Христо Чернопеев

Од Википедија — слободната енциклопедија
Христо Чернопеев
16 јули 1868 - 6 ноември 1915

македонски револуционер од Бугарија
Роден во:Дерманци, Бугарија
Починал во:Криволак, Македонија

Черно Пеев или повеќе познат како Христо Чернопеев (стар правопис: Черньо Пѣевъ, Христо Чернопѣевъ; Дерманци, Бугарија, 16 јули 1868 - Криволак, Македонија, 6 ноември 1915) — член и војвода на Македонската револуционерна организација, еден од поистакнатите нејзини дејци, а подоцна станал пратеник во Бугарското народното собрание, учесник во Балканските војни и Првата светска војна. Основач на Бугарската народна македонско-одринска револуционерна организација. Загинал на фронтот како бугарски офицер во судир со француските сили во близина на село Криволак. Бил поборник за одделна македонска нација.[1][2]

Први години[уреди | уреди извор]

Христо Чернопеев е роден на 16 јули 1868 година во селото Дерманци, Ловечко. Завершил три прогимназиска класа во Плевен. Одбива редовен воен рок во 17. плевенски полк и во 1899 година останува на служба како подофицер и фелдфебел во 15 ломски полк во Белоградчик. Во истиот полк служи и Борис Сарафов, кој го привлекува Чернопеев во македонското ослободително движење, а тој е меѓу основачите на тајното Бугарско офицерско братство во Белоградчик.

Во август 1899 година Чернопеев ја напушта служба и во септември пристигнал во Солун, каде под раководство на Пере Тошев, Христо Татарчев и Христо Матов четири месеци се занимава со воена обука на членови на ТМОРО.

На 14 февруари 1900 година станал четник во четата на Михаил Апостолов - Попето и дејствува во Гевгелиско и Ениџевардарско.

Војвода[уреди | уреди извор]

Од април 1900 година е самостоен војвода на чета во Кукушко, чија цел, како и на четите на двајца други војводи Марко Лерински и Михаил Попето, е создавање на селски комитети и воена обука на населението. Во четата на Чернопеев поминуваат Михаил Герџиков, Сава Михајлов, Крсто Асенов, Александар Китанов, Петар Китанов, Мирче Икономов, Никола Дечев и други идни истакнатите дејци на ТМОРО.

Во февруари 1901 година четата на Чернопеев води голема 14-часовна борба во селото Бајалци во која загинува Мицо Делчев (братот на Гоце Делчев). Во март Чернопеев заедно со Туше Делииванов пристигнува во Софија.

Афера мис Стон и Илинденското востание[уреди | уреди извор]

Учесниците во аферата мис Стон - Сава Михајлов, Јане Сандански, Крсто Асенов и Христо Чернопеев

Христо Чернопеев, заедно со Крсто Асенов и Јане Сандански учествува во аферата мис Стон во Пирин во 1901 година.

Во 1903 година Чернопеев се однесува со резерви кон одлуките на Солунскиот конгрес за кревање на востание. На 24 март 1903 година четата на Чернопеев влегува во Македонија и во април води неколку борби во струмичко и горноџумајско. Потоа се вратил во Бугарија за муниција и оружје и во август повторно влегува во Македонија со 250 лица по избувнувањето на Илинденското востание. Четата му се разделува на три дела. Едната на чело со Петар Самарџиев замина за Тиквеш, а друг дел, на чело со Никола Жеков - за Радовишко. Чернопеев води неколку борби со отомански сили во септември на крајот на востанието, по што се враќа во Бугарија.

Подоцнежна активност[уреди | уреди извор]

По востанието е војвода на чета во Кукушко, каде обучува идни војводи на Организацијата.

Во октомври 1905 година е делегат од Струмичкиот револуционерен округ на Рилскиот конгрес.

По Младотурската револуција во 1908 година се легализира. Во април 1909 година четите на Чернопеев и Сандански учествуваат во походот на младотурците во Цариград против контрареволуционерите. Во 1909 година станува еден од основачите на Народната федеративна партија и влегува во нејзиното раководство. Сепак, во декември 1909 година, струмичките дејци ја напуштаат партијата и Чернопеев заедно со Константин Самарџиев Џемото и поранешните врховистите Михаил Думбалаков и Кочо Хаџиманов, стануваат нелегални, го обиколуваат Струмичко за да ја обноват организациската мрежа во округот.[3] При тоа, Чернопеев пишувал остри писма до Сандански обвинувајќи го за попустливост и соработка со младотурците.

