Миле Поп Јорданов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Миле Поп Јорданов
1879 – 22 декември 1902 (23 г.)

Ретка запазена слика од Миле Поп Орданов
Роден во:Велес,  Османлиско Царство
Починал во:Велес,  Османлиско Царство
Служба во:Македонско национално движење
Чин:Војвода
Роднини:Јордан Поп Јорданов - Орцето (брат)
Други занимања:Учител во Велешко и Радовишко


Миле Поп Јорданов или Миле Попјорданов (Којник, Велес, 1879Јурија, Велес, 22 декември 1902) — македонски револуционер и просветен деец, учесник во македонското револуционерно движење, член, секретар и војвода на ТМОРО, брат на познатиот велешки гемиџија Јордан Поп Јорданов - Орцето. Во негова чест е испеана познатата народна песна Болен ми лежи Миле Поп Јорданов, која денес е и официјална химна на градот Велес.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Фамилија и Револуционерна дејност[уреди | уреди извор]

Милан Поп Јорданов (велешки: Поп Орданов) е роден како во 1879 година како најстар син во семејството на Ѓошо и Султана Поп Јорданови во велешкото маало Којник. Покрај брат му Орце, Поп Јорданови имале и четири ќерки: Елена, Марија, Павлина и Олга. Павлина Поп Јорданова била омажена со братот на истакнатиот македонски револуционер и член на Гемиџиите, Павел Шатев.[2] Ѓошо бил голем трговец и чорбаџија, имал голем имот, работел трговија со кожа и риба, дел до чаршијата во Велес бил негов. И покрај тоа што е син на чорбаџија, Миле Поп Јорданов не може да гледа како обичниот народ страда под ропството на Турците. Миле и Ордан биле под големо влијание на Француската револуција. Кај нив дома тогаш сите зборувале француски.[3] Сестрите му имаат деца. Наследник на фамилијата е и бугарскиот актер Петар Поп Јорданов по линија на чичко му. Миле Поп Јорданов го опишувале како дечко со:

Округло бело лице, широк нос, сини очи и руса коса. Среден на раст, среднодолги раце со дебели прсти. По карактер бил приказлив, весел, остроумен и шегаџија.[4]

На крајот од 19 век, сите Балкански држави се ослободиле а само Македонија останала под турско ропство, тие браќата ученици на Солунската гимназија Св. Кирил и Методиј не можеле да се помират со ваквата состојба. Како интелектуалци биле задоени со идејата за самостојна држава. Миле се школувал во битолската неполна машка гимназија и Духовната богословија во Цариград. Иако по желбата на својот татко е запишан на богословијата во Цариград за да биде свештеник Миле поради своите напредни идеи, својот бунтовнички менталитет и револуционерната активност е исклучен од богословијата. Се посветил на учителскиот позив во Горно и Долно Чичево, Велешко, како и во Дедино, Радовишко и други места. Како активист во револуционерната организација, се вклучил во реонската чета која дејствувала во Радовишко и активно се гледа со Гоце Делчев. Бил секретар при четата на Алексо Поројлијата, а поради арамискиот нарав војводата бил сменет и војводскиот чин Гоце Делчев му го дал на Милан Поп Јорданов.[5]

Херојска смрт[уреди | уреди извор]

Во текот на 1902 година се разболува и се враќа со тројца другари од својата чета во Велес за да закрепне. Но не успева во тоа затоа што е наклеветен од велешкиот шпион Тасе Коцкарот. Кога му пренесуваат дека е предаден со тројцата другари ноќта низ велешките темни сокаци се обидува да го напушти градот Велес. Со тројцата другари го минат дрвениот мост на реката Вардар за да се упатат кон правец на Штип, но кај општинското училиште имало поставено турски аскер при што дошло до жестока престрелка. Во таквите околности Поп Јорданов наредува тројцата другари да се повлекуваат и тој почнува сам да пука накај војската сè додека има муниција. Кога му останал последниот куршум, за да не падне жив во рацете на аскерот, во велешкото маало Јурија си го става револверот на слепоочницата и си го одзема животот. Турскиот командант наредил телото на мртвиот војвода да се истакне на улиците на Велес и тие што ќе го препознаат мртвиот да се заробат, сите кој минеле биле со наведнати глави и молчеле иако знаеле кој е убиениот. Единствено сестрата на Миле не успеала да дотррае и вриснала на целиот глас кога го видела телото на својот брат.[6][7]

Погребан е на гробиштата на црквата Свети Панталејмон во Велес. За време на мрачните комунистички денови, долги години гробот на Поп Јорданов беше оставен на забот на времето и заборавот, за да во почетокот на 90-те години од минатиот век на иницијатива и во организација на Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Велес биде возобновен и на тој начин достоинствено му се оддаде почит на велешкиот борец за слобода кој својот живот го даде за својот намачен и поробен македонски народ.[8]

Во народното творештво[уреди | уреди извор]

Во негова чест е испеана познатата народна песна „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов[9] која, според Коста Црнушанов, е создадена брзо по смртта на Миле, а според други, таа била испеана уште на погребот. На 26 април 2006 година советот на Општина Велес ја прогласил песната како официјална химна на градот Велес. Иако во песната се пее „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“, тој загинал во борба. Имено, во најраната верзија се пеело: Бог да го прости Миле Поп Јорданов. Како ми е легнал, нема да ми стане. Зборовите од песната, исто така, се овековечени на надгробната плоча на Миле Поп Јорданов:

...Бог да го прости Миле Поп Орданов, х2
Миле Поп Орданов за народ загина,
за народ загина, за Македонија...

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Извори[уреди | уреди извор]

  1. „Велес си одбра химна, амблем и маскота“. Време. 27 април 2006.
  2. „Славното велешко маало на Орце и Миле Поп Јорданови“. duma.mk.
  3. „Џајкови го чуваат споменот на Миле и Ордан Поп Орданови“. tirekovmirece.com. 31 јули 2013.
  4. „Миле Попйорданов наследил костюма на Яворов“. epicenter.bg. 22 август 2013.
  5. Спомени на Иванъ Анастасовъ Гърчето во: Милетичъ, Любомиръ. „Движението отсамъ Вардара и борбата съ върховиститѣ по спомени на Яне Сандански, Черньо Пѣевъ, Сава Михайловъ, Хр. Куслевъ, Ив. Анастасовъ Гърчето, Петъръ Хр. Юруковъ и Никола Пушкаровъ“, Материали за историята на македонското освободително движение, книга VII, Издава „Македонскиятъ Наученъ Институтъ", София - Печатница П. Глушковъ - 1927, стр. 140.
  6. „Јурија - маало на револуционери“. duma.mk.
  7. „На погребот на Миле Поп Јорданов присустувало целото население на градот Велес“.
  8. „Одбележување на 105 годишнината од смртта на Миле Поп Јорданов“. tirekovmirece.com. 22 декември 2007.
  9. Томе Саздов, Грива тресе, бисер рони (епска народна поезија). Скопје: Заштита, 1970, стр. 124-125.