Пере Тошев
| Пере Наумов Тошев | |
|---|---|
| 1865 - 4 мај 1912 | |
македонски револуционер и национален херој |
|
| Прекар: | Пере • Совеста на револуционерна Македонија |
| Роден во: | Прилеп, Македонија |
| Починал во: | Дреново, Македонија |
| Служба во: | Македонско национално движење |
| Период на служба: | 1893 - 1912 |
| Чин: | Член на Централниот комитет |
| Командува/л со: | Македонска револуционерна организација |
| Битки/војни: | Српско-бугарска војна • Битка кај Сливница • Илинденско востание • Борба за Македонија |
| Одличја: | „Орден за храброст“ |
| Други занимања: | учител |
Петар Наумов Тошев бил македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член и раководител на Македонската револуционерна организација, апостол и совеста на револуционерна Македонија [1], национален херој.
Пере Наумов Тошев е роден 1865 година вo Прилеп, во семејство на богати и видни иселници од Дебарско. Основното образование го завршил во Прилеп, а потоа продолжил да се школува во Солунската машка гимназија, од каде што во 1884 година, поради бунт бил исклучен со група од 12 ученици, меѓу кои и Ѓорче Петров. Во 1884 година завршил VI клас во Пловдиската гимназија.
Истата година во градот Станимака (Асеновград), Пере Тошев, заедно со Спиро Костов од Велес и Владимир Кусев од Прилеп, организираат револуционерен комитет за ослободување на Македонија и Одринско. Бил учесник во обединувањето на Источна Румелија со Бугариja во 1885 година, каде што со неговата чета учествувал во заземањето на градската пошта во Пловдив. Истата година зел учество во Српско-бугарската војна, како доброволец во бугарската армија во одред од 400 Македонски доброволци, под команда на Коста Паница. Нападот на неговиот одред бил заслужен за конечниот исход на битката кај Сливница (во близина на Пирот), при што Србите се повлекле. Во битката Пере Тошев бил ранет, а за покажаната храброст бил одлекуван со „Орден за храброст“.
Од 1892 до 1901 година учителствувал во гимназиите во Прилеп, Скопје, Битола и Солун, се до Солунската афера во 1901 година, кога заедно со повеќе истакнати револуционери бил уапсен. Бил осуден на 101 година затвор и бил затворен во Подрум кале (Бодрум кале) во Мала Азија, но во 1902 година бил амнестиран.
Во 1903 година учествувал на Смилевскиот конгрес. Учествувал во Илинденското востание, каде што раководел со Мариовскиот револуционерен реон.
Во 1904 година, по заробувањето на Дамјан Груев од србоманскиот војвода Мицко Крстевски, лично отишол и преговарал со Глигор Соколов (Соколовиќ) Ламев за негово пуштање.
По востанието тој е еден од главните преставници на Реформската струја и се залагал за широка децентрализација на Организацијата. Бил делегат на Прилепскиот конгрес во 1904 година, а во 1905 година на Рилскиот конгрес на ВМОРО бил избран за член на Централниот комитет на Организацијата.
Од 1910 до 1911 година бил училишен инспектор на училиштата во Солунскиот округ. Во 1911 година заминал да се лекува во Софија, во клиниката на Стефан Сарафов. На 29 февруари 1912 година ја примил веста за склучувањето на сојузен договор меѓу Бугарија и Србија, каде што Македонија ја делат на спорна и беспорна зона. Пере Тошев побарал да биде примен во Народното собрание и ислушан, при што бил уапсен.
Скршен од поделбата на Македонија, тргнал за Прилеп кај своите најблиски, но на 4 мај, на патот за Прилеп, во Дреновска Клисура, бил убиен од турска заседа. Откако бил убиен, Турците го исекле на парчиња и го закопале во каналот покрај патот. По 5 денови роднините го нашле телото на Пере Тошев, но Турците им забраниле телото да биде погребано во Прилеп. Под засилен надзор на Турците, Пере Тошев бил погребан во дворот од црквата во село Фариш.
Во 1996 година, неговите посмртни останки се префрлени во дворот на црквата „Свето Благовештение“ во Прилеп.
Содржина |
[уреди] Потекло
Потеклото и семејната средина се фундаментален елемент во биографијата на една личност. Тие го обусловуваат неговиот живот во неговата најрана фаза, а оставаат траги во целокупната негова натамошна дејност...
—Христо Андонов-Полјански, Гоце Делчев и неговото време [2]
Пере Тошев бил роден во градот Прилеп во текот на 1865 година. Потекнувал од видни и богати родители. Од таткова страна, неговите претци потекнувал од Дебарско. Тие ги напуштиле своите огништа поради нападните на арнаудските банди и најпрво се населиле во селото Варош, а од таму во градот Прилеп. Неговата мајка потекнувала од Ваташа, Пере честопати навраќал во ова село за да ги посети своите роднини.
Градот бил голем просветен и културен центар. Во 1843 година во Прилеп било отворено првото народно училиште „Св. Кирил и Методиј“, а во 1865 година било отворено и Првото женско училиште, кое од 1880 година било сместено во новоизградена зграда во дворот на црквата „Св. Благовештение“.[3]. Во 19 век, во Прилеп учителствувал големиот македонски преродбеник и собирач на народно творештво Димитар Миладинов, заедно со својот помошник Рајко Жинзифов и токму во овој период во контакт со Миладинов, Марко Цепенков ја прифатил идејата на преродбеникот за собирање на македонското народно творештво.
