Јане Сандански

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Јане Сандански
18 мај 1872 - 10 април 1915
Яне Сандански (1872-1915).jpg
македонски револуционер и национален херој
Прекар: Сандан паша  • Пиринскиот цар  • Старикот
Роден во: Влахи, Пиринска Македонија, Отоманска Империја
Починал во: Попови ливади, Пиринска Македонија, Бугарија
Служба во: Македонско национално движење
Период на служба: 1895 - 1915
Чин: војвода на Македонската револуционерна организација
Единици: Четнички институт
Командува/л со: Македонска револуционерна организација
Битки/војни: Борба за Македонија  • Илинденско востание  • Прва балканска војна  • Втора балканска војна
Други занимања: чирак  • молбописец  • адвокат
Некролог од Џумајско.
Гробот на Jане Сандански каj Роженскиот манастир

Јане Сандански, познат како Сандан паша или Пиринскиот цар [1], (18 мај 1872 - 10 април 1915) бил истакнат македонски револуционер, војвода и раководител на Македонската револуционерна организација. Завршил II клас прогимназија во Дупница, Бугарија, и се самообразовал. Како младинец бил активен меѓу македонската емиграција во Дупница. Во 1895 и 1897 год. бил учесник во Мелничкото востание организирано од Македонскиот комитет.

Во 1899 год. се запознал со Гоце Делчев и со Ѓорче Петров и преминал во ТМОРО. Во 1901 год. од Делчев бил испратен за војвода во пограничните региони на Серскиот округ за заштита на организационата територија од навлегување на врховистите.

Бил главен организатор на пленувањето на мис Елен Стон. Се противел на решенијата на Солунскиот конгрес (1903) за востание. По започнувањето на востанието дејствувал во IV востанички округ - Пирин. Учествувал на Рилскиот конгрес (1905) и на окружните конгреси во Серскиот округ. По негово застапување била донесена осуда и извршена ликвидацијата над Иван Гарванов и на Борис Сарафов во 1907 година.

Соработувал со младотурците (1908) и учествувал во Младотурскиот поход на Цариград при детронирањето на султанот Абдул Хамид во 1909 година. Бил истакнат претставник на Народната федеративна партија, со чие раководство подоцна дошол во судир.

Учествувал во Првата балканска војна, го ослободил Мелник и како претходница на Бугарската армија дејствувал при заземањето на Рупелската Теснина. Со својата придружба влегол во Солун (1912), каде што дошол во судир со бугарските офицери поради своите ставови за автономна и независна Македонија.

Бил убиен од заседа од своите идејни противници (Тодор Александров и неговите приврзаници) на Пирин. Бил голем противник на врховизмот и на бугарската завојувачка политика кон Македонија. Неговото дело го продолжиле неговите следбеници - санданистите. Јане Сандански проповедал дека сите жители на Македонија, без исклучок, не се ниту Бугари, ниту Грци, ниту Куцовласи, туку чисти Македонци [2][3][4].

Содржина

Потекло и школување [уреди]

Роден е на 18 мај 1872 год. во с. Влахи, Мелничко (Сандански, Пиринска Македонија), Бугарија. Потекнува од семејство на земјоделци.

Татко му, Иван Сандански, е знаменосец на Кресненското востание, по кое семејството емигрирало во Кнежеството Бугариjа, во градот Дупница, каде завршува основно образование и втори клас гимназија.

Две години потоа како чирак го изучува чевларскиот занает; две години работел како молбописец, помошник адвокат во адвокатската канцеларија на својот вујко, а потоа самостојно.

Во македонското револуционерно движење [уреди]

Први револуционерни копнежи [уреди]

Уште во гимназијата почнува да чита револуционерна литература, којашто во него побудува една романтично чуство за долг кон татковината. Од 1892 до 1894 година Сандански служи во Тринаесети пешадиски рилски полк на бугарската војска. [5]

Во текот на Мелничкото востание бил во третиот одред, познат како Серска дружина и се состоел од 200 души. Негов командир бил резервниот капетан Ст. Димитров, а војвода бил Стоју Костов Скрижовски познат како Дедо Стоју. Во одредот се нашле и Георги Иванов Геројски (подоцна познат како Марко Лерински), Кирил Прличев и Димитар Мирасчиев. Одредот немал конкретна задача, според Јане Санадански во одредот имало 13 официри кои несакале да навлезат длабоко во османската територија и затоа се движеле по границата. [6]

Во текот на Грчко-турската војна во 1897 година официрите Јордан Венедиков и Морфов го организирале вториот врховистички продор. Имено тие во Бугарија успеале да убедаат одреден број на македонци да навлезаат во Македонија. Била формирана чета под команда на Крсто Захариев, а во четата се нашол и Јане Сандански.

Во април 1897 година четата се нашла во Македонија, таа најпрво поминале низ Кресна, а кај селото Пирин имале судир со аскерот по што се упатиле кон Неврокоп и Банска река, каде што имале уште една борба. Последниот судир со турскиот аскер, четата го имала кај с. Љапово притоа загинал четникот Никола, а Јане Сандански бил ранет. По овој судир четата се повлекла кон Бугарија, а Сандански по акцијата се заколнал дека додека не дознае како стојат работите со делото нема да стане никому орудие. [7] Сета акција немала реална шанса за успех, имено бугарската влада повеќе не го подржувала комитетот, а од друга страна пак таа била неутралана во Грчко-турската војна со цел за да добие отстапки од

Во 1897 година, во Дупница, заедно со 7 други млади Македонци го основа друштвото "Младост", коешто има за цел самообразование и дружење. Две години е претседател на друштвото. Во 1899 година, првин од Никола Малешевски а потоа и од Гоце Делчев, Сандански бил запознаен со целите на ВМОРО.

