Апостол Петков
| Апостол Петков Терзиев | |
| Македонски револуционер | |
| Роден | 6 мај 1869 Бојмица, Македонија, Отоманска Империја |
|---|---|
| Починал | 2 август 1911 Крушари, Грција |
| Познат | војвода на ТМОРО |
Апостол Петков Терзиев - Ениџевардарско сонце бил македонски револуционер и војвода на Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација. Во бугарската историографија е познат како „Апостол војвода“ (Апостол войвода, Постол войвода)
Содржина |
[уреди] Почетоците
Апостол Петков Терзиев е роден во селото Бојмица (Гевгелиско), Македонија, (денес Аксиуполи, Грција). Потекнува од стариот арамиски род Терзиеви.
Неговиот поголем брат Митре Терзиев, како арамија ја обиколувал Пајак Планина, а неговиот помал брат Тано Терзиев и братучедот Антон Терзиев заедно со него се одметнуваат, а подоцна загинуваат како комити на ТМОРО, а според некои извори гркоманскиот капетан Гоно Јотов му бил прв братучед.
Апостол Петков на 22 - годишна возраст, во 1892 година ја напуштил кантонерската работа на железничката линија Солун-Скопје, го продава стадото на својот татко и со парите купува оружје, по што со неговит брат Тано се одметнуваат во областа Бојмија[1]. Бил неук, но по природа бил интелигентен. Ги избегнувал учителите нарекувајќи ги чонголи.
но не зашто бегаше од светлината на разумот, туку зашто претпочиташе дела и практични решенија [2]
А. Петков по темперамент бил подвижен, храбар и предвидлив. Во тој период во истата област и Пајак Планина се појавува и Иванчо Оџаров Карасулијата кој исто така дејствувал со своја дружина. Апостол Петков и Иванчо Карасулијата ќе ги здружаат силите и како арамии ќе дејствуваат во Бојмија се до 1897 година.
Нивната чета била поставена врз полуајдучка основа, покрај грабежите, таа никнала како одговор на злоделата на разбојничките банди и дејствувала како заштитник на мирното население[3].
[уреди] Војвода на ТМОРО
Во првата половина на 1897 година, областа Бојмија и тамошните села биле посетени од Дамјна Груев, тогаш тој ги поканил Апостол Петков и Иванчо Оџаров Карасулијата да се покорат на ТМОРО и да ги прифатат нејзините начела[2].
А. Петков и Карасулијата биле покрстени од страна на поп Стамат Тончев.
Четата на А. Петков била прва чета на ТМОРО во Солунскиот вилает во неа влегле: брат му Тано, братучет му Андон, Михаил Апостолов - Попето, Андон Ќосето, Димитар Чавдаров и Атанас Карадупков[2].
Во четата привремено влегувал и учителот Аргир Манасиев.
Областа Бојмија во 1897 година на двапати била посетена од Гоце Делчев, најверојатно неговата посета била поврзана со четата, а тој со себе го донел и Михаил Апостолов - Попето, кој требало да се запознае со теренот и да изврши влијание врз четата, која била поставена врз полуарамиски начела.
Четата на Апостол Петков своето борбено крштевање го имала кај селото Грубевци, кога аскерот кој одел од Солун кон Гуменџе бил растеран, а четата немала жртви. Овој судир го прославило името на војводата и неговата чета и закрепнал духот на населението[2].
Во 1898 година во Гевгелија, Апостол Петков е иницијатор за ликвидација на Ристо Наумовиќ - Цицо, убиството било извршено од старна на терористите од градот.
Во април 1900 година од четата на Михаил Апостолов се одвоиле 8 души, тие образувале нова чета, тоа била Ениџевардарската чета под водство на Апостол Петков[4].
Оваа чета на 12.08. 1900 година (стар стил) го ликвидирала внукот на Демир-субашата од с. Тумба, кој бил голем злосторник[5].
Кон крајот на 1900 година бил направен обид за ликвидација на Ангелакис Секелариос, грчки лекар и пропагтор во Гуменџе. А. Петков неколкупати го предупредувал Ангелакис, но тој ги отфрлил предупредувањата.
А. Петков му поставил неколкупати заседа но неуспеал да ја изврши казната. Подоцна Ангелакис ќе биде ранет и ќе замине за Солун[2].
По Солунската афера, во четата на Апостол Петков како секретар бил назначен Аргир Манасиев, тој подоцна ќе формира своја чета и воспоставил соработка со А. Петков и зедно ги обиколувале селата: Купа, Ливада, Борислав, Лугунци, Ошин, Ума и други. Двајцата воспоставиле контакти со неколку гркомани и турци. Меѓу турците се нашле Емин - ага од Бојмица, Кара Ибраим од Мајадаг, Амши од Мачуково, Хаџи Мустафа-ефенди и Абдул Селим од Гевгелија[6].
