Борис Сарафов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Борис Петров Сарафов
12 јуни 187228 ноември 1907

Македонски револуционер
Прекар:Принцот
Роден во:Либјахово, Пиринска Македонија
Починал во:Софија, Бугарија
Служба во:Македонско национално движење
Период на служба:18951907
Чин:Претседател на Врховниот македонски комитет — член на Главниот штаб на II Битолски револуционерен округ
Единици:Четнички институт
Командува/л со:Македонски комитет • Македонската револуционерна организација
Битки/војни:Мелничко востание  • Илинденско востание
Други занимања:воен офицер
Дел од темата „Борис Сарафов
Облигација на ВМОК од септември 1900 година со потписите на Борис Сарафов и Георги Петров.

Борис Сарафов (12 јули 187228 ноември 1907) — македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, водач на Македонскиот комитет и Македонската револуционерна организација, учесник во Илинденското востание и член на Главниот штаб во Битолскиот револуционерен округ, една од контроверзните личности во македонското ослободително дело.

По завршувањето на основното образование во родното село и на Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“, се запишува во Военото училиште во Софија заедно со Гоце Делчев, и учествува во социјалистичка група. По завршувањето на училиштето (1893) е испратен на офицерска служба во Белогратчик и потоа во Софија (1894). Преку неговиот солунски учител Трајко Китанчев, влегува во македонското движење при што собира и обучува чета, а во т.н. Мелничко востание го напаѓа градот Мелник. Подоцна се запишува како вонреден студент на Генералштабната воена академија во Санкт Петербург (септември 1895), но по четири месеци се враќа во Софија.

По смртта на Китанчев доаѓа до расцеп во Врховниот македонски комитет. Со поддршка на Ѓорче Петров и Гоце Делчев, на Шестиот конгрес на македонската емиграција во Софија, Сарафов е избран за претседател на Македонскиот комитет. Со својот авантуристички дух и патриотски ентузијазам, тој развива широка внатрешна и надворешна активност, што не е во согласност со политиката на кнезот Фердинанд. Заедно со сите членови на Врховниот комитет тој е уапсен, а потоа е ослободен од судот.

Често патува низ Европа и во Русија. Со негова поддршка се издаваат весниците на Симеон Радев во Женева (L’Effort) и во Париз (Le Mouvement Macédonien), го помагал Македонскиот клуб од Белград, а потоа и Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург. Целиот европски печат ја пренесува неговата изјава (1902): Ние Македонците не сме Срби, не сме Бугари, ами просто Македонци. Оваа изјава подоцна станува насловно мото на сите изданија на македонската колонија во Санкт Петербург. Сарафов ги помага и солунските гемиџии.

На Осмиот конгрес на македонската емиграција во Софија на чело на Врховниот комитет се поставени Бугарите Стојан Михајловски и генералот Иван Цончев. Потоа се заострува борбата помеѓу врховистите и централистите и тогаш настанува струјата на сарафистите.

Во јануари 1903 година, Сарафов влегува со чета во Македонија и на Смилевскиот конгрес е избран за еден од тројцата рамноправни членови на Главниот штаб на востанието. По Илинденското востание дејствува во Битолскиот револуционерен округ. На Рилскиот конгрес (1905) тој е обвинет за злоупотреби, испраќање на сарафистички чети, како и за примање пари од српската и од бугарската влада, но е амнестиран. Во ВМОРО настанува расцеп, а Сарафов и Иван Гарванов се задгранични претставници. Двајцата се осудени од Серскиот револуционерен округ и убиени во Софија.

Сарафов користел повеќе псевдонимите или бил именуван со разни имиња: Александар Иванович, Бегот, Богдан Петров, Борис Иванов, Владимир Николаев, Керим-паша, Крум, Крумски, Мајстор, Ојнак, Принцот, Торос и др.[1].

Потекло[уреди | уреди извор]

Потеклото и семејната средина се фундаментален елемент во биографијата на една личност. Тие го обусловуваат неговиот живот во неговата најрана фаза, а оставаат траги во целокупната негова натамошна дејност...

— Христо Андонов-Полјански, Гоце Делчев и неговото време

Либјахово[уреди | уреди извор]

Роден сум во 1872 г., на 12 јуни во с. Либјахово, Неврокопско. Татко ми, Петар Сарафов е родум од с. Гајтаниново, а мајка ми Сирма - од Либјахово..

