Волковија (Тетовско)

Координати: 41°51′47″N 21°0′0″E / 41.86306° СГШ; 21.00000° ИГД / 41.86306; 21.00000
Од Википедија — слободната енциклопедија
Волковија

Панорамски поглед на Волковија.

Волковија во рамките на Македонија
Волковија
Местоположба на Волковија во Македонија
Волковија на карта

Карта

Координати 41°51′47″N 21°0′0″E / 41.86306° СГШ; 21.00000° ИГД / 41.86306; 21.00000
Регион Горни Полог
Општина  Брвеница
Население 188 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1237
Шифра на КО 28011
Надм. вис. 540 м
Волковија на општинската карта

Атарот на Волковија во рамките на општината
Волковија на Ризницата

Волковија — село во Општина Брвеница, во областа Горни Полог, во околината на градот Тетово. Селото се наоѓа во подножјето на Сува Гора помеѓу селата Стенче и Чегране. Населено е со македонско христијанско население. Во пишаните документи се споменува од 1348 година под име Волково, но во старите црковни книги и минеи и од многу порано, поточно од X век. Населението претежно се занима со сточарство и земјоделство.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Поглед на волковските пасишта и ниви.

Селото Волковија е последното Тетовско село кое граничи со Општина Гостивар. Се наоѓа на географски координати 41°51′47″N 21°0′0″E. Лежи во подножјето на планината Сува Гора. Селото е ридско-планинско со разбиен маалски тип на градба. Од повисоките коти во селото се отвора шиток панорамски поглед кон среден Полог и Шарпланинскиот масив. Во непосредна близина се распростира широката мешовита шума -Волковска Корија богата со даб, бука, бор, ела, бел и црн габер, див костен итн. Веднаш над селото се издига ваковскиот рид Чука богат со висока дабова шума. Планината е населена од повеќе видови на дивеч : дива свиња, лисица, волк, див зајак, срна, елен. Климата е умерено континентална, со топли лета и снежни и ладни зими, пролетта и есента се со обилни врнежи. Во непосредна близина на селото поминува реката Вардар, реката Маздрача,реката Бара и реката Извори, што ја прават Волковија едно од ретките населени места со толкава хидрографска мрежа. Реките се богати со речна риба од повеќе видови, посебно примамлива за риболовците. Волковското поле е погодно за сите видови на земјоделски култури, најмногу се одгледува гравот, пченката и пченицата. Изграден е систем за наводнување долж Волковското поле. Овој предел се одликува со бујна вегетација. Селото е оддалечено 22 километри јужно од Тетово и 11 километри северно од Гостивар.

Историја[уреди | уреди извор]

Традиционална архитектура од Волковија

Селото е формирано многу одамна, нема наводи кои временски би го лоцирале тоа. Во пишаните извори првпат се споменува 1348, но во црковните книги и минеи од многу порано. Селото е населено со македонско население. Во минатото броело околу 3000 жители.

Селото се споменува во турските пописни дефтери од 1467/68 година, како дел од нахијата Калканделен (Nahiye-I Kalkandelen) и имало 48 семејства, од кои 35 христијански семејства, 4 неженети христијани, 4 вдовици христијани и 5 муслимански семејства.[2] Селото минувало низ многу тешки времиња како христијанско село. Сепак опстојало какво такво, а во селото биле изградени три цркви, а долго време постоел и волковскиот манастир. Волковскиот манастир бил запален и разрушен од Турците Османлии кои го опустошиле овој крај. Турскиот аскер често дивеел низ Волковија. Турците сакале да ги запленат книгите на селскиот поп, но тој истите ги запалил вечерта пред да дојдат. Волковчани имале проблеми и за време на Втората светска војна кога италијанските и балистичките формации во повеќе наврати го пустошеле селото. Во тоа време двајца селани на соседното муслиманско село Чегране дошле да ги чуваат Волковчани. Балистички групи често засолниште наоѓале во селските куќи и го ограбувале населението. На нивите бил особено активен деруводеџија кој земал пари и стока од селаните. Волковчани активно биле вклучени во народно ослободителната војна. Со ослободувањето многу од нив зеле воени пензии. Селото еднаш било зафатено од голем катастрофален пожар, во кој настрадале најголем број од селските куќи и плевни. Пожарот настанал од искри кои зафатиле ѕид натрупан со слама. Во времето на Југославија и колективизацијата имотот и трудот на селаните биле обединети и под дирекција на селската задруга.

Со миграциите село-град се намалил бројот на постојани жители, и пораснал бројот на волковски иселеници. Поради одржување на блиските односи биле организирани Волковските Средби манифестација која традиционално се одржувала многу години. На манифестацијата огромниот број посетители ги забавувале познати македонски пејачи. Денес во селото живеат околу 500 редовни жители, но сè поголем е бројот на луѓе кои градат свои викендици во урбаната викенд населба.

