Буф

Од Википедија — слободната енциклопедија
Буф
Ακρίτας
Старото училиште
Старото училиште
Буф is located in Грција
Буф
Буф
Местоположба во областа
Буф во рамките на Лерин (општина)
Буф
Местоположба на Крушоради во општината Лерин и областа Западна Македонија
Координати: 40°48.56′N 21°18.4′E / 40.80933° СГШ; 21.3067° ИГД / 40.80933; 21.3067Координати: 40°48.56′N 21°18.4′E / 40.80933° СГШ; 21.3067° ИГД / 40.80933; 21.3067
ЗемјаГрција
ОбластЗападна Македонија
ОкругЛерин
ОпштинаЛерин
Општ. единицаДолно Клештино
Надм. вис.&10000000000000972000000972 м
Население (2011)[1]
 • Вкупно100
Часовен појасEET (UTC+2)
 • Лете (ЛСВ)EEST (UTC+3)

Буф (грчки: Ακρίτας, Акритас, во превод „граничар“; до 1955 г. Μπούφι, Буфи) — село во Леринско, Егејска Македонија, денес во Општина Лерин, Грција. Во 2011 г. населението броело 100 жители.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа 17 километри северозападно од градот Лерин во подножјето на Баба Планина. Сместено е на надморска височина од 1030 метри, под источните падини на Баба Планина, расположено во котлината која ја формираат планините Баба и Бигла[2]. Покрај селото тече Стара Река која настанува од три помали рекички кои извираат од соседните планини[2]. Во својата книга Материјали по изучувањето на Македонија од 1896 година, македонскиот револуционер Ѓорче Петров за Буф дава многу опширен и детален опис во кој меѓу другото за географијата, местоположбата и природните одлики на околината запишал дека селото Буф се наоѓа 3 ½ часа на северозапад од Лерин, при што од запад селото е заградено со планината Баба, од север е заградено со еден нејзин не многу висок разгранок којшто се одделува кај врвот Баба и се спушта кон исток и завршува кај с. Клештино, додека од југ и југоисток видикот на селото повторно е заграден со висок разгранок од планинската верига кој оди, исто така, кон исток и кој на завршетокот се раширува и се доближува до северниот разгранок кај Клештино[3]. Таа верига и двата нејзини споменати разграноци помеѓу себе заградуваат едно пространство вдлабнато како корито среде падините на Баба Планина на половина од нејзината височина, при што тоа место од запад кон исток е долго околу 2 часа, а широко од север кон југ 1 ¾ час, а самото селото Буф е расположено среде тоа корито, односно котлина[3]. Од Баба и Бигла на тоа место започнуваат да течат три рекички кои лудо и шумно се спуштаат надолу и кои го пресекуваат тоа пространство со своите долови[3]. Блиску до ова село се собираат и образуваат поголема река којашто си пробила пат кај с. Клештино. Тука височините се доближуваат и образуваат клисура преку која реката излегува во полето и низ којашто води единствениот пат за селото. Целата буфска котлина според својот облик претставува еден триаголник чија основа ја претставува Бигла, а страните ги сочинуваат два разграноци коишто се одделуваат од веригата, при што врвот му е кај с. Клештино[3]. Зарамнината при основата е издигната и колку што оди повеќе накај врвот толку повеќе се снижува[3]. Реката тече покрај нејзината јужна страна. Ако се најде човек во буфскиот триаголник, ништо не може да види освен рабовите на планините коишто го заградуваат[3]. Само ако погледне кон врвот на триаголникот, односно кај Клештино, како низ прозорец ќе види мало поле и сини планини во далечината[3]. Низината е црвеникава и корава земја ораница, не многу плодна[3]. На северозапад од селото, таму каде што северната падина се одделува од веригата, стрмно и високо се издигнува највисокиот врв во Буфско, наречен Вртешка (Баба). Тука секоја година стариот снег дочекува нов[3]. На исток од тој врв по сртот на северниот разгранок еден по друг се врвовите: Ковчег, после кој разгранокот малку се снижува, потоа доаѓа конусовидниот врв Чуј Глас од каде што пак разгранокот се издигнува[3]. После него на завршетокот на разгранокот се издигнува високиот врв Градиште[3].

Историја[уреди | уреди извор]

Машка носија од Буф. Николас Стерлинг, 1930 г.