Старите манастири во околината и црквите во селото Варош, биле жаришта, каде што се чувала првославната вера и писменост. Според едно предание, во Варош некогаш постоеле 77 цркви.[4] Меѓу нив биле: Варошкиот Манастир со црквата „Св. Архангел Михаил“, „Св. Никола“, „Св. Богородица Пречиста“, „Св. Атанасиј“, „Св. Петар“ и „Св. Димитрија“.[5]
А. Синве објавил статистички труд под наслов "Les Grecs de l'Empire Ottoman. Etude Statistique et Ethnographique", кој се базирал на грчки податоци. Според него во 1878 година во Прилеп (Perlépé) живеле 500 Грци [6]. Според "Етнографијата на вилаетот Адрианопол, Монастир и Салоника" издадена во Константинопол во 1878 година, ги опфаќа податоците само за машкото население од 1873 година, наведено дека во Прилеп имало 2 661 домаќинства со 2 300 муслимани, 7 500 Бугари (македонци-егзархисти) [белешка 1][белешка 2][белешка 3] , 200 Власи и 200 Цигани [7]. Во овој период Прилеп се делел на југоисточен христијански дел и северозападен турски дел. Постоеле 17 христијански маала: Гумење маало, Бадеско маало, Трајково маало, Нарид маало, Ограда маало, Бомболовско маало, Аџи-Илиовско маало, Вирои (или Жабино) маало, Табана маало, Ќошари маало, Шарена чешма маало, Долно маало, Варошко (или Поп Стефаново) маало, Поп Костадин маало, Чаршиско (или Поп Никола) маало и др.[8] Турските маала биле 10 на број: Барјакли-беј мале, Ат-Меџид мале, Тризла мале, Орта мале, Шабан мале, Вишне мале, Чарши мале, Ѓок-дере мале, Кајнак мале и др. По некоја христијанска куќа постоела и во турските маала.[8]
Револуционерните превирања рано започнале во овој град. Прилепчанецот Диме Чакре кој бил учесник во Руско - турската војна, во оваа војна бил одликуван со руски медал за храброст, најпрво се засолнил во Ќустендил, а потоа навлегол во Прилепско каде со својата чета од 9 души, составена од: брат му Мијале, Тоде Бочварчето, Ѓоргија Лажот, Јосиф Радобилец, Мицко Мариовчето и други [9], ликвидирале неколку зулумџии од Прилеп и неговата околина по што се нашле во Крушево. Браќата Чакревци биле едни од истакнатите дејци во т.н Демирхисарски заговор. Меѓутоа по апсењата на голем дел од заговорниците, Диме и Мијале Чакреви на Велигден 1881 година влегле во Прилеп и се сметиле во куќата на Јован Кондов, за да се разберат со чорбаџијата Крапче. Но тој ги предал на Турците, браќата дошле во судир со турските сили, притоа куќата била запалена и сите загинале. При оваа престрелка Диме Чакре заедно со последниот преживеан четник се самоубиле за да не бидаат заробени.
[уреди] Образовна одисеја
Следната учебна година во Солун за прв пат се отвори четврти клас. Го продолжив учењето таму со полустипендија и тоа до половината на шести клас, поради тоа, што бев немирен; во дејствителност јас не бев особено подвижен, но ме мислеја оти сум замешан во ученичките 6унтови. Ме исклучија заедно со 12-13 другари од разии класови, меѓу кои беше и Пере Тошев, Во истиот клас со мене и во Прилеп и Во Битола, и тоа по следнава причина: во Софија се беше образувал кружок против егзархијата и против гимназијската дирекција во Солун. Во овој кружок влегуваа Ризов, Китанчев, Танев, Божил Рајнов... Директор на гимназијата беше Кандиларов... Тој има свршено во Русија духовна академија, имаше језуитски приеми. Учениците и во пансионот и во училиштето негодуваа против директорот... Беа ни повлијаеле Танев, Ризов, Китанчев, што беа божества за нас, а овие беа против гимазијалниов директор... стана нов бунт во гимназијата, не исклучија 8 души, а кон нас се присоединија и други, меѓу кои беше и Љапчев, еден клас подолу од нас. Од ко не` исклучија, заминавме за Пловдив. По сугестија од егзархијата, Величков, тогаш директор на просветата, не не` прими, зошто ако беше не' примил, половината од солунската гимназија ќе избегаа. Ние останавме да се занимаваме со надеж да не` допуштат до испит та се надеваме да постапиме по гимназија идната година. Летото беше станало првото востаничко движење во Македонија, предвесник на соединението. На чело на движењето беше застанал Калмуков. Целата компанија бевме вовлечени во ова движење. Како ученици до тогаш во нас не беше влегла мисла за револуционерна организација за ослободување на Македонија. Во годината 1881 беше станало комитско движење во Прилеп, и ние живо се интересувавме затоа, макар и деца, а Пере Тошев беше бил во Врска со тие комити, но тоа немаше последици за нас... Летото, кога да заминат Калмуков и Куртев, имаше веќе во гимназијата ученици, запишани за востаници, во тој број и ние: јас, Пере Тошев, Љапчев и Никола Генадиев, кој беше со нас и биле ни беше водачот. Но Ризов не позволи да се завлекуваат учениците во чети. Место тоа на сите ни возложија улога да одиме по градиштата низ источна Румелија да збираме помош во пари и оружје за наоружаните чети, што се готвеа да заминат. Јас бев испратен во Казанлак за пари, препорачан бев до поп Караджов и Стоков, тогаш „казионни“, и во Карлово-да го оберам со тамошни луѓе еден склад со оружје, кој се најдуваше во една џамија...
