Коте Христов
| Коте Христов | |
| андартски капетан | |
| Роден | 1863 Руља, денес Грција |
|---|---|
| Починал | 27 септември 1905 Битола, Македонија |
Константин Христов Саров или Саровски, наречен Коте, познат како Константинос Котас или Котас Христу (на грчки: Κωνσταντίνος Κώτας или Κώττας; Κώτας или Κώττας Χρήστου) бил деец на Македонската револуционерна организација, по засилувањето на грчката воружена пропаганда застанал на страната на грчката кауза и учествувал во Борбата за Македонија како андартски капетан.
Содржина |
[уреди] Биографија
[уреди] Ајдутсво
Коте е роден 1863 година во костурското село Руља во областа Корешта. Останал без образование.
Во пролета 1898 година зедно со Павел Киров (Павлос Киру) од село Желево, со мала чета се одметнале и ја обиколувале Корешта. Оваа ајдутска чета се занимавала со ситни напади, кражби и убиства на бегови од кои населението трпело насиластва. Коте и неговата чета ги ликвидирала: Касим бег, Хабедин бег од Костур, Нури беј од Хрупишта, Џемаил бег од Корча, Нури од Лерин и други.
Овие ликвидации го привлекле вниманието на турските власти и во селото Писодер, Коте бил заробен и одуден на затвор, казната ја отслужувал во Корча [1].
[уреди] Во Македонската револуционерна организација
Во 1899 година Коте излегол од затвор и стапил во контакт Павел Христов и Лазар Поп Трајков, раководители на Македонската револуционерна организација во Костурско. Тие во согласност со политиката на револуционерната орагнизација го поканиле да се потчини ма нејзините принипи и да земе учество во македонското револуционерно движење.
По влегувањето во Организацијата, Коте предводел чета која била формирана во мај 1900 година се до пристигнувањето на војводата Марко Лерински, а по неговото пристигање Коте со 4 души се одметнал и почнал да го обиколува Костурско [2].
Коте и по влегувањето во Организацијата не се откажал од своите арамиски навики и поради тоа дошол во судир со раководнот кадар на Македонската револуционерна организација, извршувајќи ситни грабежи и изнудувања. Бидејќи Четничкиот институт сеуште не бил до крај изграден таквата дејност на Коте била преќутно толерирана од страна на Организацијат и затоа Коте и понатаму извршувал разни задачи за неа, како што биле разни ликвидации, пренесување на организациска документација и оружје [3].
Меѓутоа Орагнизацијата не можела долго да ја толерира таквата дејност на Коте и тој бил осуден на смрт, а во октомври 1900 година е извршен неуспешен обид за негова ликвидација.
По овој неуспешен обид за ликвидација Коте стапил во контакт со костурскиот патријаршиски митрополит Германос Каравангелис. На оваа средба митрополитот Каравангелис истакнал:
| „ | Вие сте Грци уште од времето на Александар Велики, но поминаа Словените и ве словенизираа. Вашиот изглед е грчки и земјата што ја газиме е грчка. За тоа сведочат и спомениците што се скриени во неа, и тие се грчки и монетите што ги наоѓаме се грчки и натписите се грчки. Впрочем, нашата црква и патријаршијата секогаш беа во првите редови на слободата. Додека Бугарија не се покажа способна дури ни самата да се ослободи, туку беше ослободена од Русија. Па чекаш сега таа да ја ослободи Македонија? И си правиш илузии дека е можно некогаш европската дипломатија да ја потврди Македонија за Бугарија, а особено Лерин и Костур, кои се одвај два дена од грчката граница, додека од бугарската се на далечина од седум дена? „Потоа му зборував и за убиствата и му реков дека ако навистина Бугарскиот комитет [белешка 1] работи за слободата за една толку света цел, не би можел да прави такви злосторства, да одзема насилно пари од сиромашните селани и да убива невини луѓе. „Од денес” му реков „ти ќе бидеш со нас, ќе бидеш прв човек. Ќе те исправам долу да ги запознаеш грчките цареви а твоите деца ќе ги испратам да учат во Грција” [4]. | “ |
Коте ги прифатил барањата на митрополитот, а за возврат од него добивал плата од 10 лири и неговите двајца сина ги испартил на школување во Атина каде што ги примил Павлос Мелас. Меѓутоа Коте и покрај договорот сеуште не застанал отворено на страната грчката пропаганда, продолжувајќи ја својата дејност во Македонската револуционерна организација.
Меѓутоа Коте во почетокот на 1902 година морал да се појави пред револуционерниот суд на Организацијата во селото Кономлади, каде што бил осуден на смрт, но Гоце Делчев го помилувал откако добил ветување од Коте дека ќе се поправи [5].
Меѓутоа и покрај помилувањето Коте продолжил со својата ретроградна дејност и во август 1902 година повторно е направен обид за ликвидација на Коте во селото Ошчима, обидот бил неуспешен но во текот на нападот бил заробен неговиот содружник Геле Трсијански.
Кон крајот на август 1902 година во Костурско пристигнал полковникот Атанас Јанков со својата свита настојувајќи да предизвика едно востание во Македонија. Јанков откако не успеал да се договори со раководителите на Македонската револуционерна организација се поврзал со Коте и заедно почнале да коват планови за напад врз градот Лерин [6].
Меѓутоа таквите планови на Јанков и Коте биле без реална основа, бидејќи немале доволни сили за да ги спроведат. Коте и Јанков под притисок на турските сили се повлекле во селото Смрдеш. Јанков заминал за Грција, а дел од неговите четници влегле во четата на Коте.
