Радиовце

Координати: 41°54′24″N 20°57′47″E / 41.90667° СГШ; 20.96306° ИГД / 41.90667; 20.96306
Од Википедија — слободната енциклопедија
Радиовце

Поглед кон Радиовце од ридот Горица

Радиовце во рамките на Македонија
Радиовце
Местоположба на Радиовце во Македонија
Радиовце на карта

Карта

Координати 41°54′24″N 20°57′47″E / 41.90667° СГШ; 20.96306° ИГД / 41.90667; 20.96306
Регион Полошки
Општина  Брвеница
Население 885 жит.
(поп. 2021)[1]

Површина 3,6 км2
Пошт. бр. 1213
Повик. бр. 044
Шифра на КО 28063
Надм. вис. 590 м м
Слава Атанасиј Александриски
Радиовце на општинската карта

Атарот на Радиовце во рамките на општината
Радиовце на Ризницата
Црквата св. Атанасиј во село Радиовце

Радиовцесело во Општина Брвеница, во околината на градот Тетово. Ова е едно од помладите села на општината, но доста важно за општествениот живот на околните села.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Радиовце е едно од ретките села во општина Брвеница кое целосно се простира во Полошката Котлина. Селото лежи на две реки: Вардар и Боговињска Река. Овие две реки имаат голема важност за населението на село Радиовце како за земјоделските потреби така и за риболовот кој е застапен во не многу големи размери. Поради двете реки кои го опфаќаат село Радиовце, почвата е доста плодна и погодна за поголем број култури како што се: пченка, пченица, познатиот тетовски грав, репка, ’рж и сите градинарски култури кои успешно се одгледуваат на тоа тло со векови. Исто така од голема важност има и планината Горица што се простира веднаш до ова село. Таа игра важна улога, не само за ова село, туку и за сите села во дрвната индустрија и е важен извор на огревен материјал и извор за дрвен материјал користен во месните фабрики. Спојот на реката Вардар и планината Горица му даваат на селото Радиовце одлична местоположба што дава и големи придобивки. Исто така важно е да се напомене дека еден од главните регионални патишта што ги поврзуваат Тетово и Гостивар поминува низ Радиовце. Согледувајќи го тој факт, Радиовце е исто така важна транзитна точка на регионалните патишта на Полошката Котлина.

Историја[уреди | уреди извор]

Кон крајот на XIX век Радиовце било во склоп на Тетовскиот округ на Отоманското Царство. Во 1900 година живеле околу 140 жители од кој повеќето било христијанско македонско население. Во тоа време луѓето биле организирани и се држеле заедно под дејство на македонската црква која им била духовен водач.

Потекло на името Радиовце[уреди | уреди извор]

Приказната за добивање на името Радиовце е доста позната на сите жители на Радиовце, па и околината. Имено додека не било населено местото, на самото место имало големи пасишта и најчесто доаѓале овчари од околните места. Меѓу нив дошол еден овчар кој си направил скромен дом на пасиштето и тука престојувал и во зима и лето. Тоа било малку чудно за жителите на околните места па често го прашувале зошто седи тука кога нема никој друг. Овчарот едноставно одговарал: `Ради овце` (Поради овците- на тетовски дијалект. Така останало името за неселеното место кое малку подоцна се развило.[2]

Според некоја друга легенда која е помалку веројатна, се смета дека луѓето се населиле од планините поради „рад и овце“, односно работа и овци. Инаку името понекогаш се споменува и како Радиовци.

Луѓето од Радиовце се попознати како „ракари“, поради тоа што порано во тој дел на Вардар имало изобилство на речни ракови, кои сега за жал се целосно истребени.

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948461—    
1953534+15.8%
1961599+12.2%
1971630+5.2%
1981825+31.0%
ГодинаНас.±%
1991399−51.6%
19941.026+157.1%
20021.049+2.2%
2021885−15.6%

Во османските даночни регистри на немуслиманското население од вилаетот Калканделен од 1626-1627 година селото е одбележано под името Радиовче со 46 џизие ханиња (домаќинства).[3]

Кон крајот на XIX век Радиовце — село во Тетовската каза на Османлиското Царство.

