Прејди на содржината

Македонска револуционерна организација

Од Википедија — слободната енциклопедија
Македонска револуционерна организација (МРО)
Слобода или смрт
Слобода или смрт
Функционира 18931908
Водач Даме Груев
Гоце Делчев
Ѓорче Петров
Пере Тошев
Јане Сандански
Борис Сарафов
Петар Поп Арсов
Цели Ослободување на
Македонија и Одринско
создавање на Самостојна македонска држава
Подрачја Османлиско Царство
Македонија
Одринско
Бугарија
Идеологија Централизам
Поважни дела Илинденско востание
Крушевска Република
Поголеми напади Афера мис Стон
Печатот Ц.М.Р.К.
Текст на заклетвата за прием на нови членови во Организацијата
Шифрирана азбука за конспиративна преписка на Организацијата, составена од Гоце Делчев
Насловна страница на весникот Дело, неофицијален орган на Организацијата

Македонска револуционерна организација (МРО)[б 1] — револуционерно-националноослободителна организација на македонскиот народ[б 2] (Солун, 23. X/ 4. XI 1893 — 1908). Била основана од шестмина револуционери интелектуалци: Дамјан Груев, д-р Христо Татарчев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Христо Батанџиев и Андон Димитров, со цел по пат на вооружена борба да се извојува политичка автономија на Македонија и Одринско [1]. На основачкиот состанок усвоиле програма за дејствување. Бил усвоен Устав на Организацијата (во почетокот на 1894) и се конституирал Централниот комитет (претседател д-р Христо Татарчев, секретар Дамјан Груев). Била изградена мрежа на Организацијата во поголемите центри во Македонија (до средината на 1894). Особено силен подем бележела по стапувањето во членство и во раководењето на Гоце Делчев, Пере Тошев, Ѓорче Петров, Јане Сандански и други македонски револуционери.

Во летото 1894 г. во било одржано Ресенското советување на членовите на ЦК и на делегатите на месните комитети посветено на организациони и на тековни прашања за револуционерно дејствување. Биле формирани три револуционерни окрузи: Солунски, Битолски и Скопски. Организацијата изградила (до есента на 1895) разгранета мрежа во сите делови во Македонија и прогласила сувереност на организационата територија, спречување на дејствувањето на други организирани групи со исти цели во Македонија. Македонските комитети формирани во странство можеле да дејствуваат исклучиво во рамките на МРО.

По формирањето на Македонскиот комитет во Софија (подоцна преименуван во Врховен македонски комитет, 1895), ЦК на МРО веднаш побарал тој комитет да ја сообрази својата активност со потребите на МРО и да работи како помошен комитет. Софискиот комитет продолжил да дејствува како паралелна организација во македонското револуционерно движење. Во почетокот на 1896 г. Делчев пристигнал во Софија во својство на официјален претставник на МРО да работи за спречување на мешањето на бугарските државни фактори во македонското ослободително дело. Претседателот на Софискиот комитет генералот Данаил Николаев бил предупреден дека МРО нема да ги толерира активностите и акциите преземени во Македонија. Грција и Србија го засилиле пропагандното дејствување и се експонирале како непријателски сили кон македонското ослободително дело. Во така неповолно опкружување за поефикасно водење на ослободителната борба, а со оглед на тоа дека и бугарското население во Одринско се наоѓало во иста положба и влегувало во границите на Егзархијата, МРО се определила да го организира и тоа население за извојување автономија на Македонија и на таа област.

На 5/12 јануари 1896 година се одржал Солунскиот конгрес со учество на првите луѓе на Организацијата: Гоце Делчев, Дамјан Груев, Ѓорче Петров, Пере Тошев, д-р Христо Татарчев, Петар Поп Арсов и др. На конгресот, била усвоена нова политичка стратегија и тактика во дејствувањето. Конгресот усвоил нова управна поделба и територијална организација и промена на организациското името во Тајна македонско-одринска револуционерна организација (ТМОРО). Месните комитети биле ополномоштени да вршат просветување на жените и создавање масовно народно движење. Усвоените промени биле вградени во актите и Уставот и внатрешниот правилник.

По Конгресот започнало забрзано создавање вооружени чети, ударната оружена сила на Организацијата за одбрана на територијалниот интегритет од туѓи вооруж ени чети и групи во Македонија. Бил донесен и посебен Правилник (1900) за четите со кој било регулирано формирањето, раководењето, употребата, како и борбената обука. Нивните припадници — комитите — носеле униформирана народна комитска облека и обележје за припадност. Вооружените сили ги раководел Делчев, кој го основал и изградувал Четничкиот институт, со надлежност на врховен инспектор. Организацијата имала тајна пошта и тајна полиција, создала функционални месни органи и тела. На целата територија на Македонија (до почетокот на 1903) Организацијата имала воспоставено делотворна власт на тајна држава во државата или подземна република.

На Солунскиот конгрес од 1903 година било донесеното решение за кревање востание, во отсуство на Делчев, Даме Груев, Ѓорче Петров, Сандански и други водечки личности на Организацијата. Смилевскиот конгрес на Битолскиот револуционерен округ ја потврдил одлуката за кревање востание. Востанието раководено од Главниот востанички штаб почнало на Илинден 1903 и прераснало во македонска сенародна борба за ослободување и за создавање самостојна македонска држава, највисокиот дострел во дејствувањето на Македонската револуционерна организација.

По Илинденското востание силно се манифестирале внатрешните поделби. На Општиот рилски конрес (во почетокот на 1905) само привремено било воспоставено единството на Организацијата. На Конгресот бил отфлен квалификативот тајна од името и Организацијата продолжила да дејствува под името: Внатрешна македонско-одринска револуционерна организација (ВМОРО).

Внатрешните поделби и групирања во спротивставени струи: конзервативна и реформската струја се заостриле до степен на меѓусебни оружени пресметки. Така дошло до дефинитивен Расцеп на Македонската револуционерна организација во 1908 година. По Младотурската револуција и по воспоставувањето на парламентарното уредување Организацијата престанала да постои. Двете струи формирале политички партии: Сандански со Димитар Влахов Народна федеративна партија, а дел од дејците на конзервативната струја ги формирале Бугарски конституциони клубови

Основање

Причини за појава

Македонска револуционерна
организација (МРО)
Печат на Македонскиот комитет

За појавата на Македонската револуционерна организација постојат две главни причини. По Берлинскиот конгрес, Македонскиот народ останал национално, политички, културно, просветно и духовно обесправен [1]. Дополнително на тоа македонскиот национален индивидуалитет се наоѓаал во опасност од странските пропаганди, кои со своето дејствување го засилувале антагонизмот во Македонија кој и онака постоел [1].

Турската власт како фактор

Секако една од главните причини за појава на организацијата е останувањето на Македонија под османска власт. Турците посегале по животите, честа и имотите на сите Македонци. Ослободувањето се гледало во создавање на една револуционерна организација. Националноослободителниот карактер на организацијата се гледа во Членот 1 од Уставот на ТМОРО во кој се истакнува:

Тајната македонско - одринска револуционерна организација има за цел да ги сплоти во едно цело сите незадоволни елементи во Македонија и Одринско, без разлика на народноста, за извојување преку револуција полна политичка автономија за тие две области [2].

Пропагандите како фактор

организацијата се бори против шовинистичките пропаганди и национални расправи кои го цепат и омаловажуваат населението во неговата борба против општиот непријател, дејствува за внесување на револуционерен дух и сознание и ги употребува сите средства и усилби за поскорешно и понавремено вооружување. Таа се грижи за културното и економското издигнување на организираното население и ја потпомага неговата легална борба против турската власт

— Член 3, Устав на Внатрешната македоно-одринска револуционерна организација

Бугарската, грчката и српската пропаганда дејствувале ретроградно врз националното ослободување на Македонскиот народ. Тие со своите црковно - преосветни дејности го делеле народот во Македонија и го загрозувале неговиот национален индивидуалитет [1].

Пропагандниот натпревар требало да обезбеди повеќе грчки, бугарски и српски национални приврзаници во Македонија. Тие во погоден момент требало да послужат како ванатрешни нацинални сојузници и оправдувачки фактор за нивните територијални претензии во Македонија [1].

Затоа не треба да изненадува писмото на Митрополитот Теодосиј Гологанов од 22. 06. 1891 година, испратено до проигуменот Дионисиј, во кое пишува: Ние Македонците немаме толку мака од Турцитте да ни е жив падишахот, колку од Грците, Бугарите и Србите, кои како орли на мрша се впуштија на оваа наша многустрадална земја и сакаат да ја расчеречат [3].

Изнесеното, само потврдува дека пропагандите станале: кохезионен фактор кој ги збил редовите на македонската младина, граѓанските, првенствено егзархиските средини и интелигенција [4]. Во почетокот на 90-години на 19 век во Македонија се појавило едно силно антиегзрхиско движење, и во контекст на ова движење Ѓорче Петров истакнува дека се јавило едно настроение на:

младите против владиците, општините, егзархиските учители и службеници, и една струја против посегањата на Егзархијата бесконтролно да господарува во црковните и училишните работи во земјата. Еснафите, што во македонските градови сочинуваа моќен сталеж, скоро минаа во оваа борба на страна на младите. . . Ова движење се паѓа паралелно со појавата на таканаречениот од некои македонски сепаратизам, изразен преку списанието Лоза, во Софија, раководено од Арсов, Баласчев, Хаџи Николов и други. . . Во Солун се пројави меѓу учителите во гиманазијата исто ова сепаратистичко движење. Реченото раздвижување . . . го сметам како прв чекор на самодејност во земјата. . . Тоа неосетно се прероди во револуционерно движење [5].

Македонската интелигенција запазувањето на македонскиот национален индивидуалитет го видела во создавање на една револуционерна организација. Антипропагандните определби на организацијат се гледаат во нејзините уставо - статутарни акти [1]: Организацијата се бори да ги премавне шовинистичките пропаганди и национални расправии, кои го цепат и ослабуваат македонското и одринското население во неговата борба против општиот непријател [6].

