Бабино

Од Википедија — слободната енциклопедија
Бабино

Поглед на село Бабино

Бабино во рамките на Македонија
Бабино
Местоположба на Бабино во Македонија
Бабино на карта

Карта

Координати 41°17′58″N 21°4′47″E / 41.29944° СГШ; 21.07972° ИГД / 41.29944; 21.07972Координати: 41°17′58″N 21°4′47″E / 41.29944° СГШ; 21.07972° ИГД / 41.29944; 21.07972
Регион  Пелагониски
Општина  Демир Хисар
Област Железник
Население 21 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 7240
Повик. бр. 047
Шифра на КО 10001
Надм. вис. 750 м
Слава Св. Никола[2]
Бабино на општинската карта

Атарот на Бабино во рамките на општината
Бабино на Ризницата

Бабино — село во Општина Демир Хисар, во областа Железник, неколку километри северозападно од градот Демир Хисар, во југозападниот дел на Македонија.

Селото е најпознато по најголемата приватна библиотека во Македонија, приватната библиотека „Ал-Би“ сопственост на Стево Степановски, која брои над 20.000 книги, поради која го посетуваат многубројни туристи.

Според класификацијата на Министерството за локална самоуправа, Бабино спаѓа во категоријата ридско-планински села.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Бабино се наоѓа во средишниот дел на поранешна Општина Сопотница, 18,5 километри северозападно од Демир Хисар, а се наоѓа на двете страни на Бабинска Река, притока во изворишното сливно подрачје на Црна Река, на источниот дел од Плакенска Планина. Лежи на 2 километри од патот Кичево - Демир Хисар. Оддалечено е 45 км од Битола, а 35 км од Кичево, со кои е поврзано со асфалтен пат. Се работи за ридско село кое се наоѓа на надморска височина од 750 метри. Климата е умерена. Атарот на селото е 9,9 квадратни километри.

Селото се наоѓа меѓу трите рида Павлов Рид (911), Три Синори (1.111) и Курати (1.017).[3]

Во атарот на Бабино има многу извори. По текот на Базерничка Река, на речиси секои 100 метра има по еден извор почнувајќи од Горни ливади, па сè до вливот во Црна Река. Водата од изворите ја надополнува реката, а ја користи и рибникот.[3]

Селото се дели на три маала: Горна, Долна и Средна.[4]

Во селото има автобуска станица.

Околни села се: Мало Илино и Базерник од југозапад и запад, Доленци и Железнец од север и североисток, Жван од југоисток, и Слоештица од југ.

Историја[уреди | уреди извор]

Судејќи по археолошкото наоѓалиште Вртешка, селото е населено барем од доцната антика.

Селото се споменува во османлиските пописни дефтери од 1467/68 со 27 семејства и 2 неженети, или вкупно 137 жители. Населението плаќало данок во износ од 2005 акчиња за пченица, јачмен, улишта, данок за свињи, за воденици, за лозја, за бостан, за свадбарина и испенџе (данок кој го плаќале само христијанитеи) и тоа 725 сребрени турски пари. Селото било тимар на Омер, син на Илјас и претставувал берат од пашата.[5]

Во пописниот дефтер од 1568 година селото имало 140 жители.[5]

Во отоманските записи од 1611-1612 година селото е запишано како Бабине со 47 даночно обрврзани домаќинства.[6]

Во 1683 година жителите на Бабино заедно со тие на Кочиште, Зашле, Брезово и Доленци одбиле да го платат данокот нузул и го убиваат неговиот собирач.[7]

Во XIX век Бабино е целосно христијанско село во Битолската каза, нахија Демир Хисар на Отоманското Царство. Бугарската егзархија била активна во селото и во селото функционирало училиште на бугарски јазик.[8]

Во 1882 година, во старинската куќа на прадедото на Стево Степановски биле донесени првите книги во Бабино. Тој бил турски војник кому, поради недостиг на пари од државната каса, Турците наместо со алтани, му плаќале со книги. Тој почнал и од своите соборци да откупува книги и направил фонд за библиотека.[3][9]