Според статистиката на Васил К’нчов (“Македонија. Етнографија и статистика.”) од 1900 година Радиовци е село, населено од 150 жители Македонци христијани.[4]

Целото христијанско население во селото било под влијание на Бугарската егзархија во одреден период. Според податоци на секретарот на егзархијата Димитар Мишев (“La Macédoine et sa Population Chrétienne”) во 1905 година во Радиовце има 200 Македонци под врховенството на Бугарската егзархија.[5]

По избувнувањето на Балканската војна Цветко Илиев Серов од Радиовци е доброволец во Македонско-одринското ополчение.[6] После Втората балканска војна селото останува во склоп Србија, а потоа на Кралство СХС.

Според Афанасиј Селишчев (“Полог и его болгарское население”) во 1929 година Радковце — село во Брвеничката општина (со центар во Жеровјане) во Долнополошкиот срез и има 47 куќи со 345 жители Албанци, но на приложената етничка карта Радиовце е одбележано како мешано село.[7]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 300 Македонци и 100 Албанци.[8]

Според пописот од 2002 година селото има 1.049 жители и претставува голема населба.[9]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 885 жители, од кои 330 Македонци, 541 Албанец и 14 лица без податоци.[10]

На табелата е прикажан националниот состав на населението низ сите пописни години:[11]

Година Македонци Албанци Турци Роми Власи Срби Бошњаци Ост. б.п. Вкупно
1948 461
1953 337 197 ... 534
1961 327 246 ... ... 22 ... 4 599
1971 299 308 16 5 ... ... 2 630
1981 284 535 2 ... 4 825
1991 356 32 8 3 399
1994 346 678 2 ... 1.026
2002 346 691 3 9 1.049
2021 330 541 14 885

Историски гледано населението во Радиовце отсекогаш било со мешан етнички состав. Исто така историски гледано, населението во село Радиовце е дојдено од повеќе маста на Македонија, најчесто од околните села во Полошкиот Регион како што се Градец, Лисец, Жеровјане, Стримница. Поголем број на жители дошле и од Поречието и околните Поречки села. Кај албанското население се забележува доселување од селата Гургурница и Корита и мал дел од селото Чегране.

Родови[уреди | уреди извор]

Радиовце е мешано македонско-албанско село, сите родови во селото се доселенички.

Македонски родови во Радиовце се: Стојковци или Шукаловци (3 куќи) најстар род во селото, доселени се од некое село во Охридско. Се доселил предокот Богоја. Од овој род во првата половина на XIX век живеел некој Стојко, кој се занимавал со обработка на живопис; Џукљевци (4 куќи) доселени се од Крушевско. Го знаат следното родословие: Славе (жив на 40 г. во 1946 година) Спиро-Стојче-Стојан-Нестор, кој се доселил во селото; Бибовци или Тумановци (3 куќи) и они се доселени од Крушевско; Аврамовци или Кукушовци (4 куќи) потекнуваат од предокот Ристо, кој се доселил од сега албанското село Лисец. Го знаат следното родословие: Ѓуре (жив на 43 г. во 1946 година) Никола-Аврам-Ристо, кој се доселил; Гушав-Ѓоргијовци (4 куќи) доселени се од селото Тумчевиште; Митревци (2 куќи) доселени се однекаде; Тагајовци (3 куќи) доселени се од селото Туденце; Кастревци (3 куќи) доселени се од некое село во Прилепско; Шекериловци (5 куќи) доселени се од селото Лисец; Танушовци (4 куќи) доселени се од селото Горно Фалише; Кумановци (1 куќа) доселени се од селото Жеровјане, а таму се доселени од околината на Куманово; Николовци (1 куќа) доселени се во 1916 година од селото Стеблево, Голо Брдо; Тантевци (4 куќи) најпрво живееле во селото Тумчевиште, од каде се иселиле во Милетино, па од таму во Радиовце; Шаневци (1 куќа) доселени се од селото Жеровјане; Ќировци (1 куќа) и они се доселени од селото Жеровјане; Бошковци или Добревци (1 куќа) потекнуваат од предокот Добре, кој се доселил со синот Душан. И они се доселени од селото Жеровјане; Мефтаровци (2 куќи) доселени се од селото Милетино; Грнчаровци (1 куќа) доселени се од селото Челопек, во Челопек се доселени од селото Блаце; Галичани (1 куќа) доселени се 1943 година од Галичник.

