Божин Павловски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Божин Павловски
Павловски во 2007 г.
Занимањеписател и сценарист
НационалностМакедонец
Државјанствомакедонско
НародностМакедонец
ОбразованиеФилозофски факултет
Апсолвент наУниверзитет „Св. Кирил и Методиј“
Период1964-денес
Предметпроза
Книжевно движењесовремена македонска книжевност
Значајни делаПодвижно гробови“, „Роман за моето заминување“ и др.
Значајни награди„Рациново признание“, „11 Октомври“, и др.

Божин Павловски (7 јануари 1942, с. Жван, Демирхисарско) — македонски писател[1] и редовен член на МАНУ. Тој живее и твори во Скопје и Мелбурн.

Животопис[уреди | уреди извор]

Божин Павловски е роден на 7 јануари 1942 година во селото Жван, во близината на Демир Хисар. Во родното место го завршил основното училиште, а во Битола завршил за ветеринарен техничар. Во 1961 година се вработил во ветеринарната служба во Уб, Србија, но кон крајот на годината се вратил во Битола, каде се запишал на Вишата земјоделска школа. Во 1962 година освоил прва награда на едне конкурс за расказ по што се преселил во Скопје, каде работел во весниците „Студентски збор“ и „Трудбеник“, а потоа во редакцијата на „Млад борец“. Истата година ја добил наградата на Сојузот на младината на Хрватска за најдобра репортажа. Во 1963 година се вработил во „Нова Македонија“, каде работел две години, најпрвин како филмски критичар, а потоа и како репортер од областа на културата. Во 1970 година бил на повеќемесечно патување во Австралија и Канада, а во 1971 година дипломирал југословенска книжевност на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1975 година повторно заминал во Австралија, каде раководел со екипата што го снимила документарниот филм „Австралија, Австралија“ според неговото сценарио. Следната година, филмот освоил Гран при за најдобар филм на фестивалот во Белград. Во текот на 1976 година бил на подолг престој во Тајланд, Јапонија, Сингапур и Хонгконг.[2]

Павловски бил долгогодишен главен уредник на издавачката куќа „Мисла“ во Скопје, а исто така, е основач на издавачката куќа АЕА, основана во 1992 година во Мелбурн, Австралија. Оваа издавачка куќа ги издава весниците „Денес“ и „Македонија денес“ кои се вбројуваат меѓу највлијателните етнички весници во Австралија, САД и Канада. Во 1996 година, Павловски станал главен уредник на книгоиздателството „Матица македонска“ од Скопје. Бил член на Македонската академија на науките и уметностите и на Друштвото на писателите на Македонија (од 1964 до 2013 година). Во 2013 година од страна на Комисијата за верификација на фактите на Република Македонија е утврдена неговата соработка со тајните безбедносни служби на поранешната СФРЈ.[3] МАНУ ја има осудено ваквата одлука.

Контроверзи и лустрација[уреди | уреди извор]

Иако Божин Павловски е добитник на многу престижни литературни признанија, неговата кариера ја следат и некои негативни критики за неговото дело, за кое на неколку наврати се зборувало дека е плагијат. Во 1992 година излегува книгата на Атанас Вангелов, наречена „Преписите на Божин Павловски“. Во 2003, студентката по компаративна книжевност, Маја Серафимовска, покренала тужба против него, бидејќи Павловски наводно ѝ го негирал соавторството на автобиографскиот роман „Патување со љубената“.[се бара извор]

Во јули 2013 година, Комисијата за верификација спровела процес на лустрација против Божин Павловски и утврдила дека тој соработувал со тајните служби. Со остри реакции против ваквата одлука се изјасниле Друштвото на писателите на Македонија, како и академиците Катица Ќулавкова и Георги Старделов.[4][5] Во знак на протест, Павловски го повлекол своето членство во МАНУ и Друштвото на писателите на Македонија.[6]

На 12 декември 2016 година Вишиот управен суд донел одлука со која се поништува лустрација на академик Божин Павловски на Комисијата за верификација на фактите. Во образложението на одлуката се наведува дека „одлуката на Комисијата за лустрација на Божин Павловски се поништува поради погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба“.[7]

Творештво[уреди | уреди извор]

Делата на Божин Павловски се преведени на дваесетина јазици, меѓу кои: англиски, француски, руски, српски, италијански, романски, албански, словенечки и други јазици.

Павловски е автор на следниве дела:[2][8][9]

  • Игра со љубов (роман, 1964)
  • Фантасти (раскази, 1964)
  • Миладин од Кина (роман, прв дел, 1967)
  • Лудисти (раскази, 1967)
  • Миладин од Кина (роман, втор дел, 1968)
  • Македонците зад Екваторот (патописна проза, 1971)
  • Дува (роман, 1973)
  • Австралија, Австралија (сценарио за документарен филм, 1975)
  • Вест Ауст (роман, 1978)
  • Црвениот хипокрит (роман, 1984)
  • Уткини соседи (роман, 1987)
  • Враќање во сказните (роман, 1989)
  • Дува и болвата (роман, 1997)
  • Подвижни гробови (роман, 1998)
  • Патување со љубената (роман, 2000)
  • Египетска сонувалка (роман, 2001)
  • Изгубени во рајската градина (роман)[10]
  • Агонија (роман)
  • Мирисите на доилката (роман)
  • Се викам Хај Гудбај (роман)
  • Убавицата и Мародерот (роман)
  • Зима во лето (роман)
  • Светлечкиот поток (роман)
  • Рогот на љубовта (роман)
  • Градинар, Пустина (роман, 2016)
  • Америка, Америка (роман, 2017)
  • Монахот од Тамнава (роман, 2018)
  • Мемоари на задоцнетиот романтичар (роман, 2019)
  • На пат за Ахасферија (роман, 2020)

Награди[уреди | уреди извор]

Божин Павловски е добитник на следниве награди и признанија:[2]

Исто така, „Роман за моето заминување“ ја освоил наградата за најпродавана книга на Меѓународниот саем на книгата во Скопје (2002 г.), а „Патувањето со Љубената“ ја добил Интербалканската награда за книжевност во Солун (2002 г.).

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Романописец со душа на поет“. КИСС ТВ. Архивирано од изворникот на 2008-06-16. Посетено на 2010-02-09.
  2. 2,0 2,1 2,2 „Божин Павловски - Хронологија“, во: Божин Павловски, Дува (петто издание). Скопје: Мисла, 1981.
  3. Решение бр.07-1117/1 на Комисијата за верификација на фактите
  4. И Божин Павловски лустриран!, Телма, 17 јули 2013.
  5. Лустриран академик Божин Павловски[мртва врска], Утрински Весник, 17 јули 2013.
  6. Божин Павловски е прв академик што се повлекол од МАНУ[мртва врска], Нова Македонија, 17 јули 2013.
  7. „Судот ја поништи и лустрацијата на Божин Павловски | Фокус“. fokus.mk (англиски). Посетено на 2018-05-21.
  8. Петар Т. Бошковски, „Миладин од Кина“, во: Божин Павловски, Дува (петто издание). Скопје: Мисла, 1981.
  9. Милан Ѓурчинов, „Дува“, во: Божин Павловски, Дува (петто издание). Скопје: Мисла, 1981.
  10. Македонски писатели, Друштво на писатели на Македонија, Скопје, 2004, стр. 189.
  11. „Признание за „Убавицата и мародерот". Дневник. 8 јуни 2006. Посетено на 8 јуни 2020.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]