Крсте Петков Мисирков во својата книга За македонцките работи истакнува:

Мислата за национално обединување на Македонците, иако под маската бугарска, се зафати во 1890 г. Во крајот на 1889 г. се префрлија во Бугарија 30-40 души ученици и студенти Македонци од Белград во Софија. Тие ученици се душата на сите настани во Македонија оттогаш досега. Тие беа запознаени со Србија и Бугарија, со нивните култури и цели во Македонија. Тие и ја сознаа опасноста за дележ на Македонија помеѓу тие две држави - ако Македонците самите не се вооружат за да си извојуваат сами, со сви сопствени сили и средства слобода и со тоа да го предупредат дележот на Македонија. По нивна иницијатива во почетокот на деведесеттите години се образува едно национално сепаратистичко движење со цел да се одделат интересите на Македонците од бугарските со издигнување на едно од македонските наречја на степен на литературен јазик за сите Македонци. Орган на тоа сепаратистичко движење на Македонците во Бугарија беше списанието „Лоза”.Но тоа духовно движење на Македонците не и’ се бендиса на бугарската стамболовска влада, којашто забрани да се издава „Лоза” и фати да ги гони Македонците сепаратисти. Од тоа уште време побегна Дамјан Груев, којшто беше во бројот на Македонците ученици што паминаа од Белград во Софија и во бројот на сепаратистите. Немајќи во Бугарија почва за национален сепаратизам, Македонците што пребегаа од Белград во Софија, се зафатија со образување на револуционерни организации во Бугарија и во Македонија.Видните Македонци револуционери сепаратисти, како Делчев, беа само ученици на првото поколение Македонци ученици српски и бугарски. Исто така и Сарафови другите подоцнешни револуционери се јавија само како нивни продолжувачи и следбеници, но не иницијатори на револуционерната организација. Од самиот зафаток на револуционерната организација Македонците во Бугарија, или со бугарско образование, работеа под маската Бугари, едно затоа што така се викаше голем дел од населението, а друго, што по тој пат можеше да се добие поддршката на бугарската влада, на бугарскиот народ и на Бугарската егзархија.

Први обиди

Споменик на основачите на МРО во Скопје

Првите обиди за формирање на организација се датираат кон крајот на осумдесеттите и почетокот на деведесеттите години на 19 век. Некаде околу 1889 година Пере Тошев му пишал писмо на Ѓорче Петров да формираат: организација за ослободување [7]. Во летото 1891 година во Битола, Дамјан Груев направил обид за формирање на една организација, имено тој го формирал Учителскиот сојуз со чисто револуционерни цели, но неговата дејност била попречена од Архимандритот Козма Пречистански [8].

Идеите и плановите на Хаџи Николов

Во 1892 година кај Иван Хаџи Николов созреала идејата дека само една организација може да го пресече патот на пропагандите. Почнал да бара лица кој би можеле да му помогнат во оформувањето на таквата организација, и такви луѓе, во тој момент видел во Димитар Цонев, Христо Татарчев, Петар Поп Арсов и Христо Батанџиев. Оформувањето на организацијата било одложено, бидејќи биле малкумина, но идејата не ја напуштиле.

Принципи за создавање на Организацијата

Во јули 1893 година И. Х. Николов во Софија имал средба со Гоце Делчев и Коста Шахов, и ги претставил начелата врз кои требало да со основа организацијата.

1. Организацијата да се основа во Македонија, а не во Софија, бидејќи основана во Софија и раководена од Софија, Србите и Грците ќе ја третираат како измислица на бугарското правителство, ќе основаат и тие организации и од нашата организација нема да биде ништо. Поради тоа треба да биде тајна [9]. 2. Основачите да се Македонци, чесни, да се ползуваат со добро име и да живеаат во Македонија, за да бидат постојано во контакт со населението во Македонија, да бидат изложени и тие на истата опасност , на каква што ќе бидат иузложенени и нивните последувачи, преку кои полесно ќе ја спечалат довербат на населението [9]. 3. Лозинката треба да биде Автономија на Македонија. Нашето барање треба да се потпира врз член 23 од Берлинскиот конгрес за да се надеваме на успех. Да се постигне Автономија на Македонија, значи да ја откинеме не само од Турција туку и од Србите и Грците. Оцртани еднаш границите на Автономана Македонија, Србите и Греците веќе не ќе можат да бараат делови од неа, кога, ако посакаме присоединување на Македонија кон Бугарија, Србите и Грците ќе посакаат и тие делови од неа. Наша задача треба да биде да ја споиме Македонија цела, а тоа може да биде преку една Автономна Македонија [9]. 4. Организацијат треба да биде самостојна и независна. Да нема никакви врски и ангажмани со владите на соседните држави, за да не ѝ влијаат и да не ја обвинуваат дека е орудие на некоја од тие влади и со тоа да предизвика противдејство од страна на другите соседни влади [9]. 5. Од Македонците во Бугарија и од бугарскиот народ ќе бараме морална. . . и материјална поддршка без притоа да ни се мешаат во работата [9][10].

Основање на организацијата

Во Солун ја поминав следната година, на работа во печатницата на Самарџиев. Тука се сретнав со свои стари другари: Поп Арсов, Андон Димитров (род. од солунското с. Ајватово, сега член на битолскиот суд); д-р Христо Татарчев, Хаџи Николов (од Кукуш), Христо Батанџиев (од Гуменџе, секретар на солунската општина?). Со нив ја обновивме старата идеја. Се згрупиравме, и сложно изработивме статут-правилник. Во неговата основа ги поставивме истите начела: барање да се примени Берлинскиот конгрес.

— Даме Груев, Спомени

Организацијата е основана на 23. 10. 1893 година во Солун [11], од страна на Христо Татарчев, Дамјан Груев, Иван Хаџи Николов, Христо Батанџиев, Петар Поп Арсов и Андон Димитров. Основачкиот состанок се одржал во станот на Христо Батанџиев, но треба да се истакне дека друштвото се конституирало како група без да избераат раководство и без писмен протокол. Конкретно организацијата е оформена за време на Јануарската средба кога е одлучено организацијата да се вика:

Македонска револуционерна организација (МРО), (на чело со б. н) Централен македонски револуционерен комитет (ЦМРК) [12]

Според Иван Хаџи Николов тогаш биле прифатени следните начела:

1) Организацијата да е тајна и револуционерна. 2. Нејзината територија да ја сочинува само Македонија во нејзините географски и етнографски граници, поради што ќе се нарекува Внатрешна. 3) Во неа ќе членуваат родени и лица што живеаат во Македонија без разлика на вера и народност. 4) Политичкото верују на организираните Македонци е автономија на Македонија. 5) Да се чува самостојноста на организацијата за да не падне под влијание на политиката на соседните држави. [13].
Основоположниците на Македонската револуционерна организација

Денот на основањето на Организацијата, 23 октомври, од 2007 година се слави како државен празник на Република Македонија под името Ден на Македонската револуционерна борба.

Име

Христо Татарчев
Првиот печат на Централниот комитет, кој гласи Македонски револуционерен комитет,Слобода или смрт
Расписка на Централниот Македонско-Одрински Револуционерен Комитет за добиени 500 наполеона од бугарската влада преку дипломатот Димитар Ризов. Натпис на печатот: Македонски централен револуционерен комитет. Датум: 24 ноември 1898 година

Во различни периоди од своето постоење организацијата имала различни имиња. Поради недостаток на изворна протокуларна документација, која во почетокот не се создавала и поради извесни противречности и недоречености во сведоштвата на самите основоположници во историската наука нема согласност под кое име Организацијата била основана. Еден дел од историчарите сметаат дека првото официјално име на организацијата било Македонска револуционерна органанизација, или Македонски револуционерни комитети (МРК).[14]

Други сметаат дека првото име на организацијата било Бугарски македонско - одрински револуционерни комитети, а трети сметаат дека прво таа се викала МРО, а потоа БМОРК. Меѓутоа општа согласност во Македонската историската наука нема дека оваа организација некогаш се именувала БМОРК. Македонскиот историчар Крсте Битовски пишува: Дилеми како се викала револуционерната организација при нејзиното формирање и дали познатиот, меѓутоа недатиран Устав кој Организацијата ја нарекува „Бугарски македоно-одрински револуционерни комитети“ е прв, не постојат. Со определена задршка, се смета дека е тој прв Устав на Организацијата.