— Борис Сарафов, Спомени

Селото Либјахово (денес Илинден) се наоѓа во планински регион, во северните падини на планината Стргач, 18 километри југоисточно од градот Неврокоп (денес Гоце Делчев). Во 19 век, Либјахово било големо село со мнозинско македонско христијанско население и припаѓало на Неврокопската каза, во состав на Серскиот санџак. Во 1828-1831 година, во селото е изградена црквата Успение Богородичино[2]. Според една статистика од 1878 година, во 1873 година селото имало 253 куќи со 850 жители,[3] додека според Стефан Верковиќ, селото имало 245 куќи.[4]

Во 1891 година, Васил К’нчов го посетил Либјахово и запишал: Либјахово има многу убав изглед. Тоа е расположено на една мала притока на р. Буровица. Има прекрасен изглед од врвот... Над него... се гледаат обработени ниви, а надолу - ливади. Тоа брои 300 куќи бугарски (Македонци-егзархисти б.н.)[белешка 1]. Селаните се пробудени како и гајтаниновци. Од 1870 година имаат бугарско (егзархиско б.н.) училиште. Стоеја во редовите на првите борци во борбата со (патријаршискиот б.н.) владиката[белешка 2], но во 1887 година, силно заплашени од воениот командант во Неврокоп, ја признаа власта на владиката. Оваа година тие одново се откажаа од него[5]. Според К’нчов, во 1900 година селото имало 1720 жители од кои 1660 Македонци и 60 Роми[5][6].

Сарафови[уреди | уреди извор]

Татко ми, кога бев во втори клас, беше директор на бугарското училиште во Сер. Наклеветен од Грците во 1885 г. тој беше испратен на заточение, божем како бунтовник, заедно со дедо ми, архимандритот Харитон, татко на мајка ми, претседател на општината во Сер. Беа осудени од воен суд во Солун, што ги осуди на 16 години затвор, што ги одлежуваа во гр. Караман, во Кониската област во Мала Азија, каде биле интернирани. Татко ми заедно со дедо ми избегале и дошле во Бугарија во 1888 г.: се населиле во Софија каде во 1889 г, дојде и мајка ми...

— Борис Сарафов, Спомени
Сирма и Петар Сарафови
Борис Сарафов со својата фамилија

Борис Сарафов е роден на 12 јуни 1872 година во неврокопското село Либјахово, во истакнатото преродбеничко семејство Сарафови. Неговата мајка Сирма била ќерка на Харитон Карпузов.

Дедото на Борис Сарафов бил харизматичен и енергичен водач во црковните борби во Источна Македонија. Учествувал во народниот собор од 1869 година во село Гајтаниново, на којшто се отфрла јурисдикцијата на Цариградската патријаршија. Во периодот 1871-1873 бил претседател на Неврокопската егзархиска црковна општина. Во 1872 година е предложен за архијереј на Неврокопската епархија, но кандидатурата не му е прифатена од сите месни дејци. Според македонските истражувачи во периодот 1873-1874 поп Харитон е еден од главните агитатори на таканареченото унијатско движење за одвојување на македонските црковни општини од Бугарската егзархија, во засебна црква „да ја воскреснат Охридска архиепископија“ преку унијатството со Ватикан.[7] Но тоа движење, очекувано, не успеало.

Неговиот татко Петар Сарафов бил преродбенски учител, неговиот чичко Коста Сарафов и дедо му архимандритот Харитон Карпузов биле водачи на борбата против Цариградската патријаршија во Неврокопско и Серско. Петар Сарафов е еден од иницијаторите на народниот собор, одржан во 1869 година во село Гајтаниново, на кој била отфрлена власта на Цариградската патријаршија. Во 1873 година неговиот татко бил меѓу основачите на учителското друштво "Просветителство". Петар Сарафов меѓу 1882-1884 година ја извршувал функцијата егзархиски инспектор на сите училишта во источна Македонија[8]. Неговиот татко заедно со архимандритот Харитон Карпузов - тогаш претседател на егзархиската општина во Сер во 1885 година биле уапсени од османлиските власти под обвинение за револуционерна дејност. Петар Сарафов и Карпузов биле осудени на 16 години заточение во Мала Азија. Најпрво биле испратени во Смирна, а потоа биле преместени во градот Караман. Во 1887 година, преку Цариград избегале за Одеса, а потоа се преселиле во Софија. Во престолнината на бугарската држава, Петар се вработил во министерството за надворешни работи како преведувач.

Неговиот поголем брат Ангел Сарафов бил лекар и офицер, Крсто Сарафов неговиот помал брат е познат глумец [9], сестра му доктор Злата Сарафова била претседателката на Македонскиот женски сојуз [10], негов братучед бил полковник Димитар Стојков.

Образование[уреди | уреди извор]

Во 1890 година во Солун завршив VI клас и во месец септември постапив во военото училиште. Во истото училиште во 1891 г. постапи Гоце Делчев; тој беше во втората чета, а јас во првата. Се познававме од Солун. Од Солун се познавав и со Дамјан Груев - од гимназијата, исто така и со Ѓорче Петров. Во 1893 г. завршив како офицер. Тогаш социјализмот беше во мода. Бегав од училиште и во една куќа близу до старото воено училиште се наоѓав со ученици од VII кл. па читавме илегални руски автори, се одржуваа и реферати и сл...

