Пеце Атанасовски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Пеце Атанасовски
Роден 25 октомври 1925
Долнени, Кралство СХС (денес Македонија)
Починал 14 септември 1996
Скопје, Македонија
Националност Македонец
Занимање играорец, гајдаџија

Пеце Атанасовски[б 1] (Долнени, 25 октомври 1925Скопје, 14 септември 1996) — македонски играорец и инструменталист, кој се смета за најпознат македонски гајдаџија и еден од најплодните собирачи на македонски народни песни и ора.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Пеце Атанасовски е роден на 25 октомври 1925 во селото Долнени. Неговите први музички настапи започнале на Радио Скопје во 1946 година, како и во ансамблот „Танец“ во 1950 година. Во периодот од 1959 до своето пензионирање бил раководител на Оркестарот на народни инструменти во Радио Скопје и кореограф на повеќе од дваесет културно-уметнички друштва во Македонија. Од 1966 година, па во текот на следните 29 години, раководел со Фолклорната школа за странци во Отешево. Во 1973 година го основал и бил директор на Долненскиот фестивал. Со своите гостувања со разни културно-уметнички друштва низ светот ги афирмирал високите достоинства на македонскиот мелос. Како светски признат народен инструменталист држел часови на повеќе универзитети низ светот, меѓу кои и во Лос Анџелес и Токио. Починал на 14 септември 1996 година во Скопје.[1]

Награди[уреди | уреди извор]

Атанасовски бил носител на 19 меѓународни награди на светските фестивали во Ланголен, Англија, Брно, Чешка итн. Во конкуренција на 1.800 гајдаџии од целиот свет, тој го освоил првото место и наградата „Златна гајда“ на фестивалот во Ериче, Италија во 1968 година.[1] Во 2022 година, постхумно му е доделен Орден за заслуги за Македонија.

Творештво[уреди | уреди извор]

Во текот на својата кариера, Атанасовски собрал фолклорна збирка од околу 20.000 народни песни и ора.[1] Освен нив, компонирал и новосоздадени фолклорни песни, меѓу кои се издвојуваат „Ајде чудо, чудо“ и „Като, Като, Катерино“.[2]

Чествување[уреди | уреди извор]

Долненскиот фестивал по смртта на Пеце Атанасовски бил именуван во негова чест и го добил името Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. Споменици во негова чест се подигнати во родното село Долнени и во Прилеп.

Белешки[уреди | уреди извор]

  1. Некои извори, како на пример Македонска енциклопедија, неговото презиме го посочуваат како „Атанасоски“. Сепак, на натписната плоча приложена кон неговиот споменик во Долнени, неговото презиме се споменува како „Атанасовски“.]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Македонска енциклопедија. I (I. изд.). Скопје: МАНУ. стр. 101-102. ISBN 978-608-203-024-1.
  2. Duet Branko i Ljube Biškoski, Ja podajmi mome tenka puška, Jugoton, EPY-44567.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]