Акад. Иван Катарџиев смета дека: '"Постоечките документи говорат дека таа била наречена „Бугарски македоно-одрински револуционерни комитети“. Оваа име Организацијата го добила на својот прв Конгрес одржан во летото (15 август 1894) во Ресен... Меѓутоа, согледувајќи ја целата несоодветност на ова име со македонските услови и битие, на конгресот 1896 г. во Солун било решено името на Организацијата да се промени. Таа била наречена „Тајна македоно-одринска револуционерна организација (ТМОРО).“" Но самоит Катарџиев признал во еден од неговите идни дела дека „податоците од мемоарската литература не се во согласност со содржината на тој „Устав“.“ Некои бугарски научници, како Константин Пандев сметаат, дека првото уставно име на организациjата од 1894 година било Македонски револуционерни комитети, а во 1896 година на Солунскиот конгрес таа го добила името Бугарски македоно-одрински револуционерни комитети. Пандев тврди дека ова име е сменето на ТМОРО дури во 1902 г. Овие тврдења се поддржуваат од спомените на Пејо Јаворов.[15] Истите ставови на Пандев се поддржуваат и од известувањето на српскиот генерален конзул во Битола, Михаил Ристиќ до српскиот министер за надворешни работи С. Лозаниќ од 1903 г.[16]

Од друга страна Битовски пишува: "И денес, доколку на кој и да е бугарски историчар му се испрати фотокопија на Уставот на ТМОРО од Британскиот архив (Уставот бил испратен во Лондон во 1898 г.), од која се гледа дека тој точно го определува името на Организацијата (ТМОРО) од 1897 г. тој тоа ќе го смета како провокација“. Овие ставови на Битовски се поддржуваат од спомените на Илија Докторов.[17] Меѓутоа општа согласност во бугарската историска наука со датирањето на Пандев нема. Сепак, нема спор меѓу историчарите дека во 1905 година, името ТМОРО било променето во "Внатрешна македонско-одринска револуционерна организација" (ВМОРО).Ванчо Ѓорѓиев истакнува:

...ако Катаржиев бил повнимателен кон членот 8 од Уставот на БМОРК, каде е определен печатот на ЦК ќе забелжал дека за печатот е предвиден натписот Македоно-одрински централен револуционерен комитет. Ако ги следиме официјалните документи ќе забележиме дека првиот досега познат документ од името на Организацијата е потпечатен со печат на кој стои текст Македонски централен револуционерен комитет, при што Одринско не е спомнато, а на почетокот од документот во левиот агол стои кратенската ЦМРК. Токму овој печат неоспорно го потврдува пишувањето на првиот претседател на Организацијата д-р Христо Татарчев, кој вели дека името било Македонска револуционерна организација, на чело со Централен македонски револуционерен комитет...[18]


Цел

Автономија

Според Христо Татарчев:

Прифатен еднаш автономниот принцип, ни налагаше да бидеме последователни и во понатамошните решенија и да се избегнува сето она кое би го возбудило тесноградниот национализам кај инородните народи. Поради таа причина го напуштивме зборот бугарска од револуционерната организација, истотка и од централниот комитет [12].
Долго расправавме за целта на таа организација, и најпосле се задржавме врз автономија на Македонија со предимство на бугарскиот елемент. Не можевме да го прифатиме ставот за „директно присоединување на Македонија кон Бугарија“, затоа што увидувавме дека тоа ќе сретне големи тешкотии, поради спротивставувањето на големите сили и аспирациите на соседните мали држави и на Турција. Ни поминуваше низ мислата дека една автономна Македонија потем би можела полесно да се обедини со Бугарија, а во краен случај, ако не се постигне тоа, дека ќе може да послужи како обединувачка алка на една федерација на балканските народи...Откако се согласивме за целта на нашата организација - на истата средба се зафативме да изработиме статут на Организацијата. Прирака ми беше еден том од „Записите“ на Захариј Стојанов, и од нив го зедовме за урнек статутот на „Бугарскиот револуционерен комитет“. Го задолживме Поп Арсов, врз основа на тој статут, да изработи нацрт за нашиот статут [19].
Ние не можевме да дејствуваме поинаку и да ја предрешаваме судбината на македонскиот народ и оставивме на него понатаму да си ја кове судбината... Тоа што подоцна би се диктирало од неговите интерси, тој е слободен да прави како што сака [12].

Самостојна македонска држава

Зад автономниот принцип се криела поголема цел, а тоа е создавање на слободна и независна македонска држава [20]. Тоа го потврдуваат и сведоштвата на првите луѓе на организацијата. Христо Татарчев истакнува дека: не се раководеле од друга тенденција, освен од идејата за слободата и благото на целиот македонски народ [12]. Во весникот Право во 1902 година јасно се истакнати целите на организацијата:

Внатрешната револуционерна организација ќе му даде на секој да реазбере дека работи за единството и независноста на Македонија, како слободна држава на Балканскиот Полуостров. Таа организација, давала и во иднина ќе дава докази дека не е агент на никоја од балканските држави, туку агент само на македонската слобода и независност. Со таквите докази таа постепено ќе ги остранува племенските разлики во Македонија и ќе го организира идниот, ако и разнобоен, но способен да се самоуправува мирно и тивко, македонски народ [21].

Одринско

Одринскиот вилает

Одринско не влегувало во првата програма на македонската организација бидејќи основоположниците биле целосно насочени кон Македонија, треба да се истакне дека тоа подоцна влегло во плановите и целите на организацијата, а во врска со оваа област Татарчев, првиот претседател на ЦК, истакнал дека:

Одринско од почетокот не влегуваше во нашата програма. Целото наше внимание тогаш беше насочено околу Македонија; но подоцна почна да се зацврстува идејата во нас, така што нашата организација да го опфати и Одринско, каде судбината на христијанското население, особено на буграското, не се разликуваше со ништо од тоа на македонскиот народ и каде политичко-социјалните и економски услови беа речиси идентични со оние во Македонија. Притоа чл. 23 од Берлинскиот конгрес не охрабри доста во тој однос и зафативме попосле да го обмислуваме поопстојно и тоа прашање - дали ќе биде полезно, ако и Одринско биде вовлечено во нашата програма. Најсетне дојдовме до заклучок дека и таа област треба да составува дел од нашата ревулуционерна дејност, така што, на тој начин си мислевме дека се даваше едно задоволително решение на балканското прашање [12].

Комитетот во Одрин бил основан во 1895 година по наредба на Дамјан Груев од страна на Христо Поп Коцев. Татарчев истакнува дека Одринско било третирано оделно од Македонија, но Македонија и Одринско претставувале единствена кауза преку извојување на полна политичка автономија за тие две области [12], и поради тоа дошло до промена во уставот во смисла дека во организацијата можаат да членуваат сите Македонци и Одринци без разлика на верата и народноста. Одрин во првиот устав на организацијата бил внесен затоа што основоположниците барале нов сојузник во борбата против заедничкиот непријател.[1].

Гоце Делчев при својата турнеја во регионот во 1900 година истакнал дека има повеќе народи и држави, кои се заинтересирани за Македонското и Тракиското прашање. При тоа едно мешање на Бугарија ќе предизвика мешање на соседните земји и може да доведе до распарчување на Македонија и Одринско. Затоа треба да се привлечат во борбата и другите народности и така народите што живеат во тие две области, треба сами со заеднички напори и жртви да извојуват својата слобода и независност во границите на една општа афтономна Македонско-Одринска држава, кои би се потпирале само на материјалната и морална поддршка на Бугарија и на големите сили.[22]

Структура

Хиерархија

Хиерархија

Централниот Комитет дирекно ги назначува членовите на окружните комитети. Во вонредни околности ЦК има право раководството во окрузите или околиите да го довери на едно внатрешно или однадвор назначено лице. Окружните комитети го потврдуваат раководството на околиските комитети, а тие на селските комитети.

— Член 8, Устав на Тајната македоно - одринска револуционерна организација

Организацијата била поставена врз строги хиерахиски централистички принципи. Таа се делела на селски, околиски и окружни комитети. Над нив се наоѓал Централниот Комитет. Членовите на ЦК се бирале со мнозински гласови од страна на раководителите на окрузите или нивните претставници. Изборното начело важело само за ЦК, а во останатите случаи се применувал строгиот централистички принцип од горе надолу.

Изборното начело не се применувало во пракса, работите се одвивале врз другарски начела и со договарање. ЦК и останатите месни комитети се состоеле од претседател, секретар, касиер и неколку советници.

Месните револуционерни комитети се делеле на групи (десетки) на чело со началник (десетник). Началникот е најнискиот управен орган и само тој имал право да контактира со претседателот на комитетот, додека пак работниците ги познавале и контактирале само со членовите од својата група. При секој револуционерен округ егзистирала тајна пошта, тајна полиција и терористичка група.

По Солунскиот конгрес од 1896 година се формира едно ново тело, а тоа е Задграничното претставништво во Софија кое требало да ја претставува организацијата пред светот но и да застане пред надворешните посегања. Задграничното претставништво имало право дирекно да кореспондира со ЦК на организацијата. Со Уставот на ТМОРО и со окружното од октомври 1898 годинасе укинуваат терористичките групи и се заменуваат со околиски чети со што е поставена основата на Четничкиот институт на ТМОРО.

Во поглед на административно - територијалната организациона поделба се формирале 6 револуционерни округа и тоа:

Центарален комитет

Центарлниот комитет е највисокиот одлучувачки орган на организацијата помеѓу два конгреса. Членови на Централниот комитет се:

  • претседателот
  • секретар
  • касиер
  • тројца членови-советници
  • задграничните претставници [23]

Конгрес

Конгресот е највисок орган во организацијата тој може да биде редовен или вонреден. Одлуката за свикување на редовен конгрес ја донесуваал Централниот комитет, додека пак одлука за одржување на вонреден конгрес се донесува со една половина од вкупниот број на членови на Централниот комитет. ЦK ги определува критериумите за распределба на делегатите на Конгресот. Конгресите се законски кога присуствуваат 3/4 од предвидените делгати.

Во текот на својата работа, Конгресот одлучува за:

  • донесува Деловник за работа.
  • донесува и менува Статут
  • разгледува и усвојува извештај за финансиското работење на организацијата.
  • избира Претседател на организацијата.
  • избирна Статутарна комисија.
  • донесува одлуки и други акти.

Конгреси на организацијата

Задгранично претставништво

Задграничното претставништво е создадено со одлука донесена на Солунскиот конгрес 1896 година, негова задача е да ја претставува организацијата пред Врховниот комитет и бугарското општество без приотоа да се меша во нивните внатрешни работи, и со нив како и со македонската емигарција да одржува добри односи и да бара морална и материјална поддршка за организацијата. Една од главните задачи на ЗП е да застане на патот на надворешните посегања врз организацијата.

Дополнително на тоа, ЗП биле задолжено да одржува врска со странските претставници и да ги информираа за ситуацијата во Македонија и Одринско, и да организира канали за пренесување на оружје и чети.

Тајна полиција

Тајната полиција била составен дел од организацијата и преку неја се собирале информации за бројот и составот на османлиските сили (војска, полиција и башибузлук), се следело поведението на населението и се спроведувале казните врз секого кој згрешил во однос на македонското националноослободително делото, без ралика дали е или не е член на организацијата.