— Борис Сарафов, Спомени

Солунска машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“[уреди | уреди извор]

Уште во гимназијата меѓу себе зборувавме за идното ослободување на Македонија, па си мислев дека би било добро да се здобијам со воен опит...

— Борис Сарафов, Спомени
Гоце Делчев
Солунската машка гимназија

Борис Сарафов најпрво се школувал во месното егзархиско училиште. Потоа се запишал во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“. Низ клупите на оваа гимназија минале голем број на македонски револуционери: Ѓорче Петров, Пере Тошев, Дамјан Груев, Петар Поп Арсов, Гоце Делчев, Борис Сарафов и други[11].

Таа имала престиж и реноме над останатите образовни институции, не само егзархиски, туку и во однос на сличните институциите на останатите пропаганди во Македонија. Во неа предавале еминентни македонски и странски професори[белешка 3]. Гимназијата располагала со опремени кабинети, нејзината библиотека располагала со богата литература од светско реноме: Виктор Иго, Димитриј Иванович Писарев, Шекспир, Гогољ, Пушкин, Лермонтов и други, а меѓу учениците кружела и забранета литература.

Револуционерниот дух бил сè повеќе присутен меѓу учениците на Солунската гимназија. Во 1889 година во пансионот на гимназијата делувале три ученички кружоци: литературен, филозофско-научен и бунтарски (револуционерен). Со револуционерниот кружок раководеле Борис Сарафов и Димитар Пажев[12]. Во револуционерниот кружок членувале Гоце Делчев, Христо Чемков, Атанас Мурџев и други. Во кружокот биле проучувани делата на Љубен Каравелов, Христо Ботев, Захариј Стојанов, Иван Вазов, како и биографиите на познатите револуционери: Џузепе Мацини, Џузепе Гарибалди, Џорџ Вашингтон, Лафајет, Костјушко, Домбровски, Кошут, Лавров, Кропоткин, Бакунин, Степњак и други[13]. Во есента 1890 година, по заминувањето на Борис Сарафов и Пажев, Гоце Делчев станал раководител на училишниот револуционерен кружок.

Кнежевско воено училиште[уреди | уреди извор]

Како офицер ме испратија во Белоградчик, во 15-ти Ломски полк. Постојано настојував да ме прведат во Софија, и во 1894 година во мај ме преместија тука. Токму тогаш се беше формирал првиот македонски комитет, под претседателство на Китанчева. Коста Сарафов, чичко ми, може да раскаже подробно за основањето на Комитетот во Софија....

— Борис Сарафов, Спомени

Во 1890 година се запишал во Военото училиште во Софија, заедно со Димитар Думбалаков, Иван Пожарлиев, Христо Саракинов. Во јули 1891 година петчлена група на незавршени солунски средношколци (Гоце Делчев од Кукуш, Стамат Стаматов од Дебар, Илија Кондураџиев од Прилеп, Гоце Имов од Кукуш и Стефан Стрезов од Копривиштица), се нашла во бугарската престолнина Софија. Целиот солунски револуционерен кружок се нашол во военото училиште. Во Кнежевското бугарско воено училиште за трите години, меѓу другите, се школувале и педесетина Македонци. Групата на Гоце и припаѓала на 13-та класа. На претходната, 12-та класа питомци ѝ припаѓале поранешните солунски ученици Борис Сарафов, Георги Апостолов и Димитар Атанасов, кои го поздравиле доаѓањето на новата група. Со Гоце Делчев и Борис Дрангов создаваат револуционерна група поврзана со онаа на Дамјан Груев на Софискиот универзитет.

Погледи[уреди | уреди извор]

Автономната македонска идеја нè скара со бугарската влада. Зар порано со нас не беше љубезен и внимателен кнезот Фердинанд? Зар... Рачо Петров кој со своето Министерство толку грижливо се зафати да не скроти, не беше наш соучесник во 1895 година и не ни дозволи да ја минеме македонската граница и да водиме чети? Нè фалеа зошто се надеваа дека ние, со своите раце, ќе ги вадиме од огнот македонските костени и ќе им ги дадеме ним како подарок на бугарската влада. Големите луѓе сакаа да јаваат на грбот на малите. Владата мечтаеше за санстефанските граници, кнезот Фердинанд... го примамува ефектот кон своите два венца да го придодаде и третиот - Македонија...