Селото било активен центар на Илинденското востание. Вечерта на 1 август 1903 г., во бабинските ливади на месноста „Рамни Ливади” се развеало македонското знаме кое било наполно црвено, со натпис „Слобода или смрт“. Во бабинските ливади четите положиле заклетва „Смрт или слобода” и тргнале за напад на село Прибилци. Населението било благовремено известено да бега во гората. На чело со востаничките чети биле: Јордан Пиперката и Никола Дечев - војводи, а на селската чета бил војводата Степан Степановски. Селото било дел од Крушевската република, која траела само 13 дена. Загушувањето на востанието било со помош на турски аскер од Азија. Во последните слободни денови на селото, една група на чети се окопала под село Бабино на местото „Кула“ од каде отворила оган на турскиот аскер. Турскиот аскер почнал да ги гони четите и навлегол во селата и во Илинска Планина. Кај Илинска црква дошло до судрување со турскиот аскер и таму загинале 7 четници, сите од село Вирово.[10]

Во 1912 година, при избувнувањето на Првата балканска војна во 1912 година три жители од Бабино станале доброволци во Македонско-одринските доброволни чети.[11]

Вкупно 7 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[12] Од Бабино потекнуваат 162 учители, кои по Втората светска војна ја ширеле писменоста низ цела Македонија.[13]

Легенди[уреди | уреди извор]

Жителите веруваат во преданието за старицата од Бабино, која набркана од своите снаи, со години живеела сама длабоко во шумите на Илинска Планина. Протераната старица гневна на судбината го проколнала сиот женски род од својот крај на стари години да живее самотнички живот исто како неа. Оттука и верувањето како селото го добило името Бабино.[14]

Според друга легенда, кога Старите Римјани за првпат ја освоиле оваа територија, започнале со праксата на истребување на машкото население, со цел полесна асимилација и колонизација. Речиси сите жени од селото со малите дечиња побегнале во планините и таму живееле десетици години. Кога се вратиле да го обноват селото, сите веќе биле баби.[3]

Се верува дека на Павлов Рид, поминал и престојувал Апостол Павле, кој ширејќи го христијанството, најпрвин поминал низ Македонија. Тука покрстил неколку жители.[3]

Врвот Курати, пак своето име наводно го добил поради „надарените“ мажи во Бабино.[3]

Се верува дека од ова село потекнува девојката опеана во револуционерната песна „Ја излези Ѓурго да ги видиш комитите“.[15]

Куриозитет претставува тоа што мештаните и во стари години имаат бујни коси. Се верува дека поседуваат таинствен лек против опаѓање на косата.[13]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Во селото најзастапено е полјоделството и шумарството. Обработливото земјиште зафаќа 236,2 хектари, пасиштата зафаќаат 161,5 хектари, додека 477,4 хектари се шуми. Постојат тековни иницијативи за развој на туризмот.[16] Во минатото од страна на туристичкиот промотор Насер Хот, било предложено на ридот Курати да се изгради парк на народите од светот - типски дрвени куќи, репрезенти на традиционалните национални куќи на народите. Но, оваа иницијатива била напуштена.[3]

Според некои показатели, Бабино годишно го посетуваат околу 25.000 туристи. Некои од нив се привлечени од природните убавини на селото, а голем дел доаѓаат и поради познатата библиотека. Меѓу нив се и писатели, академици, учесници на Струшките вечери на поезијата, учесници на Семинарот за македонски јазик и култура, студенти на сирискиот универзитет, марокански теолози, амбасадори, биографот на Винстон Черчил, итн.[3][17]

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948547—    
1953533−2.6%
1961451−15.4%
1971319−29.3%
1981194−39.2%
ГодинаНас.±%
1991104−46.4%
199470−32.7%
200234−51.4%
202121−38.2%

Според статистиката на бугарскиот научник Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 г. Бабино има 430 жители, сите Македонци.[18]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Бабино се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 81 куќа.[19]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 500 Македонци.[20]

Во 1961 години бројот на жители изнесувал 451. Во 1994 година, бројот на жители се намалил на 70 жители - сите Македонци. Според пописот од 2002 година, населението на Бабино повторно се намалило и тоа брои 34 жители, од кои 33 Македонци и еден Србин.[21] Ваквото драстично намалување на населението е одлика на многу села од Општина Демир Хисар.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 21 жител, сите Македонци.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 430 480 547 533 451 319 194 104 70 34 21
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[22]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[23]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[24]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[25]

Родови[уреди | уреди извор]

Бабино е македонско село.

Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1951 година родови во селото:[26]

  • Староседелски: Углешовци (5 к.), Токмаковци (2 к.), Радевци (4 к.), Карадаковци (2 к.), Ѓурковци (4 к.), Деспотовци (14 к.), Спасеновци (5 к.), Таневци (6 к.), Јанчевци (3 к.), Грашиновци (6 к.) и Поповци (24 к.).
  • Доселеници со непознато потекло: Стрезовци (3 к.).
  • Доселеници со познато потекло: Филиповци (9 к.) и Пармаковци (2 к.) доселени се од селото Карбуница во Кичевско; Кочовци (1 к.) и Поповци (7 к.) доселени се од селото Лешани во Дебрца.

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на проширената Општина Демир Хисар, на која ѝ била додадена поранешната Општина Сопотница по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото припаѓало на некогашната Општина Сопотница.

Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Демир Хисар.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Доленци, во која покрај селото Бабино, се наоѓале и селата Базерник, Брезово, Големо Илино, Доленци, Железнец, Мало Илино и Средорек. Во периодот 1950-1952, селото се наоѓало во некогашната Општина Доленци, во која влегувале селата Брезово, Бабино, Базерник и Доленци.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 641 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на месна заедница.[27]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 20 гласачи.[28]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Поглед на главната селска црква „Св. Никола“ сместена надвор од селото, заедно со селските гробишта
Поглед на Бабинска Река
Археолошки наоѓалишта[29]
Цркви[30]
Пештери[14]
  • Змејова Дупка — на влезот од пештерата има два сталактити со човечки раст за кои се верува дека се змејот и неговата убава жена скаменети.
Реки

Редовни настани[уреди | уреди извор]

  • Бабински средби, се одржуваат секоја година на празникот Духовден. Средбите започнале во 2001 година, на иницијатива на професорот Миле Матески Силјановски.[3]

Личности[уреди | уреди извор]

По потекло од Бабино е францускиот политичар Кристоф Најдовски, поранешен помошник градоначалник на Париз. Неговата мајка е родена во Бабино.[37]

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Поглед на горниот кат на библиотеката во Бабино

Во Бабино, покрај библиотеката, постои споменик за НОБ.

Библиотека[уреди | уреди извор]

Бабино е најпознато по најголемата приватна библиотека во Македонија, сопственост на Стево Степановски, која брои над 20.000 книги. Оваа библиотека сега официјално е регистрирана и се вика Клуб на читатели „Ал-Би“. Библиотеката е сместена во куќа со традиционален изглед, во неа постои отворена етно-соба, додека пак во дворот е изграден приватен амфитеатар, каде што се одржуваат промоции, поетски читања, музички концерти и др. настани.[13]

Библиотеката е резултат на тривековна колекционерска работа, и поседува значителен фонд на ретки и уникатни книги, од кои најстарата е Арапски речник од 1307 година. Други познати книги се: една од најстарите копии на Куранот, Псалтекина литургија од Св. Јован Златоуст, прво издание на Деветтата симфонија на Бетовен, Музички речник на Карл Јунек, Македонија, Швајцарија на Балканот од Ванчо Михајлов, првиот Македонски правопис, фотографии од Првата светска војна, зелениот пасош на познатиот македонски патописец Љубе Цветановски, првите изданија на весникот Нова Македонија, првото издание на Волшебното самарче, документи за историјата на македонскиот народ, 350 речници и други материјали. Во библиотеката постојат книги на персиски, османлиски турски, старословенски и арапски јазик, а донесени се од Багдад, Техеран, Дамаск, Истанбул, Анкара и други светски центри.[3][14]

Во библиотеката не се позајмуваат книги, но е отворена секој ден во јули и август. Библиотеката има 3.500 членови, а членстовото е бесплатно.[9] Во 1973 година, за зачувување на фондот во библиотеката во Пекинг бил изработен уникатен печат од полублагороден камен, нарачан од истакнатиот македонски писател Петре М. Андреевски и нобеловецот Иво Андриќ. Библиотеката доживеала реконструкција како резултат на финансиската помош на македонското Министерство за Култура и Светската Банка.[3][17] Во март 2015 година, со помош на Министерството за култура, фондот на библиотеката се збогатил со нови наслови, пред сè во областа на медицината, биологијата и археологијата.[38]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Постари иселеници до 1951 година од селото има во Србија (6 семејства, во Белград, Рума и Сремска Митровица), потоа во Битола (23 семејства), Бугарија (7 семејства во Софија), САД (5 семејства), Грција (1 семејство во Лерин), Скопје (1 семејство), Охрид (1 семејство), и во Романија (3 семејства).[26]