Тајна пошта

Тајната пошта претставува паралелен систем за коресподенција во Отоманското Царство, меѓу структурите во организацијата, коресподенција со други јавни и приватни лица или институции. Комуникацијата се вршела со хемиско бело мастило и шифри.

Четнички институт

Пред да се засили Организацијата, господари на денот и ноќта беа Турците. Подоцна, штом наближи ноќта, Турците се прибираа по домовите, а потерите и војската во касарните. Организациските луѓе, имено тогаш почнуваа да излегуваат на работа и започнуваше комитското царство

— Г. И. Белев,
Гоце Делчев

Гоце Делчев е основач на Четничкиот институт, и истовремено творец и воспитувач на првите организациско-агитациони чети и војводи. Тој со својот блажен глас и пријатна надворешност успевал да ги реши сите недоразбирања, и успевал да придобие многумина кон револуционерното дело. Набргу Делчев е назначен за генерален инспектор на сите чети во Македонија и Одринско. Благодарение на неговата целосна преданост кон делото, народот во Македонија и Одринско почнува да се чувствува подготвен за борба.

Првите чекори на овој план се прават со ангажирање на арамии и нивно превоспитување во духот на ТМОРО. Меѓу првите арамии и ајдутски војводи кои влегле во ТМОРО се: Апостол Петков, Иванчо Карасулијата, Кочо Љутата, Атанас Тешовалијата, Андон Ќосето, Атанас Градобалијата, Георги Бродалијата и др. Тие од себе созале легенди и голем дел од нив загинале како херои. Потоа во организацијата како кадар биле внесени резервните офицери од бугарската армија. Меѓу нив имало Македонци и Бугари. Меѓу првите биле Михаил Апостолов - Попето, Христо Чернопеев, Марко Лерински и др. Кон крајот на 1899 година , во четите како кадар биле поставувани учителите и граѓаните.

Татарчев истакнува дека кон крајот на 1899 година и почетокот на 1900 година целата земја била прошарана со чети. Со формирање на првите чети кои патролираат по селата со цел да го челичат борбениот дух на народот, започнуваат и ликвидации од страна на ТМОРО врз турски злосторници. Прво нешто што месните чети прават е напади врз агите и селски зулумџии, кои веќе се плашат да прават своеволија врз незаштитеното население. Четите биле должни да ги помагаат комитетите принасилното собирање на средстава и требало да ги спроведуваат смртните пресуди.

Финансирање

Секој комитет задолжително го испраќа во благајната на ЦМОРК третиот дел од собраните пари заедно со сметките, тие се должни да внесуваат во касата на Централниот комитет еднобразно и останатиот дел од парите кога ќе се побараат.

— Челен 48, Правилник на Тајната македоно - одринска револуционерна организација
Повик на Ц.М.Р.К за собирање на пари

Во почетокот оргазнизацијата се финансирала преку членските вносови на членовите, сумата изнесувале половина лира на едно тримесечје, од 2 до 5 лири. Меѓутоа на Ресенското советување било одлучено финансиски средства да се собира и од сипатизерите на делото. Финансирањето на организацијата било регулирано со Првиот правилник, каде било истакнато дека материјални средства може да се собира и по пат на закани и насилства врз лица кои можеле да го помогнат делото но не сакаат. За остапената сума организацијата давала Расписка (Сметка) со печат на ТМОРО.

Доколку лицата не сакале да дадат финансиски средстава тогаш парите биле изнудувани со терористичката група која егзистирала при секој комитет, подоцна комитетите при насилно собирање на средстава биле помагани од четите на организацијата. По Солунскиот конгрес од 1896 [1] година кога организацијата засилено започнала да се воружува се покажало дека финансиските средстава од членовите и сипатизерите на делото не се доволни и затоа организацијата започнала да се занимава со грабнување на лица со цел на тој начин да се соберат средстава.

Биле киднапирани голем број на богати бегови, гркомани но и странски државјани, а најпознато е грабнувањето на Мис Стон. Меѓутоа Организацијата добивала помош и од македонската емиграција од Бугарија, првенствено од Врховниот комитет, но тоа се покажало како штетно по делото, бидејќи Врховниот комитет сакал да се наметне на ТМОРО и затоа двете организации постојано доаѓале во судир и помошта честопати била прекратувана. Организацијата имала и соработка со бугарската влада од која добивала финасиски средстав и оружје, но поради обидот на бугарската влада да ја стави организацијата под своја контрола соработката и контактите биле прекинати. При собирањето на финансиките средстава, организацијат била отворена за соработка со секого кои би можел да ја помогне, но под услов да се почитуваат нејзините начела и принципи, односно самостојноста на организацијата.

Членство

Се колнам во бога, во верата и во својата татковина Македонија и Одринско, дека безусловно ќе се покорувам на старешините и без приговор ќе ги извршувам неговите заповеди, дека никому нема да му ги издавам ни со збор, ни со дело работите на Организацијата и сето она што од денес натаму ќе го чујам, видам и разберам по делото. Во противен случај, нека бидам убиен од еден од другарите со револверот или камата што овде ги целивам

— Заклетва, Правилник на Тајната македоно - одринска револуционерна организација
Евангелие, револвер и кама (Дел од спомениците Лавови-Скопје)

Организацијата се создала во егзархиската средина, односно меѓу Македонците кои биле под јурисдикција на Бугарската егзархија. Отука првите членови на Организацијата биле Македонци-егзархисти или според првиот устав на Организацијата, Бугари [б 3][б 4].

Но со текот на годините како што Централниот комитет се засилувал и била поставувана организациската мрежа повеќе не се правело разлика помеѓу егархистите и патријарашистите, односно со новиот устав од 1897 година организацијата била отворена за секого без разлика на верата и народноста. Според Димитар Влахов:

...Првично револ. организација почна да работи среде бугарското население во Македонија и тоа не среде целото буг. население, туку само среде тоа дел од него, кој се спаѓааше во Буг. Егзархија. Таа се однесуваше со недоверба кон Бугарите не егзархисти... Што се однесуваше до револуц. работа среде другите македонски народи - Турци, Албанци, Куцовласи и Грци, за основачите на Организацията такво прашање не постоеше... Подоцна, кога истите тие водачи видоа дека идејата за ослободување на Македонија може да најде сочувство среде Бугарите не егзархисти, како и среде другите народности во Македонија и под влијание на членовите на организацијата со леви разбирања, тие го заменија статутот на организацијата во смисла, дека член на организацијата може да биде секој Македонец, од која народност и да е тој и какви и да биле неговите политички сфаќања, само да прима нејзините принципи и се бори за политичката автономија на Македонија ... "[24]

Отука членови на организацијата биле претежно Македонци (во Македонија) и претежно Бугари (во Одринско), но имало и Власи, Црногорци, Срби, Грци и др. Дел од турското население незадоволно од општата состојба во Отоманското Царство на разни начини дирекно или индирекно ја помагале организацијата, а најчесто како јатаци или снабдувачи со разни материјали кои и биле потребни на организацијата. Јадрото на организацијата го сочинувале Македонците, но имало и Бугари најчесто како војводи, секретари или обични членови, најмногу во Одринско [25],

Како што се на пример некои членови на ЦК, (Иван Гарванов) или некои членови на ЗП (Димитар Стефанов). Поради недостаток на раководен кадар за четничкиот институт организацијата почнала како војводи на четите да ги поставува офицерите од бугарската армија, а меѓу првите биле Михаил Апостолов - Попето, Марко Лерински, а војводскиот кадар дополнително подоцна бил пополнет од млади бугарски и небугарски интелектуални идеалисти кои под влијание на револуционерната идеја и идеализмот зеле учество во борбата против Отоманското Царство.

Meѓу нив се нашле: Крсто Асенов, Никола Дечев, Слави Мерџанов, Васил Попов, Јулиј Розентал и многу други [12]. МРО успеала да ги обедини сите незадоволници во Македонија, без ралика на верата и народноста околу идејата за Автономна Македонија, со што биле поставени основите за зачеток на Македонската нација.

Нормативни акти

Устав на Бугарските македоно - одрински комитети кој што според бугарски историчари беше првото име на МРО

Уставо - статутарните акти на организацијата регулираат голем број на внатрешни и надворешни прашања кои ја засегале дирекно или индирекно организацијата. Овие нормативни акти имаат своја генеза од која може да се проследи развојот на самата Македонска револуциционерна организација, нејзините цели, принципи и начела но истовремемо тие даваат доплонително светло за поставеноста и функционирањето на организацијата. Првиот устав на Македонската организација е донесен по Јануарската средба но пред март 1894 година.[26] Според бугарската историографија првото име на уставот гласи: Устав на Бугарските македоно - одрински комитети.[27] Но во мемоарите на Даме Груев, Христо Татарчев и други револуционери ја именувале организација како „Македонска револуциционерна организација“[28]

Отука произлегуваат извесни контрадикторноси и недоречености кои се однесуваат на карактерот и целта на организацијата. Треба да се истакне дека основоположниците на организацијата биле бугарски воспитаници и бугарското влијание им било наметнувано од низ години преку воспитно - образовниот процес [1], и тие од тоа влијание не се ослободиле наеднаш туку постепено [1]. Од друга страна, Македонците кој биле под духовна јурисдикција на Бугарската егзархија, e именувано како Бугари [1][29][30], како што Македонците патријашисти биле нарекувани Грци [1].

Уставот на ВМОРО од 1905 година (кликнете за да го отворите во целост)

Затоа името на првиот норамативен акт е Устав на Бугарските македоно - одрински револуционерни комитети, односно целта е да се делува најпрво меѓу Македонците - егзархисти [1], а потоа да се тргне по сопствен пат [1], тоа е евидентно од Уставот на ТМОРО каде се истакнува дека: Член на ТМОРО може да биде секој Македонец и Одринец, кој не е комприминтиран со ништо нечесно и бескарактерно пред општеството и кој ветува и се задолжува да биден корисен на револуционерното ослободително дело. [31].