— Борис Сарафов, Интервју со Амфитеатров во 1901 година
Ние Македонците не сме Срби, ни сме Бугари, ами просто Македонци. Изјава на Борис Сарафов од 1902 година. Текстов подоцна станува насловно мото и на сите изданија на македонската колонија во Санкт Петербург.
Такома тајмс (The Tacoma times), 16 февруари 1904 година

Кон крајот на март 1902 година, српскиот дипломатски претставник во Софија, врховистичката пенетрација во Македонија ја оценил како поинаква во однос на претходните. Според него, новото врховистичко навлегување било резултат на раздорот помеѓу поранешниот и актуелниот Врховен комитет, првенствено поради различните погледи за решавање на македонското прашање. Според српскиот дипломат: Сарафов и неговите приврзаници, а тие ја држат во раце Внатрешната револуционерна организација, не криеја дека сакаат своето држење да го доведат во согласност со династичките интереси на кнезот Фердинанд, кој секогаш настојуваше тајно да раководи со комитетскиот ред и на тој начин како носител и претставник на големата бугарска идеја... да ја зачува и зголеми својата популарност.[14]

Меѓутоа: Сарафов и неговите приврзаници отворено изјавуваа дека ним не им дошло националистички проповеди, туку до политичко ослободување, за кое народот треба да се подготви и воодушеви, за во дадениот час да биде готов да се жртвува. Малку расположени да му служат на политичките интереси на кнезот Фердинанд и на славистичките стремежи на бугарските државници, тие се воодушевуваат од идејата за самостојна Македонија, до која, според нивното мислење, во денешните политички услови може да се дојде пос сизеренство на султанот. И токму затоа што не сакаат да допуштат автономијата да послужи како мост за подоцнежната бугарска анексија, предизвикаа кај кнезот Фердинанд и тогашниот шеф на владата - Каравелов, кој како запален шовинист, прв почна да ги гони (сарафистите б.н.). Само со тоа гонење може да се објасни што на чело на ВК дојде резервниот генерал Иван Цончев и поетот Михајловски, од кои првиот е повереник на кнезот Фердинанд, а другиот приврзаник на Каравелов.[15].

Овој извор потврдува дека определбите на Борис Сарафов биле програмски поблиску до Внатрешната организација и не се поклопувале со погледите на бугарските кругови, а тоа било причина за падот на Сарафовиот комитет. Со оваа констатација не се согласува Иван Катарџиев, кои истакнува: Во контактите со разните политичари и дипломати Сарафов отворено ги напаѓа намерите на Цончев да дига востание во Македонија. На тој начин негативниот став на Организацијата спрема Врховниот комитет во светот на дипломатијата почнал да се прикажува како став на Сарафов... Им дадовме место на овие мислења, своевремено истакнувани за Сарафов со ставовите на Внатрешната организација, туку, напротив, уште порелјефно да ја истакнеме политиката и погледите на Револуционерната организација, кои Сарафов си ги присвојувал и пласирал како свои.[16].

Меѓутоа, странските дипломати не биле единствените кои во Борис Сарафов гледале борец за независна македонска држава. Крсте Петков Мисирков истакнува: Откако се вкорени така македонското дело во Бугарија, Македонците фатија да одат и во Србија и таму да им ја излагаат својата програма на владата и на српскиот народ. Сарафов, Радев, Јанков уверуваа оти тие се борат за девизата Македонија за Македонците, за сите Македонци без разлика, и оти никогаш Македонија нема да се соедини со Бугарија. Не е ли јасно и од тие постапки на македонските водачи оти Македонците зедоа самите да ги решаваат судбините на Македонија и оти тие во својата дејност се готови да се судираат и да ги усогласуваат интересите на својата татковина не само со Бугарија, но и со другите балкански државнички, откако ќе им дадат на тие државички некои обврски од страна на Македонија за укажаната помош?[17].

Сарафов честопати бил контрадикторен во своите изјави и се прилагодувал кон своите соговорници и нивните потреби. Александар Валентинович Амфитеатров имал двочасовен разговор со Сарафов и ни ги пренесува следните негови зборови: Србите и Австријците не нè поднесуваат затоа што ние божем се бориме за голема Бугарија. Тоа е заблуда. Ние сме Бугари по род, крв, по сфаќања на животот, со сето убедување. Но, мислата за спојување со Бугарското кнежевство не напушти веќе одамна[18]. Во 1902 година Сарафов за весник во Србија дал изјава која е дијаметрално спротивна од онаа која Амфитеатров ја пренесува, според српскиот весник Сарафов изјавил: Ние Македонците не сме ни Срби ни Бугари, туку просто Македонци. Македонскиот народ постои независно од бугарскиот и српскиот...[19]. Целосниот текст подоцна станал насловно мото на сите изданија на македонската колонија во Санкт Петербург.

Македонско револуционерно движење[уреди | уреди извор]

Ние Македонците не сме Срби, ниту сме Бугари, ами просто Македонци. Македонскиот народ постои независно од бугарскиот и од српскиот. Ние им сочувствуваме и на едните и на другите, и на Бугарите и на Србите; кој ќе го помогне нашето ослободување, нему ќе му речеме благодарам, но Србите и Бугарите нека не забораваат дека Македонија е само за Македонците.

