Коце Ципушев
| Коце Ципушев | |
| Роден | 17 април 1877 Радовиш, денес Македонија |
|---|---|
| Починал | 11 януари 1968 Софија, Бугарија |
Константин Димитров Ципушев, познат и како Коце Ципушев (1877 - 1968) бил македонски револуционер, деец на Македонската Револуционерна Организација.
[уреди] Биографиja
Коце Ципушев е роден во Радовиш во 1877 година. Завршил прогимназија во родниот град, после тоа во 1895 г. го продолжил своето образование во Солунската машка гимназија во Солун. Во Солун станал член на тајниот ученички кружок, кој претставувал помошна единица на ВМОРО под раководството на Даме Груев. Ја завршил гимназијата во 1899 година. Се жени за сестрата на Тодор Александров.
За време на 1899 година се запишува во Софискиот универзитет во Софија, како студент по хемија. Од 1900 до 1902 година го продолжил образованието во Женева, каде студирал заедно со Симеон Радев. После завршувањето на студиите се вратил како учител во родниот крај, каде ја продолжил револуционерната дејност, станувајќи раководител на револуционерниот комитет во Кочани. Во почетокот на 1903 година заминува за Костур. Уапсен е од властите и лежи во Битола до април 1904 година. Во март 1906 година властите повторно го затвараат за четири месеца во Куршумли ан во Скопје.
Во 1913 година после Втора балканска војна е принуден да се пресели во Софија. Од 1914 година е претседател на Окружната постојана комисија на ново-ослободениот Струмички округ. Раководи со револуционерниот пункт во Струмица според директивите на Тодор Александров. После Валандовската акција во 1915 година е викнат лично за објаснување од премиерот Васил Радославов.[1]
После завршувањето на Првата светска војна на 6 ноември 1918 г. е уапсен од англиските окупациски војски, предаден е на српските власти, коишто по измачување го осудуваат на смрт, заменето покасно со 20 годишна пресуда. Излегува од затворот во 1937 година.
Во 1943 година во Софија ги публикувал своите сеќавања, под насловот „19 години во српските затвори. Спомени“. Предговорот кон изданието е напишан од Симеон Радев. Книгата покасно е систематски уништувана од комунистичките власти. Се враќа во Македонија после анексирањето од Бугарија во 1941 г. После 1944 г. е принуден да се врати повторно во Софија. Умира во Софија на 11 јануари 1968 година.[2]
Неговите сеќавања на Македонски литературен јазик се издадени во Скопје во 2003 г. од Владимир Перев. Во 2006 година сеќавањата се преиздадени во Софија.
[уреди] Надворешни врски
[уреди] Извори
- ↑ Гоцев, Димитър. Национално-освободителната борба в Македония 1912 - 1915, Издателство на БАН, София, 1981, стр. 148.
- ↑ Николов, Борис Й. Вътрешна македоно-одринска революционна организация. Войводи и ръководители (1893-1934). Биографично-библиографски справочник, София, 2001., стр.183.