—Ѓорче Петров, Спомени
[уреди] Прилеп
Пере уште во раното детство останал без татковата грижа. Детството го поминал под надгледување на својот брат кои се грижел за своите зделки и не посветувал доволно внимание за воспитувањето и образованието на својот помал брат. Пере основното и прогиманзиското образование го добил во родниот град. Во Прилеп учители биле Никола Ганчев и Јосиф Ковачев.
[уреди] Солунска машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“
Во учебната 1882-1883 година, Пере се запишал во Солунската машка гимназија, во IV клас. Солун одиграл голема улога во создавањето на револуционерна клима во Македонија, а Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“ се наоѓала во сршта на револуционерните пулсови.
Солунската гимназија, и покрај егзархискиот језуитски режим, била расадник на револуционерни идеии. Во гимназијата циркулирала забранета литература, се ковале планови и се дигале ученички бунтови. Низ клупите на оваа гимназија минале речиси сите истакнати македонски револуционери од последната деценија на 19 век, кои ја имале предводничката улога во македонското револуционерно движење [10].
Гимназијата била вистински расадник на револуционерни идеи. Низ клупите на оваа гимназија минале голем број на македонски револуционери: Ѓорче Петров, Пере Тошев, Дамјан Груев, Петар Поп Арсов, Гоце Делчев, Борис Сарафов и други [11].
Таа имала престиж и реноме над останатите образовни институции, не само егзрхиски туку и во однос на сличните институциите на останатите пропаганди во Македонија. Во неа предавале еминентни македонски и странски професори. Гимназијата располагала со опремени кабинети, нејзината библиотека располагала со богата литература од светско реноме: Виктор Иго, Димитриј Иванович Писарев, Шекспир, Гогољ, Пушкин, Лермонтов и други, а меѓу учениците кружела и забранета литература.
Учителскиот кадар во Солунската егзархиска гимназија се делел на три групи: привилигирани северњаци, благоразумни, неблагонадежни и сепаратисти. Првите како пионери на бугарската идеја... раководени во Солун од Михаил Сарафов... се господари во Солунската гимназија и слободни се секојдневно да фрлаат по некоја навреда... Ние ве храниме, храни куче да те лае [12].
Директорот Божил Рајанов и професорот Трајко Китанчев побарале поголема автономија за гимназијата и негодувале поради методите на наставата и карактерот на образованбието. Од своја пак страна Трајко Китанчев за време на празничните денови во цркавата св. Кирил и Методиј во Солун одржувал проповеди кој секогаш ги завршувал со зборовите: Браќа има крај на теглото, на неволјите. Амин! На тој начин Китанчев го револуционизирал македонското солунско граѓанство. Под влијание на Рајанов и Китанчев бил и Ѓорче Петров кој тогаш бил ученик во четврти клас и тој започнал да објавува анонимни писма во весникот Балкан, во овие писма Петров ја напаѓал црковно-просветната дејност на Бугарската егзархија.
Во учебната 1883/1884 година Трајко Китанчев и Рајанов останале без служба, а за нов директор бил поставен Георги Кандиларов и тоа било повод за започнување на еден училишен бунт. Ѓорче Петров напишал една брошура во која ја нападнал гимназијата и директорот, потоа дошло до еден училишен бунт поради кој биле исклучени 14 ученици, а меѓу нив биле Пере Тошев и Ѓорче Петров. При претресот, кај Пере била пронајдена "бугарска христоматија" од Константин Величков и Иван Вазов.
[уреди] Бугарија
Пере Тошев, заедно со останатите ученици кои биле исклучени од Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“, заминал во Пловдив. Но таму солунските бегалци-ученици не можеле да си исполнат својата цел. Управата на Солунската машка гимназија и Егзархијата направиле се што е возможно за да ги спречат во тоа. Ѓорче Петров истакнува:
- По сугестија од егзархијата, Величков, тогаш директор на просветата, не не` прими, зошто ако беше не' примил, половината од солунската гимназија ќе избегаа. Ние останавме да се занимаваме со надеж да не` допуштат до испит та се надеваме да постапиме по гимназија идната година. [13]
Следната 1885/1886 година, била полна со бурни случувања: обединувањето на Источна Румелија и Кнежеството Бугарија и Српско-бугарската војна, била изгубена за Пере и за неговите другари. Тие се впуштиле во случувањата кои барале жртви, заборавајќи на учењето и се друго, сметајќи ги собитијата како предвесник за ослободувањето на Македонија.
