Солунски атентати

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Солунски атентати

Апсењето на живите членови на Гемиџиите
Место Солун, Македонија, Отоманска Империја, денес Грција
Дата од 28 април до 1 мај 1903
Вид на напад тероризам

Солунските атентати биле серија бомбашки напади во Солун, извршени од 28 април до 1 мај 1903 година, од страна на Гемиџиите, анархистичка револуционерна група. Целта на овие напади била да се нападне најзначајниот европски град во Османлиската Империја за да се привлече вниманието на големите сили врз македонското прашање.[1][2][3][4]

Во изведувањето на Солунските атентати учествувале десетмина гемиџии: Јордан Поп Јорданов - Орцето, Константин Кирков, Димитар Мечев, Илија Трчков, Владимир Пингов, Павел Шатев, Марко Бошнаков, Милан Арсов и Георги Богданов и Цветко Трајков.

Цел на атентатите[уреди]

Не можејќи да го поднесат страдањето на својот народ од турската тиранија, Гемиџиите решаваат да преземат дејствија преку кои ќе го актуелизираат македонското прашање во Европа. Со таа цел, решаваат да извршат напади врз објекти на европскиот капитал во Турција, а по можност и да се всеат колку што може повеќе хаос во градот преку напади врз државни објекти. Гемиџиите сметале дека на таков начин ќе ја заинтересираат европската јавност за состојбата во Македонија и дека преку нивните индивидуални акции ќе ги натераат големите сили да интервенираат во прилог на ослободувањето на нивната татковина од турското владеење.

Подготовки[уреди]

Во 1902 година, тие стапуваат во контакт со Борис Сарафов, кој тогаш е на чело на Комитетот на македонските братства во Бугарија.

Претходно, Петар Манџуков, Слави Мерџанов и Петар Соколов заминале во Цариград со цел да го убијат султанот Абдул Хамид II. Откако се увериле дека не постојат никакви шанси за успешно изведување на атентатот, тие пристапиле кон нов план што опфаќал уривање на Отоманската банка во Цариград. Мерџанов го известува Јордан Поп Јорданов - Орцето и овој презел мерки за организирање на слична акција во Солун. Со парите, тие најмуваат куќа веднаш наспроти Банк Отоман и цела година групата копа тунел под земјата што води кон основите на банката.

Во исто време, копањето на цариградскиот тунел одело многу бавно. Набрзо дошло до откривање на каналот како резултат на предавство во почетокот на 1901 година. Помеѓу другите документи кои паднале во рацете на османлиските власти, се наоѓал и опширниот извештај за копањето на цариградскиот канал. Во меѓувреме сите терористи биле арестувани а потоа депортирани во Кнежевството, каде што Слави Мерџанов и Петар Соколов почнали да дискутираат нови идеи за терористички акции. Тие планирале да го престанат легендарниот Ориент-експрес кај Едрене. За таа цел двоицата формирале чета од десетина луѓе, која успела да се префрли во Одринско во јули 1901 година. Четниците ставиле големо количество динамит на железничката пруга, но не успеале да го експлодираат возот. По неуспехот четата го киднапирала синот на локолен турски земјопоседник, но наскоро била опкружена. Во борбата повеќето од четниците биле убити, а заробените живи биле јавно обесени во центарот на Едрене. Во исто време, Димитар Мечев се пренесол во Едрене, каде што почнал да копа тунел под австриската пошта, која требало да биде разрушена заедно со Отоманијата банк во Солун. Поради недоволниот експлозив гемиджиите сепак одбиле да ја експлодираат Одринската пошта.

Во пролетта 1902 година Гемиџиите успеале да обезбедат 300 кг динамит и го довршиле каналот до Отоманската банка во Солун. Иако тие планирале што побргу да ги извршат нападите, Даме Груев им сугерирал да почекаат и да ја синхронизираат нивната акција со претстојното востание (Илинденско востание). За разлика од Груев, Борис Сарафов им дал морална и материјална поддршка на Гемиџиите.

Групата решава атентатите да започнат на 28 април 1903 година. Планот составен на последното советување одржано надвор од градот бил следен: да се потопи францускиот брод, да се минира пругата во близина на солунската станица; да се запали резервоарот за газија од којшто се осветлувал градот; да се дигне во воздух Отоманската банка, да биде запален Бошнак-ан и да почнат улични борби со бомби и револвери. Прекинувањето на осветлението и фрлањето на градот во темнина требало да биде знак за почетокот на акцијата.

Секој точно знаел каква била неговата задача во определеното време за акција. Во врска со прашањето дали атентаторите треба да загинат при акциите дошло до различни мислења. Поп Јорданов, Кирков и Мечев го застапуваат ставот дека атентаторите треба да го положат својот живот, додека Шатев, Арсов и Бошнаков не се согласуваат со тоа. На крајот е одлучено секој сам да си го направи изборот.[5]

Атентатите[уреди]

На 28 април околу пладне во близина на солунското пристаниште Павел Шатев го потопува со динамит францускиот брод „Гвадалкивир“. Оваа акција излегла двојно успешна, бидејќи бродот бил запален, а патниците сите до еден спасени.