Потекло на името[уреди | уреди извор]

Според некои научници, името на селото води потекло од спојување на именката волк и глаголот вие, односно вија, што би значело 'виење на волци'.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Волковскиот рибник.

Населението на село Волковија егзистира претежно од земјоделство и сточарство. Во селото се наоѓа фабрика за столарија и обработка на дрво „Кверкус“, која се занимава со производство и продажба на готови производи. Во фабриката работаат жители на селото. Во селото долги години постои и рибник изграден од волнарскиот комбинат Тетекс-Тетово, во времето кога бил гигант во Република Македонија. Денес рибникот е под концесија, работи со полн капацитет. Во селото постојат и две живинарски фарми. Во минатото постоела традиционална воденица со која селаните го мелеле житото и добивале наменско брашно. Денес старата воденица не е во функција, но постои како напуштен објект.

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948766—    
1953777+1.4%
1961601−22.7%
1971399−33.6%
1981311−22.1%
ГодинаНас.±%
1991262−15.8%
1994269+2.7%
2002270+0.4%
2021188−30.4%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Волковија живееле 640 жители, сите Македонци.[3] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Волковија имало 600 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[4]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 650 Македонци.[5]

Волковија е средно по големина село, но со намалување на бројот на населението. Така, во 1961 година броело 601 жител, а во 1994 година 269 жители, македонско население.

Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото има 270 жители, сите Македонци.[6]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 188 жители, од кои 179 Македонци, 1 Албанец и 8 лица без податоци.[7]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 640 600 766 777 601 399 311 262 269 270 188
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[8]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[9]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[10]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]

Родови[уреди | уреди извор]

Волковија е македонско село.

Според истражувањата од 1947 година, родови во селото се:

  • Доселеници: Пејовци или Чучевци (12 к.) се викаат и Сулаковци. Доселени се од соседното село Тумчевиште. П. Јовановиќ за нив слушал дека се доселени од Охридско. Се сметаат за први доселеници во ова село. Од Тумчевиште се доселил нивниот предок Пејо. Го знаат следното родословие: Васил (жив на 66 г. во 1947 година) Анто-Кузман-Мако-Пејо, кој се доселил во селото. Куќите им се во Љуманско маало. Имаат иселеници во Гостивар (едно семејство), Тетово (четири семејства), Скопје (пет семејства), Бугарија (две семејства) и во Романија (три семејства); Плковци (8 к.) доселени се од некое околно полошко село. Нивните предци работеле на манастирскиот имот. Имаат иселеници во Тетово (едно семејство) и во Софија (едно семејство); Мајсторовци или Арсовци (20 к.) доселени се од сега муслиманско-албанското село Гајре над Тетово на падините на Шар Планина. Од Гајре се иселиле браќата Арсо и Деспот. Некој предок од овој род бил свештеник во Волковија. Подоцна предците биле терзии и затоа се нарекле Мајсторовци. Го знаат следното родословие: Штерјо (жив на 35 г. во 1947 година) Томе-Сатир-Кузман-Арсо, еден од браќата кои се доселиле. Имаат иселеници во Тетово (едно семејство), Гостивар (едно семејство) и во Букурешт (едно семејство); Стефановци или Кокалевци (4 к.) доселени се од селото Сретково, таму биле староседелци; Стојковци или Батевци (13 к.) се викаат уште и Куртишовци. Доселени се однекаде; Аврамовци (21 к.) доселени се од сега муслиманско-албанското село Глумово во Скопски Дервен. Имаат иселеници во Тетово (едно семејство), Скопје (четири семејства), Белград (две семејства) и во Софија (две семејства); Ѓоќевци (11 к.) ги викаат уште и Цинцарои. Доселени се од Крушевско. Овде се доселиле четири браќа. Од браќата само еден останал овде (Ѓоко), додека другите се иселиле во Скопје и Чегране. Еден од браќата иселен во Чегране прешол во ислам, и неговиот род таму се вика Ќосевци. Ќосевци и Ѓокевци одржувале роднински односи и се посетувале. Од овој род има иселеници во Брвеница, Тетово (едно семејство), Скопје (две семејства) и во Софија (шест семејства); Илчевци или Џидаковци (9 к.) доселени се однекаде. Го знаат следното родословие: Здраве (жив на 70 г. во 1947 година) Јован-Димитрија-Илче-Трпе, кој се доселил во селото. Имаат иселеници во Тетово (едно семејство) и во Скопје (едно семејство); Бајчиновци или Мустафовци (10 к.) доселени се од селото Железна Река. Таму биле староседелци. Го знаат следното родословие: Стојче (жив на 50 г. во 1947 година) Петре-Спасен-Стојче-Речко, предокот што се доселил. Имаат иселеници во Гостивар (едно семејство) и во Софија (едно семејство); Трипуновци или Руклевци (5 к.) доселени се од селото Гајре на Шар Планина. Таму биле кумови со споменатиот род Мајсторовци. Кумството го одржуваат и во ова село. Во Волковија се доселил тројца браќа- Трипун, Димитрија и Груне. Го знаат следното родословие: Васил (жив на 42 г. во 1947 година) Груне-Мите-Груне-Трипун. Имаат иселеници во Софија (две семејства); Грубановци (5 к.) доселени се однекаде. Имаат иселеници во Беловиште, Скопје (едно семејство) и во Софија (едно семејство); Пуќаровци (1 к.) доселени се однекаде. За нив се вели дека тешко се множат. Имаат иселеници во Скопје (едно семејство) и во Романија (едно семејство); Кољовци или Ќалишовци (4 к.) доселени се од селото Беловиште кај Гостивар. Таму биле староседелци; Телепуќовци (2 к.) имаат исто потекло како и претходниот род. Ги викаат уште и Турчанци (по селото Беловиште). Таму биле староседелци. Имаат иселеници во Романија (едно семејство); Шабановци (3 к.) доселени се од сега раселеното село Смрдеш на Сува Гора. Овде живеат од средината на XIX век; Војновци (1 к.) доселени се однекаде. Порано биле терзии. Имаат иселеници во Гостивар (едно семејство), Тетово (едно семејство), Скопје (едно семејство) и во Варна (едно семејство); Ќумбаковци (1 к.) потекнуваат од предокот Дамјан кој се доселил како домазет од соседното село Стенче. Овде влегол во куќата која припаѓала на родот Јанкуловци (во 1947 година целосно иселени). Имаат иселеници во Тумчевиште; Фалишани (2 к.) доселени се од селото кое сега не постои, а тоа е Горно Фалише.[12]

