Буково

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Буково
Old-Maedonian-house-Bukovo.jpg

Стара македонска куќа во Буково

Буково се наоѓа во Македонија
Буково
Буково (Македонија)
Координати 40°59′40″ СГШ 21°19′59″ ИГД / 
Општина Општина Битола
Население 3494 жит.
Надм. височина 821 м
Flag of Macedonia.svg Портал „Македонија“


Буково е село во Општина Битола, во околината на градот Битола.

Историja[уреди]

Жена од Буково во почетокот на XX век

Како легенда се пренесува дека првите семејства иле населени од многу поодамна изгореното село Неољани, што се наоѓало во близина од околу еден километар западно од сегашното Буково, во почетокот сместено во подножјето на буковските планини - Стар Забел и Неолица[1], покрај реката Киндирка, што се формира од прочуените извори на Дванаесетте Кладенци. Постојат остатоци и од стара црква, за која постојат податоци. Се претпоставува дека горната десна маала на Буково била населувана и од жители, од старото, многу одамна иселено село Магарево, од кое и денес можат да се забележат распаднати ѕидишта. Таа месност сега е под ливади и се вика Магарешки Ливади, а се наоѓа покрај Стара Река, што извира во буковско-ореовските планини, на околу 1,5 километри над сегашното Орехово, кое исто така е населено од жителите на Магарево. Ова дотолку повеќе е за верување оти Орехово во ништо не се разликува од Буково, ни по говорни особини, ни по обичаи, ниту по било што друго. Има верзија што е, исто така за верување, дека сегашното Буково посебно неговата долна маала била населена од старото иселено село викано Селиште, што се наоѓа десно од Стара Река, непосредно до сегашната црква - капела викана „Пречиста“. И тука сега можат да се сретнат остатоци од ѕидишта. За населувањето на долните маала на селото Буково можат да се сретнат остатоци од ѕидишта. Држи место и претпоставката дека Буково било населувано и од избегани жители од античкиот град Хераклеја по неговиот земјотрес, по кое и територијата од тој град станала сопственост на селото Буково. Првите пишани историски документи во кои се споменува Буково се турските сиџили од 26 јуни 1607 година, во кој се споменува земањето заем на жител - железар од селото[2]. Во својот најсветол период Буково имало 5000 жители а училиштето над 600 ученици. Во Кралска Југославија, Буково било општина и било два пати посетено од југословенскиот цар Александар I како најуредно село во Југославија. Во првата половина на XX век и дел од втората поголемиот дел од насeлението заминува на печалба во Австралија, САД, Канада и европските земји.

Жители од Буково во народни носии, почеток на XX век

Ова е верзијата која се употребувала во периодот кога Македонија била во рамките на Југославија, заради тогашното комунистичко владеење и дискриминација на искаживање и етничка самоопределба. На овој простор живеел народ и пред тоа, односно историските корени водат од иселувањето на античкиот град Хераклеја. При крајот на VI век животот во Хераклеја згаснува со доаѓањето на Словените и се создава едно мешање на народите и населување на просторите околу Буково, заради што во подоцнежниот период жителите на Буково стануваат големи земјопоседници, вклучувајќи ја и самата Хераклеја и голем дел од Пелагонија, градот Битола и шумскиот простор над Буково. Заради својата сратешка местоположба и бројноста на жители, Буково било окупирано од сите окупатори и оставиле свои траги како на пр. бугарски и француски конзулат, грчка школа, српска тортура и асимилација. Во Буково исто така останала и чешмата која се наоѓа на средина од селото која е подигната во чест на убиените во втората светска бојна.

За славното минато и материјалното богатство на жителите на Буково сведочи и архитектурата на некои од постарите куќи, која е градска и во барокен стил како куќите на Широк Сокак во Битола. Останатите куќи кои се изградени од делкан камен исто така се забележителни со својата импозантна големина од 2 и 3 катови. За духовното и културното минато на Буково сведочи буковскиот манастир „Свето Преображение“ кој иако е возобновен во 1837 година на темели на постарата црква, се споменува во записи од XVI и XVII век[3].

За потеклото на името на Буково, најверојатна е претпоставката дека тоа потекнува од името на дрвото бука, кога е го има во изобилство на падините на Пелистер околу самото село Буково.