Според спомените на Татарчев, одлука за созадавање на првиот правиникот била донесена за време на Ресенското советување, и дека негов автор е Иван Хаџи Николов. Татарчев притоа истакнува дека, праксата ја наметнала потребата од донеување на правилникот, но врз основа на членот 14 од Уставот на МРО се гледа дека донесувањето на правилникот било уставна обврска. Правиникот се состои од 50 члена поделени во 11 глави [32].

Вториот устав на организацијата е создаден по Солунскиот конгрес од 1896 година, од страна на Гоце Делчев и Ѓорче Петров, притоа со новиот устав организацијата го добива името: Тајна македоно - одринска организација. Со што е евидентно дека организацијата целосно раскинала со бугарското влијание кое се чувствува во првиот устав и правилник. Новиот устав и правилник биле зосновани врз старите акти, но акцентот бил ставен врз конгресните одлуки. За регулирање на Четничкиот институт бил изработен правилник за четите од страна на Гоце Делчев и Ѓорче Петров во 1900 година, тој бил изрботен врз основа на членот 11 од Уставот на ТМОРО и окружното на ЦК од октомври 1898 година.

Според Борис Сарафов, правилникот бил изработен од Ѓорче Петров и капетанот Димитар Венедиков. Правилникот бил хектографиран и верификуван од страна на Централниот комитет. Целосното име на третиот устав на организацијата е Устав на Внатрешната македоно - одринска организација преименувањето на уставот, а воедно и на организацијата е направено од практични причини бидејќи, организацијата по Илинденското востание повеќе не била тајна, и со нејзините цели и намери биле запознаени сите.

Односот кон егзархиската црковно-просветна пропаганда и нејзините претставници

Односот со Егзархијата

Егзархијата дава пари и купава ветер зашто народноста со пари не се купува — тоа е такво деликатно нешто, кое штом сети дека го пазариш изветрува... (Егзархијата б.н) сомневајќи се во најново време во некаков сепаратизам, а првин — се гледа во нашата народност. (Се стреми б.н) да го убие секое посамостојно движење во нас, да ја одземе секоја можност Македонците да се занимаваат со повозвишени општествени прашања, и на тој начин... да го стави народниот македонски дух во полна зависност од неа, да го огради како птица во кафез... да не окова во синџири за да не разигрува како мечка, и да не води таму, од каде добива голем бакшиш

— Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници,
Егзарх Јосиф I (1877-1915)

Антиегзархиското движење кое се појавило во деведесеттите години на 19 век во Македонија, со појавата на организација, ова движење добило интензитете и кулминација. Судирот помеѓу МРО и Егзархијата бил неизбежен [1] бидејќи организацијата се залагала за самостојно работење, подготовка на населението, кревање на едно внатрешно востание и создавање на македонска самостојана држава [21].

Егзархијата која со својата црковно - просветна пропаганда ја култивирала земјата и создавала услови за присоединување на Македонија кон Бугарија [33]. Каков став Организацијата зазела кон Егзархијата и нејзините претставници се гледа од нејзиниот прв акт создаден од страна на Петар Поп Арсов по барање на Централниот комитет, а станува збор за брошурата Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници.

Бидејќи брошурата е создадена по барање на Централниот комитет и од страна на еден од основачите на организацијата, од брошурата се дознава стојалиштето на Македонската револуционерна организација кон Егзархијата и нејзините приврзаници Македонија. Организацијата започнала борба за контрола на Црковно - училишните општини и преку оваа борба таа сакала да го привлече населението на своја страна и истовремено застанала во заштита на македонскиот национален индивидуалитет кој се наоѓал во опасност од егзархиската пропаганда [34].

Каков бил ставот на Егзархијата кон МРО дознаваме од коресподенцијата на егзархот Јосиф I водена со бугарското министерство за надворешни работи и вероисповед во кое тој искажува стравување за бугарската идеја во Македонија. Во писмото од 15. 10. 1897 година егзархот истакнува:

Некои запалени глави сметаат дека Св. Егзархија е единствената пречка Македонија да остане и понатаму под Османлиското Царство и се нафрлија врз неа како волци. . . Во сегашниот момент се нафрлија врз општините со цел да ги направат инструмент за своите бунтовнички цели. . . Секакво нивно политизирање и служење на нечисти цели ќе ја оневозможи Св. Егзархија во нејзината висока мисија да го зачува бугаризмот за идните поколенија. Ние. . . сме свесни какви се последици. . . ќе има политизирањето со општините денес, а да не зборуваме за утре, при евентуално создавање на автономна Македонија. Св. Егзархија. . . при две оделни држави не ќе може да ја врши својата бугарска мисија. Или ќе стане исклучиво македонска, или исклучиво бугарска. Каде тоа би не одвело, посебно не треба да се потцртува. . . Подобро е да сметаме дека делови од единствената бугарската територијата се сè уште под ропство, отколку за сметка на некаква слобода, бугарското население во Македонија за секогаш ќе биде загубено за Бугарија [20].

Во писмото од 14. 04. 1901 година егзархот Јосиф I искажува стравување поради формулацијата обединување на сите без разлика на верата и народноста:

Јас мислам дека се гони тајна цел, имено : обединување на македонското население на македонска почва и остварување на поодамна замислената идеја за македонско словенска етничка група на Балканот. Во таков случај натамошната дејноста на Бугарската егзархија е непожелна, бидејќи во автономната македонска држава ќе се наметне потребата за единствена црква [20].

Поради различните принципи и цели односите помеѓу МРО и Егзархијата биле исполнети со закани, притисоци и уцени, но Организацијата била принудена да преговара со Егзархијата бидејќи од неа зависело назначувањето на учителскиот кадар во Македонија кој и бил потребен, а од друга страна Егзархијата иако правела разни пречки, морала да ги приваќа условите на организацијата за да не биде компримитирана пред османлиските власти [1].

Односите со проегзархиската групација

Централистите беа решиле со терор да се справат со Гарванова и др.. Тоа нам ни штетеше многу тука, на делото. Ѓорче аплаудираше на акцијата против Наумов. Беше на мислење дека треба да се испоколат сите од „Братството“, - никакво разбирање, никакво помирување.

— Борис Сарафов
Васил Иванов К’нчов

Идеолозите на егзархиската групација во Македонија се наоѓале околу Солунската машка гимназија Св. Кирил и Методиј и егзархиската каса. Во оваа групација се наоѓле лица кој биле родум од Бугарија[35], тие биле опседнати со големо бугарската идеја [36] , и успеале кон себе да привлечаат дел од македонските конзервативни чорбаџи [35]. Во оваа група биле: Васил Иванов К’нчов, Михаил Сарафов, Јосиф Кондов, Коне Самарџиев, Иван Гарванов, Делчо Колушев, Христо Ганов и други. Нивата цел е сето македонско христијанско население да се сплоти околу Егзархијата да се подржи црковно - просветното дело, а другото: ... кога ќе дојде време ќе го сврши Бугарија со своите 200 000 штика [37]. Проегзархистите сметале дека крупните работи не се за учители и коректори, и работи треба да се оставаат на Егзархија и Бугарија.

Во почетокот егзархистите сметале дека дејноста на Организацијата нема да постигне вистински резултати меѓутоа во 1895 година Центаралниот комитет ќе се засили и егзрхиската групација увидела дека нејзиното влијание во Македонија опаѓа и затоа тие ги промениле средставта и целите.

Започнале со копирање на МРО и со сличните нејзини револуционернида проповеди. Отука во март 1897 година егзархистите ќе го создадат Бугарското тајно револуционерно братство. Целата на Братството е да се преземе Центарлниот комитет и од Солун да се остранаат Дамјан Груев, Христо Татарчев и Иван Хаџи Николов. Со појавата на оваа Братството судирите добиле на интензитет и дошло и до физички престрелки. До помираување на егзархистите и организацијата ќе дојде во септември 1899 година кога ќе дојде до растурање на Братството и негово слевање во редовите на организацијата. Меѓутоа:

Оваа грешка (на Ц.К б.н) скапо ќе го чини македонското ослободително движење [1].

Односите со Врховниот македонски комитет

Дел од темата
Македонски комитет
Печат на Македонскиот комитет

Но, ние не сме согласни со тоа што вие мислите за Македонија... Ние не можеме да правиме политика, ниту да дозволиме други да прават политика со Македонија... Ние нема да дозволиме други да решаваат дали да живееме или да умреме и кога. Кога да се прави востание, ќе реши народот. Нема да дозволиме да командувате од тука, за да не внесете во игра на востание како што се обидовте лани... Но, знајте, ние не бараме покровители, а уште помалу господари

— Гоце Делчев

Односите помеѓу ТМОРО и ВМОК имале своевиден колорит и влијание врз севкупниот развој на македонското националноослободителното движење. По формирањето на Македонскиот комитет во Софија, МРО со внимание ја следела неговата активност, стремежот на Централниот комитет е да се побара морална и материјална помош од македонската емиграција во Бугарија.

Меѓутоа МК сакал да се наметне како раководител на цело македонско револуционерно дело. Таквите различности придонеле со текот на годините двете организаци целосно ги прекинат врските и да започнат меѓусебна вооружена борба, а таквата состојба се покажала како кобно за целото македонско национално ослободително движење.

Односи со Бугарската влада

Македонија не е една колонија, која би можела да се третира на сфери и влијанија. . . македонскиот народ не може да трпи слични комбинации за дележ на неговата родна земја

— Христо Татарчев
Бугарскиот премиер Константин Стоилов

Македонската револуционерна организација поради заткулисните игри на Врховниот комитет започнува контакти со бугарската влада. Целта на Централниот комитет е да се побара материјална и финансиска помош од владата во Софија. Првите контакти биле остварени со посредништво на офицерите кој учествувале во Мелничкото востание, Борис Сарафов, Антон Бозуков, Стојчо Гаруфалов и поранешниот воен министер Рачо Петров. На 22 јуни 1896 година Ѓорче Петров имал средба со бугарскиот премиер Константин Стоилов, на оваа средба Ѓ. Петров побарал 5 - 10 000 пушки и 100 000 лева [38]. Бугарската влада сметала дека треба да се вооружи населението во Македонија и на тој начин да се држаат работите во свој раце. Првото количество на оружје за организацијата биле испратено кон крајот на 1896 година и станувало збор за пушки од системот кримки.