Во февруари 1899 година Сандански станува како директор на дупничкиот затвор. Го реорганизира македонското друштво во Дупница, кадешто се запознава со Димо Xаџи Димов којшто во тоа време учителствува во Дупница. Подоцна тука се запознава и со истакнатите револуционери како Крсто Асенов, Тодор Паница со кои ќе го формира интелектуалното јадро на Серскиот револуционерен округ.

Сандански успева да издејствува, додека Борис Сарафов е претседател на Врховниот Комитет, да му бидат дадени пушки и муниција. Но кога Борис Сарафов е уапсен и на негово место доаѓа генерал Цончев (којшто е човек на бугарскиот кнез), од 1900 година доаѓа во судир со политиката на врховизмот во Македонија.

Во јули 1900 година заедно со Никола Малешевски Сандански бил делегат на дупнишкото друштво на Седмиот македонско-одрински конгрес во Софија.[8] На конгресот Сандански бил против промената на членот 4 од Статутот на организацијата, која одразувала визијата на Софискиот комитет, Македонското прашање да се реши со дипломатски притисок, а не со револуција. По конгресот при избувналиот конфликт помеѓу сарафистите и цончевистите во Врховниот комитет, Сандански заземал поинаква позиција, блиска до онаа на Внатрешната организација.[9] Двајцата со Малешевски биле делегати и на Осмиот македонско-одрински конгрес во април 1901 година и ја поддржувале предложената од Никола Габровски резолуција за соработка со Внатрешната организација.[10] На ова време настанал прекин во односите на Врховниот комитет со ТМОРО, како главниот проблем бил дали имало ситуација за вооружено востание. Сандански бил цврсто на страната на ВМОРО, како сметал дека уште не е дојдено време за тоа. По враќањето од конгресот Сандански конечно решил да се вклучи во револуционерните борби на страната на ТМОРО.[11]

Во редовите на Македонската револуционерна организација [уреди]

Сандански како бугарски воjник.
Јане Сандански

Со помошта на Гоце Делчев, Сандански формира своја чета со која во 1901 година навлегува во Македонија (Пирински дел) со агитациона цел. Тогаш се нашол првпат во улога да агитира во името на Македонската револуционерна организација.

Тој го минува Џумајскиот, Разлошкиот и други краеви, вршејќи подготвителна работа во служба на Внатрешната Организација. Тој го затекнува тамошното население неупатено кон делото, и неорганизирано - Сандански е првиот организатор во Пиринскиот дел. Во текот на три месеца обиколување, меѓу населението агитира да се купуваат пушки, но знаејќи дека населението е во страшна сиромаштија, а и дека од ВМОК ништо не може да очекува, Сандански се решава да направи киднапирање.

Борба против врховистите [уреди]

Јане Сандански1.jpg
Војводата Јане Сандански во четничка униформа

Серскиот округ, поради неговата географска положба требало да ја сноси на свој грб и борбата не само со аскерот туку и со великобугарскиот шовинизам, претставуван од Кобурзите и бугарската буржоазија. Во 1900 година започнала борбата со врховистите. Јане Сандански веднаш застанал на страна на внатрешната организација. Врховниот комитет му пратил манлихерки и му наредил да ги сокрие на Сандански. Тој така и направил, но најмногу се скарале додека за претседател бил поставен Цончев. Сандански дошол до заклучок дека треба да се соберат пари за да се купи оружје кое ќе се испраќа во Македонија. Борис Сарафов му ветил дека ќе му испрати вооружување. Потоа кај него дошол Саев кој му потерал пушки а Сандански го одбил. Истото го сторил и кога му испраќале телеграми од Врховниот комитет но тој повторно одбивал. Во опозиција во комитетот останал само тој, Ѓорче Петров и Малешевски. Со тоа започнала и меѓусебната борба. Кога увиделе дека групата на Сандански цврсто се спротиставува, Борис Сарафов го откажал конгресот. Спорот за пушките останал нерасчистен. Борис Сарафов бил уапсен каде подоцна ги убедувал да застанат на негова страна но Сандански во тоа го одбил.

Со тоа уште повеќе се засилувала борбата со врховистите. Групата на Сандански агитирала низ народот за да му се објасни целта на Организацијата, за што се подготвувала, објаснувала дека Организацијата е за кревање на востание но под друѓи околности и не тогаш кога сакале врховистите. Групата на Сандански ги објаснувала разликите помеѓу нив и врховистите, дека „врховистите се луѓе на бугарскиот двор, дека сакаат да ги предберат во свои раце нишките на Организацијата, за да можат да си играт како што сакаат со ослободителното дело“. Со нивното востание што го пропагирале, врховистите сакале првин да ги дезорганизираат “противниците“ а потоа како офицери потпомогнати од Русија и Бугарија да го кренат востанието. Групата на Сандански го убедувала народот дека Македонија не е бугарско прашање туку прашање на самата Македонија и на цела Европа и дека Бугарија не може сама да ја решава судбината на македонскиот народ. Во селото Полена граѓаните го критикувале за парите добиени од аферата со Мис Стон, но тој им докажал дека не е отишол никаде низ Европа и дека е на агитирање низ цела Македонија против врховистите.