Акцијата за обединување во текот на 1885 година била претходно придружена со агитација на македонското дело. Во 1884 година кај Пере Тошев се јавила замисла за основање на македоно-одринска револуционерна организација. Во таа насока, Пере имал значаен успех во Пловдив и Асеновград. Панајот Сребрев, секретар на првиот асеновградски револуционерен комитет истакнува дека во текот на месецот април 1884 година, по сугестија на Пере Тошев, бил основан Асеновградски таен револуционерен комитет за ослободување на Македонија и Одринско. Во текот на 1885 година Пере Тошев стапил во контакт со Захариј Стојанов. Набргу потоа било решено да дојде до промена во суштествувањето на Асеновградската револуционерна организација, од организација за ослободување на Македонија и Одринско, во организација за обединување на северна со јужна Бугарија. Ослободувањето на Македонија било одложено за поповолни времиња. Меѓутоа агитацијата за ослободување на Македонија, која и претходела на дејноста за обединувањето, се покажала како една диверзија. Ѓорче Петров истакнува:
- 18-годишен бев тогаш. Во Карлово добив телеграма да се вратам, а во Пловдив ми се соопшти, оти работата се изменила, но не ми кажаа како и што станало. После го разбрав следново: во Пловдив душата на тоа движење биле Тончев и, мислам, Странски, како "казионни" биле во врска со Софија. Намерата била да се испратат неколку чети во Македонија за да се поодвлече вниманието од Соединението, готвено од нив тајно. Тоа беше значи, пред Соединението, летото. Ние сме биле просто лагани, - тоа ни го рече Зaхариј Стојанов, што се секираше и пцуеше, оти си играле со едно такво дело. Се гледа, оти Захариј Стојанов верувал оти движењето е сериозно. Тој ги пцуеше. Во истово време се готвел споразум со Пашиќ, кој беше емигрант во Софија, да му се дадат средства и луѓе та да нахлуе со емигрантите срби во Србија-да се размешаат работите во Србија та да стане полесно Соединението. Ризов бил внатре во оваа работа... [14].
Востанието избувнало на 6 септември 1885 година, и било прогласено обединувањето на јужна и северна Бугарија. На Пере Тошев му била доверена најтешката и најделикатната улога, да ја заземе и да ја задржи телеграфската станица во Пловдив. Таа задача ја исполнил безпрекорно.
По започнувањето на Српско-бугарската војна, на 2 ноември 1885 година, Пере Тошев учествувал како доброволец во одредот "Македонски арамии" на капетанот Коста Паница. Пере се истакнал во борбите кај Сливница и Пирот, при што бил ранет, а за својата покажана храброст бил награден со орден "За храброст".
По завршувањето на војната, Пере решил да го продолжи своето образование. Во текот на февруари 1886 година успеал да се запише во VI клас во гимназијата, но по неклку месец, поради својот карактер, ја напуштил. Поради строгиот ред во гимназијата, и по несупешниот обид да се запише во ломската педагошка гимназија, Пере заминал за Софија каде што останал да живее во близината на своите пријатели и млади другари. Пере тогаш се обидел да стане чиновник и да побара терен за својата кариера. Превратот и Стамболовиот режим го затекнале во таа положба. На чело на бугарската влада застанал премиерот Стефан Стамболов. Овој бугарски политичар бил протурски ориентиран и со својата политика сакал да добие поголеми отстапки од Високата Порта за Бугарската пропаганда во Македонија. Стамболов бил против сите истапи кој биле насочени кон Османлиската империја, вклучително и оние на Македонската емиграција во Бугарија и македонските студенти и ученици. Пере не можел да остане настрана од бурните настани. Во овој период, кај Пере веќе созреала идејата дека олсободувањето на Македонија може да тане само преку една револуционерна организација. Ѓорче Петров во своите сомени истакнува:
- Пере Тошев ми беше пишал во тоа време во Солун да се оставиме и да фатиме да работиме веќе за организацијата за ослободување. Јас, нафрлен во своите изучувања, му одговорив, оти не верувам да излези нешто од таква работа. [15]
Пере станал активен член на тајното друштво на Димитар Ризов, Никола, Денчо и Наум Туфекчиеви, Караѓулеви и други. Тој бил запознаен со соте планирани и оставрени или осуетени атентати. Ризов му го преставил атентатот на Фердинанд I, кој бил замислен да се изврши на железничката станица кога тој се враќал во Бугарија. Пере требало да биде еден од активните членови во атентатот врз Стефан Стамболов, кога по грешка бил убиен бугарскиот министер за финансии Христо Белчев. Според Ѓорче Петров, другарската несикреност наскоро го натерале Пере да се откаже од понатамошното активно учество во слични акции. Пере никогаш во текот на својот живот во Македонија не спомнувал ниту збор за тој период од својот живот. Во ретки моменти кога зборувал по некои исторички, тоа го правел со резигнација и здодевност.
Убиството на бугарскиот министер за финансии ги раздвижило бугарските власти и тие започнале со серија на апсења. Проследувањата особено биле силни меѓу македонската емиграција и студентите социјалистите. Пере бил уапсен и подложен на полициските испитувања. Тој ги минал сите чистилишта на времето - подземјето на полициската станица, но бргу го поминал премрежјето. Благодарение на неговиот пријател од Пловдив - Иван Андонов кој бил доста влијателен кај Стамболов, бил ослободен и заминал да живее во Пловдив под гаранција на Андонов.
Пере се вратил во Софија. Во Софија тој живеел во една темна и студена собичка во хотелот Батемберг, кај доброт бај Иван, кој му ја отстапил бесплатно, а се хранел во една млекарница каде што бил претплатен од бај Иван. За Пере не било реткост да помине цел ден со едно млеко и кифла. Тој бил горд и честољубив за да бара помош или поткрепа. Сепак никој не се погрижил за него и така Пере бил принуден на крајот да прими 300-400 лева од прилепското друштво во Софија и да си го плати борџот во млекарницата, но самиот тој чин допринел, Пере да почуствува дека се урива неговата чест и гордост. По еднократни и неуспешни обиди да добие одобрение даживее во Софија, Пере ја напуштил негостољубивата Бугарија и засекогаш заминал за Македонија.