Во почетокот на 1910 година Чернопеев заминал за Бугарија и привремено бил интерниран во Дерманци на инсистирање на османските власти, но наскоро Чернопеев со своите истомисленици повторно се сретнал во Софија.[4]

Во 1910 година Чернопеев ја основал Бугарската народна македонско-одрински револуционерна организација заедно со Апостол Петков и Тане Николов. Во 1910 година влегол во Македонија, заедно со војводите Ичко Димитров и Апостол Петков.

Во 1911 година, откако БНМОРО и ВМРО (Автономистичка) се обединиле, Чернопеев со Тодор Александров и Петар Чаулев е избран за член на ЦК, како резервен член влегол Александар Протогеров од поранешниот ВМОК.

Учество во Балканските војни и во Првата светска војна[уреди | уреди извор]

По избувнувањето на Балканските војни, Чернопеев е на чело на Втората посебна партизанска чета на Македонско-одринското ополчение и учествувал во борбите за Банско, Мехомија и Кавала заедно со Јонко Вапцаров, Пејо Јаворов и Лазар Колчагов.

Подоцна служел во 3 чета на 4 Битолски дружина. Награден е со орден За храброст ІІІ степен. Зел учество во насилното покрстување на помаците во Драмско и Неврокопско во текот на зимата 1912 година.

За време на Втора балканска војна, заедно со четата ги помага активностите на XXVII Чепински и XVIII Стремски полк во борбите во село Конче, Радовишко. До крајот на војната останува на располагање на командата на II бугарска армија. Поради воените своите заслуги кон Бугарија е промовиран во прва офицерска титула поручник.

Станал народен пратеник, но во 1915 година го напуштил парламентот и како резервен капетан оди на фронт. За време на Првата светска војна бил командант на I чета на VI полк на 11 дивизија.

Загинал на 6 ноември 1915 година во судир со француските сили во близина на село Криволак. Погребан е во црквата во Ново Село, Штипско.

По воспоставувањето на комунистичката власт во Македонија во 1945 година гробното место му било избришано.

Извори[уреди | уреди извор]

