Пелистер
Пелистер е името на највисокиот врв на Баба Планина, а со своите 2601 метар надморска височина, претставува трет највисок планински врв во Македонија. Често името на врвот Пелистер, се користи и како име за самата Баба Планина и синоним за градот Битола. Пелистер е воедно прогласен за национален парк во 1948 година, тој има вкупна површина од 12.500 хектари и географската положба на паркот е 40°57’ СГШ и 21°14’ ИГД[1]. Го опфаќа врвот Пелистер и се протега на падините на Баба Планина.
Содржина |
[уреди] Потекло на името Пелистер
Името Пелистер води потекло од антиката, односно најверојатно е дадено од древно (античко) македонските племиња, Пелагонци и Линкестиди кои живееле непосредно под планината Баба, во овој дел од рамнината Пелагонија. Меѓу народот постои и легенда дека името Пелистер доаѓа од зборовите „пет лисје“. Кованицата бели+стени= белистени=пелистер е една од можните варијанти за потеклото на името Пелистер. Исто така, има мислење дека името „Пелистер“ е кованица од бел+истер= бел-истер = пелистер. Како аналогија се зема името на полуостровот Истра и ред други топоними, ороними и сл. од претсловенско, античко-венетскиот период. Значењето на „истер“ и ден-денес во македонскиот јазик како и милениуми претходно се употребува - означува нешто што е истерано, извишено, било во висина, било во море и сл. Колку за потсетување, старото име на реката Дунав е исто така Истер!
[уреди] Географија
Националниот парк Пелистер се наоѓа во југозападниот дел на Република Македонија и зафаќа површина од 12.500 хектари. Прогласен е во 1948 година како прво заштитено природно богатство во Македонија. Се карактеризира со поголем број врвови и возвишенија повисоки од 2000 метри, кои меѓу себе се раздвоени со длабоки долини. Највисок врв е Пелистер (2601 m). Од релјефните облици на Пелистер највпечатливи се т.н. камени реки. Тоа се наклони на релјефот исполнети со блокови од стени со различен состав.
[уреди] Хидрографија
Од хидрографските објекти, со посебна природна привлечност се двете глацијални езера, Пелистерски Очи - Големото и Малото Езеро на Пелистер, исто познати како „Горски Очи“.
[уреди] Флора и Фауна
Растителниот свет на Пелистер е мошне разнообразен, па оттаму и неговото специфично ботаничко значење. Тука растат 88 дрвни видови, што претставува 29% од вкупната дендрофлора на Македонија. Во вегетацијата на НП Пелистер се среќаваат 21 растителна заедница, од кои 8 се шумски, а 13 тревни заедници. Од шумските дрвни видови најголема вредност има моликата - автохтон вид на петоигличест бор со терциерна старост којшто расте само на неколку планини на Балканскиот полуостров. Висинската амплитуда на распространувањето на моликата на Пелистер е од 600 до над 2200 метри.
НП Пелистер претставува класично наоѓалиште за повеќе од 20 растителни видови, од коишто 2 се локални ендемити. Од 'рбетниците се среќаваат: 10 видови водоземци, 15 влечуги, 91 вид птици и 35 видови цицачи. Од рибите, значајно е да се истакне присуството на пелистерската ендемична поточна пастрмка (Salmo trutta peristericus) и пелагониската поточна пастрмка (Salmo trutta pelagonicus).
[уреди] Наводи
[уреди] Надворешни врски
|
|||||||||||||||||||||||||||||
|
||||||||