Албански родови во Радиовце се: Суљои (1 куќа) доселени се од селото Корито, таму се доселени од некое село во Горна Река; Салијини (9 куќи) исто потекло како и родот Суљои, најпрво живееле во Горна Река, па во Корито, и на крај во Радиовце; Османои (8 куќи) исто потекло како и претходните два рода. Со Суљои и Салијини биле еден род во Горна Река, Суљои се доселени на почетокот на XX век, Салијини после 1912 година, а Османови во првата половина на XIX век; Беџетој (4 куќи) доселени се од селото Челопек.[12]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Иселеничкиот бран во Радиовце се забележува во текот на 60 и 70-те кога многумина мигрираат во Скопје и Тетово, а помал број и во соседна Србија. Мал број се иселени во САД, а околу 3 семејства во Германија.

Кај албанското население забележано е иселувања во последните 10 години, кои претежно заминуваат во Германија и Швајцарија, а поголем број се во бившите југословенски земји (Словенија,Хрватска и БиХ).

Интересно е да се напомене дека и покрај иселувањата во 80-те имаме и масовни доселувања. Така од Поречието пристигнуваат 30 семејства кои се населуваат на црквиното место „Ваков“,а од 2000 па наваму почнуваат да се населуваат и албански семејства, кои доаѓаат претежно од сувогорските планински села Гургурница и Корита.

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Видете Црква "Св. Атанасиј" - Радиовце
Црквата „Свети Атанасиј“

Во селото Радиовце се наоѓа Месната заедница за селата Радиовце, Волковија, Теново, Стенче и Гургурница. Таа месна заедница функционира во рамките на општина Брвеница како подрачна единица за сите села горе споменати. Фукционирањето на месната заедница во селото Радиовце е од важен карактер за околината. Имено, тука се заверуваат сите бракови од сите села, се верификуваат сите смртни случаи, се издаваат уверенија и слични државни документи.

Во село Радиовце многу добро финционира и црквата св. Атанасиј Таа е игра важна улога во животот на православното население и центар за сите културни збиднувања на православното население на Радиовце. Од особена важност е да се напомене одбележувањето на патрониот празник на црквата Свети Атанасиј, што се одржува секоја година на 31 јануари. Исто така во дворот на црквата се одржуваат собирања на населението за време на празниците Божиќ, Велигден. Бадник и Св. ВасилијВасилица. Исто така во рамките на село Радиовце важна улога игра и џамијата во село Радиовце. Таа е клучна за културниот и општествениот живот на муслиманското население на село Радиовце. Исто така во рамките на џамијата има и библиотека која располага со поголем број на верски материјали потребни за секојдневниот живот на муслимаското население во село Радиовце.

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Во рамките на селото Радиовце успешно функционираат неколку институции како што се „Месната Заедница на општина Брвеница“, основното училиште кое е под надзор на Централното училиште „Гоце Делчев“ во село Стенче, црквата `Св. Атанасиј` и џамијата во Радиовце.

Месната заедница е централна за околните села Радиовце, Теново, Стенче, Волковија, и Гургурница. Во неа се извршуваат сите повитални општествени обврски како што се издавање потврди, заверување на венчавки, смртни случаи и слични работи.

Основното училиште било во склоп на централното училиште во село Жеровјане. Со новите измени тоа е сега под централното училиште „Гоце Делчев“ во с. Стенче. Ова училиште го посетуваат околу 50 или повеќе ученици, а раководени од 4 наставници, двајца од македонска настава и двајца од албанската настава. Училиштето е реновирано во 1995 година и одлично функционира.

Црквата „Св. Атанасиј“ е важен верски храм за православните жители на Радиовце. Таа финционира во склоп на Македонската православна црква и поп е отец Ненад кој е задолжен и за околните цркви што се во склоп на Милетската парохија.

Џамијата во село Радиовце ито така има важен удел врз населението со муслиманска вероисповед. Таа е културен и верски центар на муслиманското население и во рамките на џамијата фунционира библиотека неопходна за секојдневните потреби на неселението.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постојст избирачките места бр. 2049 и 2049/1 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[13]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 1.057 гласачи.[14]

Одлики и културно-природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Традиционална женска народна носија во селото

Традиционалната носија во селото Радиовце се разликува од останатите во поглед на нивната декорација. Таа е карактеристична со црниот вез на бела основа и има своја специфична орнаментика. Боја која претежно преовладува е темно-црвената. Постоеле повеќе видови на женска носија како невестинска, за вдовици, секојдневна и празнична. Додека пак кај мажите носијата е скоро иста.

Со самит тек на годините и заборавот на традиција, во селото исчезнува и дел од традиционалните обичаи и некои посебни културни одлики.