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Цркви[уреди | уреди извор]

Манастирска Црква „Св. Ѓорѓи“[уреди | уреди извор]

Црквата „Св. Ѓорѓи“ на Чука.

Црквата „Св. Ѓорѓи“,[13] позната како и Волковскиот манастир е еден од најзначајните христијански светилишта во Полог од XII до XIV век. Манастирот е посветен на Светиот Велико Маченик Ѓорѓи Победоносец. Најсилен подем манастирот постигнал за време на игуменот Варлаам. Игуменот Варлаам развил широка просветителска и проповедничка дејност. Во овој период во манастирот функционирала и волковската препишувачка школа во која се напишани дела од непоценливо значење. Најзначајно дело е Волковскиот минеј за месец февруари кој е од особено значење за Македонската и Славистичката наука. Ова ретко црковно дело има големо значење за проучувањето на историјата на македонскиот јазик и македонската писменост и култура. Во 1835 постоел факсимил од записот на првата корица на минејот, напишан од Арсениј, прв ученик на јеромонахот Кирил Пејчиновиќ. Од факсимилот дознаваме дека минејот од рушениот волковски манастир бил однесен во шишевскиот манастир, а потоа Кирил Пејчиновиќ го зел со себе во Лешочкиот манастир.

Црква „Св. Мина“[уреди | уреди извор]

„Св Мина“ - е соборниот, најголемиот селски храм. Се наоѓа над селото во горното маало пред училиштето. Изграден е со голема купола на средината однадвор со светложолта боја. Основата на црквата е крсна во форма на правоаголник. Внатре има мала галерија за хор и дрвен олтар. Во овој храм се чуваат значајни црковни предмети и книги. Во дворот на црквата се наоѓа и висока камбанарија со голем бакарен ѕвонец, сала за свечени собири и базен. Црквата е изградена во времето на Караѓорѓевиќ и над влезот има мермерна плоча посветена на ктиторот. Денес со донации на селото се одржува црквата со придружните објекти. Карактеристично е што храмот се гледа од секој агол во селото бидејќи изграден е над самото село.

Црква Св. „Атанасиј“[уреди | уреди извор]

Црквата „Св. Атанасиј“

„Св. Атанасиј“ – гробјанска црква посветена на Св. Атанасиј Александриски[14]. Се наоѓа на селските гробишта. Изградена е со донации на селаните и на родителите на познатиот Југословенски глумец со волковско потекло Данило Бата Стојковиќ. Изградена е во правоаголна форма со крст од ковано железо на врвот. Внатре се наоѓа камен крст пред олтарот остаток од некогашен храм. За потребите на црквата изградена е и сала за сообири.