Политичкиот живот во Бугарија не му се допаѓал на Пере и тој не бил во состојба да завладее со неговата душа. Пере јасно сфаќал дека моралните опстојувања на политичкиот живот се во целосно разидување со неговите сваќања за моралот, за целите на политичките борби. За него имало само еден принцип, односно принципот дека во општетствената дејност немаат место побудите на личниот живот. Единствено Перевата природа може да даде објаснување за неговото активно учество во политичкиот живот.
Борецот Пере не можел да го пропушти историскиот момент, обединувањето на Источна Румелија и Кнежеството Бугарија, ниту можел да го одбегне повикот на борците какви што биле неговите другари. Меѓутоа тој не го сакал Наум Туфекчиев, а со Димитар Ризов ги зачувал старите врски за лична доверба која била калена во многу неволји кои ги преживеале заедно. Другите стари политички пријатели, Пере избегнувал да ги сретнува кога ја посетувал Бугарија. Во Софија, неговите пријатели и соработници го виделе идниот страшен конспиратор во Македонија.
[уреди] Совеста на револуционерна Македонија
Се сметам за извинет кај оние слушатели кои се надеваат дека ќе чујат зензационални работи и прикаски за бурните делувања. Херојските подвизи со надворешен блесок, ако претходно изјавам дека такво нешто не го краси Перевиот живот, затоа што се што правеше го правеше во конспирација, невидливо-вистинско македонско поземје. За него прилега да се каже оваа карактеристика отколку да се пишуваат поеми...
—Ѓорче Петров, Беседа за Пере Тошев
[уреди] Враќање во Македонија
Пере и Даме се познаваа од Прилеп, каде што учителствале... Пере Тошов беше до краен степен молчелив но и многу избувлив, не давајќи пет пари за никого. Седи, седи и одеднаш ја вади обувката и ја фрла некаде, јаболко, круша, што ќе му попадне...
—Анастас Лозанчев, Спомени
Враќањето на Пере во Македонија се поклопило со едно движење за кое Ѓорче Петров вели:
- Околу 1890 година неосетно се јави во сите по живи бугарски центрови настроение во младината против владиците, обштините, егзархиските учители и службеници, и една струја против посегнуањата на егзархијата безконтролно да господарува во црковните и училишните работи во земјата. Еснафите, што во македонските градови сочинуваат мошен сталеж, готово минаа во оваа борба на страната на младинците. Движењето беше, речиси, стихијно со не многу определени барања: недоволство изобшто од стројот на егзархиските установи. Определеното, до кое што посегаа младинците, беше тоа што обштините да минат во рацете не на старците и духовниците, како што беше до тогаш, ами во рацете на младинците. Од директорите што беа егзархиски чиновници, се бараше да се подчинат на месните училишни управи. Младинците сакаа но обштините да влезат младинци, обштините да бидат вистински обштини, а не претседателите да си вршат се на своја глава, како што беше по егзархискиот устав, спроти кој што обштинските членови беа само советници на претседателите. Владиците, обштинските претседатели и класните егзархиски учители, се противупоставија на оваа струја, и младината и еснафите насекаде поведоа борба против нив. Немаше владика и повиден егзархиски учител, што да не беше подложен на навреди и преследувања од страна на населението. Ова движење се паѓа паралелно со пројавата на така наречениот од некои македонски „сепаратизам“, изразен преку списанието „Лоза“ во Софија, раководено од Аргов, Паласчев, Хаџи Николов и др. Кружокот „Лоза“ претендира и денес, оти ова движење во Македонија се должело на нивна агитација. Во Солун се пројави меѓу учителите во гимназијата исто ова ,,сепаратистично“, движење. Реченово раздвижување што траја неколку годинн, го толкувам просто како реакција против долгогодишниот стремеж на егзархијата да го сосредоточи во свои раце диригирањето на обштествениот живот, а осем тоа го сметам прв чекор кон самодејност во земјата. Така не може ни најмалу да се каже, оти онај кружок околу „Лоза“ го подигнал тоа движење. Тоа неосетно се прероди во револуционерно движење. Отпрвин во револуционерното дело неусетно прво и главно учество зедоа истите луѓе, што ја водеа борбата против егзархијата.
Пере се вратил во родниот град Прилеп со намера и надеж да го убеди својот брат да го издржува на сметка на неговиот дел од нивниот општ имот, за да студира во Европа. По две години напразно убедување на својот брат, Пере бил принуден да стане учител во Прилеп. Во текот на Перевото учителствување во Прилеп се случила неговата средбата со друг великан на македонското дело. Во учебаната 1892 - 93 година, Даме Груев бил назначен за егзархиски учител во Прилеп со плата од 40 лири. Во градот, Даме се вселил во куќата на Коне Браиловецот до Васил Крапче спроти билјардото на Чичовци. Во Прилеп се сретнале совеста и волјата на револуционерна Македонија. Од овој период се датира едно писмо на Даме испратено до неговиот пријател Никола Дејков. Во писмото било напишано:
- Ме прашуваш кои ми се другари. Одговорот е речиси никој. Причина е, не затоа што не сум достоен да се користам со почита и на најпоследниот, но затоа што своеволно го избегнувам тоа благоволение, кое потоа се покажува како многу злотворно, бидејќи ме принудува во крајно задолжување кон новиот пријател. Сепак се наоѓа по некој; ти ги наведувам: П. Тошев, Ил. Самарџиев, Сотир Хаџиилиев, Г. Х. Панов, Ицко Х. Ангелов, Јован на Димка, брат му и неколку други. [16]
Не е познато дали Пере и Даме размениле мисли за револуцонерна дејност, постојните извори се скудни. Меѓутоа Даме Груев бил бескрајно опседнат со идејата за револуционерна организација, а Пере во писмото до Ѓорче Петров од 1889 година му пишал за организацијата за ослободување. Можно е двајцата апостоли да дискутирале за револуционерното организирање уште додека учителствувале заедно. За контактите со Пере во овој период, Даме ги дава следниве зборови:
- Тој беше единствениот со кого бев поинтимен, и со кого си имав разбирање, но тогаш уште бевме немоќни да започнеме нешто. [17]
Даме, имајќи ги предвид приликите во Прилеп, останал песимист во поглед на какво било организирање. Прилепската средина во тоа време се уште не била подготвена за самоиницијатива и организационо прифаќање на револуционерните идеии. Прилеп бил конзервативна средина, учителите биле со конзервативни идеии, а почва за револуционерна дејност немало. Поради овие причини, на 22 јуни 1893 година Даме го напуштил Прилеп и заминал за родното Смилево, а набргу потоа се нашол во Солун каде што се вброил меѓу корифеите на Македонската револуционерна организација.