Како голема благодарност од страна на тогашна СРМ, за големиот удел на населението во втората светска војна, во селото се подигнува еден споемник. Тој се наоѓа во кругот на фабриката, во самиот центар на селото т.н. Збирало.

Поради самата географска положба во селото во средишниот дел на Полог, нема апсолутно никакви археолошки наоѓалишта, како што има кај соседните села Стенче, Челопек и Блаце. Самата селска црква Св.Атанасиј е своевиден културен споменик, која не изградена на крајот на XIX век на стари црковни темели.

Своевидна атракција може да се рече дека е и планината Горица, која всушност е крак на Сува Гора. Висината е околу 400 метри и на неа се наоѓаат 4 високи предаватели на македонските телекомуникациски компании. До половината води еден прекрасен широк пат до месноста „Лединче“.

Малечката река Богошница која минува низ центарот покрај црквата прави своевиден мини парк.Со своите 2 притоки го хранат можеби најстарото дрво во околината т.н Јасенот, кој се издига во близина на селото.

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Како редовни настани што се одржуваат во село Радиовце се изделуваат прославувањето на празникот на црквата „Св. Атанасиј“ на 31 јануари. Тој празник се одбележува со спремување на ручек и пристојна забава за помалдите припадници на православната религија.

Посебна приказна за себе е прославата на Св. Василиј на 14 јануари или попозната како Василица. Тогаш децата се облекуваат во различни маски и така одејќи од куќа во куќа и пеејќи ја василичарската „Трака трака„ собираат подароци. Исто така и девојчињата имаат т.н. свој ден .Тие пак на Лазаревата Сабота или Лазарици се облекуваат свечено (најчесто невести) и одејќи и пеејќи од куќа во куќа, накитени со цвеќиња ја наговестуваат пролетта и воскреснувањето на Исус Христос.

Интересно е и да се напомене дека со самото доаѓање на доселениците од Поречието го донеле и бадник со себе, односно како ден за шетање и пеење песни. Посебни настани се исто така палењето на огнови, од кој едниот бадничарскиот во дворот на црквата, а другиот василичарскиот на планината Горица на месноста Лединче. Фрлањето на крстот за Водици се одржува во дворот на црквата во базенот, а ден пред тоа крстовите шетаат, односно одат од куќа во куќа.

Исто така Треба да се спомене и одбележувањето на празникот Курбан бајрам кој е прославуван од муслиманското население. Тој празник се одбележува со принесување на жртва- Курбан кој е поделен на 3 дела еден за семејството еден за соседите и еден дел за сиромасите. Меѓу другите настани се одбележува и прославата на Новата Година. Најчесто е прославувана на центарот на селото со приготвување на мали огномети.

Василичарската песна на Радиовце

Трака, трака Василица
дај ми бабо сланиница,
да наранам дечињата,
да им пукнат мешињата...
оооооојјјј суроооооооо
догодина повесело

Однос со околните население места[уреди | уреди извор]














Религија во Радиовце (попис 2002)[15]

  православие (&1000000000000033300000033,3%)
  ислам (&1000000000000006600000066%)
  католицизам (&100000000000000010000000,1%)
  останати (&100000000000000060000000,6%)

Иако селото Радиовце можеби се наоѓа поблиску до градот Гостивар, луѓето се секогаш ориентирани кон Тетово. Институционалните, социјалните и општествените проблеми на граѓаните од селото Радиовце се решаваат во Тетово.Исто така Тетово е центарот за високото образование на младите луѓе од Радиовце и главен центар за трговија, здравство и рекреација. Иако се примарно луѓето ориентирани со Тетово, голем број на луѓето имаат и добри односи со Гостивар. Имено, доста млади луѓе се образуваат во Гостивар, одвиваат трговски врски со граѓаните на Гостивар и голем број на религиозни и културни настани се одбележуваат во Гостивар.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Како што се менува економската состојба во Македонија, така истата се менува и во селото. Во почетокот на ’80 во Радиовце се изградила фабрика, популарно наречена „КОРПАРА“ во која се плетеле кошници и мебел од прачки. Подоцна таа прераснува во мини фабрика ѕа мебел, која за подоцна во доцните ’90 и целосно да се затвори. Освен неа, во селото има два супер маркети и 3 мини маркети популарно наречени „дуќани“. Функционира и претпријатие за производство на бекатон цигли, санитарно претпријатие `Река Комерц` високософистицирана фирма за градежништво, малечко претпријатие за производство на огради од ковано железо, бензинска пумпа, обложувалница, земјоделска аптека, повеќе дневни локали за чај и кафе и др.