— Борис Сарафов, 2 септември 1902[20]
Здружената чета на Борис Сарафов и Димитар Дечев во 1903 година

Мелничко востание[уреди | уреди извор]

Ги запаливме поштата и околиската управа. Внатре имаше 24 товари муниција, па дојде до силен грмеж. Пожарникарите, што си помислиле дека е „јанг`н“ доаѓаат да го гаснат пожарот. Блиску до околиската управа се наоѓаше и затворот; ги искршивме вратите од затворот, и затворениците побегнаа. Пукаме по пожарникарите - паѓаат мнозина. Други излегуваат со стомни за вода, со фесови; момчињата не можеа да ги распознаваат, па загинаа три-четворица Грци (таму е грчко маало). Зафативме пусија сред улицата, и по соседните турски куќи; семејствата ги одделивме под стража на друга страна, а ние се сместивме крај прозорците. Дојде војската. Еден-два плотуна од наша страна и паднаа неколцина; пак се вратија, пак плутон - ура! Турците си помислија дека се опколени; отстапија, војската се растури низ полето. Некои од Турците почнаа да пукаат од прозорците на куќите, и ние тогаш заповедавме да се запалат некои куќи, па изгореа околу 37 турски куќи...

— Борис Сарафов, Спомени
Трајко Китанчев
Начев, Мутафов, Луков, Гаруфалов и потпоручниците: Венедиков и Борис Сарафов - учесници во т.н. Мелничко востание

На 2 август 1893 година Сарафов е произведен во потпоручник и служи во 15-от ломски полк во Белоградчик, каде привлекува истомисленици за поддршка револуционерното дело во Македонија. Меѓу нив се Христо Чернопеев, Тане Николов, Тома Давидов, Боби Стојчев и други. На 1 јануари, Сарафов е преместен на служба во 1. пешадиски софиски полк и се поврзува со Македонскиот комитет на Трајко Китанчев, кој го подготвувал т.н. Мелничко востание За акцијата биле ангажирани 40 офицери од Бугарската армија, меѓу нив се нашле: Стојчо Гаруфалов, Антон Бозуков, Петар Начев, Васил Мутафов, Борис Сарафов, Димитар Атанасов, Димитар Жостов, Јордан Венедиков и други. Офицерите биле поставени за командири на одредите. Четвртиот одред се состоел од 65 души, а негов командир бил Борис Сарафов. Од старите арамии биле Кочо Мустракот, Кољо Ризов и дедо Анго Константинов. Тие имале задача да дејствуваат во источна Македонија[21].

Четите почнале да ја минуваат границата на крајот на месец јуни и почетокот на месец јули. На Петровден, Сарафов ја минал границата во униформа и се приклучил кон Дупничката чета. Во Пирин им се придружил дедо Анго со 25 души, а одредот вкупно броел 65 четници. Сарафов одвај успеал да ги одврати војводите да не пљачкаат и ги убедувал: пет пушки да фрлиме, ама во градот да ги фрлиме[22]. Одредот најпрво се упатил кон Неврокоп, а потоа се вратил повторно пред Мелник. На 12 јули влегле во градот ја зазеле околиската управа ја запалиле поштата и ги ослободиле затворениците од градскиот затвор. Биле запалени 37 куќи и биле повикани градските првенци да им се каже дека целта е ослободување на Македонија[21].

На пладне четата си заминала од градот, а Кочо Мустракот со 20 души се одделил да пљачка. На 16 јули Сарафов и одредот кај село Влахи биле пристигнати од аскерот, но успеале да се повлечат без загуби. На 22 јули веќе се нашле во Бугарија. Сарафов со својот одред успеал да го покрие неуспехот на останатите одреди и затоа оттука целата акција на Македонскиот комитет е наречена Мелничко востание[23].

Претседател на Врховниот македонски комитет[уреди | уреди извор]

Комитетот почна да дејствува во споменатата насока. Најпрвин се зафативме со исплаќање на долговите. Ги активиравме друштвата. Најпрвин почнавме со Софија. Не можеше толку лесно да се соберат луѓето и тие да го почувствуваат авторитетот на Комитетот, додека не сфатат дека сме решени да одиме докрај. Малу по малу почнавме да ги наметнуваме своите барања. Од 30 друштва станаа 250 друштва, градски и селски. Не врвеше така лесно ни со заемот. За да не доаѓа до завист, почна обложувањето со облигации според имашноста на луѓето. Однатре постојано бараа средства, и затоа мораше да се грижиме енергично за собирањето пари преку обложување со облигации...

— Борис Сарафов, Спомени

Соработка со задграничните претставници[уреди | уреди извор]

Со Ѓорче и Делчев работевме сложно. Тие заседаваа заедно со нас, ги потпишуваа записниците во Комитетот. Прашањето за востанието кога да се крене, не се поставуваше на дневен ред. Идејата да се формираат внатрешни чети се појави тука. Тука беше напишан и правилникот за четите внатре. Ѓорче и капетан Венедиков го напишаа. Јас бев на стоиштето таму да се испратат апостоли, што ќе обиколуваат насекаде, затоа што само Делчев дејствуваше како таков...