[уреди] Кон македонскиот пантеон
Пере Тошев - еве едно име, кое за голем дел од македонското општество е непознато, за други, малку познато и за трет дел - загатка. Меѓутоа, Пере Тошев оставил зад себе една четвртвековна дејност од општо значање, а во Македонија, за населението, беше една од најкрупните фигури на бурната револуционерна епоха. Роб на природната срамежливост, тој не сакаше да се зборува нашироко за неговата личност додоека беше жив. Таа негова желба остана како завет меѓу другарите и по неговиот трагичен крај...
— Ѓорче Петров, Беседа за Пере Тошев
Пере во себе имал револуционерна замисла уште кога се вратил во Македонија. Тој само барал другар и чекал поволен момент за да почне со револуционерна дејност. Како учител во Битола, со својот јасен ум, прв сред младината ја фрлил идејата за една организирана политичка борба против Османлиската империја. По неколку средби со Даме Груев, кои се случиле во Битола, бил ставен почетокот на Македонската револуционерна организација и во Битола, каде што било формирано јадро од неколку бујни млади граѓани. Кај Пере се родила идејата за организација за ослободување, но поради својот карактер, Пере требало да ја почека појавата на Даме Груев.
[уреди] Организациски способности
Кај никого меѓу неговите соборци внатрешниот живот не беше толку чист, згуснат и пребогат со духовно богатство како кај него. Руската литература извршила врз него големо влијание, но тој ги имаше сите црти на една словенска душа: добрина, нежност, свртенсит кон духовен живот. А заедно со тоа, како и секој Словен, и недостаток на волја што го забавуваше неговото дело и го ограничи негпвптп влијание во духовните кругови на македонското движење... непотребно е да се докажува дека демократизмот кај него прозлегува од почита која тој ја негува кон личноста на човека - непринуден, потребен на душата, туѓ за какава и да била груба сметка...
—Христо Силјанов, Ослободителните борби на Македонија, том два
Неговиот ум и душа биле скривалиште скриени и за неговите најблиски, отука малкумина целосно ја познавале неговата личност. Пере во многу свои однесувања бил сличен на друг великан на Македонија - Гоце Делчев. Уште од најрана младост Пере го пројавил својот борбен дух. Стремежот за систематска општествена дејност ја искажал како ученик во Пловдив, а подоцна и во Софија.
Со целиот свој полн развој на духовните сили, Пере се пројавил во Македонија како водач на македонското ослободително дело. Неговата индивидуалност дошла до полн израз во редовите на Македонската револуционерна организација. Животот на Македонската револуционерна организација е незразделно сврзан со личноста на Пере Тошев. Почетокот на Перевата револуционерна дејност се совпаѓа со почетокот на самата Организација, а почетокот на неговата револуционерна замисла се јавила кај него уште пред да се оформи Организацијата.
Пере јасно и во потполност ја созанавал серизоноста на положбата и уште во почетокот на своето револуционерно делување си создал програма за натамошна дејност. Со ладнокрвноста, која блескала од неговото расудување тој истурал студена вода врз распалаените глави на возбудената младина и со една, за неговиот карактер, типична суровост тој не се срамел да дигне рака дури и на својот најблизок пријател.
Тој најдобро ги сваќал потребите на македонското револуционерно дело во секој момент. Со завидна леснотија, Пере ги разликувал постојаното од привременото и умеел да ги гради работите и да ги подготвува појавите според степенот на нивната важност. Во секое време и во секој момент, Пере бил во сосотојба да ги определи задачите на Македонската револуционерна организација. Неговиот карактер и темперамент му давале сила да фиксира своето внимание на луѓето на кои им давал задача. Неговиот голем авторитет предизвикувал општа послушност. Пере повеќе обврнувал внимание на начинот на извршената работа, бидејќи неговите барања во тој однос биле пословични, отколку на самата извршена работа. Тој успеал наполно во своите намери за создавање и примање на револуционерната идеологија. Сето тоа го извршил со дела, без проповеди и говори.