Меѓу првите судири дошло кога Саракинов и Спанчовалиев започнале со грабежи и разни пљачкосувања низ селата. Групата на Сандански ја повикала на помош демирхисарската и неврокопската чета. Од четата на врховистите паднале 5 души а останатите побегнале. На 6 август на Преображение Господне Саракинов со 13 мина избегал во Бугарија. По 10 август 1902 година, повторно се судриле кај Мандрата каде имало една жртва од неговата група( тоа било некое момче од четата на дедо Иљо). Потоа Јане Сандански добивал писма од Петричко и Кресенско во кои го молеле да дојде за да им помогне во откинувањето на врховистите. Така тој заедно со уште 38 војводи тргнале кон Кресничко. Кога се искачиле на Пирин еден Влав им кажал дека врховистите веќе кренале Горноџумајското востание и дека аскерот веќе бил во движење.

За сите борби против врховизмот раскажува и писмото упатено од дипломатот Боп до Морис Рувие, претседател на Министерскиот совет во кое се вели: „ ... Четите на Андон и Стојанов беа упатени од страна на Комитетот за да ја уништат онаа на Сандански. ...Онаа особено на Сандански чија парола е Македонија на Македонците, дејствува во пиринската области се повеќе се зајакнува“.

Афера Мис Стон [уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Афера Мис Стон.
Сава Михајлов, Јане Сандански и Крсто Асенов
Мис Елен Стон

Со цел да се здобие со пари со коишто ќе го вооружи населението за револуционерна борба, заедно со Сава Михајлов, Андон Ќосето, Андреја Докурчев, Спиро Петров и Бугарите Крсто Асенов и Христо Чернопеев (кои му стануваат „десна рака“), Сандански го извршува познатото киднапирање на американската протестантска мисионерка мис Елен Стон.

Грабнувањето го извршува во август 1901 година, на патот кон село Банско - киднапирани се самата мис Стон, и нејзината преведувачка Цилка (од македонска народност). Сандански пишува писмо до Американската амбасада, и до турските власти со барање на 25.000 златни лири откуп. Турските власти, одбиваат да платат, знаејќи дека тоа ќе им го наруши угледот како империја и во Пиринска Македонија испраќаат многуилјадна војска со цел да се ослободат заложниците, и да се ликвидира четата на Сандански.

Веста за заробувањето брзо се распространува низ Европа и Америка и неколку месеци по ред печатот од целиот свет се занимава со сензационалниот настан. Околу „разбојниците“ и животот на двете заробени дами од планините се создадаваат легенди. Двете заробенички се радуваат на максималниот комфор, коишто можат да им дадат во селските куќи по Разлошко, Џумајско и Малешевско и се предмет на најголемо внимание и грижи од страна на четата и месните комитети.

Катерина Цилка

Кога дознаваат дека Цилка е трудна, и е на пат да се породи, четниците на Сандански преземаат мерки за да биде приготвено најнеопходното за очекуваното новороденче. На 21 декември во текот на ноќта, во една винарска визба крај с. Србиново, госпоѓа Цилка потпомогната од две жени коишто војводата ги повикува од селото, среќно се породува и добива девојче.

И покрај многуилјадната војска испратена во Пиринско, која како по обичај го измачува населението, Турците не успеваат да го фатат Сандански, кој води 3 успешни битки со турски потери. Неговата чета исто така е напаѓана и од Врховистичката чета на војводата Дончо Златков (којшто откако чул дека американците вршат притисок за плаќање, се обидуваат да ги земат заложничките од Сандански). Сето тоа доведува откупот да се намали на 14.000 лири.

Кога сфаќаат дека Сандански не може да биде фатен, откупот се плаќа. Договорено е откупот да им биде однесен на луѓето на Сандански од страна на шефот на протестантската мисија во Македонија, др. Хаус. Откупот од 14.500 турски лири е добиен на 20 јануари 1902 г. во Банско, а жените се ослободени на 10 февруари 1902 г. крај с. Градошорци, Струмичко. Добиените пари се даваат за оружје и муниција, неопходни за револуционерна борба, а голем дел од нив оди и за борбата против Врховистите.

Илинденско востание [уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Илинденско востание.

Во 1902 година е ангажиран на ширењето и зацврстувањето на Организацијата и на лечење на раните од врховистичката оружена провокација во Горноџумајско. Жестоко се противи за намерите востанието предвремено да се предизвика. Води битка против решението на Солунскиот конгрес (1903 година) за подигање на востание.

Сепак во почетокот на септември е одржан конгрес во Серскиот револуционерен округ на кое е решено востанието во округот да започне на Крстовден 14 септември 1903 година и да има партизански карактер.

IV востанички округ - Пирин [уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „IV востанички округ - Пирин.
Четата на Јане Сандански за време на востанието

Подготовките за востанието во Серско ги започнал Гоце Делчев, а по неговата смрт тие продолжиле под раководство на Јане Сандански. Сандански се нашол во Бугарија за да се снабди со воени матерјали и за да собере чета. Во Бугарија Јане Сандански се задржал еден месец. Откако собрал 50 души кој биле вооружени со манлихерки и берданки, се вратил во Серски револуционерен округ, а со него биле Пејо Јаворов, Никола Наумов, Димитар Стефанов и други.

Востанието во Серскиот револуционерен округ требало да почне подоцна. На 11 август (стар стил) Задграничното претставништво го известило Сандански како началник на воените сили во Пиринско дека востанието во Битолскиот округ започнало, а востанието го зафатило и II-от востанички округ-Кожув.