[уреди] Врховистичката провокација
Во 1902 година доаѓа до засилување на врховистичките провокации, поради тоа ЦК на ТМОРО со писмо од 17.06.1902 година му наредува на Апостол Петков да ја разоружа чета на Иванчо Карасулијата кој преминал кон Врховниот комитет.
Апостол Петков избегнувал да ја изврши задачата и затоа кај него бил испртаен терорист од страна на ЦК, лично да му ја предаде наредбата.
По една недела пратеникот на ЦК го пронашол А. Петков кој бил заедно со Павле Кониковски во близината на Ениџе-Вардар.
Пратеникот утврдил дека А. Петков ги примил писмата од ЦК, од своја страна А. Петков се правдал дека му влегол во трага на Иванчо Карасулијата но немал можност да го нападне. Од друга старна потенцирал:
Ако се судриме... ќе изгубиме многу момчиња, зашто неговите се опитни и добро воружени[7]
За ваквото држење на Апостол Петков во текот на врховистичката провокација постојат неколку гледишта.
Според А. Динев, Апостол и Аргир Манасиев поставиле заедничка заседа на И. Карасулијата, но таа била осуетена од страна на селаните... Од друга страна, пак, според Шалдев, Апостол и Карасулијата се договориле да дејствуваат заеднички согласно наредбите наа ЦК на ТМОРО... Меѓутоа според расположливата преписка меѓу ЦК, ЗП и управното тело во Ениџевардарско, се гледа дека Апостол дејствувал своеглаво и не се покорувал на наредбите. Поради тоа за него се предлагаат дури ригорозни мерки.[3]
На 28 јуни 1902 година, А. Петков и Карасулијата се сретнале и постигнале договор за ненапаѓање. Следниот ден биле предадени од селаните на село Ливадија и заеднички се судриле си потерите кај Гандач.
Спогодбата била најверојатно толерирана од ЦК на ТМОРО, бидејќи врховистичката настроеност на Карасулијата била привремено неутрализирана[3].
Потоа А. Петков заедно со Аргир Манасиев, добил наредба да ги парализираат врховистичките чети во Воденско, и да се спречи планираното востание на Врховниот комитет во таа област[8]
А. Петков и Павле Кониковски го фатиле врховистичкиот војвода Атанас Петровалијата со тројца негови четници. Не ги разоружале, туку ги распоредиле по двајца кај Апостол и Павле[9].
Во тоа време четата на Апостол Петков се зголемила на 30 души но несакале отворено да им се спротистават на врховистите.
Во критичните моменти во Воденско, Апостол Петков и Павле Кониковски, покажале непослушност. Тие дури се опреле на Аргир Манасиев. Затоа ЦК инистира ДЕлчев да преземе обиколка за да ги стави четите во ред...ЗП предлага доколку во Струмица нема потреба од Андон Ќосето, тој да замине за Ениџевардарско, а вардарската чета наместо Апостол и Павле да биде преземена од Давид и префлена во кон Битолско. Во случај Апостол И Павле да се спротистават, да се ликвидираат.[3]
Но до такво дејство не дошло.
[уреди] Учество во Илинденското востание
Додека траеле подготовките за востанието, Апостол Петков со својата чета на 24.02.1903 година, во селото Бијмица бил опколен од аскерот.
Тој наверемено бил известен од селаните и имал можност да го напушти селото но одлучлил да се бори и ја поделил својата чета на два дела.
Едната под негова команда, а другата под команда на Антон Иванов. Борбата траела цел, по што четата успеала да се пробие. Тогаш загинал и неговиот брат Тано Петков Терзиев.
Од турска страна загинале онбашијата и еден војник. Подоцна се рабрало дека четата бил предаден од гркоманите од село Крива, а на предавниците им биле запалени куќите[2].
Пред избувнувањето на востанието, А. Петков со својата чета во Ениџевардарско имал судир кај селото Постол,во овој судир учествувале и четите на Крсто Асенов и Трајко Јотов.
По судирот А. Петков и Асенов заминале кон село Корнишор. Во тамошната црква на Илинден биле осветени Кукушкото и Ениџевардарското знаме. Во меѓувреме дошло до убиството на Асенов и почетокот на востанието во Ениџевардарско било одложено. Подготовките за востанието во таа област ги презел Апостол Петков.