Населението е претежно вработено во Тетово, а остатокот по околните села.

Земјоделство[уреди | уреди извор]

Главен извор за издршка на населението во Радиовце е земјоделството и сеење на разни култури. Поголем број од граѓаните на Радиовце поради тешката транзиција во која се најде Македонија и Балканот се одлучиле за обработка на земјата и добивање корист од истата. Најчесто сеени култури се пченката и гравот. Гравот е најпознатиот производ не само на Радиовце туку на целиот Полог. Други култури кои можат да се видат се пченицата, `ржот, сите градинарски култури, пиперката и разни овоштарски култури. Најчесто одгледувани овошја се јаболкото, крушата и вишните. Радиовце располага со поголем број обработливи површини кои се многу погодни за одгледување на сите култури. Најголеми обработливи површини кои можат да се најдат во Радиовце се малите области Караџица, Прекурека, Тапанец, Прачки, Ограда, Требаци, Касовчица, Рупа, Тумбарче, Песок, Земјоделскиот индустриски комбинат и Плавенца која за жал прерасна во повеќе урбана средина. Сите овие површини се достапни како со вода за наводнување така и со патишта за полесен пристап. Голем број на земјоделци од Радиовце се опремени со земјоделски машинерии како трактори, сеалки, копачки, косачки и други.

Од голема важност е да се напомене изградбата на хидро-мелиоративниот систем на реката Вардар во самото село изградено во `70 години. Од тука почнува со канал да се наводнува скоро цел Полог.

Според некои економски експерти, Земјоделскиот индустриски комбинат „Вардар„ би требал да се отуѓи и да се продаде на странски инвеститор кој би можел тука да подигне економска зона.Со нековите стотици хектари, блискоста со само десетина метри од железничката пруга и автопатот, тој нуди непроценливи можности ѕа иѕградба на фабрики,кои би го исфрлиле дој дел на Полог во едно од најразвиените делови не само на Македонија, туку пошироко на Балканот и Европа.

Спорт и рекреација[уреди | уреди извор]

Во селото опстојувал фудбалски клуб „Радиовце“ сè до `90- те кога клубот згаснува. Потоа имало некои безуспешни обиди да се обнови. Самиот клуб го има еднаш освоено и првото место во тетовската регионална лига.

Самата река Вардар која поминува низ селото беше своевремено привлечен рекреативен центар, но со самото загадување на реката се загубија и луѓето кои доаѓаа на излет.Од особен интерес на посета беше местото каде што се влева Боговинската Река со своевидно место за одмор и рекреација. Радиовце е едно од ретките села кое има изградено повеќе мултифункционални спортски терени. Во средишниот дел на маалото Ваков се наоѓа големиот фудбалски терен. Кај браната на реката Вардар се наоѓа терен за street-ball и во самиот училиштен двор теренот за мал фудбал, ракомет и кошарка кои се соодветно опремени и деноноќно осветлени со рефлектори.

Познати личности од Радиовце[уреди | уреди извор]

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Апостол Поп-Јовановски, „Македонски народни легенди“, стр. 31
  3. Турски извори за българската история, т. VII, София 1986, с. 335
  4. Кънчов Васил, “Македония. Етнография и статистика.” София, 1900, стр. 212 К’нчов ги определува жителите на Радиовце како Бугари.
  5. Brancoff, D.M. "La Macйdoine et sa Population Chrйtienne". Paris, 1905, р.122-123.
  6. “Македонско-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав. По документи на Дирекция "Цнтрален военен архив", София 2006, стр. 317
  7. [Селищев, Афанасий. „Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии“. - София, 1929, стр.22. ]
  8. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  9. „Министерство за локална самоуправа. База на општински урбанистички планови“. Архивирано од изворникот на 2008-09-15. Посетено на 2009-03-19.
  10. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  11. Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година). База на податоци МАКСтат Архивирано на 10 декември 2021 г.. Државен завод за статистика.
  12. Трифуноски, Јован (1976). Полог. Белград: САНУ. стр. 405-406-407.
  13. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  14. „Претседателски избори 2019“. Посетено на 3 ноември 2019.
  15. Попис 2002Завод за статистика на РМ

Надворешни врски[уреди | уреди извор]