство); Ѓурковци (2 к.), доселени се од некое село кај Качаник. Имаат иселеници во Русе (едно семејство); Љамовци (6 к.), доселени се однекаде; Шутко (1 к.), доселени се однекаде. Имаат иселеници во Тетово (едно семејство); Угриновци (1 к.), стари доселеници со непознато потекло. Во минатото биле многу богати; Гаџовци (1 к.), доселени се од селото Сретска (Косово). Спаѓаат во редот на постарите доселеници; Милковци (3 к.), доселени се однекаде, а по мајчина линија се од Шемшево, го знаат следното родословие: Блаже (жив на 37 г. во 1947 година) Панче-Ѓерасим-Серафим, основачот на родот кој се доселил; Призовци (1 к.), порано живееле во Прељубиште и Жилче, подалечното потекло не го знаат; Јажинковци (3 к.), доселени се од селото Јажинце, каде биле староседелци; Трпевци (2 к.), потекнуваат од Трпе, кој бил посинет од селото Озормиште; Михајл (1 к.), доселени се од Беловиште, таму припаѓале на староседелскиот род Степановци; Здравкои (1 к.), доселени се во 1916 година од селото Горно Село кај Средска; Призренковци или Кековци (2 к.), доселени се во 1919 година од Тетово, таму се доселиле од селото Драјчиќ кај Средска; Веселиновци (2 к.), исто потекло како и претходниот род; Гиго (3 к.), доселени се од селото Вратница; Кранчеи (1 к.), доселени се по мајка од Непроштено; Стојче (1 к.) доселени од селото Вратница. Таму припаѓале на родот Степановци; Анто (1 к.), се исто како и претходниот род; Јастро (1 к.), доселени се во 1940 година од селото Беловишта, таму припаѓале на родот Степановци.

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Од селото се знае за следниве иселеници: Николовци (1 к.), кои заминале во Копанце и Филиповци (1 к.), живеат во Лешок, каде заминал основачот на родот, Филип од Јанчиште.[4]

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Основното училиште во селото

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Во XIX век, Јанчиште било село во Тетовската каза на Отоманското Царство.

Селото претставува дел од Општина Јегуновце, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година со додавање на поранешната Општина Вратница. Во периодот од 1996-2004 година, селото било исто така дел од Општина Јегуновце.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Тетово. Селото припаѓало на некогашната општина Теарце во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Шемшево, во која покрај селото Јанчиште, се наоѓале и селата Жилче, Јегуновце, Копанце, Озормиште, Подбреѓе, Прељубиште, Раотинце, Сиричино, Туденце и Шемшево. Во периодот 1950-1952, селото било седиште на некогашната Општина Јанчиште, во која влегувале селата Јанчиште, Јегуновце, Копанце, Подбреѓе и Раотинце.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 2118 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[18]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 478 гласачи.[19] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 481 гласач.[20]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Главната селска црква „Св. Теодор Тирон“
Археолошки наоѓалишта[21]
Цркви[22]

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

  • ФК Југ (Јанчиште)
  • Фудбалскиот клуб Јанчиште, почнал да игра фудбал во 1949 г. ФК Јанчиште играл фудбал во Третата зона во Првенство во фудбал на Тетовската околија, заедно со ФК Туденце, ФК Сиричино и ФК Прељубиште[23]

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија : (Б,Ѓ,Е,Ј,Н,Р,Т,Ќ,У,Ф,Х,Џ,Ш). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 100. ISBN 978-608-220-026-2.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 140. Посетено на 19 февруари 2022.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 4,6 4,7 Трифуноски, Јован (1976). Полог. Белград: САНУ. стр. 454–456.
  5. Турски документи за историјата на македонскиот народ кн.4, Методија Соколоски, д-р Александар Стојановски, Скопје 1971, стр. 369
  6. „Со инвестиција од 5.000 евра за еден хектар малини, од првата берба може да се заработат 14.000 евра“. Зелена Берза. 2019-03-25. Посетено на 2022-02-19.
  7. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“, София, 1902, стр. 211.
  8. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 122-123.
  9. Селищев, Афанасий. „Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии“. – София, 1929, стр. 24.
  10. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  11. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 19 февруари 2022.
  12. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  13. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  14. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  15. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  16. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  17. „Родот Котлинци“ (PDF). Посетено на 19 февруари 2022.
  18. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  19. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  20. „Предвремени избори за пратеници 2020“. Архивирано од изворникот на 2020-07-15. Посетено на 19 февруари 2022.
  21. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 420. ISBN 9989-649-28-6.
  22. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  23. http://spiroski.com.mk/%d0%ba%d0%bd%d0%b8%d0%b3%d0%b0-3/. „SPIROSKI – Lesok, Macedonia“ (англиски). Архивирано од изворникот на 2019-04-24. Посетено на 24 април 2019.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]