Во август со дозвола на Задграничното претставништво почнале да навлегуваат врховистичките чети. Првата поголема таква чета броела 160 души и била под раководство на Јурдан Стојанов и Љубомир Стоенчев. По нив пристигнале Иван Цончев и Атанас Јанков со околу 350-400 души. Во Серскиот округ се нашле околу 500-600 души под команда на врховистички војводи.

Во Мелничко борбите започнале порано од предвидениот ден за востание. На 12 септември кај св. Троица во близината на село Пирин била откриена здружената чета на Сандански, Димитар Зографов, Петар Дрвингов, Дончо Златков, Михаил Чаков, Јурдан Стојанов и други.

На Крстовден 27 септември здружените сили на Јане Сандански и Цончев се нашле пред Свети Врач со намера да го нападнат турскиот гарнизон. Меѓутоа тие биле следени од аскер и башибозук од 2.000 души и затоа се утврдиле за да започнат битка. Но одредот на Сандански и Цончев бил опколен од сите страни и затоа во текот на ноќта се повлекле. Планот за напад на гарнизонот во Свети Врач пропаднал, Сандански се повлекол кон Кресна, а Цончев кон Разлошко.

На Крстовден во Демирхисарско дошло до борба кај Ак бунар, каде загинале 15 востаници. Турците имале 5 загинати и 3 ранети. Овој судир бил последниот во Демирхисарско. По оваа борба Љубомир Стоенечев заминал за Неврокоп, а потоа кон Бугарија, поради предвремено започнување на борбите, предвидениот план не бил реализиран.

Спроти Крстовден, Атанас Тешовалијата и Стојан Филипов ги исекле телеграфските линии помеѓу Куманич и Долно Броди. Истата ноќ било нападнато селото Обидим со 5 чети во јачина од околу 200 души, со војводите Чаков, Малчаков, Иван Апостолов - Копран чауш, Антон Вимола, Лимо Карлович и други.

Во Разлошко биле преземени најобемните подготовки за востанието. По Серскиот окружен конгрес, тука бил одржан Околиски конгрес на кој имало делегати од Банско, Мехомија и од селата Бачево, Годлево, Добриниште, Белица, Јакоруда, Бања, Елешница, Горно и Долно Драглиште и други.

Иван Цончев со врховистичка чета

Разлошко располагало со значајни чети и војводи. Тука биле: Борис Голев, Родон Тодев, Тасе Фурнаџиев, Костадин Колчагов, Саве Мехомиски, Милош Колчагов, Димитар Лазаров - Минѓов, Симеон Молеров, Георги Галев, Јонко Вапцаров и Костадин Молеров.

Подготовките во Драмско биле под раководство на Мирчо Кипров. На првиот ден од востанието било предвидено да се ликвидираат одделни шпиони и да се изведат атентати на железничката линија. На 3 октомври биле откриени четите на Николиев и Диката кај Горно Фраштани. Дошло до битка која траела 8 часа, по која четите се повлекле без загуби. Во Горноџумајско имало две борби на 11 октомври. Последниот судир во оваа област бил на 21 октомври. Во оваа борба учествувале Стефан Николов, поручникот Саракинов и поручникот Балтов, имало еден загинат.

Постилинденски период [уреди]

По востанието како претседател на Серскиот револуционерен округ ја предводи левицата на македонското револуционерно движење. Неговата основна цел е да ја сочува целоста на Македонија. Жестоко ги прегонува врховистичките чети од Серскиот револуционерен округ. Особено е знаменит судирот со здружената чета на капетан Јордан Стојанов во април 1905 година кај село Кашина, Мелничко.

По неуспехот на Илинденското востание во Oрганизацијата дошло до спротивставени обинувања во самото раководство на истата што се пренесувало и на теренот во окружните и пониски организациони структури.

По 1904 година огранизацијата отворено се дели на две крила. Во десницата влегуваат Христо Матов, Иван Гарванов, Борис Сарафов и други. Низ редовите на левицата се Јане Сандански, Христо Чернопеев и Димо Хаџи Димов. Следната година (1905) е одржан заеднички конгрес на организацијата, кој се одржал во Рилскиот манастир. Според новите уставо-статутарни акти организацијата се децентрализира.

Бил избран и нов Централен комитет кој влегле Дамјан Груев, Пере Тошев и Тодор Поп Антов. Очекувањата дека конгресот ќе стави крај на поделбата не се оствариле. Груев, до неговата смрт во 1906 година, успеал да одржува привидно единство, а потоа доаѓа до конечно раскинување во Организацијата.

На 10 октомври 1907 година Јане Сандански го наредува убиството на драмскиот војвода Михаил Даев, близок на десното крило. На 28 ноември Тодор Паница, по наредба на Јане Сандански, ги убива Борис Сарафов и Иван Гарванов, а Христо Матов го избегнува атентат.

Во тој период Сандански доаѓа до заклучок дека „македонскиот народ е самостоен народ кој има право на самостоен живот“ и затоа „треба да се борат за издвојување на својата слобода без да се надеваат на туѓа помош, зошто оние кои ќе дојдат да ги ослободат, всушност ќе дојдат да не заробат“.

Младотурска револуција [уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Младотурска револуција.
Јане Сандански
Санданисти и младотурски офицери
Манифест од 18 јули 1908 година

По Рилскиот конгрес, целата дејност на Сандански се основа на неговата определба за самостојноста на Македонското ослободително движење. По расцепот на конгресот, влегува во контакт со Младотурскиот комитет. По Младотурската револуција се залага за легален политички живот.