Географиja и местоположба[уреди]

Главната улица во Буково

Селото Буково се наоѓа во јужниот дел на Општина Битола, на оддалеченост од 5 километри од градот Битола на источните огранки на Пелистер (Баба Планина)[4]. Буково е ридско село, расположено на надморска височина од 720 метри[5]. Поради близината со градот Битола, Буково е дел од неговата рурбална зона, односно тоа е населбата Буковски Ливади во подножјето на Баба Планина, веднаш под селото Буково. Атарот на Буково зафаќа површина од 17,9 км², од кои обработливото земјиште 913 ха, пасиштата 591,8 ха и шумите 146,3 ха[6]. Во непосредна близина на селото Буково се наоѓа археолошкото наоѓалиште на античкиот град Хераклеја.

Економија[уреди]

Поради близината со градот Битола и неговата индустриска зона, како и поволната географска положба селото Буково има развиена економска активност на своите жители. Во самото село Буково постојат и работат фабрички погон, земјоделска задруга, продавници и угостителски објекти[7]. Од земјоделието најразвиено е градинарството. Поради изобилството од бистра вода и плодна почва, во ова село успева и се одгледува црвениот пипер надалеку познат под името буковец токму поради името на ова село. За квалитетот на црвениот буковски пипер како и за трговијата која се одвивала за него во Буково уште во XIX век сведочат и записите на странски (бугарски) дипломати и патеписци. Покрај одгледувањето на пиперки, во Буково се одгледуваат и домати, зелка, праз, кромид, грашок, спанаќ. Застапено е одгледувањето на жита, посебно пченица. Од сточарството најразвиени се краварството и овчарството, а во помала мера и козарството. Многу застапено е и живинарството, преку одгледување на кокошки, петли, гуски и други домашни птици.

Демографија[уреди]

Селската чешма во Буково

Според пописот 2002 селото брои 3494 жители од кои:

  • 3456 Македонци
  • 14 Турци
  • 11 Албанци
  • 6 Срби
  • 1 Влав
  • 6 останати

Општествени институции[уреди]

Во Буково има осумгодишно основно училиште „Коле Канински“, амбуланта, пошта и дом на културата[8]. Домот на културата се наоѓа во зградата каде што се наоѓаат и месната заедница и продавницата на сред село.

Личности[уреди]

Културни и природни знаменитости[уреди]

Глетка од главната улица на Буково

Буковскиот манастир порано бил значаен културен центар во кој монасите преведувале, препишувале и пишувале книги на македонски јазик.

Цркви[9]
Археолошки локалитети[11]

Редовни настани[уреди]

Буково е меѓу малкуте места во Македонија каде секоја година последната недела пред Велигден се слави празникот Лазара. За време на празникот младите девојки (а понекогаш и момчињата) од селото се облекуваат во богати традиционални селски носии и шетајќи од куќа до куќа пеат Лазараски песни, а по завршуваљето на песната домаќинот им става по едно јајце во кошницата која ја носат или пари. Овој празник исто така се слави и во некои села во костурско.

Иселеништво[уреди]

Во првата половина на дваесеттиот век и дел од втората поголем дел од населението заминува на печалба пред сé во Австралија, САД, Канада и европските земји. Моментално во дијаспората има преку 2000 жители од Буково, меѓу кои најбројни на едно место се иселениците од Буково во Рочестер - САД каде има преку 800 Буковци, кои имаат изградено и сопствена црква, па поради тоа градот популарно меѓу буковци се вика и "Bukovo City".

Надворешни врски[уреди]

Занимливости[уреди]

Буково е светски препознатливо по својата многу лута црвена буковска пипер.

Наводи[уреди]

  1. „Буково“ - монографија. Буково, април 1981, стр.5
  2. „Буково“ - монографија. Буково, април 1981, стр.8
  3. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.44
  4. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.44
  5. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.44
  6. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.44
  7. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.44
  8. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.44
  9. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска. уред (на македонски). „Карта на верски објекти во Македонија“. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7. 
  10. Лековитите води го охрабруваат животот
  11. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069

Надворешни врски[уреди]