Иван Јанев-Брло
| Иван Брло | |
| македонски револуционер | |
| Роден | 1877 |
|---|---|
| Починал | 1925 Ќустендил, Бугарија |
Иван Јанев Брлев, познат како Брло или Брљо, бил македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, деец на Македонската револуционерна организација и Внатрешната македонска револуционерна организација. Брло бил штипски околиски војвода, организатор на вооружени комитски акции на ВМРО во Брегалничкиот округ, исклучен од Организацијата поради криминал и разбојништво, а поради блискоста со Александров, помилуван и вратен во редовите на ВМРО во септември 1920 година.
Содржина |
[уреди] Биографија
[уреди] Македонска револуционерна организација
Роден е во штипското село Горни Балван, тогаш во Османлиската империја. Влегува во ВМОРО и од 1907 година е војвода во штипско. Води многу борби со чети на Српското четничко движење [1]. При разоружувачката акција на младотурците на 2 август 1910 година властите ја изгореле неговата куќа во Горни Балван [2].
[уреди] Низ војните
При избувнувањето на Првата балканска војна, Брло е војвода на штипската чета при Македонско-одринското ополчение, а подоцна служи во тринаесетата кукушка дружина.
По окупацијата на Вардарска и Егејска Македонија од Србија и Грција, Иван Брло се вклучува со четата во отпорот на ВМОРО. На 31 јануари 1915 година во Мечкуевци, штипско, неговата четата се бори со српските сили, на 2 февруари при Житјанци се бори со потера, во борбата над 30 лица се убиени и повредени. Во март е опколена од жандармерија во кочанското село Чаниште, четниците се пробиле со бомби предводени од Брло со јатаган во раката. Неколку српски жандари биле убиени, а двата коњот на српските офицери се заробени и прикажани во Струмица како трофеи. Подоцна четата дава уште борби со српските сили. При влегувањето на Бугарија во Првата светска војна во ноември 1915 година четите на Иван Брло и Ефрем Миладинов заедно со месната милиција даваат голема борба на српските војници и не им дозволуваат да ограбат Штип [3].
[уреди] ВМРО
По војната Брло учествува во реконструкцијата на ВМРО од Тодор Александров и станува војвода на чета која дејствува во Вардарска Македонија. Четник на Брло е идниот терорист на организацијата Владо Черноземски. Во 1921 година штипската чета на Брло заедно со кочанската на Панчо Михајлов води борба со српските сили во близина на селото Спанчево, во кое Србите губат осум лица.
На 5 октомври 1921 година во близина на селото Саса бил разоружан и убиен кратовскиот војвода на ВМРО, Дончо Ангелов. Подготовките за неговото убиство според сеќавањата на Славе Иванов, кој отпрвин бил близок соработник на Тодор Александров, а потоа и негов голем противник, датирале од поодамна, од една преписка меѓу Александров и кратовскиот војвода за нивна што поскорешна средба во Кратовско по однос на некои организациони прашања. Дончо Ангелов по однос на Александровото писмо изразил готовност за средба, но истакнал дека во догледно време требало да се свика конгрес на Организацијата, да се изработи план за идната активност и да се избере нов ЦК на ВМРО, бидејќи години на назад составот на ЦК бил спорен, поради фактот што Организацијата десетици години наназад немала одржано Конгрес. Присутните на тој состанок се согласиле со предлогот на Ангелов, при што му било испратено писмо на Александров, кое го содржело предлогот за подготовки за организарање на конгрес на ВМРО. На 5 октомври Дончо Ангелов добил писмо од Александров во кое тој го поканил да дојде во Кратовско за да ги отпочнат подготвителните работи за претстојниот конгрес, при што кратовскиот војвода се согласил и тргнал на договорената средба со 4 четници придружба. Тој пристигнал во селото Саса и во една селска куќа се сретнал со Тодор Александров. Во еден момент кога сакал да излезе надвор од куќата, 4-5 души четници на чело со штипскиот војвода Иван Јанев-Брло, кои биле со Александров, му се нафрлиле и го обезоружале Ангелов и неговите придружници, при што тој бил изведен надвор од селото и бил убиен [4]. Од своја страна, раководството на ВМРО, убиството го објаснувало со разбојничката активност што, според нив, кратовскиот војвода ја преземал врз македонскиот народ од тој крај.