Во 1908 година се создава Македонско-одринска револуционерна организација (МОРО) претежно од дејци од „серската група“, кои агитираат низ цела Македонија за создавањето на новата организација. Во тоа време врз него е извршен атентат од страна на врховистот Тане Николов, при што е ранет. Поради тоа основачкиот конгрес на МОРО не се одржува.

Нешто подоцна групите на Сандански и Чернопеев ја формираат Народната федеративна партија, во која зазема активно учество во создавањето и раководењето. Нејзината програма предвидувала Отоманската империја да се реформира како Источна федерација и да се образуваат самоуправни вилаети: Македонија, Албанија, Ерменија.

Во 1909 година е извршен втор атентат врз него од страна на врховистите, при што исто така е лесно повреден. Извршители на овој атентат се Владо Сланков, Филип Атанасов и Михаил Чеков, а како организатори се споменуваат Димитар Ризов, бугарски дипломат родум од Битола и публицистот Никола Наумов од Штип, кој постојано престојувал во Солун како дописник на Бугарската телеграфска агенција, а со логистика на бугарските и австриските тајни служби.

Со своите единици учествува во задушувањето на реакциониот бунт во Цариград против младотурската власт. Познат е неговиот манифест од 18 јули 1908 година ги поканува малдотурците за соработка врз база на една платформа во која беа најважни барањата за решавање на аграрното прашање, за обласна самоуправа на Македонија во рамките на Отоманската империја како и водење борба со легални средства.

Балкански војни [уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Балкански војни.
Сандански со бугарски офицери од авангардот на Седма пешадиска рилска дивизија

Учествува во Првата балканска војна на страната на Балканскиот сојуз со јасно барање за самостојна македонска држава. Организира самостоен одред со повеќе од 500 четници и на 30 октомври го ослободува Мелник. Заедно со четите на Стоју Хаџиев, Георги Казепов, Александар Бујнов, К. Чапришков, И. Чонтев и Димитар Арнаудов ја заземаат Рупелската клисура, со што овозможуваат поразот на турскиот Струмски корпус.

Како претходница на 7-ма Рилска дивизија, околу 300 четници - кавалеристи на Јане Сандански заедно со кавалеријата на мајор Цонев влегуваат во Солун веднаш по предавањето на градот на Грците од страна на Таксим паша на 8 ноември 1912 година. Следниот ден во Солун влегуваат 7-мата Рилска дивизија и грчки трупи.

Таму, според пишувањето на неговиот другар Јане Богатинов, на банкет даден од генерал Тодоров, на којшто присуствувале и неговите другари Стоју Хаџиев, Д. Арнаудов, Георги Казепов, Димитар Икономов и др. Сандански одржал здравица и рекол, дека пие за здравјето на новата држава автономна Македонија. Тогаш сите офицери, кои присуствувале на банкетот едновремено ги извадиле своите сабји и започнале да заплашуваат и велат дека за такви зборови глави ќе паѓат и јазици ќе сечат и дека не за тоа е пролиено толку бугарска крв. Скоро по тоа го напушта Солун.

За време на Втората балканска војна, кога Грците го запалиле Кукуш и вршеле геноцид над македонскиот народ, Јане Сандански наново ја собрал четата и ја зазел Рупелската клисура. Со тоа ги прекинал врските на грцката војска, што овозможило таа да биде поразена од бугарската војска кај селото Бело поле, Џумајско.

Убиство [уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Убиство на Јане Сандански.
Некролог на Сандански. Некрологот во превод од бугарски jазик гласи: Легендарниот војвода Јане Сандански - „Старикот“ „Пиринскиот цар“. Роден 1874 во село Влахи, Мелничка околија, по 20 годишна неуморна борба за ослободителното дело на македонскиот роб падна мртов на 10 април 1915 на Пирин, месноста „Баба“, за жал, од злосторната рака на Бугари.
Телото на Сандански
Пренесување на телото на Јане Сандански
Погребот на Јане Сандански

Во есента 1914 година, во полниот разгор на австриско-српскиот судир, и кога Пиринска Македонија била во составот на Бугарија, мнозина македонски револуционери и Јане Сандански, токму во подготовките и почетокот на врховистичките четнички акции во Македонија под Србија и Грција, биле во своите родни краеви во Македонија под Бугарија, или во Софија.

Во тоа време Јане Сандански главно живеел во Мелник, како легален граѓанин. Во периодот од есента 1914 и зимата и пролетта 1914/1915 година имало чести средби помеѓу Сандански и македонските револуционери. Тие дискутирале околу неколку најболни прашања, и тоа: прво, за политиката на Фердинанд и неговиот круг кои готвеле нова авантура за Македонија, со цел да ја завладеат во целост, второ, за страдањата на Македонците под српскиот и грчкиот терор и нивното масовно мигрирање во Бугарија и трето, за очајната положба во која се нашле македонските емигранти во Бугарија, речиси без никаква егзистенција. Тргнувајќи од таквата неснослива положба во која се нашол македонскиот народ, овие револуционери барале начини како да ја сопрат новата реваншистичка војна и интервенционистичката четничка акција.