Иселеништвото продолжило и потоа и има иселување во Демир Хисар, Битола, Кичево, Прилеп, Скопје, и надвор од државата во Србија, европските земји, САД, Австралија.[39]

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Димитров, Никола В. (2017). Географија на населби: општина Демир Хисар (PDF). Битола. стр. 102. ISBN 978-608-65616-4-2.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 „Македонија за почетници: Бабино, демирхисарско“. Архивирано од изворникот на 2018-02-18. Посетено на 29 мај 2016.
  4. Намичев, Петар. Руралната архитектура во Југозападна Македонија од ХІХ-от и почетокот на XX век, Скопје 2005, с.23, бел. 23. / Vernacular architecture in the Soutwest Macedonia from the 19th and early 20th century, Skopje 2005, p. 23.
  5. 5,0 5,1 Во Опширниот пописен дефтер број 993 и 988 од 1468 г. (Пописот опфатен од лист 1-10 на Дефт. бр. 993 и од лист 11 -97 на дефт. број 988). М. Соколовски, Турски документи за историјата на македонскиот народ, Скопје, 1971, стр.
  6. Турски извори за българската история, т. VII, София 1986, с. 181.
  7. История на България в четиринадесет тома, том IV - Българският народ под Османско владичество /от XV до началото на XVIII в./, Издателство на БАН, София 1983, с. 168.
  8. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.172-173.
  9. 9,0 9,1 „Селото Бабино- дом на најмалата библиотека во светот“. Посетено на 2016-05-29.
  10. „Спомени на Максим Поповски за Илиндеското востание, запишани во 1953 година во село Бабино“. Посетено на 2016-05-28.
  11. „Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр.827.
  12. „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
  13. 13,0 13,1 13,2 „Бабино - Macedonia Timeless“. Посетено на 2016-05-29.
  14. 14,0 14,1 14,2 „Осум баби живеат со клетвата на Бабино“. Посетено на 2016-05-28.[мртва врска]
  15. „Нема селски туризам без сместувачки капацитети“. Посетено на 2016-05-29.
  16. „Општина Демир Хисар“. Архивирано од изворникот на 2011-07-22. Посетено на 2016-05-28.
  17. 17,0 17,1 „Фоторепортажа: Демир Хисар“. Посетено на 2016-05-29.
  18. Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900.
  19. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 14.
  20. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  21. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 13 јуни 2016.
  22. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  23. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  24. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  25. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  26. 26,0 26,1 Русиќ, Бранислав. фондот „Бранислав Русиќ“. Архивски фонд на МАНУ, к-5, АЕ 97.
  27. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  28. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  29. Коцо, Димче (1996). „Археолошка карта на Република Македонија“. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  30. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  31. Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том II, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
  32. 32,0 32,1 Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
  33. Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
  34. 34,0 34,1 Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том III, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
  35. 35,0 35,1 35,2 35,3 Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том IV, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
  36. Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том IV, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
  37. „Интервју - Размислувам како Французин, но се чувствувам и како Македонец“. Посетено на 2016-05-28.[мртва врска]
  38. „Библиотеката во Бабино ќе се збогати со научни изданија“. Архивирано од изворникот на 2015-06-26. Посетено на 2016-05-29.
  39. Bojchevski, Design by Angela Hristovska, Developed by Dijana Manchevska and Jovan. „Мој Роден Крај“. www.mojrodenkraj.com.mk. Архивирано од изворникот на 2021-07-16. Посетено на 2021-07-16.

Литература[уреди | уреди извор]

  • Панов, Митко: Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Патрија, Скопје, 1998, 15 стр.
  • Boškovska, Nada: Spaziergang durch Babino. Makedonische Dorfgeschichte(n). In: Zwischen Adria und Jenissei. Reisen in die Vergangenheit. Werner G. Zimmermann zum 70. Geburtstag. Hrsg. von Nada Boškovska, Carsten Goehrke, Caspar Heer und Anna Pia Maissen. Zürich 1995, с. 19–36.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]