— Борис Сарафов, Спомени
Дел од темата
Македонски комитет
Печат на Македонскиот комитет
Ѓорче Петров

Во средината на декември 1896 година Гоце Делчев пристигнал во Софија како прв задграничен претставник на ТМОРО во Бугарија. Во март 1897 година, по инсистирање на Гоце, Централниот комитет на Организацијата го проширила Задграничното претставништво со уште еден член, Ѓорче Петров[24].

Нарушените односи помеѓу двете организации, го поттикнале Гоце да побара други материјални извори. Тој веднаш по пристигнувањето во Софија стапил во врска со офицерите од 95-тата година кои биле надвор од Комитетот. Соработката помеѓу нив се продлабочила по пристигнувањето на Ѓорче Петров во март 1897 година, како втор член на Задграничното претставништво. Тогаш, кај Ѓорче Петров, Гоце Делчев, Стојчо Гаруфалов и Антон Бозуков се родила идејата за формирање на тајните офицерски братства[21]. Во ноември 1897 година, во Македонија се разврзала Виничката афера која го симнала конспиративниот превез на Организацијата. Аферата ѝ нанела тежок удар на ТМОРО во Скопскиот санџак, а ја разнишала и во целина. Гоце Делчев веста за аферата ја примил во Ќустендил и веднаш се вратил во Софија со цел да преземе чекори за неутрализација на нејзините ефекти. Гоце имал телефонски разговор со Борис Сарафов, во текот на кој му предложил на Сарафов да формира чета со која требало да навлезе во Македонија за да им стави крај на турските ѕверства. Но, по консултацијата со Ѓорче, тој му ја откажал услугата на Борис Сарафов. Во Ќустендил бил формиран Привремен комитет за бегалците, а во Софија била формирана тричлена комисија. На 1 јануари 1899 година, бугарската влада на Константин Стоилов поднела оставка, а Фердинанд формирал коалициска влада од составена од Либералната партија на Васил Радославов и Народнолибералната партија на Димитар Греков. За да го спречи Радославов да дојде на чело на владата, кнезот за премиер го поставил Греков, иако неговата партија била послаба од онаа на Радославов, но секому му било јасно дека владата е на Либералната партија. Набргу по формирањето на новата влада, дошло до судир помеѓу Либералната и Народнолибералната партија, а Димитар Греков на 1 октомври 1899 година поднел оставка.

Оваа состојба се покажала како доста поволна за делување на Ѓорче Петров и Гоце сред македонската емиграција. Имено, Задграничното претставништво и Централниот комитет на ТМОРО решиле да ја променат тактиката. Тие од контактите со бугарската влада на Стоилов и ВМК ги откриле нивните вистински стремежи, оттука решиле Врховниот комитет да го стават под свое влијание, сега иницијативата се наоѓала во рацете на македонските револуционери. Моментот бил погоден. Покрај бурните политички случувања во Бугарија, задграничните претставници веќе имале контакти со повеќе асоцијации во Бугарија од кои извлекувале помош за македонското дело, првенствено од офицерските братства на чело со Цончев. Задграничните претставници се решиле да го преземат ВМК за да го искористат економскиот потенцијал на македонската емиграција во Бугарија во полза на македонското револуционерно движење. Ѓорче Петров започнал една широка агитација сред македонската емиграција во Бугарија, барајќи соодветна личност која би можела да застане на чело на Врховниот комитет. Ѓорче ја прокрстарил цела Бугарија, ги посетил сите места каде што имало Македонци и ја поканил целата македонска емиграција од провинцијата да учествуваа во работата на идниот конгрес, кој требало да се одржи. Ѓорче најпрво се сретнал со Иван Цончев, кој дотогаш многу им помагал [21].

Ѓорче Петров имал средба и со полковниците Стефан Николов и Атанас Јанков, но тие не биле по мерката на Организацијата. За нив, Ѓорче Петров вели: Николов ми направи впечаток на тежок човек со слаб ум, а Јанков - на лесен човек. Барајќи погодна личност, Ѓорче имал и средба со Славчо Бабаџанов. Меѓутоа, ни тој не бил погодна личност, Бабаџанов бил член на бугарската Демократска партија и бил пријател со бугарскиот кнез Фердинанд. Додека Ѓорче Петров барал погодна личност, Сарафов и Антон Бозуков самите себеси се понудиле. Ѓорче ги одбил. Тој барал личност со поголема тежина и позначајна улога во бугарското општество. Затоа разговарал со учителот Паунчев во Варна, како и со адвокатите Панов и Иван Иванович. Последниот се покажал како чамова даска. Ѓорче не се раководел од идејните определби на личностите и затоа имал средба и со водачот на социјалистите, Димитар Благоев. Меѓутоа, Ѓорче бил одбиен од сите, бидејќи работата им изгледала како опасна[21].

