Никола Пушкаров

Од Википедија — слободната енциклопедија
Никола Пушкаров
Роден 14 декември 1874
Пирдоп, Бугарија
Починал 18 февруари 1943
Софија, Бугарија

Никола Пушкаров бил бугарски револуционер, учесник во бугарското револуционерно движење и деец на Македонската револуционерна организација. Во подоцнежните години се занимавал со научна дејност во Бугарија.

Животопис[уреди | уреди извор]

Никола Пушкаров е роден на 14 декември 1874 година во Пирдоп, тогаш во Отоманското Царство. Основно образование завршил во родниот град, a средно училиште во Софија и предавал како учител во Мирково. Во периодот помеѓу 1898-1901 година изучувал природни науки при Софискиот универзитет.

Предавал во Скопската егзархиска гимназија, каде што станал член на Организацијата. Во 1902 година добил задача од Гоце Делчев да го зајакне Скопскиот револуционерен округ. Никола Пушкаров бил избран и за претседател на Скопскиот револуционерен комитет. Пред почетокот на Илинденското востание доведува од Бугарија чета од 18 лица, меѓу кои трновлиите Димитар Бојанов, Тодор Николов и Диме Баев, кои пренеле 100 килограми динамит и 200 бомби.

При избувнувањето на востанието бил началник на востаничките сили во VI востанички округ - Овчеполски. На 22 јули четата се сместила во манастирот Св. Јован над селото Ветерско, недалеку од реката Пчиња. Организацискиот курир добил задача во манастирот пред Пушкаров да ја доведе србоманската чета кој претходно се појавила во Кумановско. Таа чета се состоела од тројца Срби и четири македонски србомани. Началникот на српската чета истакнал дека тие дошле во Македонија за да и помогнат на Македонската револуционерна организација во борбата со Турците и дека тие сакаат да се приклучаат кон организациската чета, војводата Пушкаров ги примил. Од манастирот четата заминала за селото Новачани. На 1 август во 11 часот бил извршен атенатат на железничката линија Скопје - Солун. Расчистувањето на пругата траело два дена. Потоа едно одделение на чело со Димитар Бојанов имале судир со турска потера, во судирот загинале 10 војници, а останатите се разбегале. Четниците ги зазеле каменестите висови над Кожле, а оттаму сакале да ја привлечат потерата кон нив, но Турците заминале кон селото Кожле, таму Турците фатиле 50 селани и ги повеле со себе. Тогаш четата отворила оган, а престрелката траела со вечерта. Следниот ден Пушкаров имал судир со аскерот кај Ветренскиот манастир, при што комитите немале жртви. По судирот кон четата на Пушкаров се присоединила четата на светиниколскиот војвода Боби Стојчев, кој тргнал за да помогне во судирот. На 20 август четата преку Врање се засонила во Ќустендил. Никола Пушкаров формирал нова чета, со која влегол во Македонија преку Крива Паланка, и во октомври по борба во Прелесија се повлекол кон во Бугарија.

Пушкаров бил уредник на организацискиот весник „Слобода или смрт“. По востанието, Пушкаров се вратил во Бугарија и се посветил на научна работа. Се занимавал со истражување на почвата и ја создал првата почвена карта на Бугарија во 1931 година. Се оженил за Славка Чакарова од Струга. Починал на 18 февруари 1943 година.[1]

Неговата родна куќа во Пирдоп, денес е куќа - музеј (Пирдоп, ул "Никола Пушкаров" № 4). Според Пушкаров е именуван Институтот за почвознание во Софија.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Николов, Борис Й. Вътрешна македоно-одринска революционна организация . Войводи и ръководители (1893 – 1934). Биографично-библиографски справочник. София, 2001, стр. 141.
  2. „Кратка биография от сайта на ВМРО“. Архивирано од изворникот на 2011-08-23. Посетено на 2011-06-01.