Јане Сандански и неговите соборци решиле да се организираат преку собирање на свои приврзаници и евентуални прогресивни сојузници за борба против политиката на Фердинанд и на неговите помагачи во лицето на владата на Радославов. Сандански и неговите другари се поврзале со некои одрински револуционери, кои во однос на реваншистичката големобугарска политика имале исти погледи, барајќи патишта и начини „по кои да се избегнат нови катастрофи и разурнувања“. Сметајќи го Фердинанад за носител на политиката на погроми и катастрофи, одлучиле „Фердинанд да биде ликвидиран и новиот режим во Бугарија да биде прокламиран во името на народновластието и против империјалистичката војна и реваншот“.

Ликвидацијата на Фердинанд требало да ја извршат македонските и тракиските револуционери, додека воведувањето на народовластието требало да го спроведат политичките партии на Бугарија, кои зад себе имале поголема маса приврзаници.

Заради преговори со лидерите на политичките партии во Бугарија била избрана тричлена делегација во состав: Јане Сандански - претставник на македонските револуционери, Михаил Герџиков - претставник на одринските и Крсто Станчев - претставник на бугарските журналисти и општественици - левичари. Разговорите со лидерите на политичките партии во Бугарија дале поразителни резултати. Дел од нив биле вчудоневидени, дел уплашени, а дел малодушни и не го одобрувале тој, според нив, анархистички чин. Најголемо изненадување, според пишувањето на Михаил Герџиков, им приредил бугарскиот Егзарх Јосип I кој пред изненадената делегација

"ги заредил лошотиите кои Фердинанд и ги нанел на Бугарија..." и дека истиот се додека е жив "нема да дозволи на бугарските воени и граѓански водачи да се еманципираат од неговото (Фердинандовото б.н.) туторство, од неговото влијание, од моралниот гнет во кој ги држел".

И затоа, на крајот, Егзархот рекол: "Благословена да е раката која ќе го кутне Фердинанда. Кој ќе го стори тоа ќе биде најголем благодетел на Бугарија".

И покрај ваквиот став на Егзархот, на Сандански му станало јасно дека акцијата на неговите и тракиските истомисленици останала тесен заговор без поширока политичка поддршка. Но, владејачките фактори веќе разбрале за планираната акција и започнале со прогон и затворање на луѓето кои го планирале убиството на Фердинанд, односно кои се приклучиле кон обидот да се изгради блок од претставници на разни граѓански политички партии што го подржувале ликвидирањето на Фердинанад. По тој повод биле обвинети и затворени и Александар Стамболиски, лидерот на Бугарскиот земјоделски национален сојуз и други видни бугарски општественици.

Ова во време се совпаѓа со Валандовската афера, на кои настани Сандански бил огорчен противник. Затоа не ни е чудно што токму во тоа време т.е. неколку дена по Валандовската терористичка провокација, по наредба на Фердинанда и неговите помагачи околу Тодор Александров, Јане бил убиен во Пирин на 22 април (10 април по старо) 1915 година од реонската чета на ВМОРО од градот Неврокоп, водена од воjводата Стојан Филипов, и поточно од комитата Андон Качарков.[12]

Бугарско гледиште за Јане Сандански [уреди]

Во Бугарија се смета дека Сандански е еден од контроверзните бугарски револуционери, коj првично бил деец на Врховниот комитет (1895 - 1901).[13][14][15] Подоцна, како деец на ВМОРО ја започнал братоубиствената војна и се залагал за создавање автономна власт во Македонија и Одринско.[16] Тој бил еден од основачите на Бугарското крило [17] на Народната федеративна партија во Турско. Во Бугарија се изнесува дека пред 1908 г. Бранислав Нушиќ во весникот „Политика“ го интервјуирал и опишал Сандански како Бугарин,[18] исто како и весникот „Вашингтон пост“.[19] Има броjни податоци, дека самиот тој се декларирал како Бугарин.[20] Во Бугарија во чест на Сандански е преименуван е градот Свети врач. Постојат и споменици на Сандански, како на пример во Благоевград и Софија. Објаснувајки го својот идеал за слободна Македонија по повод окупацијата на Вардарска и Егејска Македонија од Србија и Грција, Јане Сандански рекол во 1913 година пред италијанскиот весник “Секуло“ во Тирана:

Македонските револуционери, кои по долга и жестока борба со турската тиранија доживеаја да го видат својот копнеж-извојување слобода на Татковината, не можат да допуштат таа да попадне под србско и грчко владение. Тие нема да се повлечат и пред најстрашните терористички средства,за да го реализираат најдлабок копнеж - слободна бугарска Македонија.

Мисли на Јане Сандански [уреди]

