Основите на Организацијата од Брут

Од Википедија — слободната енциклопедија

Основите на Организацијата од Брут е програмски документ кој произлегол од умереното - конзервативно крило на Македонската револуционерна организација [1][2], создадена од страна на Христо Матов кој се подпишал со псевдонимот Брут.

Софиските советувања[уреди | уреди извор]

Македонска револуционерна
организација (МРО)
Печат на Македонскиот комитет

По Илинденското востание во Софија се одржале првите повостанички советувања на Организацијата. Овие средби се случувале од декември 1903 до февруари 1904 година, на нив учествувале истакнати раководители, војводи и началници, главно прашање кое било разгледувано е каков да биде правецот на делување по неуспешното востание.

На овие советувања дошло до оформување на две гледишта, од кои подоцна ќе прозлезат две струии, едната концепција била претставена од Христо Матов кој се залагал за зачувување на централистичкиот принцип, а другата струја се залагала за децентрализација и демократизација на Организацијата.

Отука Христо Матов ја создал брошурата Основите на Организацијата од Брут (бг. основитѣ на Организацията отъ Брутъ) во мај 1904 година како противтежа на Директива за идната дејност на Организацијата прокламирана од спротивната струја.

Оваа брошура на Матов е преиздадена, како книга 1 на Македонската Револуционерна Библиотека во текот на 1925 година под насловот: Основи на Внатрешната Револуционерна Организација (Обид за собирање и формулирање на основите) со прилогот Што бевме — што сме, со предговор од Г. Баждаров во Софија.[1]

Брошура[уреди | уреди извор]

Таа се состои од пет принципа во кои се образложени ставовите на конзервативното крило во однос на сета идна дејност на Македонската револуционерна организација и каков правец таа да заземе.

V принципа[уреди | уреди извор]

I Принцип на автономијата
II Принцип на внатрешноста
III Принцип на револуционерната борба
IV Принцип на политичко - економската почва
V Принцип на самостојноста

Овие принципи требало да бидат основа за идната дејност и од нив произлегува дека: Целта е да се добие: политичка автономија за Македонија и Одринско.

Населението да се организира за борба против турскиот режим, организираната маса е Внатрешната организација, односно Организацијата се потпира пред сè на внатрешноста.

Борбата е револуционерна.

Масата се револуционизира, се воружува и се подготвува за револуција, отука колку поголем дел од населението се револуционери толку подобро.

Внатрешната организација стои на чисто политико-економска почва, нејзината борба е борба на угнетените, од каква и народност да се, против заедничкиот непријател.

Организацијата е самостојна и како секоја мала држава една од главните грижи и е да се заштити од сите внатрешни и надворешни влијанија и притисоци [1].

Значење[уреди | уреди извор]

Со оваа брошура била уредени основните принципи на конзервативната струја околу кој ќе се обединат идните творци на Внатрешната македонска револуционерна организација (Автономистичка) и врз овие начела и самата таа организација била создадена.

Извори[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 Христо Силянов, "Освободителнитѣ борби на Македония", том II Следъ Илинденското възстание, Издателство на Илинденската организация, София, 1943. (бугарски)
  2. Во постарата литература првата групација се нарекува левица, а втората како десница. Во поновата литература двете струи се нарекуваат реформско-демократска и конзервативно-централистичка