Меѓутоа целта на бугарската влада е да ја стави под своја контрола организацијата и затоа двете страни многу бргу дошле во судир. Имено, за остапените пушки владата не дала муниција и дополнително се обидела да се вмеша во внатрешните работи на организацијата [39] .

Стоилов барал оружје да не се праќа во Одрин и таму да не се подготвува и крева востание за да не настрада бугарскиот елемент. Откако дошло до раскинување на односите, Константин Стоилов се решил дирекно да кореспондира со некој од раководителите на организацијата.

Во март 1898 година во Софија, Стоилов и Дамјан Груев имале средба [40]. Но ни по оваа средба односите не се подобриле, всушност тие се влошиле со окружното на Стоилов од 4. 09. 1898 година испратено до трговските агентсва во Македонија, во оваа окружно Стоилов им наредил на агенствата да ја ставаат организацијата под контрола на бугарската влада [41][42].

Од своја страна на 27. 09. 1898 година Централниот комитет испратил свое окружно до бугарската влада, окружното било во збиена форма и меѓу другото се протестирало против српско - бугарските преговори за поделба на Македонија.Централниот комитет на своите комитети им наредил да ги бојкотираат бугарските агенства во Македонија. Стоилов својот последен обид за помирување со организацијата го направил на 5. 10. 1898 година кога во Софија на Димитар Ризов му дал 10 000 лева за организацијата.

Ѓорче Петров истакнал дека организацијата нема да ги земе парите затоа што не сака да стане орудие на бугарската влада. Во Солун, Д. Ризов парите сакал да му ги даде на Татарчев но тој одбил да ги земе, со што контактите меѓу двете страни целосно биле прекинати. Во однос на контатктите со бугарската влада и нејзините игри Ѓорче Петров истакнува:

Рачо се опушти да ми каже дека се воделе преговори за поделба на сфери на влијанија. . . Овој и сличните признаци ни вдахнаа увереност дека има опасност да се праваат политички комбинации на наш грб и без наше знаење. Тоа не натера да бидеме уште попретпазливи и посамостојни во своите акции, да не даваме можност да се праваат слични комбинации на сметка на Македонија. . . почетното мислење за општа искреност на бугарската влада кон ослободителното дело било проста наивност [43].

Организацијата од овие контакти со бугарската влада, разбрала дека таа се однесува егоистички [44], тоа ги турнало македонските револуционери кон самостоен пат, разбирајќи дека само тоа што ќе со постигне со сопствени сили, ќе биде сигурно постигнато [1].

Провали и афери

Во текот на своето егзистирање организацијата се соочил со голем број на провали и афери. Виничката афера од 1897 година е првата голема провала во ТМОРО.

Таа започнала во селото Виница и предизвикува разстројство на револуционерната мрежа во Скопскиот окрук. Како резултат на Виничката афера. организацијата губи многу оружје, претрпува морални штети и е лишена вреден организационо - агитаторски кадар.

Оваа афера е само почеток на серија провали кои ја ослабнале организацијата. По Виничката афера следуваат Керемидчиоглувата афера во Одринско, Валандовската афера (1899), Солунската афера (1901), Струмичката афера (1901), грабнувањето на Мис Елен Стон (1902) и секако последиците од Солунските атентати (1903).

Провалите ја откриваат потребата од поголемо внимание и ефикасност при револуционерната активност.

Единствна придобивка од овие провали е што тие ја симанле таинствената мистерозност од организацијата, и од обвиненијата на турските власти против нејзините членови, сите разбрале дека организацијата подготвува востание и дека сака да создаде нова власт (влада) во Македонија, односно самостојна македонска држава.

Илинденско востание

Досега сте можеле да се убедите дека Македонците си стојат на зборот, и Вам, имено Вам, би Ви следело да ги научите од нас правилата на воена чест. Но, да не говориме за тоа што нема да биде... Ние се надеваме со нашите сопствени сили да ги уништиме вашите храбри војници и можеби не е далеку часот кога над облеаната во крв Македонија ќе засвети сонцето на слободата

— Даме Груев, Писмо на Даме до Хусеин Хилми паша
Даме Груев
Повик за објавување на востанието

По неколкугодишно вооружување на населението, ТМОРО создава една вистинска држава во држава. Населението своите спорови ги носи на револуционерните судови наместо на турските, секојдневно се вршат обуки за користење на оружје, се создаваат куриски служби, селска милиција итн.

Заради големиот притисок од врховистите, особено по нивното Горноџумајско востание, како и заради зголемениот број судири на четите на ТМОРО со турската војска, на Смилевскиот конгрес на организацијата на 20 јули (2 август нов стил) 1903 година во Битолскиот вилает е потврдено решението на Солунскиот конгрес да се дигне сенародно востание [45]. Две недели по почетокот на востанието во Македонија, тоа започнало и во Одринско. Водач на востаниците во Одринско е Михаил Герџиков.

8000 вооружени Македонци востануваат на 2 август 1903 година и ги растресуваат темелите на Отоманската власт во Македонија. Во првите два дена од востанието, македонските востаници со пушка во раце ослободуваат 150 села и три града (Крушево, Невеска и Клисура). Се создава востаничка територија која се протега од Дебарско - Кичевскиот регион, преку Охридско, Струшко, Битолско, Леринско, Костурско и Воденско. Целата турска војска и администрацијата од оваа територија е или ликвидирана или пребегната. Вооружени битки се водат и во Пиринскиот крај, во Кумановско, во Гевгелиско и во Делчевско. Востанието трае цели 4 месеци (почнува на 2 август, а последните вооружени дејствија завршуваат во ноември).

Во Битолскиот вилает се воделе 150 борби со 19.152 востаници против 292.735 противници. Убиени или ранети се 746 востаници, а 3.087 убиени или ранети Турци. Биле запалени 122 села со 8.646 куќи. Без покрив останале 51.606 жители, а бројот на убиени или заклани е 1.779 души. Во Солунскиот вилает, од 2 август до 8 септември 1903 години дошло до 32 борби во кој паднале 109 востаници, додека во Скопскиот во неколку борби од 14 август до 14 ноември 1903 г. паднале 93 четника. Во сите три вилаети во текот на востанието паднале 949 востаници во 197 борби. Во текот на целото востание во Македонија во 1903 година настрадале 16 околии со 201 населено место. Биле изгорени 12.400 куќи, а без покрив останале 70.836 лица, биле убиени 8.816 мажи, жени и деца, 30.000 луѓе ги напуштиле своите родни места.

Илинденското востание успева да постигне дел од своите цели: европската опшественост е раздвижена и се почнува дебата за иднината на Македонија, која резултира со Австриско-Рускиот договор за реформи во Македонија, познат под името Мирцштешки договор.


Борбата за Македонија со странските вооружени пропаганди

Организацијата им се спротивставува на стремежитер за делба и завладување на тие области од која и да е држава.

— Член 2, Устав на Внатрешната македоно - одринска револуционерна организација
Павлос Мелас

По востанието во Македонија ситуацијата е очајна, гладот, разочарувањето, уништувањата од воените дејатвија и студот довеле до очај кај населението. По таквата ситуација, поголем број од селското население бара заслоништа во градските центри, а други во потрага за леб заминале во емиграција или на печалба во Грција, Србија, Бугарија и Романија, а добар дел се населиле во Северна Америка.

Во така тешка ситуација прва на помош на населението му притекнала Револуционерната организација, која истовремено пристапила кон поврзување на своите редови и подигање на моралот кај населението. Тешката положба по востанието уште повеќе се искомплицирала со зголемувањето на интензитетот на воорушените пропаганди од соседните земји - (бугарската, грчката и српската, а во еден период и романската [46], чија цел била со средства од државните буџети да се подготви терен за поделба на Македонија [46].

Основната цел на врховистичката акција и натаму си останала иста, да се завладее со организацијата и таа да се почини на потребите на бугарската држава. Главната пречка за остварување на овие цели биле Санданистите на чело со Јане Сандански [46].

Кон крајот на 1903 година во Атина се создава Грчкиот македонски комитет, а во 1904 година во Врање е создаден Српскиот четнички покрет.

Грците успеале да направат силни бази во Солун, Кожани и Драма, додека Србите биле најсилни во Скопје, Порече и Велешко. Целиот период 1903-1908 г. се одликува со непрекината борба помеѓу четите на пропагандите, а особено на сите тие со четите на ТМОРО. Се воделе многубројни битки помеѓу завојуваните групи по линијата на Скопје - Велес - Битола - Костур - Лерин - ВоденСер.

Особено тешке била положбата на силите на ТМОРО, кои морале да се борат и со редовната турска армија. Турската армија толерантно се однесувале према четите од пропагандите и им овозможувала непречено движење низ Македонија сè до Младотурската револуција од 1908 година.

