Кирил Ристоски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Кирил Ристоски
Роден 14 ноември 1948
Прилеп, СФРЈ СФР Југославија
Починал 30 јуни 2011(2011-06-30) (возр. 62)
Скопје, Македонија Македонија
Националност Македонец
Познат по улогите во:
Пред дождот
Смилевскиот конгрес
Трговецот од Солун
Тетовирање
Тајната книга
Илинден
Преку езерото
Занимање глумец

Кирил Ристоски (Прилеп, 14 ноември 1948 - Скопје, 30 јуни 2011) — македонски глумец и универзитетски професор.

Животопис[уреди | уреди извор]

Кирил Ристоски е роден на 14 ноември 1948 година во Прилеп. Дипломирал во учебната 1976/1977 година на отсекот за драмски глумци на Вишата музичка школа во Скопје, со просечен успех од 9, а дипломскиот труд го одбранил со оцена 10. По дипломирањето, една година работел во Народен театар Војдан Чернодрински во Прилеп, а во 1978 година се вработил во Драмата на Македонски народен театар. Во 1982 година ја започнал својата педагошка дејност како асистент по предметот глумечка игра на Факултетот за драмски уметности. Во 1988 година станал доцент и преминал од МНТ на ФДУ во редовен работен однос. Во 1993 година напредувал во вонреден професор, а во 1998 година бил избран за редовен професор, при што во 2003 година е повторно избран во истото звање. Во два мандата бил член на Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Од крајот на 2009 година бил поставен за декан на ФДУ. По кратко боледување, Ристоски починал рано наутро на 30 јуни 2011 во Скопје. Погребан е на Градските гробишта Бутел во Скопје.[1][2][3][4]

Филмографија[уреди | уреди извор]

Година Филм Улога
1973 Смилевскиот конгрес ТВ-филм Васил Чакаларов
1975 Волшебното самарче ТВ-серија
1977 Пресуда ТВ-филм
1979 Наши години ТВ-серија Капетанот Лопата
1980 Учителот ТВ-филм
1981 Црвениот коњ ТВ-филм
1981 Милион маченици ТВ-филм
1982 Едно лето ТВ-серија
1982 Илинден ТВ-серија Даскалот
1983 Записник ТВ-филм
1983 Премиера ТВ-филм
1983 Црвениот коњ ТВ-филм
1984 Комедијанти ТВ-серија Џандар
1984 Лет во место ТВ-филм Киро
1985 На наш начин ТВ-филм
1985 Јазол ТВ-филм Јанко
1985 Трговецот од Солун ТВ-филм Ванде
1985 Бушава азбука ТВ-серија
1986 Сонце на дланка ТВ-филм
1986 Климент Охридски ТВ-филм Климент
1988 Тврдокорни ТВ-серија
1988 Втора смена ТВ-серија Таткото на Николче
1988 Мојсие од малото место ТВ-филм
1991 Македонија може ТВ-серија Лазо
1991 Тетовирање ТВ-филм Управителот
1993 Крик на немиот индијанец ТВ-филм
1994 Прекалени ТВ-серија Дичо
1994 Пред дождот ТВ-филм Таткото на Дамјан
1994 Мојата љубов ТВ-филм
1997 Преку езерото ТВ-филм Андон
2000-2001 Во светот на бајките ТВ-серија
2001 Прашина ТВ-филм
2006 Тајната книга ТВ-филм Легионарот
2006 Патување со Рабробил ТВ-филм
2006 Мост ТВ-филм Манолие
2010 Војната е завршена ТВ-филм
2011 Епизодист ТВ-филм Судијата
2011 Македонски народни приказни ТВ-серија

Театарска и филмска дејност[уреди | уреди извор]

Кирил Ристоски остварил богата кариера во областа на театарската и филмската уметност. Во својата триесет и петгодишна глумечка дејност остварил над осумдесет улоги од светската и домашната драматургија, скоро во сите театри во Македонија, а позначајни се: Глумецот (во „Мангите пијат чај“), Марк Антониј (во „Јулиј Цезар“), Киро и Евто (во „Лет во место“), Бота (во „Среќна нова 49“), Тартиф (во „Тартиф“), Дон Кихот (во „Дон Кихот“), Спиро Црне (во „Спиро Црне“), Колобан (во „Колобан“), Просперо (во „Бура“), Иванов (во „Иванов“), Арсениј (во „Арсениј“), Спиро Црне (во „Летни Силјане“), Пичем (во „Просјачка опера“), Полковникот (во „Полковникот Птица“), Клавдиј (во „Хамлет“), Генералот (во „Четвртата сестра“), Рос (во „Која е Силвија“), Дон Кихот (во „Дон Кихот“), С.Т.Верховенски (во „Бесови“) и други.[5]

Тој е добитник на пет награди за глумечко остварување на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, и тоа за улогите во претставите: „Манги пијат чај“ (1978), „Тартиф“ (1986), „Спиро Црне“ (1989), „Колобан“ (1992) и „Арсениј“ (1994). За улогата во Арсениј ја добил награда „Ристо Шишков“ во 1994 година. На неговото име се припишува и наградата на град Скопје „13 ноември“, наградата „Глумец на годината“, како и наградата на Собранието на град Прилеп, „3 ноември“ за животно дело..[3] Најпосле, во текот на 10 години, Ристоски бил претседател на Собранието на македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.[6]

Во продолжение, Ристоски снимил над 20 тв-драми, тв-филмови и тв-серии, како и повеќе од 200 радио-драми. Богат е и неговиот филмски опус. Позначајни му се улогите во филмовите: „Пред дождот“ (во режија на Милчо Манчевски), „Црвениот коњ“, „Јазол“(во режија на Кирил Ценевски), „Тетовирање“ (во режија на Столе Попов), „Тајната книга“ и други.

На 27 декември 2013 година, во фоајето на Македонскиот народен театар била промовирана монографија за Кирил Ристоски, која содржи повеќе од 100 фотографии и текстови на 15 автори, посветени на опусот на Ристоски. Истовремено, тоа било првата книга од новата библиотека "Монографии" на МНТ. Приредувач на монографијата е театрологот Јелена Лужина.[7]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Факултет за драмски уметности - Скопје“. Архивирано од изворникот на 2018-12-17. Посетено на 2011-08-22.
  2. „Кирил Ристоски нов декан“, Вечер, бр. 14224, среда, 14 октомври 2009.
  3. 3,0 3,1 Нелковски, Нелко (5 ноември 2009). „РАЗГОВОР СО ПОВОД: КИРИЛ РИСТОСКИ, НОВ ДЕКАН НА ФДУ“. Театарска младина на Македонија. Посетено на 2011-06-30.[мртва врска]
  4. „Почина глумецот Кирил Ристоски“. Дневник. 30 јуни 2011. Архивирано од изворникот на 2011-07-02. Посетено на 2011-06-30.
  5. „Почина глумецот Кирил Ристоски“, А1 телевизија, 30 јуни 2011.
  6. „Кирил Ристоски крена раце од “Војдан Чернодрински““, Дневник, 17 декември 2006.
  7. "Промоција на монографија за Кирил Ристоски", Дневник, година XVII, број 5351, петок, 27 декември 2013, стр. 24.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]