  • Да живееш значи да се бориш: робот за слобода, а слободниот - за совршенство"
  • Не бугарска Македонија сакаме ние, туку Македонија на Македонците, Македонија ослободена од тиранијата." - Писмо до Грците, жители на Мелник, 1904 година.
  • Јас не го чекам брзото ослободување на Македонија. Тоа може да не дојде дури и во моите денови, но јас сакам да го запазам народот и да го организирам, и ако тоа се случи тој ќе ја добие својата слобода."
  • “Ние треба да работиме за будење на сознанието кај македонските маси дека се тие самостоен народ, дека имаат право на слободен живот и дека треба да се борат за извојување на својата слобода, без да се потпираат на туѓа помош, зашто оние што би дошле да не ослободат, ќе дојдат всушност, да не поробат".
  • ,Вие (врховистите) ја сакате слободата на Македонија и Одринско како етапа на идните Ваши завојувања и анексии, додека кај нас слободата е легната во основата како цел. Ете каде лежи големата разлика меѓу нас - Внатрешните и Вас - Врховистите"!
  • “Да, Македонија не треба да бара помош надвор од себе, туку во самата себе. Нејзината слобода не ќе биде подарок, туку крвав откуп, платен со илјадници жртви, какви што ние дадовме и продолжуваме да даваме".
  • “Првпат агитирав во смисла да се постави Организацијата самостојно, да се почувствува населението слободно, на тој начин што ќе се отстранува од турските власти и што ќе се концентрира власта во рацете на Организацијата, така што населението на дело да види малку слобода, да ја осети таа слобода и да ја засака".
  • ,Ние не сакаме да ја замениме турската тиранија, турските султани со други тирани, па ни со бугарска тиранија и бугарскиот кнез. Ние се бориме Македонија да стане автономна, независна, слободна држава, Македонија на Македонците!".
  • Јас не очекувам брзо ослободување на Македонија. Тоа може дури и да не дојде додека сум жив, но јас сакам да го зачувам народот и да го организирам и ако тоа стане, тој сам ќе си ја извојува својата слобода".
  • “Ние не ја мразиме Бугарија и нејзиниот народ, туку се спротиставуваме на нејзината политика, која е спротивна на нашите идеали и интереси".
  • "Да пиеме за слободна и автономна Македонија за која се бореа и дадоа скапи жртви сојузените балкански народи" - на банкетот во Солун, по повлекувањето на Турците 1912 година.
  • "Ние водиме борба против вас, врховистите, затоа што сакате да ја потчините Организацијата и да ја направите орудие на бугарскиот дворец. Со вашата оружена интервенција во Џумајско, вие на ослободителната борба и придадовте карактер на вештачко движење кое се инспирира од вас од официјална Бугарија, а не од внатрешността и од самиот поробен народ. Со тоа вие и го убивате престижот и оставате впечаток дека ние сме орудие на бугарската држава, и со сето тоа мy пречите на ослободителното дело. Ние решително им се спротивставивме на вашите офицери зашто го знаеме нивното воспитување, нивните интимни замисли. Тие се луѓе што дале клетва за верност на бугарскиот кнез и на бугарската држава, и тие не можат да бидат ништо друго освен нивни слепи и послушни орудија. А пак ние не сакаме да ја замениме турската тиранија, турските султани со други такви, па ни со бугарската тиранија и бугарскиот кнез. Ние сакаме Македонија да биде автономна, независна, слободна, Македонија на Македонците. Вие ја барате слободата на Македонија како средство, како етапа на идни освојувања и присоединувања, додека кај нас слободата, автономијата на Македонија се положени во основата, како цел. Ете каде лежи големата разлика меѓу нас, внатрешните и вас-врховистите. Ако ги пуштевме вашите другари-офицери во ТМОРО, тие ќе ја водеа оружената борба, тие ќе ги имаа во своите раце четите, бојните јатки, Организацијата, и по таков начин, при слободна Македонија тие ќе му се наложеа на македонското население, тие ќе му диктираа да го бара приклучувањето на Македонија кон Бугарија, како што стана со Источна Румелија во 1885 година. Ние ја месевме погачата, вие ќе ја јадевте."
  • "Ние сакаме Македонија да биде автономна, независна, слободна, Македонија на Македонците. Вие ја барате слободата на Македонија како средство, како етапа на идни освојувања и присоединувања, додека кај нас слободата, автономијата на Македонија се положени во основата, како цел. Ете каде лежи големата разлика меѓу нас, внатрешните и вас-врховистите. Ако ги пуштевме вашите другари-офицери во ТМОРО, тие ќе ја водеа оружената борба, тие ќе ги имаа во своите раце четите, бојните јатки, Организацијата, и по таков начин, при слободна Македонија тие ќе му се наложеа на македонското население."
  • "Ние имаме своја аграрна програма тесно поврзана со нашата општа политичка програма: првата се изразува низ барањето за доделување на земја на селаните, а втората, политичката, се содржи во барањео од Македонија да се создаде автономна област во рамките на отоманското царство. А најмногу од се друго се плашиме од тоа нашите "мили пријатели" Бугарите, Србите и Грците, да не дојдат да не "ослободуваат", зошто тие, всушност, ќе дојдат да не поробат."
  • “Од несреќата од Версајскиот договор нашиот народ ќе ја има, наспроти сите неволји, барем таа добра страна, што ќе се ослободи еднаш засекогаш од опекунството на една политика, која е секогаш готова да го жртвува секое парче од неговата земја и ќе раскине дефинитвно со одродени македонски синови, кои наоѓајќи се далеку од неговата несреќа, одамна заборавиле дека дошле од македонската земја, упорно ја потпомагаат таа политика на тргување со нашата татковина, меѓу другото, и во знак на благодарност за добриот живот и поминот на кој предавнички се радуваат поради нејзиното богато покровителство. Да извлечеме реална поука од сето тоа и да се подготвуваме уште од сега за блиското остварување на чистиот македонски народен идеал".

