Прељубиште

Координати: 42°2′0″N 21°6′0″E / 42.03333° СГШ; 21.10000° ИГД / 42.03333; 21.10000
Од Википедија — слободната енциклопедија
Прељубиште

Средишниот дел на Прељубиште

Прељубиште во рамките на Македонија
Прељубиште
Местоположба на Прељубиште во Македонија
Прељубиште на карта

Карта

Координати 42°2′0″N 21°6′0″E / 42.03333° СГШ; 21.10000° ИГД / 42.03333; 21.10000
Регион  Полошки
Општина  Јегуновце
Област Долен Полог
Население 339 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1228
Повик. бр. 044
Шифра на КО 28061
Надм. вис. 400 м
Прељубиште на општинската карта

Атарот на Прељубиште во рамките на општината
Прељубиште на Ризницата

Прељубиште — село во Општина Јегуновце, во областа Долен Полог, во околината на градот Тетово.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Куќи во Прељубиште

Селото се наоѓа во источниот дел на областа Долен Полог, сместено на територија на Општина Јегуновце, на алувијална рамнина од левата страна на реката Вардар.[2] Селото е рамничарско, на надморска височина од 400 метри. Од градот Тетово е оддалечено 19 километри.[2]

Низ селото поминува регионалниот пат 2242, кој ги поврзува селата Желино и Јегуновце.

Прељубиште се наоѓа во котлинската рамнина, еден километар лево од брегот на Вардар. Источно од селото започнува алувијална рамнина која Вардар повремено ја поплавува. На западната страна се наоѓа повисокиот дел од рамнината. Околни села се Туденце на југоисток и Шемшево на југозапад. Водата за пиење се добивала од бунари и пумпи, кои биле во самите дворови. Во селото постои и една чешма. Во атарот на селото има и извори: Јаруга, Зука, Кајнаци, Беќирајца и Изворишта.[3]

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Зука, Горна Јурија, Тулек, Гугојца, Орче, Огради, Пладниште, Вардариште, Рупе, Тумбе, Црешња, Врбица и Лозје.[3]

Селото има збиен тип и куќите се групирани во три маала наречени Горно, Долно и Кљукоско Маало.[3]

Историја[уреди | уреди извор]

Првично, старото село се наоѓало западно од денешното Прељубиште, во месноста Огради. Тоа село подоцна било раселено. На споменатото селиште, мештаните наоѓале гробови, руини од цркви и ѕидови од куќи. Денес, таму се наоѓаат ниви.[3]

По раселувањето на старото село, преживеаните мештани го основале новото село на денешната положба. Кога е извршено основањето на денешното село, помеѓу мештаните не се знае.[3]

Во османлиски даночни регистри на немуслиманското население од вилаетот Калканделен од 1626-1627 година, Прељубиште се споменува како село со 54 домаќинства.[4]

За време на отоманскиот период, Прељубиште во поголемиот дел било чифчиско село. Селаните почнале да се ослободуваат од чифчиството кон крајот на XIX век, а целосно се ослободиле во 1912 година.[3]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Атарот на селото е мал и зафаќа простор од само 4,1 км2, при што преовладува обработливото земјиште со површина од 338 хектари.[2]

Во основа, селото има полјоделска функција. Во него има неколку услужни објекти.[2]

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948326—    
1953334+2.5%
1961370+10.8%
1971394+6.5%
1981419+6.3%
ГодинаНас.±%
1991338−19.3%
1994341+0.9%
2002367+7.6%
2021339−7.6%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Прељубиште живееле 112 жители, сите Македонци.[5] Според секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Прељубиште имало 144 Македонци под врховенството на егзархијата.[6]

Според Афанасиј Селишчев во 1929 година, Прељубиште е село во Шемшевска општина и има 17 куќи со 239 жители.[7]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 200 Македонци и 50 Албанци.[8]

Селото е средно по големина. Така, во 1961 година селото имало 370 жители од кои 327 биле Македонци, а 40 жители Албанци. Во 1994 година, селото броело 341 жител, од кои 267 биле Македонци, 65 Албанци, 5 Роми и 4 Срби.[2]

Според последниот попис од 2002 година, во селото Прељубиште живееле 367 жители, од кои 270 Македонци, 92 Албанци, 4 Роми и 1 Србин.[9]

Но, иако овие податоци се официјални, бројката на Роми е поголема и изнесува околу 25-30, a во последниот попис многумина Роми се попишале како Албанци.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 339 жители, од кои 210 Македонци, 68 Албанци, 24 Роми, 2 Срби, 2 останати и 33 лица без податоци.[10]

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Прељубиште:

Година Македонци Албанци Турци Роми Срби Ост. б.п. Вкупно
1948 326
1953 294 37 3 0 0 0 334
1961 327 40 0 0 3 0 370
1971 324 51 8 6 3 2 394
1981 334 78 0 1 3 3 419
1991 311 13 1 7 2 4 338
1994 267 65 0 5 4 0 341
2002 270 92 0 4 1 0 367
2002 210 68 0 24 2 2 33 339

* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

Родови[уреди | уреди извор]

Прељубиште е мешано православно-муслиманско село. Православното население говори македонски, додека муслиманското население говори турски, албански и ромски.[3]

Според истражувањата од 1947 година, родови во селото се:

  • Македонски родови:
  • Староседелци: Трајковци или Трпчевци (3 к.) и Зафировци (2 к.).
  • Доселеници: Рикаловци (4 к.), ги викаат и Мечкаровци. Во Сиричино кажуваат дека тие се доселени од сега албанското село Желино. По второ предание доселени се од некое село во Гостиварско; Желинковци (2 к.), името го добиле по селото од кое се доселиле, тоа е Желино. Имаат иселеници во Тетово (едно семејство); Казовци (3 к.), доселени се од сега албанското село Церово; Смиљановци (4 к.), доселени се во турско време од селото Туденце, во Туденце имаат роднини; Михајловци (1 к.), доселени се од некое село во Скопско. Имаат иселеници во Скопје (едно семејство) и во Софија (едно семејство); Јесерковци (4 к.), доселени се од Сиричино, го знаат следното родословие: Здравко (жив на 40 г. во 1947 година) Гого-Ѓоро, предокот кој се доселил. Уште подалечно потекло имаат од селото Церово; Јовановци (3 к.), по потекло се од селото Сараќино, од каде прешле во Шемшево, па дошле во денешното село; Анѓелковци (3 к.), по потекло се од Рогачево, од таму отишле во Јанчиште, па од таму во денешното село. Во Јанчиште имаат роднини, а во Рогачево биле староседелци; Маринковци (1 к.), доселени се во 1913 година од селото Туденце, во Туденце им се род Мали Милошевци; Миловановци (1 к.), доселени се во 1916 година од селото Одри; Смилевци (1 к.), доселени се во 1918 година од селото Копаница, таму припаѓале на родот Кашој; Трпковци (2 к.), доселени се во 1919 година од селото Беловиште; Јоановци (5 к.), доселени се во 1920 година од селото Шемшево. Во Шемшево биле доселени од селото Мусиково кај Средска; Витановци (1 к.), по потекло се од селото Брезно на Шар Планина. Од Брезно прешле во Глоѓи, па овде; Петровци (1 к.), доселени се во 1926 година од селото Одри, таму биле староседелци, потекнувале од родот Стамевци или Стамеи.
  • Албански родови:
  • Доселеници: Фетаовци (1 к.), доселени се од селото Одри во 1924 година, таму биле доселени од северна Албанија; Исмаиловци (1 к.), доселени се во 1925 година од селото Прошовце, таму биле доселени од Албанија.
  • Ромски родови:
  • Доселеници: Алитовци (1 к.), доселени се во 1941 година од селото Сараќино, таму биле доселени од Косово.
  • Турски родови:
  • Доселеници: Рамадановци (1 к.), доселени биле од Тетово.

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Од селото се знае за следниве иселеници: Смиљаноски (1 к.), од крајот на XIX век живеат во Требош. Таму дошле од Прељубиште, каде биле староседелци; Косто (1 к.), од 1919 година живеат во Сараќино, таму дошле од Прељубиште, а во Прељубиште дошле од околината на Гњилане и Никушевци (2 к.), живеат во Туденце, потекнуваат од домазет кој дошол од Прељубиште.[3]

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Во XIX век, Прељубиште било село во Тетовската каза на Отоманското Царство.

Селото претставува дел од Општина Јегуновце, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година со додавање на поранешната Општина Вратница. Во периодот од 1996-2004 година, селото било исто така дел од Општина Јегуновце.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Тетово. Селото припаѓало на некогашната општина Теарце во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Шемшево, во која покрај селото Прељубиште, се наоѓале и селата Жилче, Јанчиште, Јегуновце, Копанце, Озормиште, Подбреѓе, Раотинце, Сиричино, Туденце и Шемшево. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната Општина Шемшево, во која влегувале селата Озорниште, Прељубиште, Сиричино, Туденце и Шемшево.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Главната селска црква „Св. Јован Богослов“

Во селото постои избирачкото место бр. 2124 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[11]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 318 гласачи.[12] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 313 гласачи.[13]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Археолошки наоѓалишта[14]
Цркви[15]
Џамии[15]

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 243. Посетено на 20 февруари 2022.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 Трифуноски, Јован (1976). Полог. Белград: САНУ. стр. 452–454.
  4. Турски извори за българската история, т. VII, София 1986, с. 336
  5. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“, София, 1902, стр. 211.
  6. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 122-123.
  7. Селищев, Афанасий. „Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии“. – София, 1929, стр. 24.
  8. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  9. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 20 февруари 2022.
  10. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  11. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  12. „Претседателски избори 2019“. Посетено на 3 ноември 2019.
  13. „Предвремени избори за пратеници 2020“. Посетено на 25 февруари 2022.
  14. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 422. ISBN 9989-649-28-6.
  15. 15,0 15,1 Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]