Кирил Македонски

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Кирил Македонски (Битола, 19 јануари 1925 - Скопје, 2 јуни 1984) бил македонски композитор, чие име е поврзано со настанокот на првата македонска национална опера „Гоце“, која својата прва претстава ја доживеа во Скопје во 1954 година. Покрај камерни творби, тој пишуваше музика и за радиодрами и за театарски пиеси, потоа за краткометражни филмови, како и за играниот филм „Македонска крвава свадба“.

Кирил Македонски своето основно образование го завршил во Битола, средното образование го продолжил во Битола и Скопје и матурирал 1946 год. Студирал во музичките академии во Загреб, Сараево, Љубљана на отсекот за композиции и диригирање. Во 1970 година како стипендист на полската влада престојува 6 месеци во Варшава. Се усовршува и на Меѓународниот институт за современа музика во Дармштат, Западна Германија во 1974 година. Учествувал на меѓународниот конгрес за нова музичка нотација во Ган Белгија 1974 година. Со свои стручни и научни трудови учествувал на повеке симпозиуми и конгреси во земјата и странство. Негови композиции се изведувани во нашата земја и странство (Западна Германија, Источна Германија, Франција, Советскиот Сојуз, Полска, Романија, Бугарија, Холандија, Данска, САД, Куба, Аргентина и др).

На Педагошката Академија “Климент Охридски“ во Скопје работи како професор од 1973 година, каде што на групата за музичко воспитување ги предава предметите Хармонија и Интонација. Автор е на уште две други опери со историска тематика „Цар Самуил“ 1966 година и „Илинден“ 1972 година.

Носител е на меѓународни признанија: Диплома за музикотерапија, од Интернационалниот биографски институт од Кембриџ, Англија. Во публикацијата на УНЕСКО, национална комисија за Белгија, е забележан како работник во областа на музикотерапијата во светот.