Расцеп на Македонската револуционерна организација

Од помирувањето на Македонците не треба да се плашиме. Не е ни искрено, ни трајно. Внатрешната организација си ја одигра својата улога, сега ѝ преостанува да ја запали и својата колиба

— Српски дипломатски претставник Св. Симиќ, Даме Груев во извештаите на српскиот дипломатски застапник...
Јане Сандански
Телата на Борис Сарафов и Иван Гарванов

По неуспехот на Илинденското востание, во Организацијата дошло до спротивставени обинувања во раководство, што се пренесувало и на теренот во окружните и пониски организациони структури. По 1904 година, огранизацијата отворено се поделила на две крила: десницата ја сочинувале: Христо Матов, Иван Гарванов, Борис Сарафов и други; а левицата ја сочинувале: Јане Сандански, Христо Чернопеев и Димо Хаџи Димов. Следната година (1905) бил одржан заеднички конгрес на Организацијата, кој се одржал во Рилскиот манастир. Според новите уставо - статутарни акти, организацијата се децентрализирала, а бил избран и нов Централен комитет во кој влегле: Дамјан Груев, Пере Тошев и Тодор Поп Антов. Очекувањата дека конгресот ќе стави крај на поделбата не се оствариле. Дамјан Груев, до неговата смрт во 1906 година, успеал да одржува првидно единство, но потоа дошло до конечен расцеп во Организацијата. На 10 октомври 1907 година, Јане Сандански го наредил убиството на драмскиот војвода Михаил Даев, близок на десното крило; на 28 ноември Тодор Паница, по наредба на Јане Сандански, ги убил Борис Сарафов и Иван Гарванов, а Христо Матов го избегнал атентатот.

На Ќустендилскот конгрес во март 1908 година Санданистите не биле поканети и, под водство на Христо Матов, водачите на левото крило во отсуство биле осудени на смрт.[46] Во мај истата година, во Банско, се одржал Мајскиот Конгрес на левото крило на Организацијата на кој била донесена одлука за основање на нова организација, под името Македоно-одринска револуционерна организација и за распушање на четничкиот институт.[б 5]

Обиди за возобновување

Според некои истражувачи, по Младотурската револуција и по воспоставувањето на парламентарното уредување, Организацијата престанала да постои.[47] Тогаш, од членови на ВМОРО, кои преминале во легалност, биле создадени две политички партии: Соjуз на бугарските конституциони клубови и Народна федеративна партија (бугарска секција).

Во август 1910 година, со донесувањето на Законот за забрана на граѓанските партии, дошло до ликвидација на партиите од страна на младотурскиот режим. Според други научници, по 1910 година, Организациjата била обновена и настанала постепена трансформација на ТМОРО во ВМРО (Автономистичка). Тој процес започнал со Ќустендилскиот конгрес од 1908 година и се одвивал сè до 1919 година. По завршувањето на овоj процес дошло до појава на ВМРО (Автономистичка), која станала еден од најголемите наследници на старата Македонска револуционерна организација и која ја обновила борбата за ослободување на Македонија.[48]

Македонското револуционерно движење е опеано во народното творештво. Попознати македонски револуционерно-комитски песни се:[49]

Галерија

Белешки

  1. Низ историјата, во зависност од раководните лица и политичката струја, организацијата била позната под различни имиња. Така таа била позната како Македонска револуционерна организација (МРО), од 1896 како Тајна македоно-одринска револуционерна организација (ТМОРО), а од почетокот на 1905 година како, Внатрешна македоно-одринска револуционерна организација (ВМОРО). Под кое име Организацијата била основана во историската наука нема согласност. Еден дел од историчарите сметаат дека првото официjално име на организацијата е Македонска револуционерна органанизација додека пак други сметаат дека првото официjално име на организацијата било Бугарски македоно - одрински револуционерни комитети - (БМОРК), а трети сметаат дека прво таа се викала МРО, а потоа БМОРК. Меѓутоа првиот претседател на Организацијата д-р Христо Татарчев, јасно истакнува во неговите "Спомени" дека првото име на Организацијата е Македонска Револуционерна Организација. Првиот печат на Централниот комитет на Организацијата гласел: Македонски централен комитет - Слобода или смрт.
  2. Бугарската историографија во автономниот принцип на организацијата гледа како на средство за присоединување на Македонија кон Бугарија со што на организиацијата и дава белег на поборник за обединување на Македонија и Бугарија, иако во весникот Право било јасно истакнато дека: Внатрешната револуционерна организација ќе му даде на секој да реазбере дека работи за единството и независноста на Македонија, како слободна држава на Балканскиот Полуостров. Таа организација, давала и во иднина ќе дава докази дека не е агент на никоја од балканските држави, туку агент само на македонската слобода и независност. Со таквите докази таа постепено ќе ги остранува племенските разлики во Македонија и ќе го организира идниот, ако и разнобоен, но способен да се самоуправува мирно и тивко, македонски народ (Право, II/31 (39), 22. 09. 1902, 3), не постои ни еден официјален документ на организацијата каде што таа истакнува дека се залага за присоединување на Македонија кон Бугарија
  3. Во Османлиското Царство не постоел редовен ситем за попис на населението со утврдени методи и принципи како во западноевропските држави. Османските власти го евидентирале само машкото население и тоа не по национална основа туку по вероисповед. Мажите муслимани биле запишувани поради воената обврска, а христијаните поради даноците. Меѓутоа постоеле еден вид на матични книги т.н нуфуз дефтери во кој биле запишувани датумот на раѓање, името, името на родителите и презимето, меѓутоа од нуфузите не може да се утврди националниот состав на населението во Македонија. Под графата Муслимани биле запишувани: Турците, Циганите, исламизираните Македонци, Арнаутите, Черкезите, Арапите и други, односно припадниците на муслиманската вероисповед. Во графата Рум Милет (Грци) биле запишувани сите православни христијани во Отоманското Царство кој биле под духовна јуриздкција на Цариградската патријаршија, тука спаѓаат Македонците-патријаршисти кој биле нарекувани и како Грци. Христијанското население кое било под духовна власт на Бугарската егзархија било запишувано како Бугар милет, тука спаѓаат Македонците-егзархисти кои биле нарекувани Бугари. Од национален аспект само за Евреите постоела посебна графa како Јауди, но и тука имало исклучок. Евреите муслимани биле впишувани како Турци, види: Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително движење во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Табернакул, Институт за историја - Филозовски факултет, Скопје, 2003
  4. Според првиот устав на Организацијата, во неа можел да членува секој Бугарин. Овој член од првиот устав е причина за спор меѓу историчарите. Според бугарските историчари, поимот Бугарин го отцртува националниот карактер на Организацијата, меѓутоа според македонските историчари под Бугарин во уставот се подразбираат Македонци кои биле под јурисдикција на Бугарската црква. Христо Силјанов во своето дело Ослободителни борби во Македонија истакнува: Въ съзнанието на инициаторитѣ бѫдещата организация се рисува като българска по съставъ: неинъ членъ, споредъ първия уставъ, може да бѫде „всѣки българинъ”. Инъкъ не можеше и да бѫде: въодушевявани отъ мисьльта за благото на народа, отъ който изхождатъ, тѣ разчитатъ преди всичко на него, толкова повече, че се касае за едно тайно и опасно начинание. Въ първо време само българскиятъ елементъ имъ се вижда надежденъ. По-после тѣ охотно даватъ достѫпъ на всички македонски християни, които съчувствуватъ и могатъ да бѫдатъ полезни на освободителното дѣло изобщо. По отношение на състава, организацията е чужда на всѣки тѣсногръденъ национализъмъ. Това личи и отъ промѣнитѣ, които по-после се внасятъ въ устава и правилника ѝ. Врз основа на овој текст може да се заклучи дека всушност станувало збор за Македонци-егзархисти (Македонци христијани кои биле под духована јурисдикција на Бугарската егзархија) и дека целата на основачите била најпрво да се делува во егзархиската средина а потоа да тргнат по свој пат, Организацијата била туѓа за секој теснограден национализам, вклучително и бугарскиот види Ослободителни борби во Македонија
  5. Според македонската историографија, во 1908 година Македонската револуционерна организација престанала да постои, меѓутоа има ставови дека МРО и ВМРО на Тодор Александров е една иста организација, при што треба да се истакне дека ВМРО (Автономистичка) претставува наследник на старата Организација и не може да се општи дека Македонската револуционерна организација и ВМРО (Автономистичка) се една иста организација. Условите и егзистирањето на двете организации се различни, а во однос на целта има и еден чекор напред, односно ВМРО (Автономистичка) девизата автономна Македонија ја заменила со независна Македонија со што уште појасно било истакнато дека тие се бореле за самостојна македонска држава. Иако ВМРО (Автономистичка) била основана врз принципите на старата Македонската револуционерна организација сепак со текот на времето, особено по смрта на Тодор Александров, таа еволуирала во вистинска терористичка организација. Кога се менуваат методите и условите на делување на една Организација, без разлика како таа се именува и на каква традиција се повикува, се прави дистинкција, сличен пример е Ирската републиканска армија, вид. Irish Republican Army и Irish Republican Army (1922–1969)