Битолско било местото каде благодарение на Пере се создале и утврдиле општите морални својства на Македонската револуционерна организација. Максимата, дека најдобриот и најсилниот началник е оној кој станал таков по силата на потребите почуствувани од самите потчинети, за тој да биде водач, никаде не нашле подобра примена отколку во Битолско. Од почетокот па се до крајот на Перевиот двегодишен престој во Битола, тој бил сеоопшто признат за раководител на округот и тоа без некој да го избира или назначува за таков. Пере се користел со неограничената доверба кај сите. По однос на прашањата сврзани со делото неговиот авторитет се простирал и надвор од Битолско. Благодарение на својот авторитет, уште на самиот почеток на Организацијата, Пере заземал едно од првите места во македонското ослободително движење. По прашања од општо-организациски карактер последниот збор го имал Пере, а тој отворен и категоричен збор искажан со серизоност и сугестивност оставале силен впечаток.
[уреди] Пере и четничкиот институт
Пред да се засили Организацијата, господари на денот и ноќта беа Турците. Подоцна, штом наближи ноќта, Турците се прибираа по домовите, а потерите и војската во касарните. Организациските луѓе, имено тогаш почнуваа да излегуваат на работа и започнуваше комитското царство...
—Г. И. Белев
Во Солун на Пере му се укажала можност да одигра една од главните улоги од општ карактер за Четничкиот институт. Токму кога Пере престојувал во Солун започнало да се оформува четништвото како институција и да се заживува неговата идеологија. Михаил Апостолов - Попето како инструктор од страна на Гоце Делчев бил испратен во Серскиот револуционерен округ, а Централниот комитет го повикал во Солунско, Кукушко и Гевгелиско да ја изврши истата задача.
По наредба на Централниот комитет млади интелектуални сили биле испраќани од Делчев од Бугарија во Македонија ккао илегални дејци, како и многу учителски сили од внатрешноста, кои станале илегалци, требало да се школуваат во четата на Михаил Апостолов - Попето, пред да им бидат доверени самостојни задачи.
Сите тие сили заедно со нивниот учител Михаил Апостолов - Попето морале да поминат на контрола кај Пере. Тој како инспектор, за време на обиколките покрај шумите и селата имал средби со четите на Организацијата. Војводите и четниците по добиените првични инструкции од Гоце Делчев во Софија, од Пере биле запознавани со идеологијата на четништвото, со неговите задачи и со линијата како треба да се однесуваат со населението и легалниот дел од Организацијата. Сите од четничката школа, вклучително и Михаил Апостолов - Попето, зачувале незибришливи спомени од нивните средби со Пере и имале кон него неизмерна почит, а дури и стравопочит.
[уреди] Рилскиот конгрес и потоа
За време на Рилскиот конгрес од 1905 година, на кој поднесува Правилник за нејзината работа. Застанува на страната на реформското крило на Организацијата и повторно е избран за член на Централниот комитет.
Заедно со Јане Сандански учествувал во работата на Серскиот конгрес од 1906 година. По убиствата на Борис Сарафов и Иван Гарванов во 1907 година бил прогонуван од страна на бугарската полиција во Софија.
По Младотурската револуција бил бугарски училишен инспектор во Солун. Пред Првата балканска војна се разболел, па скришно се лекувал во Софија.
По закрепнувањето решил да се врати во Македонија. На пат кон својот роден град Прилеп, на 4 мај 1912 година попаднал во турска заседа и бил убиен во Дреновската клисура, Велешко.
Погребан е кај црквата во село Фариш, Тиквешко. Датумот на неговата смрт се совпаѓа со датата на убиството на друг македонски револуционер, Гоце Делчев од 1903 година.
[уреди] Белешки
- ↑ Македонската национална свест во 19 и почетокот на 20 век бил слабо развиена. Тоа го потврдуваат повеќе странци: Сеќавањата за минатото потполно исчезнале и кај селаните останале само нејасни преданија за дамнешната слобода која тие ја уживале. Во едно зафрлено село во близината на Охрид, во кое нема ни учител ни свештеник, а неговите жители незнаат ниту да пишуваат ниту да читаат, говорев со неколку дечиња за да дознаам колку тие знаат за минатото. Ги однесов кај едно осамаено и необично закосено ридче на чиј врв се наоѓа руините на бугарскиот цар, тие се наоѓаат над езерото и долината. Кој го изградил ова? Ги запрашаав. Одоворот беше впечатлив: Слободните луѓе. А кој биле тие? Нашите дедовци. Да ама дали тие биле Срби, Бугари, Грци или Турци? Не, не биле Турци, тие биле христијани. И тоа беше изгледа се што тие го знаеа, види: Доживувањата на Х. К. Бреилсфорд, Во Македонија не се поистоветуваат со својата нација (1905). Од друга страна пак повеќето странски пропаганди на територијата на Македонија го попречувале национално-конститутивниот процес на Македонците, види: Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници, д-р Ванчо Ѓорѓиев, Табернакул, Скопје 2006, Слобода или Смрт, д-р Ванчо Ѓорѓиев, Скопје 1997, Славко Димевски, За развојот на македонската национална мисла до создавањето на ТМОРО, Култура - Скопје, 1980
