Мирче Ацев

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
МИРЧЕ АЦЕВ
Мирче Ацев
Мирче Ацев
Роден на 20 октомври 1915
Роден во Ореовец (Прилепско), Кралство Србија
Починал на 4 јануари 1943
Починал во Скопје, Окупирана Македонија, Царство Бугарија
Професија студент по право

Член на КПЈ од 1939.
Учество во војни НОБ

Народни херој од 29 јули 1945

Мирче Ацев (20 октомври 19154 јануари 1943) е македонски национален деец и Народен херој на Македонија.

Името го добил по стрико му Мирче Ацев - војвода од времето на османлиското владеење во Македонија. Неговата сестра, Вера Ацева исто така учествувала во НОВ и прогласена е за Народен херој.[1]

По завршувањето на основното четирикласно училиште во Ореовец, заминал да учи гимназија во Прилеп. Школувањето во Прилеп Мирче бил принуден да го прекине поради тогашната политика на режимот на Петар Живковиќ за затворање на полните гимназии, каде што ги имало, освен во Скопје, Битола и Штип. Мирче заминал во Битола.

Во учебната 1933 - 1934 година Мирче Ацев се запишал во петти клас во Битолската гимназија. Матурата ја завршил во летото 1937 година.

Се запишал на Правниот факултет во Белград. Уште во почетокот на студиите се вклучил во Организацијата на напредните студенти. Преку оваа организација, раководена од КПЈ, напредните студенти ги зеле во свои раце разните стручни здруженија, одбори и студентската менза. Се спријателел со Кузман Јосифовски - Питу, а од тие денови датира и неговото другарување со Страшо Пинџур.

Член на Комунистичката партија на Југославија станал во 1939 година. Задолжен и за организација и раководење на студентската колонија во Охрид. Во летото 1939 година во градот ја формирал првата партиска организација и првиот местен комитет на КПЈ. Раководител на колонијата во Охрид бил и во наредната 1940 година.

Во почетокот на 1940 година бил испратен на илегална работа во Скопје и сè до 6 април 1941 престојувал во градот. Овде ја организирал партиската техника на Покраинскиот комитет и заедно со Страшо Пинџур го подготвувал печатењето на партискиот орган, на весникот „Искра“.

Уште во самиот почеток на бугарската окупација се вклучил во ослободителното движење. Неколку дена по нападот на Фашистичка Германија, тој и Страшо заминале за Кавадарци, а потоа Мирче преминал во Прилеп. По кратко време повторно се вратил на работа во Покраинскиот комитет во Скопје. Како партиски инструктор на Покраинскиот комитет ги обиколил партиските организации во повеќе градови на Македонија.

Од крајот на 1941 година до пролетта 1942 Мирче заминал во Битола. Иако во длабока илегалност, работел со организациите во Ресен и во Охрид.

Во средби со напредни дејци и во писма, Мирче ја критикувал неактивноста на Покраинскиот комитет, што имало влијание врз промената на неговиот состав во пролетта 1942 година. Во јуни истата година тој станал привремен секретар на Покраинскиот комитет.

Заедно со Кузман Јосифовски - Питу се залага за примена на курсот за вооружена борба и пристапува кон формирањето неколку нови партизански одреди во Македонија.

Мирче заедно со Страшо Пинџур во септември 1942 година излегол на терен. Намерата им била да ги посетат партизанските одреди и партиските организации во Велешко и Прилепско. Сосема случајно бил уапсен на 19 декември 1942 во Велес, заедно со Страшо Пинџур.

По долго физичко измачување во Обласната полициска управа во Скопје и без судски процес, по петдневно ѕверско мачење[2], обајцата биле убиени од бугарската полиција на 4 јануари 1943 година (биле фрлени низ прозорец).

Во чест на Мирче Ацев, првиот батаљон на Народноослободителната војска на Македонија, формиран на 18 јули 1943 година, го доби неговото име. Беше член на Покраинскиот комитет на КПЈ на Македонија од 1941 година и член на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија.

Литература[уреди]

  1. Народни хероји Југославије. Младост, Београд 1975.
  2. http://www.makedonskosonce.com/broevis/2003/sonce452/Tekst40.htm Мирче Ацев, народен херој - 60 години од смртта - ПРЕД ОЛТАРОТ НА СЛОБОДАТА

Надворешни врски[уреди]