Славе Димитров

Од Википедија — слободната енциклопедија
Славе Димитров

Славе Димитров (Битола, 1 јуни 1946) — познат македонски композитор, пејач, аранжер и музички продуцент.

Рана кариера[уреди | уреди извор]

Кариерата како музички автор, аранжер и изведувач ја започна во Битола. Првиот успех го постигна на фестивалот „Младина 66„ во Суботица. Уште како студент на Музичката академија во Белград (1966-1970) постигна голем југословенски успех со освојувањето на првата награда на фестивалот „Вашиот шлагер на сезоната 68“. Истата година ја сними за РТБ првата сингл плоча. Во 1970 година се вработи како продуцент во Радио Скопје.

На ова оваа функција останува скоро 20 плодни години, како музички продуцент зад себе ќе остави илјадници музички снимки од сите жанрови, во кои се застапени скоро сите тогаш актуелни македонски изведувачи, ансамбли и групи од областа на популарната, рок и џез музика. Овие снимки, се осведочено културно наследство за тој период што редовно се експлоатира од емитерите во радиодифузниот етер. Во 1971 година на Фестивалот Скопје за првпат е изведена неговата легендарна песна „Чија си“, која доживеа повеќе верзии и безброј изведби кај нас и во странство. Оваа песна во неколку официјални избори и анкети освоила повеќе епитети од типот „песна на милениумот“, инспирира театрска претстава и нашироко инспирира романтика.

Хитови и филмска музика[уреди | уреди извор]

Димитров од Скопје продолжува со успешно учество на скоро сите југословенски манифестации. Многу негови песни стануваат хитови („Нежност“, „Има една мома“, „Тивко тивко“, „Дали да ти пријдам“, „Момчето со мандолина“ „Есенска роза“, „Ѕма ѕма ѕм“, „Ти само збориш“...) Големо место во неговиот опус зафаќа музиката што ја компонира за ТВ серии, драми, филмови, театарски претстави („Исправи се, Делфина“, „Големата соба“, „Томе од бензинската пумпа“, „Опстанок“, серијата за деца „Загубено па најдено“...).

Фестивалска дејност[уреди | уреди извор]

Како вокален изведувач, иако поретко, присутен е скоро на сите позначајни културни збиднувања во земјата и странство (САД и Канада). Во улогата на музички продуцент учествува во реализацијата на музичката продукција на скоро сите скопски, опатиски, евровизиски и други фестивали. По згаснувањето на Скопскиот фестивал во 1980 година, даде голем придонес и жртва во воспоставувањето, уметничкото дизајнирање и афирмацијата на фестивалот „Макфест“. Димитров заради погоре спомнатото, во 1990 година го доби 8-ноемвриското признание - наградата на градот Штип.

Како музички продуцент-уредник, долги години раководел со македонскиот дел од „Парадата на танцови оркестри“ која се одржуваше во РаденциСловенија, каде што Танцовиот оркестар на МРТ беше прогласен за најдобар. Исто така (скоро 10 години) раководеше и со македонскиот дел од фестивалот „Младина“ во Суботица, на кој со огромен успех и освоени први места настапија скоро сите тогаш надежни млади македонски изведувачи и групи.

Покрај „Скопје 79“ и „Макфест 86, 87, 88, 89, 90, 98, 94, 95, 96, 97, 98“, беше уметнички директор и на детските фестивали „Веселото штурче“ - Штип, „До Ре Ми“ – Битола, но и на неповторливата битолска манифестација „Серенада 93“. Присуствува и учествува како автор и член на жири во разни комисии на повеќе меѓународни фестивали саеми, конференции во Русија, Романија, Египет, Украина, Кан...

Улога во дигиталната музика[уреди | уреди извор]

Меѓу првите во Македонија го вовел компјутерот како помагало во процесот на создавање музика, на што со голем успех се надоврзале неговите синови Оливер Димитров и Дарко Димитров, композитори, аранжери и продуценти и нивната генерација создавајќи музика на дигитален или дигитално-аналоген начин. Помогна при основањето на здруженијата „Шпато“, „Џинот“ и „Комип“. Преку овие здруженија со својата активност заедно со другите членови придонесе околу воведувањето музички квоти во новиот Закон за радиодифузната дејност. Особено значајна е неговата улога во создавањето услови и амбиент во врска со издавањето стална лиценца на Здружението за колективна заштита на изведувачките сродни права „Комип“ од страна на Министерството за култура.