- ↑ Во Османлиската империја не постоел редовен ситем за попис на населението со утврдени методи и принципи како во западноевропските држави. Осмaнските власти го евидентирале само машкото население и тоа не по национална основа туку по вероисповед. Мажите муслимани биле запишувани поради воената обврска, а христијаните поради даноците. Меѓутоа постоеле еден вид на матични книги т.н нуфуз дефтери во кој биле запишувани датумот на раѓање, името, името на родителите и презимето, меѓутоа од нуфузите не може да се утврди националниот состав на населението во Македонија. Под графата Муслимани биле запишувани: Турците, Циганите, исламизираните Македонци, Арнаутите, Черкезите, Арапите и други, односно припадниците на муслиманската вероисповед. Во графата Рум Милет (Грци) биле запишувани сите православни христијани во Отоманската империја кој биле под духовна јуриздкција на Цариградската патријаршија, тука спаѓаат македонците-патријаршисти кој биле нарекувани и како Грци. Христијанското населние кое било под духовна власт на Бугарската егзархија било запишувано како Бугар милет, тука спаѓаат македонците-егзархисти кој биле нерекувани како Бугари. Од национален аспект само за Евреите постоела посебна графa како Јауди, но и тука имало исклучок. Евреите муслимани биле впишувани како Турци, види: Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително движење во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Табернакул, Институт за историја - Филозовски факултет, Скопје, 2003
- ↑ Тешка и комплицирана ситуација во Отоманската империја овозможила продор и вкоренување на повеќе странски пропаганди на територијата на Македонија, кои дополнитело го попречувале национално-конститутивниот процес на Македонците. Во Македонија активно дејствувале повеќе пропаганди, како што се грчката, бугарската, српската, романската, католичката и протестантската пропаганда. Првите три пропаганди имале исклучиво асимилаторски карактер, додека останатите биле поставени врз верска основа, но со политички цели и треба да се истакне дека последните две пропаганди не дејствувале ретроградно врз македонскиот национален индивидуалитет. Главни задачи на бугарската, грчката и српската пропаганда во Македонија биле да се придобијат што повеќе т.н. „национални приврзаници“ кои би се искористиле како „внатрешни сојузници“ и оправдувачки фактор за територијалните претензии на балканските држави кои ги имале кон Македонија. Овие пропаганди воглавно дејствувале преку црквите, училиштата и хуманитарните институции. На црковен план се дејствувало преку одржување на постојните цркви, но и преку подигнување нови верски објекти, преку создавање на црковен кадар и верска литература. На просветен план се дејствувало преку одржување и подигнување нови училишта, финансиска издршка на учителите и директорите, стипендии и пансиони за учениците и студентите, како и соодветна литература која не била на македонски јазик. На хуманитарен план најчесто се дејствувало преку болниците. Види: Странски пропаганди во Македонија
[уреди] Извори
- ↑ Евтим Спространов. Дневник, Т.I (1901-1907), Предговор Александър Гребенаров, Съставители: Гребенаров, Ал., Милкана Бошнакова, Георги Царев. С. 1994
- ↑ Андонов-Полјански Х., Гоце Делчев и неговото време, Култура, Скопје, 1978
- ↑ „Прилеп низ историјата“. Инфо Прилеп. http://www.prilepinfo.mk/mk/za-prilep/prilep-niz-istorijata/133-prilrp-niz-istorijata.
- ↑ К. Цепенков, Марко (1989). „Македонски народни приказни“. Македонска книга. стр. 102. ISBN 8636900425.
- ↑ „Варош – Прилеп“. www.culturemap.mk. http://culturemap.mk/map/345/.
- ↑ Synvet, A. Les Grecs de l'Empire ottoman : Etude statistique et ethnographique, Constantinople, 1878, р. 56.
- ↑ „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр.72-73.
- ↑ 8,0 8,1 Хаџи Васиљевиќ, Јован (1902) (на српски). „Прилеп и његова околина“. Чупићеве задужбине Л., Београд. стр. 32, 33.
- ↑ Прилеп и прилепско низ историјата, книга прва, издание на општинското собрание и на сојузот на здруженијата на борците од НОВ - Прилеп, Прилеп, 1971 година
- ↑ Димитар Димески, Македонското националноослободително движење во Битолскиот вилает (1893-1903), II издание, Скопје, 1982
- ↑ Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително движење во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Табернакул, Институт за историја - Филозовски факултет, Скопје, 2003
- ↑ Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници
- ↑ Биографски податоци. — Исклучен од Солунската гимназија, Ѓорче Петров доаѓа во Пловдив. — Влијанието на Захариј Стојанов и Д. Ризов на „македончињата“, ученици во Пловдив. Овде се зародува мислата во Ѓорчета за востаничко движење во Македонија. — Станување учител во Штип, почнува да ја проповедува оваа мисла.
- ↑ Биографски податоци. — Исклучен од Солунската гимназија, Ѓорче Петров доаѓа во Пловдив. — Влијанието на Захариј Стојанов и Д. Ризов на „македончињата“, ученици во Пловдив. Овде се зародува мислата во Ѓорчета за востаничко движење во Македонија. — Станување учител во Штип, почнува да ја проповедува оваа мисла
- ↑ Ѓ. Петров како учител во Скопје почнува да збира географски и етнографски материјали за целиот округ. Преместен во Битола, Петров продолжува и овде да збира подобни материјали и да дејствува против србската и грчката пропаганда. — Движење во младината против искључителното влијание на егзархијата во црковно-училишните работи. Борба со намесникот на владиката во Битола. — Петров преместен во Солун.
- ↑ Даме Груев - Спомени. Коресподенција, Предговор, съставителство и бележки: Цочо Билярски, София, 1999
- ↑ Груев формира месни комитети низ Македонија. - Првата месна организација во Кавадарци. - Груев q во Штип. - Неговото залознавање со Делчев. - Првата предавничка афера во Штипско.