Министерот за внатрешни работи во земјоделската влада на Стамболиски, Александар Димитров бил убиен на 22 октомври 1921 година од страна на штипскиот војвода Иван Јанев-Брло со неколку четници-членови на ВМРО. На еден состанок на раководството на ВМРО во Ќустендил на 2 август 1921 година на бугарскиот премиер Александар Стамболиски и Александар Димитров им биле изречени смртни пресуди. Дури Димитров на една од последните седници на владата ладнокрвно изјавил дека бил осуден на смрт и дека скоро ќе бил убиен.
На 22 октомври министерот со својата придружба: Ото Нехелес, управник на земјоделскиот народен магазин, чешкиот инженер Марек и телохранителот Методи Георгиев, патувал со автомобил за селото Горно Козница, па оттаму кон градот Ќустендил. Кога автомобилот започнал да се спушта кон градот, во еден свиок тој наишол на поставена заседа, од која на неколку пати бил истрелан дожд од куршуми. Министерот Димитров бил погоден во слепоочницата, а биле убиени и останатите од придружбата, освен Ото Нехелес, кој што успеал да се спаси. Атентаторите со ножеви го избоделе телото на Александар Димитров и му го пресекле гркланот, со што на најсуров начин му го одзеле неговиот живот.
Мотивот за убиството бил непријателствата и вооружените судири помеѓу ВМРО и бугарската земјоделска влада, што ескалирале до степен на вистинска војна. По извршениот атентат, на војводата Брло му била укината смртната казна, што од страна на раководството на ВМРО му била изречена поради грабежите што тој ги извршил врз локалното македонско, влашко и турско население во Источна Македонија [5].
Во декември 1922 година заедно со Панчо Михајлов и Мите Опилски ја ивршува т.н. Ќустендилска акција на ВМРО. На 16 јануари 1923 година четата на Иван Брло ја напаѓа српската колонистичка населба во Кадрифаково и врши колеж, во текот на нападот биле убини 23 српски колонисти, селото е запалено, а сите српски доселеници избегале. По нападот, српските власти презел одмазничка акција во која се застрелани 29 лица селани од село Гарван, но од 59-те српски колонистички семејства се враќаат само 19 [6][7].
Иван Брло бил казнет од ЦК на ВМРО со смрт поради своеглавост и лош морал[8], со наредба на Иван Михајлов во 1925 година.
[уреди] Наводи
- ↑ Николов, Борис Й. Вътрешна македоно-одринска революционна организация. Войводи и ръководители (1893-1934). Биографично-библиографски справочник, София, 2001, стр. 195.
- ↑ Дебърски глас, година 2, брой 17, 12 август 1910, стр. 2.
- ↑ Гоцев, Димитър. Национално-освободителната борба в Македония 1912 - 1915, Издателство на БАН, София, 1981, стр. 146, 150, 151, 155.
- ↑ Славе Ивановъ, Тодоръ Александровъ,...цит., .33-36
- ↑ ПРЕДАВСТВАТА И АТЕНТАТИТЕ ВО МАКЕДОНСКАТА ИСТОРИЈА Автори Виолета Ачковска и Никола Жежов,Скопје,2004 год
- ↑ Бояджиев, Стоян. „Македония под сръбско иго, 1913-1941“
- ↑ Апостолов, Александар Колонизацијата на Македонија во Стара Југославија, Скопје, б.г., с. 160.
- ↑ Куманов, Милен. „Македония. Кратък исторически справочник“, София, 1993.
| Заедничката Ризница има податотеки поврзани со: „Иван Јанев-Брло“ |