Извори

  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 1,11 1,12 1,13 1,14 1,15 1,16 1,17 Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително дело во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Скопје, Институт за историја - Филозофски факултет
  2. Член 1 од Уставот на ТМОРО
  3. Љ. Љапе, Одбрани текстови II дел, 293.
  4. Д. Димески, Македонското национално движење во Битолскиот вилает 1893-1903
  5. Ѓ. Петров, Спомени, 48
  6. Член 2 од Уставот на ТМОРО
  7. Ѓ. Петров, Спомени, 45-46
  8. Д. Димески, Гоце Делчев, Скопје, 1994, 38
  9. 9,0 9,1 9,2 9,3 9,4 Спомени на И. Х. Николов, Д. Груев, Б. Сарафов, Ј. Сандански, М. Грџиков, д-р Х. Татарчев (редакција на Иван Катарџиев), Скопје, 1995, 76-77, Х. А. Полјански, Гоце Делчев. . . т. 1, 110.
  10. [1][мртва врска]
  11. Д. Димески, Гоце Делцев, Битола, 1990, страна 42
  12. 12,0 12,1 12,2 12,3 12,4 12,5 12,6 Д-р, Христо Татарчев, Вътрешна македоно-одринска революционна организация като мит или реалност, Цочо Биљарски и Валентин Китанов, София, 1995
  13. Основаването на ВМРО (записи на Иван Х. Николов) съобщава Христо Шалдев, Ил. Илинден VIII / 1 (71) София, 1936
  14. Историски преглед, том 25, издание на Бугарското историско друштво, Институт за историја на БАН, 1969 година стр 79.
  15. Тој тврди во биографијата на Гоце Делчев, дека уставот од 1896 година бил еднонационален и ги приклучвал само егзархистите Бугари: "Тоа собир (од 1896 година) утврждава еден устав на револуционерната организација, копија на стариот бугарски устав, тврде оригинален со положбата, дека само егзархисти Бугари се приемат за членови на комитетите."
  16. Ристиќ му придодава на Лозаниќ документ во превод, кој го назначува како нов Статут на Револуционерната организација. Овој документ го носи насловот: "Статут на Тајната Македоно-Одринска Револуционерна Организација" и во секој поглед е идентичен со документот објавен 1902 г. според Пандев, како и со Статутот, кој според мислењето на Катарџиев бил составен уште во 1897 г. "До пре више од годину дана [тоа е до крајот на 1901 г., или до почетокот на 1902 г.] рад комитета имао ја чисто бугарско обележје, они су носили бугарску заставу ослобођења, они су својих присталица налазили само у онима који су пригрлили бугарску народну идеју. Наших [т.е. србоманите] и гркомана су се туђили па чак и пробојавали те се од њих морали осигуравати разним претњама. У последње време [т.е. при крајот на 1902 г.] они су понели стег ослобођења хришћана уопште и на мах се стали обраћати за помоћ и сарадњу свима хришћанима ма које народносне боје оне били." (БАН, Освободителната борба на българите в Македония и Одринско 1902/1904 - дипломатически документи, София 1978. 76)
  17. "Во почетокот организацијата беше националистичка. Во нејзините редовите се примаа само Бугари со докажана чесност. Оваа ситуација беше до 1896 година кога во првите денови на м. Август во гр. Солун се одржа еден вид конгрес." „Борбите в Македония - Спомени на отец Герасим, Георги Райков, Дельо Марковски, Илия Докторов и Васил Драгомиров“, Борис Йорданов Николов, ИК „Звезди“, ISBN 9549514560, 2005 г., стр. 48.
  18. Ванчо Ѓорѓиев, ВМРО 1893-1903. Поглед низ документи, Матица Македонска - Скопје, 2013
  19. „Спомени - Христо Татарчев“. Архивирано од изворникот на 2009-10-27. Посетено на 2009-10-27.
  20. 20,0 20,1 20,2 С. Димевски, Присуството на Теодосиј Гологанов во развојот на македонската национална мисла во епохата на национално - револуционерното движење, ГИНИ, XX/2, Скопје, 1976.
  21. 21,0 21,1 Право, II/31 (39), 22. 09. 1902, 3
  22. Иван Орманджиев. “Приноси”, кн. 4.
  23. По Солунскиот конгрес е донесена одлуката за формирање на задграничното претставништво, нивна задача е да ја претставуваат организацијата пред светот. ЗП имаат право да присуствуваат на работата на ЦК. По Солунската афера задграничните претставници ги презеле надлежностите на ЦК
  24. Димитър Влахов, „Борбите на македонския народ за освобождение“, 1-во изд. Виена, 1925 г. стр.10-11.
  25. "... не треба да се обрне внимание само на терминот "Бугарски" во едно од имињата на единствената ВМРО, туку и на константното "О" во името на организацијата, кое се губи дури по Првата световна војна и физичкото разделување на неколкуте делови на Македонија од Одринско. Познато е дека првото име на револуционерната организација е БМОРК – Бугарски Македоно Одрински Револуционерни Комитети, а потоа таа се преименувала во ТМОРО, ВМОРО и најпосле во ВМРО. Организацијата, во името, во дејствувањето и во чувствувањето го содржела и Одринско каде што, неспорно живееле етнички Бугари. Илинденското востание во 1903 година е всушност Илинденско преображенско востание кренато со најголем интензитет во Битолскиот и Одринскиот вилает на тогашната Отоманско Царство..." Извадок на промоцијата на Зборникот документи за Тодор Александров на д-р Зоран Тодоровски „Сè за Македонија” одржана во скопскиот хотел “Холидеј Ин”
  26. АМ. ф. 1953, Даме Груев, оп. 1, а. е. 5, л. 158-159
  27. org/hk/hk_pr4. htm Устав на БМОРК. [мртва врска]
  28. „Го задолживме Поп Арсов да подготви нацрт за нашиот статут врз основа на статутот на Захари. На истиот состанок долго време се разговарало за името на револуционерната организација и комитетот. Ова прашање долго време не мачеше и конечно решивме да се наречеме: „Македонска револуционерна организација“, а комитетот „Централен македонски револуционерен комитет“ - Автобиографијата на Христо Татарчев страница 103
  29. Славко Димевски, За развојот на македонската национална мисла до создавањето на ТМОРО, Култура - Скопје, 1980
  30. Спомени, Димитар Влахов
  31. Устав на ТМОРО
  32. Правиник на буг. македонско одриски комитет, АО, ИНИ сл. I, 355, 1-15
  33. atspace. com/knigi/ppa_stam. htm "Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници"[мртва врска] (бугарски) - Вардарски (Петар Поп Арсов)
  34. Вардарски (Петар Поп Арсов), „Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници“, превод, редакција, коментар и предговор д-р Ванчо Ѓорѓиев, Табернакул, Скопје 2006
  35. 35,0 35,1 Спомени на Димитар Влахов. . . , 31-32.
  36. Пречки и опасности ( од записите на Иван. Х. Николов), Ил. Илинден, 2 (82), Софија, 1937.
  37. Христо Силянов, Освободителнитѣ борби на Македония т. 1, 123 - 124
  38. Ѓ. Петров, Спомени, Коресподенција. . . , 84
  39. Ѓ. Петров, Спомени, Коресподенција. . . , 89
  40. А. Шопов, Дневник. . . , 75
  41. А. Шопов. . . , 84 - 85.
  42. В. Георгиев и С. Трифонов, Историја на Бугарија. . . , 343 - 344
  43. Ѓ. Петров, Спомени, Коресподенција. . . , 94
  44. Ѓ. Петров, Спомени, Коресподенција. . . , 95
  45. Во продолжение академик Катарџиев потсети на неколку значајни настани од Илинденската епопеја "Во прв ред тоа е Солунскиот конгрес на ВМОРО, одржан во првите дни на јануари 1903 година, на кој е донесено решението, во текот на годината во Македонија да се подигне востание, види: 16. 70. 245/?pBroj=1229&stID=6926&pR=5 Во НУБ „Св. Климент Охридски" отворена изложбата „Сто години Илинден - сто години државност", Утрински весник, Број 1229 понеделник, 16 октомври 2006[мртва врска]
  46. 46,0 46,1 46,2 46,3 Историја на македонскиот народ стр, 18о издание 1988 г. Скопје
  47. Македонска Енциклопедија
  48. Зоран Тодоровски „ВМРО 1924-1934“, РОБЗ, Скопје, 1997.
  49. Томе Саздов, Грива тресе, бисер рони (епска народна поезија). Скопје: Заштита, 1970, стр. 107-128.

Користена литература

  • „Виенска стапица: Историја на преговорите меѓу СССР и ВМРО на Тодор Александров“, Ленина Жила.
  • Андонов Х. Полјански, Гоце Делчев во сомените на современиците, Скопје, 1963
  • Документи за борбата на македонскиот народ за независност - том I, Скопје, 1985, Универзитетска Библиотека „Св. Кирил и Методиј“
  • Катарџиев, И. , atspace. com/knigi/ik_dvmroi. htm Создавањето и активноста на ВМРО до Илинден[мртва врска] (македонски)
  • Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително движење во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Табернакул, Институт за историја - Филозофски факултет, Скопје, 2003
  • Ванчо Ѓорѓиев, Петар Поп Арсов. Прилог кон проучувањето на македонското националноослободително движење, Скопје, 1997
  • Во Македонија и Одринско, Спомени на Михаил Герџиков, сопштува Л. Милетиќ, Софија, 1928
  • Д-р, Христо Татарчев, Вътрешна македоно-одринска революционна организация като мит или реалност, Цочо Биљарски и Валентин Китанов, София, 1995
  • Димевски Славко, Митрополитот скопски Теодосиј - живот и дејност 1846 - 1926, Скопје, 1965
  • Димитар Димески, Создавање на Македонската револуционерна организација и нејзината организациона поставеност (1893 - 1895), Историја, XXII/1, Скопје, 1896
  • Димитар Димески, Македонското национално движење во Битолскиот вилает (1893-1903), II издание, Скопје, 1982
  • Димитар Димески, Гоце Делчев, Скопје, 1994
  • Константин Пандев , Национлнотоослободително движение в Македония и Тракия 1893-1903, София, 1979
  • Историја на Македонскиот народ, издание 1988 г. Скопје
  • Историја на сојузот на комунистите на Југославија издание 1985 год, Скопје
  • Битоски Крсте, Македонија и кнежевството Бугарија (1893 - 1903), Скопје. 1977
  • Влахов Димитар, Спомени прв дел (ракопис во семинарот за историја при Философски факултет), Скопје
  • 36 години во ВМРО - Спомени на Кирил Прличев, издателство ВЕДА-МЖ, 1999, ISBN 954-8090-01-5
  • Основањето на четничкиот институт. Испраќање списоци на Егзархијата. Конгресите пред 1899 г. (од спомените на Ив. Х. Николов), Ил. Илинден III/6 (76), Софија, 1936
  • Петров Ѓорче, Спомени, Коресподенција, (вовед, коментар и редакција Љубен Лапе), Скопје, 1984.
  • Петар. П. Арсов, Потекло на револуционерното движење во Македонија и првите чекори на Солунскиот комитет за придобивање на политички права за Македонија дадени од Берлинскиот конгрес, Билтен на временото претставништво на обединетата бивша револуционерна организација, Но. 8, Софија, 19.07.1919.
  • Првиот централен комитет на ВМРО, Спомени на д-р Христо Татарчев, соопштува Л. Милетиќ, Софија, 1928.

Надворешни врски

Поврзано