Селото Буф е многу старо село и според преданието него го подигнале лажичари - мајстори кои правеле дрвени лажици, а во непосредна близина на селото и денеска постои месност која се нарекува Лажичари[2]. Едни од најстарите пишани податоци за селото Суровичево се среќаваат во турските пописни дефтери од XV век, односно од опширниот пописен дефтер број 16 за Леринската нахија од 1481 година каде за селото запишано како Бух е забележано дека имало 76 христијански македонски семејства кои произведувале пченица до 125 товари, јачмен до 94 товари, 'рж до 7 товари, просо до 3 товари, граор до 2 товари, леќа, бостан, мед, се обработувале лозја, за што селото остварувало свкупен приход од 5279 акчиња[4]

XIX век[уреди | уреди извор]

За историските забележителности во Буф, Ѓорче Петров запишал дека на врвот Градиште имало урнатини од стара тврдина од која постоеле остатоци од ѕидишта срушени до темел и водоводни цевки. Селаните кажувале дека водата тука идела низ цевки од спротивниот јужен врв Брезовица кој е многу повисок од Градиште[3]. Во подножјето на Градиште и во тоа време постоеле суви водоводни цевки од кои јасно се гледа дека идат од Брезовица и одат кон тврдината[3]. Мештаните раскажувале дека некој кнез чие име не го знаат, се затворил во таа тврдина и долго време се бранел, но најпосле една непријателска маска жедна за вода, ги надушкала цевките и почнала да рине со копитото, поради што луѓето се заинтересирале, го раскопале местото и ја откриле водата којашто ја запреле, а кнезот откако останал без вода се предал[3]. Во времето на својата посета во 1896 година на крајот на XIX век Ѓорче Петров запишал дека Буф имало 200 куќи со 2120 жители, сите Македонци под духовенство на Егзархијата, а селаните се одликувале како многу јуначни[3]. Улиците на селото бил нерамни, а некои биле поплочени со тесна груба калдрма[3]. Неколку потоци обраснати со густа шума го пресекуваат селото. Куќите биле покриени со слама. Има една црква изградена пред 30 години (1860-ти), чијашто градба е огромна, груба и прецврста. Во училиштата (машко и женско) се предавало на македонски јазик. Се раскажува дека и Буф, како и Арменско, е основано од лажичари. На североисточната страна на селото местото и сега го викаат лажичари[3]. Можеби тие лажичари биле од Порече[3]. Меѓу населението немало приказна, ниту песни за потеклото на името Буф. До 1894 година селото за духовно началство ја имало грчката Патријаршија, меѓуто лошото поведение на тројцата поранешни буфски попови ги натерало селаните да го признаат духовенството на бугарската Егзархија, а грчкиот владика за да ги одврати буфчани од Егзархијата успеал да ја затвори селската црква на неколку месеци. Селото Буф било средиштето и главно село во таканаречениот предел Буф-Колу кој бил населен со Македонци, Турци и Албанци, од кои пак последните, како и насекаде, и тука се обидувале да живеат и да се хранат на грбот на соседните македонски села. Но тие секогаш наидувале на јуначки отпор од последните при секој обид[3]. Водител и крепител на другите села било селото Буф. Штом имало напад на некое село, се известуваат за тоа буфчани и тие сите на куп притрчуваат на помош. Се прикажувало за бојот кој пред неколку години се случил меѓу буфчани и блиските соединети турски села[3]. Турците се собрале да го опустошат блиското македонско село Раково, кога претходно известени за тоа, буфчани се затекле на помош, отвориле оган врз напаѓачите, убиле мнозина од нив и го спасиле селото[3]. Ако се следи некој човек или девојка од Турците, тие се испраќаат во Буф на прибежиште. Буфчани се вооружени. На три истрели тие се должни сите да се соберат сретсело[3]. Буф дал многу луѓе – јунаци. Најславен бил „попот од Буф“ (Костадин Буфски) кој умрел во Ќустендил. Тој бил од типот на старите македонски ајдути. За да го има тоа значење на Буф му помагала местоположбата - непристапноста на местото служи како тврдина, околната планинска природа и водата ги правеле луѓето јунаци, а борбата со блиските турски села ги принудила да имаат слога и согласност[3].

За Буф како едно од најголемите македонски села во Леринската околија, сведочат и записите на Стефан Верковиќ кој го евидентирал со 104 семејства и 521 жител, во статистиките на К’нчов од 1910 се споменува со 1900 жители, додека Милоевиќ го забележал како село со 220 македонски куќи[2].