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото го води месна самоуправа составена од претседател на месната заедница(кмет), негов заменик, секретар и благајник. Во селото постои и црковен одбор кој работи за зачувување и одржување на црковното и културното богатство на селото. Селските органи се бираат од мештаните. Во селото повеќе години постоела и селска амбуланта и селска кооперација. Во времето на поранешна Југославија, со моделот на колективизација на стопанството била формирана задруга која го водела земениот имот и ги координирала и плаќала селаните.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 2045 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на здравствен пункт.[15]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 164 гласачи.[16]

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Во село Волковија заради поволната природа се снимал најголемиот дел на еден од најпознатите македонски филмови Македонска крвава свадба снимен по драмскиот текст на Војдан Поп Георгиев Чернодрински. За потребите на филмот бил преуреден домот на едно селско семејство и изградена голема сламена плевна. Голема екипа на глумци, режисери, костимографи, шминкери од Македонија и Југославија престојувале во село Волковија. За условите во тоа време била донесена и завидна филмска опрема која била распоредена на повеќе локации. Голем број на селани учествувале како статисти во филмот. Во селото се снимени и повеќе краткометражни филмови, спотови, македонски народни приказни и сл.

Волковската народна носија се издвојува со својот посебен колорит и детаљите по кои и посебно забележлива. За да се облече девојка во носијата потребно е да и асистираат неколку други за да се намести секој детаљ на вистинското место. Свадбената носија е со претежно бела боја со карактеристичен вел и свадбен букет на велот. Машката носија е далеку поедноставна од женската. Во областа на образованието во Волковија постои селско училиште. Училиштето е во нов реновиран објект со модерни училници . Во селото е зачуван и стариот објект каде се описмениле многу генерации. На спортско поле Волковчани ги претставувал фудбалскиот клуб Чука, кој бележел доста успеси во локалната лига. Клубот бил финансиран од страна на населението и иселеништвото. Стадионот на кој играл домашниот клуб сместен е позади Чуката во месноста Јонташи.

Постојани настани[уреди | уреди извор]

Црквата „Св. Мина“

Волковски средби, манифестација која традиционално се одржувала многу години, третата недела од месец мај. На неа се собирале сите жители и целото иселеништво со потекло од Волковија, како и многу гости од целиот регион. На голема сцена настапувале познати македонски естрадни ѕвезди како леб и сол , владо јаневски, дарио, сузана спасовска, наум петрески и многу други. Манифестацијата била придружена со голем панаѓур. Св. Ѓорѓи- Ѓурѓовден, на големиот верски празник воедно селска слава се одржува голем народен собир. Се одржува света литургија се кршат лебови се свети вода. На крајот се лицитираат даровите на верниците и се одржува голема братско сестринска гозба. Празник Св. Мина, на верскиот празник во последниве години сè поголема е посетеноста на денот на овој празник. Се предава кумството и се прават сите верски обреди.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Личности[уреди | уреди извор]

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Родот Јанкуловци целосно се иселил во Скопје и Белград. Биле по потекло од раселеното село Смрдеш на Сува Гора. Мојсевци се иселиле во Гостивар. Кузмановци се иселиле во Брвеница, во Волковија биле доселени од селото Галате, каде припаѓале на родот Балабановци. Смилковци (2 к.) се иселиле во селото Туденце. Љумљанци изумреле, биле доселени од селото Мало Турчане.[18]

И после 1940-тите од селото има иселување во голема мера, па така од голема, преминала во мала населба, иселеници има низ Македонија, поедини земји во Европа, како и во прекуокеанските земји.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Турски документи за историјата на македонскиот народ кн.4, Методија Соколоски, д-р Александар Стојановски, Скопје 1971, стр.346
  3. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр.212.
  4. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.122-123.
  5. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  6. Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
  7. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  8. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  9. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  10. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  11. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  12. Трифуноски, Јован Ф. (1976). Полог : антропогеографска проучавања. Српска академија наука и уметности. OCLC 5846115.
  13. „Откорнати бакарни олуци од "Свети Ѓорѓи". Вест. 17 мај 2008. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2010-05-01.
  14. Михајловска, Лилјана (7 јануари 2008). „Жителите на Волковија денес имаа причина за двојно слајве“. КИСС ТВ. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2010-05-03.
  15. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  16. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  17. „Легендарен глумец и благороден човек“. Утрински Весник. Архивирано од изворникот на 2016-03-05. Посетено на 2011-08-09.
  18. Ф., Трифуноски, Јован (1976). Полог : антропогеографска проучавања. Српска академија наука и уметности. OCLC 5846115.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]