Гопеш

Од Википедија — слободната енциклопедија
Гопеш

Поглед на селото

Гопеш во рамките на Македонија
Гопеш
Местоположба на Гопеш во Македонија
Гопеш на карта

Карта

Координати 41°7′12″N 21°7′18″E / 41.12000° СГШ; 21.12167° ИГД / 41.12000; 21.12167Координати: 41°7′12″N 21°7′18″E / 41.12000° СГШ; 21.12167° ИГД / 41.12000; 21.12167
Регион  Пелагониски
Општина  Битола
Област Ѓават-Кол
Население 1 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 7314
Повик. бр. 045
Шифра на КО 02029
Надм. вис. 1.140 м
Слава Преображение Христово
Гопеш на општинската карта

Атарот на Гопеш во рамките на општината
Гопеш на Ризницата

Гопеш — село во Општина Битола, во областа Ѓават-Кол, во околината на градот Битола.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Разгледница со панорама на селото од 1917 година

Селото се наоѓа во областа Ѓават-Кол, во западниот дел од Општина Битола.[2] Селото е планинско, на надморска височина од 1.140 метри.[2]

Атарот зафаќа површина од 9,2 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 703 хектари, на пасиштата отпаѓаат 132 хектари, а на обработливото земјиште само 51 хектар.[2] Од градот Битола е оддалечено 28 километри.[3]

Селото се наоѓа во пазувите на планината Бигла, западно од Битола. До него води асфалтен пат, направен во 1997 година.[4]

Историја[уреди | уреди извор]

Селото е основано од Власи од Москополе, Албанија (поточно од истоименото село). Постои предание кое тврди дека селото постоело и претходно, подолу кон езерото Стрежево, каде што седум браќа подигнале населба со седум куќи и црква посветена на „Св. Никола“, кого заеднички го празнувале.[4]

На новата положба во близина на патот кон Битола и кон Ресен, Гопеш многу брзо се развил во големо и мошне богато село. По само неколку децении броело 900 куќи и 5.000 жители. Селаните најмногу се занимавале со занаетчиство и трговија, од која и го стекнале големото богатство.[4]

Во XIX век, Гопеш било село во Ресенската нахија во Битолската каза на Отоманското Царство.

Селото добило улично осветлување во 1912 година.[4]

Во 1911 година, Браќа Манаки го снимиле филмот „Романска делегација во посета на Гопеш“, при што е забележано пристигнувањето и пречекот на делегацијата во селото.

Штабот на Седмата македонска ударна бригада, додека истата делувала во Битолско, бил сместен во Гопеш.[5]

Вкупно 4 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[6]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Во минатото селото било развиено и во 1900 година биле забележани 22 бакалници, 7 фурни, 5 касапници, 1 фотограф и 1 аптека.[3]

Селото нема посебна стопанска функција.[2]

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948243—    
1953214−11.9%
196197−54.7%
197198+1.0%
19810−100.0%
ГодинаНас.±%
19913—    
19943+0.0%
20020−100.0%
20211—    

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Гопеш имало 2.460 жители, сите Власи христијани.[7] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Гопеш имало 2.400 жители.[8]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 350 Власи и 50 Македонци.[9]

Гопеш е мало село коешто во 1961 година имало 97 жители, а во 1994 година само тројца жители, Власи.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Гопеш немало жители.[10]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 1 жител, Влав.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 2.460 2.400 243 214 97 98 0 3 3 0 1
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]

Родови[уреди | уреди извор]

Гопеш е влашко село.

Во 1957 година, во селото живееле 38 влашки домаќинства. Од нив, најстариот сој биле 26 домаќинства: по две семејства имале родовите: Папа, Јанаки, Чунга и Мустрик; по едно семејство имале родовите Ќира, Албо, Бела, Мазни, Карали, Ерка, Топал, Катаробе, Дукарица, Дудуш, Шути, Генани, Цингар, Михо, Шарка, Христа, Пица и Санту. Овие родови по потекло се од истоименото село во Албанија и од околината на Москополе. Се доселиле кон крајот на XVIII век и почетокот на XIX век.

Останатите доселеници во Гопеш (12 куќи) биле доселениците од Музакија, приморска Албанија. Тоа биле Ѓендеровци (4 куќи), Тоти (2 куќи), Пеле (2), Буле (2), Спиро (1) и Моча (1). Овие домаќинства во Гопеш се доселиле по ослободувањето на Турците и по Првата светска војна (дошле во 1913 и во 1920 година). Од иселените постари Власи купиле куќи и малку земјиште; претежно ливади. Меѓу поранодоселените Власи и новите постоеле значителни разлики во начинот на животот, уредувањето на куќите и во влашкиот говор.

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Панорама на селото со автомобил, 1930-ти.

Селото влегува во рамките на Општина Битола, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година, при што кон нејзе биле придодадени поранешните општини, Бистрица, Кукуречани и Цапари. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Цапари.

Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Кажани, во која влегувале селата Гопеш, Доленци, Ѓавато, Кажани, Маловиште и Лера.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Кажани, во која покрај селото Гопеш се наоѓале селата Доленци, Ѓавато, Кажани, Лера, Маловиште, Рамна, Ротино, Српци и Цапари.

Во периодот 1955-1965, селото било дел од тогашната општина Дихово.

Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Битола.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Селото е опфатено во склоп на избирачкото место бр. 0207 според Државната изборна комисија, кое ги опфаќа селата Доленци и Гопеш, кое е сместено во основното училиште во Доленци.[15]

На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 227 гласачи.[16]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 223 гласачи.[17]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Главната селска црква „Св. Преображение“, заштитен споменик на културата
Цркви[18]

Редовни настани[уреди | уреди извор]

За време на христијанскиот празник Преображение Христово, кој се слави на 19 август, во селото престојуваат повеќе стотици посетители и иселеници од сите краеви на светот.

Личности[уреди | уреди извор]

Родени во Гопеш

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Во минатото, селото Гопеш било големо, со околу 5.000 жители и имало голем број иселеници во Франција, Англија, Америка итн., каде се занимавале со трговија и други дејности. Оттаму, печалбарите носеле разна стока која ја продавале во Битола, при што, жителите на селото биле едни од побогатите во битолско. Така, уште во 1930-тите, во селото пристигнал првиот автомобил од марката „форд“, кого го донел некој печалбар од Америка, кој таа година дошол на одмор во родниот крај. Фотографијата која го прикажува иселеникот со автомобилот и ден-денес се чува во црквата „Свето Преображение“.[19]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 72. Посетено на 29 ноември 2017.
  3. 3,0 3,1 „Гопеш“. Мој Роден Крај. Архивирано од изворникот на 2017-12-08. Посетено на 29 ноември 2017.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 „Пророштвото од XIX век го претскажа опустошувањето на селото Гопеш“. Матица на иселеници. Посетено на 30 ноември 2017.[мртва врска]
  5. „Борби за ослободување на Битола“. Битола. Посетено на 22 април 2022.
  6. „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
  7. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 241.
  8. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 174-175.
  9. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  10. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 29 ноември 2017.
  11. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  12. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  13. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  14. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  15. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 29 ноември 2017.
  16. „Локални избори 2017“. Архивирано од изворникот на 2020-05-29. Посетено на 29 ноември 2017.
  17. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  18. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  19. „Во Гопеш се возел „форд“ пред девет децении“, Дневник, број 5292, година XVII, четврток, 17 октомври 2013, стр. 18.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]