Илија Васков

Од Википедија — слободната енциклопедија
Илија Васков
Роден 21 октомври 1934
Велес
Починал 11 декември 2014
Скопје, Македонија Македонија
Националност Македонец
Занимање максилофацијален хирург

Илија Васков (21 октомври 1934 Велес-11 декември 2014 Скопје) — македонски максилофацијален хирург и професор, член на МАНУ.

Образование[уреди | уреди извор]

На Стоматолошкиот факултет во Белград дипломирал (1959) како еден од најдобрите студенти во генерацијата. Подоцна (1966) завршил и медицински студии. За асистент по предметот максилофацијална хирургија на Стоматолошкиот факултет во Скопје бил избран во 1961 година. Специјалистичкиот испит го положил во 1969 година и e прв специјалист од оваа област во нашата Република. Васков престојувал подолго време на специјализација и усовршување надвор од земјата: осум месеци на Клиниката во Љубљана кај акад. проф. д-р Челешик, исто толку време има поминато во Берлин на Клиниката на познатиот проф. Штелмах, потоа кај проф. Обгевезер во Цирих и кај проф. Френкел во Франкфурт. Подоцна имал покуси прес¬тои кај овие реномирани професори.

Работен век[уреди | уреди извор]

Проф. Васков бил избран за предавач на Факултетот во Скопје (1965), хабилитирал на тема „Терапија на долновиличните фрактури“ (1971). Следната година бил избран за доцент, а за вонреден професор во 1977 година. Докторирал во 1981 година на Воено-медицинската академија во Белград на тема „Вредностите на компресионите остеосинтези“. Редовен професор e од 1982 година. Повеќе од 25 години бил директор на Клиниката за максилофацијална хирургија. Во меѓувреме бил и директор на Универзитетскиот центар за медицински науки при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Проф. Васков e основоположник на современата максилофацијална хирургија кај нас и има голем придонес за нејзиниот развој и афирмација. Перманентно e присутен во сите важни научно-стручни настани во својата комплексна медицинско-стоматолошка област и успешно ги при¬ме¬нува најновите светски достигања во оваа дисци¬плина. Ja воведува и развива до највисоко ниво реконструктивната функционална хирургија на бројните вродени и други малформации и деформитети во анатомски сложената максилофацијална регија. Истовремено ja разработува и збогатува хирургијата на туморите на главата и вратот, како и трауматологијата на ова комплицирано подрачје, посебно од функционален и естетски аспект. Постигнатите хируршки резултати се извонредно добри и не заостануваат во однос на оние во другите развиени центри надвор од земјата. Покрај редовните контакти со водечките странски центри од неговата струка, проф. Васков има соработка и со сродните и блиски хируршки гранки на Медицинскиот факултет во Скопје: оториноларинголошката, неврохируршката, пластичната хирургија, траумато-логијата и други, при што учествувал на заеднички научни проекти и собири. Своето богато клиничко искуство проф. Васков го има презентирано во повеќе од 120 научни и стручни труда објавени во земјата и во странство. Учествувал на бројни домашни и меѓународни научни собири во Скопје, Охрид, Белград, Љубљана, Атина, Берлин, Цирих, Франкфурт, како и во Малезија, Турција, Јапонија, Вашингтон, Хелсинки и други, на тој начин придонесувајќи за расветлување и разрешување на некои клучни проблеми од својата област.

Објавени дела и учебници[уреди | уреди извор]

Покрај бројните публикации. Васков е автор и на повеќе монографии: „Трауматологија во максилофацијалната регија“, „Остеосинтезата во максилофацијалната хирургија“, „Хируршки третман на хејлогнатопалатосхизит“, Атлас по максилофацијална патологија и хирургија, Рендгенолошки атлас на болестите на максилофацијалната регија и др.

Награди и признанија[уреди | уреди извор]

Како афирмиран стручњак и научник, тој е добитник на наградата „11 Октомври“ за животно дело, наградата на Град Скопје „13 Ноември“, наградата „7 Април“ за севкупниот придонес за унапредување на медицинската наука и здравството во Република Македонија и градот Скопје, како и наградата „Гоце Делчев“. Проф. Васков бил редовен член на Европската асоцијација за максилофацијална хирургија веќе подолго време.