Регионот бил слабо воружен, имало малку пушки. Од своја старна А. Петков побарал експлозив од раководството. Ениџевардарската чета добила задача да ги сече телеграфските линии, да дејствува по мостовите, да го попречи движењето на возовите и распределувањето на отоманската војска во Југозападна Македонија.Во предвечерјето на востанието А. Петков ги распоредил задачите помеѓу раководните тела. Притоа селата Тумба и Бојмица, со подршка на милиционерите, требало да ја помогнат атентаторската група на С. Михаилов и А. Манасиев. Од Грубевци требало да ја прекинат телеграфската линија... Од внатрешните атенатори само еден успеал да фрли бомба... Во меѓувреме Апостол нападнал однадвор. Во судирот имало еден загинат... На 28.07/10.02, А. Петков планирал да го нападне гарнизонот во с. Крива... Брзо потоа Апостол имал судир кај с. Рамна, каде загубил 1 борец. Отаму се повлекол во планинските предели на Пајак. На 12/25.09.1903 А. Петков и И. Карасулијата воделе голема борба со многуброен аскер на Гандач. Тие со писмо ги повикале началниците на гарнизоните од Гумеџе и Гевгелија. Четите зазеле добра позиција и ја пропуштиле војската да навлезе во клешта. Поради тоа нејзините загуби биле големи. На крај четите се извлекле со јуриш, фрлајќи бомби. По два дена А. Петков имал нов судир кај Голата Чука. Во ноември во Ениџевардарско била извршена демобилизација на борците[3]
[уреди] Борбата со грчката пропаганда
По востанието Апостол Петков заминува за Бугарија, но уште во февруари 1904 година се враќа во Македонија и ја започнува одново револуционерната борба, но сега со грчката вооружена пропаганда во Ениџевардарското.
Во летото 1906 година Апостол војвода се бори со четата на андартскиот капетан Костас Акритас и го опожарува грчкото село Ниси. Истата година организациските чети под водство на Апостол Петков водат борби со андартите под командата на капетан Акритас, Аграс (поручик Телос Агапинос), Никифорос (идниот адмирал Јоанис Деместихас) и други.
Во едно од овие борби капетан Аграс е фатен и обесен крај селото Владово (денес Аграс).
По неуспесите за ликвидирањето на Апостол, со мито турската власт, се обидува да го натера, војводата да се откаже од револуционерното дело, а грчкиот конзул во Солун Ламброс Коромилас се обидува да го привлече на грчка страна[10].
Големата улога на Војводата Апостол во борбата против андартската провокација, била призната дури и од неговите грчки противници. Во 20-те години грчката писателка Пинелопи Делта пишува во својот роман "Во тајните на блатото", во која ги опишува борбите на андарти и турците против нивниот заеднички непријател.
Славата на Апостол војвода стигала до Цариград, каде што се носат различни неверојатни гласините за страшниот рушител на Османлиската држава.
Во очите на султанот Абдул Хамид II, Апостол војвода почнува да ја претставува целата револуционерна организација и тој го испраќа лично свој роднина да преговара со војводата, кој му понуди 20 000 фунти за да се откаже од борбата.
Во 1907 година притисокот на грчките андарти и турската војска во Ениџевардарско станува неподнослива и Апостол е принуден да ја напушти областа.
[уреди] Последните денови
По Младотурската револуција во 1908 година, А. Петков излегува од илегала, но се разочарува од политиката на младотурците и од страв да не биде предавнички убиен, Апостол Петков бега во Бугарија.
Во 1910 година влегува повторно со чета во Македонија, заедно со војводите Ичко Димитров, Христо Чернопеев и ја обновува својата револуционерна активност.
На 2 август 1911 година, Апостол Петков Терзиев заедно со војводите Георги Мучитанов Касапчето и Васил Пуфки, загинуваат во ениџевардарското село Крушари (денес Абелиес, Грција).
[уреди] Историски погледи за делото на Апостол Петков Терзиев
Бугарските и Македонските историчари имаат крајно спротивни гледишта во врска со делото на А. Петков, првенствено за која цел се борел.
Бугарската историографија смета дека Апостол Петков се борел за присоединување на Македонија кон Бугарската држава, а од другата страна се македонските историчари.
Македонската историографија смета дека Апостол Петков е еден од дејците на Македонското националноослободително девижење и како таков се борел за Самостојна македонска држава.
Треба да се истакне дека местото и улогата на Апостол Петков Терзиев во историјата на Македонија било долго време пребегнувано.
[уреди] Извори
- ↑ Крсте Битоски, Апостол Петков Терзиев, Битола, 1988.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 Христо Шалдев За революционните борби в Паяк планина, Ил. Илинден, г. IV 4 (34), София, 1931.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Ванчо Ѓорѓиев, Смрт или Слобода, Македонското револуционерно националноослободително движење во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Табернакул, Скопје, 2003.
- ↑ Спомени на Христо Чернопеев
- ↑ Македонија и Одринско, Мемоари на Христо Сиљанов, цит. дело 110.
- ↑ В. Картов, Гевгелија до балканските војни
- ↑ АМ, ф. Гоце Делчев, мф. 4263, шифрирано писмо бр. 1, л.1, 4.06.1903.
- ↑ ''АМ. ф. Гоце Делчев. мф. 4263, оп. 2, ае, 17, л. 5-8, шифрирано писмо бр. 3 од Св. Гора до Висока, 29.08.1902.
- ↑ Писмо испратено од Бер (псевдоним за Ениџе-Вардар), на 19.09.1902 г. најверојатно од ЦК.
- ↑ Писмо относно опит на гръцки консул да подкупи Апостол войвода
