Лустрација

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Лустрација е политика која го ограничува учеството на поранешните комунисти и посебно шпиуни од комунистичката тајна полиција, во извршувањето на јавните функции.

Лустрацијата во Македонија[уреди | уреди извор]

Во 2012 година бил донесен потполно нов закон за лустрација, како замена на законот од 2008 година. Законот од 2012 година, чиј официјален назив бил Закон за определување дополнителен услов за вршење јавна функција, донесол повеќе новини во споредба со претходниот закон, како: јавно објавување на лустрираните лица; продолжување на опфатот на лустрацијата до 2006 година; можност како извори на информации за лустрирање да бидат не само државните органи, туку и физички и правни лица итн. Исто така, со оовј закон се проширила дефиницијата за соработка со тајната полиција. За разлика од законот од 2008 година, во кој соработката се дефинирала како „тајна, свесна, континуирана и организирана соработка и активност, заснована со писмен документ со органите на државната безбедност“, во законот од 2012 година Комисијата за верификација на фактите (како орган надлежен за спроведување на лустрацијата) добила овластување да лустрира и лице евидентирано во досиејата на органите за државна безбедност како „таен соработник, оперативна врска или таен информатор при оперативно прибирање, известување и податоци што биле предмет на обработка, чување и користење од органите на државната безбедност.“

Во 2015 година, во согласност со Извештајот на Прибе, како дел од решевањето на политичката криза во Македонија, процесот на лустрација бил запрен, а Комисијата за верификација на фактите продолжила да работи до завршувањето на судските процеси иницирани на дел од лустрираните лица. До тој момент, во Македонија биле лустрирани 300 лица, иако Комисијата за верификација на фактите проверила 30.000 лица. Меѓу лустрираните лица биле и поранешни министри за внатрешни работи и други високи полициски функционери, како: Љубомир Фрчкоски, Добри Величковски, Јован Трпеновски, Стеван Павлески, потоа судијата во Уставниот суд Трендафил Ивановски итн. Притоа, 20 лустрирани лица повеле судска постапка и добиле позитивна пресуда од Управниот суд, која потоа лустраторите ја обжалиле до Вишиот управен суд. Петмина лустрирани лица правдата ја побарале пред Судот за човековите права во Стразбур.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Влатко Стојановски, „Политичките противници станаа кодоши, а соработниците на тајните служби - патриоти!“, Фокус, број 1098, 21 октомври 2016, стр. 19-13.