Димитар Арсов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Димитар Арсов
Роден 28 септември 1908
Крива Паланка,Македонија Македонија
Починал 2 јули 1974
Скопје,НР Македонија СР Македонија
Националност Македонец
Занимање специјалист, интернист, ревматолог, професор на Медицински факултет

Академик проф. д-р Димитар Тодоров Арсов (Крива Паланка, 28 септември 1908 - Скопје, 2 јули 1974) – специјалист, интернист, ревматолог, редовен професор на Медицински факултет, академик.

Животопис[уреди | уреди извор]

Арсон е роден во Крива Паланка на 28 септември 1908 година. Основно образование завршил во родниот град, а матурирал во Куманово (1926), студирал во Париз, Франција (1926–1932) и докторирал на Сорбона (1936). Од 1932 г. е асистент во клиниките на Универзитетот во Париз. Од 1939 до 1941 г. е хонорарен лекар на Интерното одделение во Железничката и во Армиската болница во Скопје, лекар на Интерното одделение и шеф на Градното одделение при Државната болница во Скопје (1941–1944) и шеф на Интерното одделение при Земската болница во Скопје (1944–1947). Во 1947 година е избран за асистент, потоа за доцент (1950) и вонреден професор (1957), а во 1958 година за редовен професор на Катедрата за интерна медицина на Медицински факултет во Скопје.[1]

Научна дејност[уреди | уреди извор]

Од 1952 година бил управник на Интерната клиника при Медицински факултет во Скопје (до неговата смрт). Две години истовремено бил и в.д. управник на Инфективната клиника во Скопје. За редовен член на МАНУ бил избран на 18 август 1967 година, како прв редовен член од областа на медицинските науки. Бил член на:

  • Association des medicine de langue française;
  • Друштвото на кардиолозите на Југославија,
  • Европско кардиолошко друштво;
  • Интернационалното кардиолошко друштво
  • Друштвото на ревматолозите на Југославија;
  • Европското ревматолошко друштво;
  • Интернационалното ревматолошко друштво;
  • Долгогодишен претседател на Интернистичката секција при МЛД;
  • Претседател на Ревматолошката секција при истото друштво;
  • Управата на Здружението на кардиолозите на Југославија; и
  • Здружението на ендокринолозите на Југославија.

Награди и признанија[уреди | уреди извор]

Добил плакети од:

  • Светското хематолошко друштво во Париз;
  • Универзитетот и Градското собрание на Безансон (Франција).

Промовиран е за:

  • Doctor honoris causa на Универзитетот во Безансон (Франција) (1961).

Објавени научни дела[уреди | уреди извор]

Објавил над 200 научни и стручни трудови, соопштенија и дискусии во македонски, југословенски и странски списанија, на симпозиуми и конгреси. Автор е на повеќе учебници. Во нив воведува низа стручни изрази, кои влегуваат во македонската стручна терминологија, а ги карактеризираат основните пропедевтички поими во интерната медицина. Со истражувањата навлегува во сите подрачја од интерната медицина.

Во неговите изучувања видно место заземаат социјалните болести; клиниката на пегавиот тифус, маларијата и нејзините последици во годините пред Војната и во првите години потоа, до ерадикацијата на оваа ендемска болест од Македонија; калаазарот кај возрасните – болест во период кога се сметало дека кај нас се јавува само како паразитоза во детската возраст; хепатитот во првите негови манифестации во Македонија како епидемична болест; истражувал за дијабетесот кај нас; за проблемите на зголемениот крвен притисок и срцевите болести; за проблемот на уролитијазата во Македонија; за проблемот на потхранетоста; за желудочните и цревните болести во нашата патологија; за современото лекување и дијагностицирање на болестите на крвта; на миокардниот инфаркт и на хипертиреозата.

Оригинален придонес е неговата студија за интравенската примена на адреналинот во лекувањето на ревматската треска и ревматскиот ендокардит.

Во последните години од животот своето внимание особено го свртува врз ревматските заболувања воведувајќи нови дијагностички методи и модерна терапија. Бил уредник и член на редакциите:

  • „Македонски медицински преглед“;
  • „Acta medica Iugoslavica“;
  • „Bulletin Scientifique“;
  • „Прилози“ (МАНУ).

Преку дневниот печат објавил бројни написи за актуелните прашања од областа на медицината.

Во својата активност ги соединил квалитетите на врвен здравствен работник, лекар специјалист интернист, педагог и научник. Тој е творец на модерната интерна медицина кај нас. Како врвен педагог, професор по интерна медицина на Медицински факултет. Учествувал во додипломската и подипломската настава.[2]

Библиографија[уреди | уреди извор]

  • Преглед на заразните болести. Учебник за студенти по медицина, Скопје, 1961;
  • Преглед на внатрешните болести. Ревматични болести. Учебник за студенти по медицина, кн. I, Скопје, 1963;
  • Елементарна интерна медицина за студенти по стоматологија, Скопје, 1964;
  • Внатрешни болести. Учебник за средните медицински училишта, Скопје, 1967.

Останато[уреди | уреди извор]

Здравствениот дом во Крива Паланка го носи неговото име - Јавната здравствена установа (ЈЗУ) Здравствен дом „Проф. д-р Димитар Арсов“ - Крива Паланка.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Реферати за кандидатите за членови на МАНУ, Скопје, 1967; Летопис на МАНУ, Скопје, 1968, 91–92;
  2. Споменица посветена на Димитар Арсов, редовен член на Македонската академија на науките и уметностите, Скопје, 1978, 7–39.
  3. Мрежно место на ЈЗУ Здравствен дом - “Академик Проф. Д-р Димитар Арсов“ - Крива Паланка (http://zdravstven-dom.mk)