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Бух се води како чисто македонско село во Леринската каза на Битолскиот санџак со 218 куќи.[5]

Илинденско востание[уреди | уреди извор]

На 14 јули Даме Груев, Борис Сарафов кај селото Буф решиле Илинденското востание да се крене на 2 август на празникот св. Илија [6]. За време на Илинденското востание во селото Буф биле убиени 10 селани, а биле опожарени 211 од 350 куќи при што била опожарена и една од двете селски цркви.

Граѓанска војна во Грција[уреди | уреди извор]

Селото Буф многу настрадало во познатата Граѓанска војна во Грција, каде во текот на борбените дејствија селото дало повеќе од 250 борци припадници на ДАГ, а своите животи ги положиле повеќе од 120 буфчани, додека 30 борци од селото трајно останале инвалиди[2]. Поради воените дејствија, се смета дека само во Македонија пребегнале 189 семејства со 686 члена, а околу 96 семејства со 140 членови побегнале во источноевропските земји[2]. По нормализацијата на ситуацијата, а поради силниот притисок и терор од страна на грчките власти, започнал силен бран на емигрирање во прекуокеанските земји.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Жителите на Буф во денешно време се занимаваат со земјоделство и сточарство. Во денешно време селото произведува големи количества компири, а поради пространите пасишта многу е развиено и сточарството[2]. За стопанството на Буф на крајот на XIX век, Ѓорче Петров запишал дека селото Буф произведувало главно компири, прочуениот грав, ‘рж и многу сено, при што компири се произведуваат и за продажба во Леринско и Битола, а се носело многу грав во Битола[3]. ‘Ржта не стигнувала за самите селани, но и на толку мала плодородност средната продажна вредност на вишокот била 50.000 грошеви[3]. Селаните се занимавале повеќе со дрвосеча (бичкаџиство), најмногу во Грција, Србија и многу малку во Бугарија[3].

Население[уреди | уреди извор]

Во пописот од 1913 година во селото се попишани 2228 жители, додека во 1920 година нивниот број опаднал на 1709 , за во 1928 да порасне на 1760 луѓе. Намалувањето на бројот на жителите помеѓу двете светски војни се должи на големата емиграција во прекуокеанските земји и во градот Битола каде што во тој период се преселени повеќе од 60 буфски семејства. Поради страдањата во Граѓанската војна селото започнува да бележи постојано опаѓање на бројот на жителите па така во 1951 имало 766, во 1961 имало 723, за да опадне во 197 дури на 281, во 1981 на 191, а во 1991 се намалило на само 152 жители.

Година Население
1928 1760
1940 1989
1951 766
1961 723
1971 281
1981 190
1991 152
2001 134
2011 100

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Во Буф по традиција уште од пред Втората светска војна постои жандармериска станица која врши надзор и врз неколку околни села.

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Цркви

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Личности[уреди | уреди извор]

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Помеѓу двете светски војни се должи на големата емиграција во прекуокеанските земји и во градот Битола каде што во тој период се преселени повеќе од 60 буфски семејства. За време на Граѓанската војна се смета дека само во Македонија пребегнале 189 семејства со 686 члена, а околу 96 семејства со 140 членови побегнале во источноевропските земји[2]. По нормализацијата на ситуацијата, а поради силниот притисок и терор од страна на грчките власти, започнал силен бран на емигрирање во прекуокеанските земји.

Извори[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Попис на населението од 2011 г. Трајно население“. Државен завод за статистика на Грција.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 2,7 Симовски Христов, Тодор (1998). Населените места во Егејска Македонија. 2. Скопје: Здружение на децата бегалци од егејскиот дел на Македонија. стр. 143–144. ISBN 9989-9819-4-9.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 3,13 3,14 3,15 3,16 3,17 3,18 3,19 3,20 3,21 3,22 3,23 3,24 3,25 Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски (уред.). Материјали по изучувањето на Македонија (2016. изд.). Скопје: Единствена Македонија. стр. 456–458. ISBN 978-608-245-113-8.
  4. Соколоски, Методија (1973). Турски документи за историјата на македонскиот народ. II. Скопје: Архив на Македонија. стр. 367–369.
  5. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 25.
  6. Манол Пандевски, Македонското ослободително дело..., том втори, 267
  7. 7,0 7,1 7,2 7,3 Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
  8. Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
  9. 9,0 9,1 9,2 9,3 Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том IV, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]