За формирањето на новиот Врховен комитет, во своите спомени Борис Сарафов истакнува: Се размислувавме кои луѓе треба да бидат поставени на чело на тукашниот Комитет. Бевме на мислење на чело на Комитетот да го избереме Цончев. И Ѓорче и Делчев и јас и други мислевме така. Цончев велеше дека ако тој биде поставен на чело на Комитетот, до кревањето на востанието треба да дојде најмалку за 5 месеци, инаку тој не може да стои така долго - ќе се избламира. Затоа тој беше на мислење првин да дојде до јавување на помлади луѓе, што ќе го подготват теренот, што ќе вршат организирање, да се соберат средства, и потем, кога ќе дојде часот за движењето, тогаш и тој ќе земе учество во него. Се согласивме со тоа. Решивме да агитираме за оние кандидати, што потем и беа застанати на чело. На конгресот помина нашата листа. И јас застанав на чело на Комитетот. Паприков му беше испратил писмо на Драндаревски во Русе, никако да не си дава оставка. Цончев помогна и новиот Комитет, на чие чело застанав јас, се конституира на 16 јуни. Покојниот Давидов беше во служба заедно со мене; заедно и живеевме во една иста куќа и во потполност се согласувавме...[25]

Ѓорче Петров на крајот морал да се задоволи со офицерите од 95-тата година. Тој сакал еден дел од нив да ги вклучи во Врховниот комитет, а другите да ги искористи за практична работа. Идните настани, сепак покажале дека изборот на Ѓорче бил погрешен. Офицерите од своја страна, му предложиле на Ѓорче Петров, тој да застане на чело на Врховниот комитет, но Ѓорче одбил. На крајот, се одлучил за Борис Сарафов, затоа што сметал дека тој е попостојан отколку Антон Бозуков[21].

VІ македонски конгрес[уреди | уреди извор]

Се размислувавме кои луѓе треба да бидат поставени на чело на тукашниот Комитет. Бевме на мислење на чело на Комитетот да го избереме Цончев. И Ѓорче и Делчев и јас и други мислевме така. Цончев велеше дека ако тој биде поставен на чело на Комитетот, до кревањето на востанието треба да дојде најмалку за 5 месеци, инаку тој не може да стои така долго - ќе се избламира. Затоа тој беше на мислење првин да дојде до јавување на помлади луѓе, што ќе го подготват теренот, што ќе вршат организирање, да се соберат средства, и потем, кога ќе дојде часот за движењето, тогаш и тој ќе земе учество во него. Се согласивме со тоа. Решивме да агитираме за оние кандидати, што потем и беа застанати на чело. На конгресот помина нашата листа. И јас застанав на чело на Комитетот. Паприков му беше испратил писмо на Драндаревски во Русе, никако да не си дава оставка. Цончев помогна и новиот Комитет, на чие чело застанав јас, се конституира на 16 јуни. Покојниот Давидов беше во служба заедно со мене; заедно и живеевме во една иста куќа и во потполност се согласувавме...

— Борис Сарафов, Спомени
Печат на Врховниот македонски комитет
Врховниот македонски комитет околу 1899-1900. Седат: Тома Давидов (потпретседател), Борис Сарафов (претседател), Христо Саракинов (член советник). Стојат: Антон Бозуков (член), Владислав Ковачев (член).

Пред почетокот на Конгресот, била подготвен список на чело со Борис Сарафов која била поддржана од задграничните претставници. Ѓорче истакнува: Ние го уредивме Сарафовиот комитет, тој беше наш продукт[26]. Офицерите и задграничните претставници склучиле договор за заемни односи. Според него, членовите на Задграничното претставништво на ТМОРО имале право да учествуваат на седниците на ВМК, но не сноселе одговорност за неговите постапки. Целокупната активност на Врховниот комитет требало да биде во согласност и знаење на Задграничното претставништво.

Овој договор требало да биде санкциониран на Шестиот македонски конгрес кој започнал со својата работа на 1 мај 1899 година. На конгресот, од вкупно 40 македонски друштва кои егзистирале во Бугарија, 34 друштва со преку 42 делегати учествувале во неговата работа. На Конгресот отворено се зборувало за подготвувањето на македонското население за револуција. Димитар Ризов предложил ВМК да има при себе едно воено одделение составено од специјалисти, како и да не се избегнува помошта и советите на личностите кои би можеле да бидат од корист на македонското дело во сложени услови. Ризов не заборавил да ја спомене бугарската влада и нејзиното значење, како и надворешните фактори, првенствено Русија[21].