  1. За координација на бугарската политика во однос на македонското прашање во 1904 година при Министерството за надворешни работи на Бугарија било формирано Второто политичко одделение со задача „исклучиво да се занимава со македонските работи“. Оваа институција врз основа на сознанијата добиени преку официјалните бугарски институции, по разузнавачки канали, и други извори, изготвувала извештаи, анализи и предлози за потребите на бугарската политика во однос на македонското прашање. За таа цел на 25. III. 1906 година е подготвен опширен извештај на 34 страници машинопис. Во него е направена анализа на состојбите во Македонија и македонското револуционерно ослободително движење предводено од ВМОРО како и на успесите и недостатоците на бугарската политика. Во документот истовремено се препорачуват средства и методи за перспективната бугарска политика во однос на Македонија и македонското ослободително движење. Според извештајот главна задача на бугарската политика во однос на македонското прашање треба да биде: „од една турска Македонија, ние треба да создадем една цела, неделива и бугарска Македонија“. Додека во однос на идејата за автономија на Македонија која била програмска определба на ВМОРО во извештајот се вели: „Автономијата, ако таа се оствари, нам не н£ е потребна како одвлечен принцип на слободата. Таа треба да биде или бугарска автономија или никаква“. Во извештајот се констатира дека „триумфот за бугарскта идеја“, во Македонија, „ќе биде голем“, доколку „се поддржува интернационалноста во Организацијата“. Меѓутоа во контекст на тоа се вели: „Интернационалноста на Организацијата не ќе рече прекинување на сите врски и одрекување од нашата (бугарска б.н) народност, како што проповедаат некои диви социјалисти од типот на Сандански и Черњопеев“. Последново е експлицитна потврда од официјално бугарско ниво дека Сандански и неговите приврзаници не само што не се чувствувале за Бугари, туку и така проповедале. По адреса на истата групација се изречени следниве констатации: „Луѓето, кои навистина ја оцрнуваат автономната идеја и предизвикуваат сомневање во нивните чувства кон народното (бугарско б.н) единство, за жал постојат во Организацијата“. Во продолжение за нив се вели: „Тие, кои мислаат, дека може лесно да се отцепат живеат со илузии за некакво помирување меѓу народите. Тие гледаат пречки во одделните аспирации на секој народ за територијално проширување... Тие се одрекуваат од политичката целина со Бугарија и претпочитат да образуваат од Македонија одделна политичка единица, која ќе послужела, барем како јатка на идната Балканска федерација“. Понатаму за истата група се вели: „Луѓето од таа група се вдахновуваат од мислата дека живеат за Македонија и само за Македонија. Ете зошто тие се хранаат со илузии да не му допуштат на бугарскиот кнез да стави кралска круна на својата глава за сметка на Македонија, а исто да ја бранат целоста и независноста на земјата од пљачката на кнезот“. Во споменатиов извештај Македонците, вообичаено се третираат како Бугари. Меѓутоа, притоа се потенцира дека „за разбудување на бугарските национални чувства... заслуги имаат црквите и училиштата“. Последново е самопризнание дека присуството на „бугарска национална свест“ во Македонија всушност не е последица на некакво внатрешно чувство и самоопределување, туку наметната свест преку официјалните бугарски институции во услови на отсуство на каква било македонска институција. Интересно во извештајот кога станува збор за Македонците под српско влијние за нив се користат термините: Македонци, србомани, посрбени Македонци, и србизирани Македонци. Кон крај од документот се предлагат мерки за нивно оттргнување од српското влијание, на начин што за таа цел треба да се искористат услугите на неколку „вистински Македонци“.... види Vanco Goriev, Bugarski dokument od 1906 godina za sostojbite vo Makedonija i VMORO i bugarskata politika kon niv, Istorija, XXXIII/1-2, Skopje 1997; Vanco Goriev, Politikata na Bugarija kon Makedonija i VMORO 1904-1906 godina, Istorija, XXXIV/1-4, Skopje 1998/9, 28-29.
  2. Што сакаат Грците и Србите? И едните и дргите се против автономијата (на Македонија б.н) и бараат да се создадат услови, кои ќе ги поткрепат нивните претензии за делба... Голем ќе биде триумфот за бугарската идеја кога ние ќе успееме да ги откинеме посрбените Македонци од српските конзули и агитатори... Интернационалност во (Внатрешната б.н) Организација не ќе рече прекинување на сите врски и одрекување од нашата народност, како што проповедаат некои диви социјалисти од типот на Сандански и Чернопеев... Автономијата (на Македонија б.н), ако таа се оствари, нам не ние е потребна како одвлечен принцип на слободата. Таа, треба да биде или бугарска автономија или никаква... Едни се незадоволни од претставниците на автономниот принцип, и за да ја потцртаат појасно својата мисла им го прикачуваат на истите терминот сепаратисти, со едно сфаќање, кое ја пресекува секоја политичка врска меѓу Кнежевството и Македонија во иднина... Луѓето кои навистина ја оцрнуваат автономијата и предизвикуваат сомневања во нивните чувства кон народното единство за жал постојат во (Внатрешната б.н) Организација... тие се одрекуваат од политичката целина со Бугарија и претпочитаат да образуваат од Македонија одделена политичка единица, која ќе послужела, барем како јатка за идната Балканска федерација... Луѓето од таа група се вдаховуваат од мислата дека живеат за Македонија и само за Македонија... Да не допуштат на бугарскиот кнез да стави кралска круна на својата глава за сметка на Македонија... да ја бранат целоста и независноста на земјата (Македонија б.н) од пљачката на кнезот... од една турска Македонија, ние треба да создадеме една цела, неделива и бугарска Македонија... види Ванчо Ѓорѓиев - Бугарски документ од 1906 година за состојбите во Македонија и ВМОРО и бугарската политика кон нив
  3. Национално-освободителното движение на македонските и тракийските българи (1878 - 1944). Том 3, Освободителното движение след Илинденско-Преображенското въстание 1903 - 1919, МНИ, София, 1997, стр. 250.
  4. Думбалаковъ, Михаилъ. Презъ пламъцитѣ на живота и революцията, томъ ІІ, София, 1937, стр. 101-110.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Галерија[уреди | уреди извор]