Контактите на Коте со грчката пропаганда како и здружувањето со полковникот Јаков, кој бил деец на Македонскиот врховен комитет, допринеле во април 1903 година да дојде до потврдување на смртната пресуда на Коте од страна на костурското раководство под притисок на Пандо Кљашев и Васил Чакаларов, и покрај спротиставувањата на Даме Груев и Лазар Поп Трајков.
Меѓутоа и покрај таа пресуда, во текот на Илинденското востание Лазар Поп Трајков со одред од 600 души се сретнал со Коте.
При оваа средба Поп Трајков му ги простил грешките на Коте и го ангажирал во востаничките борби. Коте бил помилуван бидејќи имал авторитет меѓу населението поради поранешните ликвидации на разните турски зулумџии и насилници.
На 28 јули еден одред од 200 души на чело со Ангел Андреев и Коте го нападнале турскиот газрнизон во селото Попли, борбата траела неколку дена по што селото било заземено.
По нападот Коте потоа се повлекол во својот реон. По востанието кај него засолниште побарал војводата Спиро Олчев со двајца четници, но Коте ги разоружал и заробил [7].
Засолниште кај Коте побарал и тешко повредениот костурски началник Лазар Поп-Трајков, со кого Коте се смирил за време на востанието, но Коте, одлучил веќе конечно да премине на грчката страна, му ја отсекол главата и ја пратил кај костурскиот владика Каравангелис, од кого добил 50 фунти [8].
Како одмаза за овој чин Македонската револуционерна организација ги ликвидирала таткото и братот на Коте во селото Брзеница [9].
[уреди] Андартски капетан
По овие убиства Коте се засолнил во Атина кај своите синови, кои таму учеле со стипендии обезбедени од митрополит Каравангелис. Во март 1904 година се вратил во Македонија заедно со Павел Киров од Желево. Тие двајца и со неколку души од влашкото село Писодер формирале база на грчката пропаганда по течението на Рупелска река.
Коте ја пресретнал првата андарска грчка чета на чело со Павлос Мелас. По доаѓањето на оваа чета, Коте започнал со гонење дејците од македонското револуционерно движење. На 4 мај, Коте го ликвидар егзархискиот учител Георги Трајков од селото Трново . Истиот ден, Коте ја ликвидирал жената на свештеникот на Трпо Поповски и тетката на Васил Чекаларов.
Набргу по овие настани коте бил заробен од турските власти. За негово заробување постојат неколку верзии. Според Христо Силјанов, на 22 мај во селото Буф, штотку вратениот од Америка Петко Јанев бил ограбен од Коте, кој му ги одзел печалбарските пари.
Оштетените се пожалиле кај Хусеин Хилми Паша и странските конзули во Битола. Под притисок на англискиот козул, Хилми паша издал наредба за фаќање на Коте и тој од страна на аскерот бил опколен на 9 јуни 1904 година во селото Руља. Коте се предал без да дава отпор по што бил однесен во Битола каде што бил осуден како разбојник и во септември 1905 година бил обесен на Ат пазар во Битола.
Според друга верзија, тој бил предаден од митрополитот Германос Каравангелис, затоа што Коте одбил да го зароби Митре Влаот и затоа што се колебал и постоела можност да се врати во редовите на македонското револуционерно движење [10]. Според оваа верзија, османлискиот одред кој го заробил Коте бил предводен од андартскиот капетан Павел Киров. Според грчката дипломатска документација, Хилми Паша пред грчкиот козул Димитриос Калергис истакнал дека Каравангелис е заслужен за заробувањето и ликвидацијата на Коте [11].
По Балканските војни новите грчки власти родното село на Коте го преименувале во Котас, неговата куќа била претворена во музеј, а во селото има и негов споменик со натиписот Пионир на Македонската борба.
[уреди] Белешки
- ↑ Грчките националисти и пропагандисти Македонците ги нарекуваат Бугари, Бугарофони или Славофони... Додека пак самите себеси се нарекуваат како „Македономахи“ или „Македонски борци“ (Μακεδονομάχοι) види: Mαρτύρων καί Hρώων αίμα од Јон Драгумис и „Македонската борба (спомени на Германос Каравангелис)“
[уреди] Извори
- ↑ Пандо Кљашев, „Спомени“.
- ↑ Петров, Тодор. Нелегалната армия на ВМОРО в Македония и Одринско (1899-1908), Военно издателство, София, 2002 г., стр.46.
- ↑ Николов, Борис Й. Вътрешна Македоно-одринска революционна организация. Войводи и ръководители (1893-1934). Биографично-библиографски справочник, София, 2001, стр. 179.
- ↑ Каравангелис, Германос. „Македонската борба (мемоари)“, Култура, Скопије 2000
- ↑ Христо Силянов. „Освободителните борби на Македония“. т.1., София, 1933, стр.134.
- ↑ Most important Greek Slavophone Macedonians chieftains and their activities
- ↑ Христо Силянов. „Освободителните борби на Македония“. т.1., София, 1933, стр. 180.
- ↑ Поптрайков, Лазар. „Локвата и Виняри“, Костурско благотворително братство, София, 1940.
- ↑ Most important Greek Slavophone Macedonians chieftains and their activities
- ↑ Most important Greek Slavophone Macedonians chieftains and their activities
- ↑ Димитрис Литоксоу. Грчка антимакедонска борба. І. Од Илинден до Загоричани (1903-1905). Скопје, 2004, 51-55; Крсте Битовски. Грчката „Македонска борба“. Скопје, 2001, 290-293.
[уреди] Литература
- Βιογραφία Καπετάν Κώττα, - Κοντούλη Α., Φλώρινα 1931.