Истата вечер Димитар Мечев, Илија Трчков и Милан Арсов поставуваат динамит на железничката пруга Истанбул-Солун и го онеспособуваат возот. И при оваа акција нема жртви, но е предизвикан хаос во железничкиот сообраќај.

Вечерта на 29 април Константин Кирков поставува 2 кг динамит на цевките со гас за осветлување и на водоводните цевки на Солун. Целиот град е во темница и без вода. Во целиот град владее паника, хаос и страв.

Десетина минути по изгаснувањето на осветлувањето, Јордан Поп Јорданов - Орцето ја крева во воздух зградата на Банк Отоман.

Во истото време на повеќе локации во Солун гемиџиите фрлаат бомби: Милан Арсов фрла бомба во летниот театар Алхамбра, Илија Трчков фрла две бомби на главната улица, Димитар Мечев фрла две бомби пред хотелот Египет, Константин Кирков фрла бомба пред Гранд хотелот, а Георги Богданов пред кафеаната Ноја. Владимир Пингов предизвикува пожар кај „Бошњак-ан, а потоа фрла бомба пред вратата на Топхането (турската државна управа), каде што е застрелан од војници.[6]

По овие акции Мечев и Трчков се вратиле во својот стан и од таму почнале да фрлаат бомби врз турската војска. Откако фрлиле 50-60 бомби се самоубиле за да не бидат фатени од турските власти.

На 30 април, во борба со турската војска и полиција загинува и Jордан Поп Jорданов.

На 1 мај, се извршуваат две неуспешни акции. Кирков прави обид да ја крене во воздух солунската телеграфско-поштенската станица, но е убиен од стражарот, а Цветко Трајков прави обид да го убие солунскиот валија Хасан Фехми паша. Откако не успева, атентаторот се самоубива активирајќи бомба.[7]

Биланс[уреди]

Споменик посветен на Гемиџиите во Скопје

Гемиџиите, млади македонски револуционери, успеваат да ја извршат најголемата терористичка акција на своето време. Нивниот план бил успешно извршен. Сите дипломатски претставници во Солун ги известиле своите влади за солунските настани.

Билансот на атентатите бил следен: директно од динамитот на гемиџиите настрадале Гвадалкивир, Банк Отоман, гасоводните цевки, Гранд Хотел Солун, кафеаните Ал Xамбра и Ноја и Бошнак-ан. Бил урнат Германскиот клуб, кафеаната Египет, како и неколку други локали.

Во битка со војската и полицијата се убиени шестмина од гемиџиите: Орце Поп Јорданов, Константин Кирков, Димитар Мечев, Илија Трчков, Владимир Пингов и Цветко Трајков. Уапсени се четворица: Павел Шатев, Марко Бошнаков, Милан Арсов и Георги Богданов. Тие прво се осудени на смрт, но подоцна пресудата им е заменета со затвор во Фезан (Либија).

Во немирите кои избувнале на 30 април како реакција на атентатите на Гемиџиите, фанатизирани муслимани оделе во толпи низ градот и убивале недолжно христијанско население. Проценките за бројот на загинати варираат од 35 лица, според османлиските власти, до 200-300 според ТМОРО.[8] Властите успеале донекаде да ги смират толпите, но речиси без причина почнале да малтретираат и да апсат по сопствени произволни проценки. Во рацијата на османлиските власти биле затворени околу 2.000 лица и некои членови на ЦК на ТМОРО на чело со неговиот претседател Иван Гарванов, а биле запленети и доста документи. Покрај членови на ЦК биле затворени и поголем број членови на ТМОРО, со што таа претрпела силен удар. Од уапсените 2.000 лица, 353 лица се изведени пред суд, а од нив 33 се осудени.[9]

Извори[уреди]

  1. Павел Шатев, „Солунскиот атентат и заточениците во Фезан“, Култура, Скопје, 1994.
  2. Александаръ Кипровъ, Солунскиятъ централенъ комитетъ на Внатрешната македонска революционна организация, Ил/ Илинденъ, III/3 (23), София, 1930.
  3. Спомени на Борис Сарафов.
  4. К. Битоски, „Солунски атентати“, Скопје, 1985.
  5. Хр. Силянов „Освободителнитѣ борби на Македония“, том I, 254-255 стр. и Георги Хаджиев „Националното освобождение и безвластният федерализъм”, “Артиздат”, София, 1992, 94 стр.
  6. Павел Шатев, „Солунскиот атентат и заточениците во Фезан“, глава 4.
  7. Павел Шатев, „Солунскиот атентат и заточениците во Фезан“, глава 5.
  8. Хр. Силянов „Освободителнитѣ борби на Македония“, том I, 259 стр.
  9. Хр. Силянов „Освободителнитѣ борби на Македония“, том I, 263-264 стр.

Надворешни врски[уреди]

Галерија[уреди]