Лазар Димитров (Дренок)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Лазар Димитров
Роден 1869
Дренок, Струшко
Починал 1945
Пловдив, Бугарија

Лазар Димитров (1869 - 1945) — македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, деец на Македонската револуционерна организација.

Животопис[уреди | уреди извор]

Лазар Димитров е роден 1869 година во струшкото село Дренок, тогаш во Отоманското Царство. Првото образование го стекнал во родното село, а во 1889 завршил во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“. Учителствал 2 години во Дебар и Ениџе Вардар, по што работел во богословијата на Бугарската егзархија во Цариград.

Наставниците и учениците од Солунската гимназија во учебна 1888-1889 година. Лазар Димитров е петти одзади од лево кон десно.

Тој го основал комитетот во Гуменџе, а ја поставил и орагнизациската мрежа во Ениџевардарско . Во февруари 1895 година бил наклеветен од грчкиот ениџевардарски владика Јеротеј дека одел по селата и го потикнувал населението на востание, дека одел по планините и да прави снимки и планови. Поради тоа бил уапсен, затворен во Гуменџе, пота бил префрлрн во Солун и на крај бил интерниран во Битола. Меѓутоа на 6 март 1895 година бил ослободен со гаранција и забрана да го посетува Солунскиот вилает [1].

Додека предавал во Едрене во 1896 година е избран за претседател на Одринскиот окружен револуционерен комитет на Организацијата. Таму го наследил како организатор Христо Поп Коцев, кој заминал за Солун, и заедно со Антон Арнаудов развил силна револуционерна дејност, а во Организацијата го покрстил Димитар Даков и други дејци [2].

Во 1901 година, кратко време изучува славјанска филологија на Софискиот универзитет, но студиите ги прекинал. Во периодот меѓу 1902 - 1903 година е претседател на Серскиот окружен револуционерен комитет. Како Серски делегат учествува на Солунскиот конгрес на Организацијата во јануари 1903 година. Тој бил единствената опозиција на конгресот, тој се противел на идејата за кревање на востание. Во своите спомени истакнува дека:

Конгресот по својот состав беше незаконит: според Уставот прецизно се бара, денот на востанието да го определи ЦК и окружните и околиските комитети. Конгресот траеше два дена. Немаше опозиција: единствено јас бев опозиција и затоа траеше два дена. Јас бев против: прво - затоа што нашиот, серскиот реон не беше подготвен за востание, а знаев дека и другите не се подготвени и, второ - затоа што мислев дека тој период не е соодветен, откако Ламсдорф категорично се искажа против движењето. Осеен тоа однапред го знаев мислењето на Сандански, на Делчев и на другите, кои беа против. [3]

Во текот на Илинденското востание е член на член на Охридското горско началство и реонски началник на Дебарско. По неуспешниот крај на востанието заедно со другите раководители на Организацијата, Лука Групчев, Антон Кецкаров и други се повлекол во Албанија и Црна Гора, а од таму за Бугарија [4].

Во Првата светска војна е училиштен инспектор во Приштина и Призренскиот округ. По 1918 година се преселува во Бугарија, каде што работел како учител. Починал во Пловдив во 1945 година [5][6].

Извори[уреди | уреди извор]

  1. Ванчо Ѓорѓиев,Слобода или Смрт,Македонското револуционерно националноослободително движење во Солунскиот вилает 1893-1903 година,201,Институт за историја -Филозофски факултет,Скопје,2003
  2. Браянов, Тодор, Илия Славков, „Илинденско-Преображенското въстание 1903—1968“ , Издателство на Националния съвет на Отечествения фронт, София, 1968 г., стр. 312
  3. Биографски податоци. Конгресот во Солун на 1.1.1903
  4. Силянов, Христо, „Освободителните борби на Македония, II“, София, 1943, стр. 55-58
  5. Николов, Борис Й. Вътрешна македоно-одринска революционна организация. Войводи и ръководители (1893-1934). Биографично-библиографски справочник, София, 2001, стр. 48.
  6. Кратка биография на Лазар Димитров

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Спомени на Лазар Димитров