Боро Митриќески

Од Википедија — слободната енциклопедија
Боро Митриќески
Роден 10 мај 1927
Прилеп,  Македонија
Починал 24 ноември 2018
Скопје,  Македонија
Националност Македонец
Занимање вајар

Боро Митриќески (Прилеп, 10 мај 1927 - Скопје, 24 ноември 2018) — македонски вајар и член на МАНУ.

Образование и работен век[уреди | уреди извор]

Средно уметничко училиште завршува во Скопје во 1948/49 година. Првите сознанија за вајарството ги добива од професорот Димо Тодоровски. Се запишува на Академијата за ликовни уметности во Загреб. Своето образование го продолжува кај професорите Грга Антунац и Андрија Крстуловиќ. Во 1954 година дипломира во класата на професорот Вања Радауш. Се враќа во Скопје каде што непрекинато работи и твори. Работи како ликовен педагог, а потоа како слободен уметник. Од 1979 до 1984 година е директор на Уметничката галерија „Даут-пашин амам“ во Скопје, на којашто функција и се пензионирал. Студиски патувања остварил во Франција, Италија, Англија, Грција, Русија, Шпанија, Австрија, САД и Канада.

Творештво[уреди | уреди извор]

Акад. Боро Митриќески има организирано голем број на самостојни изложби, главно во Македонија и во бившите југословенски републики, а на групните изложби ја презентирал македонската скулптура во повеќе ликовни центри кај нас и во светот, и тоа Александрија, Белград, Виена и др. Член е на групата Мугри. Во изминатите 60 години акад. Боро Митриќески има реализирано над 350 дела како фигури, актови, композиции, торза, потоа портрети и скулптури ситна пластика (дрво, мермер и бронза). Особено треба да се нагласат изведените 10 споменика и спомен обележја, од кои ќе ги споменеме: „Железара“, скулптура од метал, Скопје; Споменик „Карпош“, мермер, Кратово; Споменик на НОБ, Делчево; Фонтана „Дојран“, Дојран; Споменик „Кирил и Методиј“, бронза, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Скопје и др. Акад. Митриќески активно се занимава и со таканаречената интимна пластика или скулптура од галериски формат. При своето ликовно искажување користи трајни материјали, како што се бронза, мсрмер и дрво. Акад. Митриќески своето творештво го насочил во две насоки: едната е големата пластика, а втората интимата, односно пластиката на ентериерот, т.н. скулптура од галериски формат. Во портретите „Мојата мајка“, „Блаже Конески“, „Лазар Личеноски“, „Петар Мазев" и др. многу успешно го доловува карактерот и психолошкиот израз на личноста, додека приодот во третманот на пластиката во фигурата е постилизиран и упростен, со нагласен лиризам и мекотија, што упорно ја следат структурата на матсријалот. Акад. Митриќески се инспирира и со поблиската и подалечната национална историја, и тоа скулптурите и релјефите-портрети на Св. Климент и Св. Кирил и Методиј, потоа портретите на преродбениците, особено портретот и фигурата на Марко Цепенков. Како мотив и трајна инспирација кај авторот се присутни Илинден и НОБ. Боро Митриќески зазема истакнато место во македонската ликовна уметност како припадник на т.н. средна генерација на македонските сликари и вајари, генерација што внесе радикални промени во нашето пластично творештво, доближувајќи го него до најзначајните актуелни текови на современото европско и американско вајарство, тој оствари портрети, камерни лирски форми, релјефи, монументални скулптури и композиции што претставуваат трајна вредност на македонската скулптура во изминатите шест децении.

Награди и признанија[уреди | уреди извор]

Боро Митриќески е добитник на новеќе награди и признанија, и тоа: Републичката награда „11 Октомври", наградата „Нерешки мајстори“ на ДЛУМ и др. За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 26 јули 1997 година. Починал во Скопје на 24 ноември 2018 година.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]