Рекоа за него [уреди]

  • Јане ја разви тезата, дека е погубно за македонското население и за самата Бугарија, македонското прашање да се третира во смисла на национално обединување на Бугарите и дека луѓето на другото течение се предале на бугарската влада. Тој објаснуваше во општи линии, дека треба да се работи за будење на сознанието на масите, дека тие се самостоен народ, дека имаат право на слободен живот и дека треба да се борат за извојување на својата слобода без да се потпираат на туѓа помош, затоа што тие кои би дошле да ги ослободат, всушност ќе дојдат да ги заробат. “ - Стефан Кемилев
  • ...бугарските шовинисти решија да го ликвидираат бидејки неговите проповеди не им одеа во прилог, зошто тој се противеше на присоединувањето на Македонија кон Бугарија.Тој го спречуваше славофонското население на Македонија да се смета себеси за бугарско и култивираше македонска национална свест“ - Елефтериос Ставридис
  • Тој е најпознатиот револуционерен лидер во Македонија, а неговото најпознато дело е киднапирањето на Мис Стон и барањето откуп за неа. Неговиот полковник Паница го уби Сарафов. На организацијата на Сандански со право и се припишува тоа убиство. Сандански го контролираше македонскиот регион на Серес, а неговата власт беше толку силна што ниту една друга ривалска организација не можеше да влезе таму.“ - Вашингтон хералд, 25 октомври 1908 година

Галерија [уреди]

Извори [уреди]

  1. Јане Сандански, Павел Делирадев, Македонски научен институт, Софија, 1946
  2. Во првата половина на 1924 година во Солун и Атина, Паница имал неколку средби со Елефтериос Ставридис, член на Комунистичката партија на Грција. На овие средби меѓу другото било истакнато: „Сандански, по потекло од Пиринска Македонија, им припаѓаше на таканаречените словеногласни Македонци. Тој тврдеше дека како што се ослободија од турскиот јарем грчката нација, српската и бугарската, дојде часот да се ослободи и македонската нација. За да Македонија стане цела и сосем независна држава, Сандански проповедаше дека сите жители, без исклучок, не се ниту Бугари, ниту Грци ниту Куцовласи, макар и да зборуваат на македонски славјански дијалект како и самиот тој, или на грчки или на куцовлашки идиом, сите жители на Македонија се чисти Македонци, потомци на античките македонци на Филип II и на Александар... Бугарските шовинисти решија да го ликвидираат бидејќи неговите проповеди не им одеа во прилог, зошто тој се противеше на присоединувањето на Македонија кон Бугарија. Тој го спречуваше славофонското население на Македонија да се смета себеси за бугарско и култивираше македонска национална свест. Сандански заедно со Делчев, протагонисти и двајцата за време на Илинденското востание, стана опасен за Бугарија и бугарските шовинисти решија да го ликвидираат, бидејќи неговата агитација не одеше во прилог на присоединувањето на Македонија кон Бугарија, зашто тој култивираше кај Словеномакедонците македонска национална свест. И неговото убиство, всушност, беше извршено од самите Бугари.“
  3. Елефтериос Ставридис
  4. Елефтериос Ставридис, Завесата на КПГ, 1953
  5. Спомени на Яне Сандански - 14 Януарий 1904 г.
  6. Спомени на Јане Сандански...,12.
  7. Спомени на Яне Сандански..., 12
  8. Билярски, Цочо. Кнежество Бугарија и македонскиот прашање, став 1. Врховен македонско-одрински комитет 1895 - 1905 (Протоколи од конгресите), Бугарска историска библиотека, 5, Иврай, Софија, 2002, стр 169.
  9. Макдермот, Мерсиja. За слобода и совршенство. Биографија на Јане Сандански, Наука и уметност, Софија, 1987, стр 54-56.
  10. Макдермот, Мерсиja. За слобода и совршенство. Биографија на Јане Сандански, Наука и уметност, Софија, 1987, стр 59-60.
  11. Макдермот, Мерсия. За слобода и совршенство. Биографија на Јане Сандански, Наука и уметност, Софија, 1987, стр 63.
  12. Mercia MacDermott, "For freedom and perfection. The Life of Yané Sandansky", Journeyman, London, 1988, глава 24, страница 479.
  13. Макдермот, Мерсия. За свобода и съвършенство. Биография на Яне Сандански, Наука и изкуство, София, 1987, стр. 59-60.
  14. Димо Хаджидимов. Живот и дело. Боян Кастелов, изд. на Отечествения Фронт, София, 1985 г., стр. 48-50.
  15. Билjaрски, Цочо. Кнежевство Бугарија и македонското прашање, став 1. Врховен македонско-одрински комитет 1895 - 1905 (протоколи од Конгресот), Бугарска историска библиотека, 5, Иврай, Софија, 2002, стр 169.
  16. Јане Сандански и левицата во ВМОРО (буг.).
  17. Правилник на Народната федеративна партија (Бугарска секција)(буг.).
  18. Политика: Револуцијата во Турција, Б.Нушиќ (срп.)
  19. Вашингтон пост: Бугарскиот комита Сандански се придружува на младотурците во нивната борба за слобода (англ.)
  20. "Сите сме Бугари Тасо, а се тепаме непотребно. Тежи ми таа бескорисна крвнина." Овие зборови се цитирани во спомените на неговиот соработник Атанас Јанев и се објавени во списанието "Ехо", бр. 5 од 26.05.1972 година. "За да се бориме за слободата со успех, ние тука секогаш го разбираме ова, дека треба да работиме и како националисти, и како Бугари да организираме и подигаме бугарскиот елемент - најдобре погодниот за организација и работа." Из интервју со Јане Сандански за весникот "Камбана", бр. № 325, 16 септември 1908 година. "Ако не се задоволат интересите на Бугарите во Македонија, јас ќе ја бранам Eкзархията со оружје во рака." Зборови на Јане Сандански, изречени пред дописникот на весникот "Дневник", за време на формирањето на "Народно-федеративна партија (Бугарска секција)", во Солун и објавени на страниците на весникот на 11 август 1909 година.

Надворешни врски [уреди]

Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Статијата Јане Сандански е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).