Според него, востанието не требало да започне пред завршувањето на 1901 година. Капчев сметал дека ослободувањето на Македонија не може да се изведе без надворешните фактори. Спротивно од него, Антон Бозуков истакнал дека ослободувањето на Македонија може да се изведе со сопствени сили преку неколку последователни востанија. По ова прашање, Димитар Ризов сметал дека наместо неколку востанија, треба да се подготви и крене едно зрело и обмислено востание. Димитар Ризов, предложил Гоце и Ѓорче Петров да влезат во составот на Врховниот комитет, како редовни членови со што би дошло до слевање на двете организации. Овој предлог бил одбиен. На конгресот станало збор и за односите помеѓу ТМОРО и Бугарското тајно револуционерно братство, а Димитар Благоев ја изнел и идејата за Балканските соединети држави, меѓутоа и тоа било отфрлено[21].

Поради претходната агитација, списокот на Сарафов поминала без опозиција, а за претседател на Врховниот комитет бил избран Борис Сарафов. Покрај него, во комитет влегле Тома Давидов - потпретседател, Владимир Ковачев - секретар, Георги Петров - касиер и двајца членови - советници Антон Бозуков и др. Шопов. Конгресот го избрал Александар Радев за претставник на Врховниот комитет на Првата мировна конференција во Хаг. Тој требало да стапи во контакт со ерменската организација Трошак и заедно да го покренат македонското и ерменското прашање. Мисијата на Радев била неуспешна.

Во почетокот, овој комитет имал значајна соработка со задграничните претставници. За оваа соработка, Ѓорче истакнува: Работите ги почнавме на чисто другарска основа со договор дека тие ќе фигурираат во Бугарија, но дека поткрепата и тврдината ќе бидеме ние. Офицерството во почетокот не преземаше ништо без наше знаење и согласност.[26]

Сарафов и Бугарското братство[уреди | уреди извор]

Ѓорче аплаудираше на акцијата против Наумов. Беше на мислење дека треба да се испоколат сите од „Братството“, - никакво разбирање, никакво помирување. Ние во Комитетот усвоивме решение да посредуваме да се сложат. Против тоа решение беше Ѓорче. Ние им испративме писмо, но немаше резултат. Избравме човек, што специјално од наша страна да отиде во Солун за да се постигне спогодба меѓу Братството и Централниот комитет. Во тоа испраќање на специјален човек од наша страна Ѓорче гледаше нарушување на самостојноста на ЦК, па според неговото сфаќање, ние навистина се појавувавме нешто како „врховен комитет“. А пак ние единствено сакавме да се избегнат несогласувањата и крвопролевањето внатре, за да не ни пречи тоа и нам тука во собирањето пари од заемот и сл. Отиде нашиот човек, Иван Камбуров, потпоручник, родум од Елена. Ѓорче, за да попречи, им напишал писмо да не го прифаќаат. Камбуров, откако пристигнал таму, веднаш се воврел како клин меѓу нив, и по 5-6 дена разговори, убедувања, дојде до спогодба писмена, потпишана и од Камбуров. „Братството“ престана да постои, а Гарванов стана претседател на Месниот комитет во Солун...

— Борис Сарафов, Спомени
Иван Гарванов
Револверот и двогледот на Борис Сарафов

Бугарското тајно револуционерно братство било формирано во март 1897 година во Солун. Неговите основачи имале големобугарски политички сфаќања (282) и биле идејни противници на Македонската револуционерна организација. За претседател на Братството бил избран Иван Гарванов. Силјанов за него вели дека тој бил душата на Револуционерното братство и дека случајно се нашол меѓу егзархистите. Веднаш по основањето, членовите на Братството стапиле во контакт со Врховниот комитет. Судирот помеѓу двете страни бил неизбежен, како повод послужиле заблудите и подвојувањата меѓу населението предизвикани од агитацијата на членовите на Братството, кои присвојувале туѓи заслуги.

Првото предупредување од Организација се случило во летото 1897 година, преку неуспешната ликвидација на Васил К’нчов. Поголем ефект бил постигнат во пролетта 1899 година, кога терористите на ТМОРО се обиделе да го ликвидираат Атанас Наумов во Сер. Од своја страна, братството донело одлука за ликвидација на Даме Груев, Иван Хаџи Николов, Пере Тошев и Христо Матов. Но, братството немало сили за да се пресмета со организацијата и се откажало од своите намери. Бидејќи братсвото не можело самостојно да се бори против ТМОРО, Иван Гарванов решил да побара помош. Тој испратил писмо до Шестиот македонски конгрес на Врховниот комитет[21]. Набргу потоа, Гарванов се нашол во Софија каде што имал средби со Рачо Петров, Константин Стоилов и Васил Радославов. Но, сите го пречекале ладно, без да ветат конкретна помош. Речиси сите го советувале да се постигне договор помеѓу Братството и ТМОРО. Судирот помеѓу двете страни бил исползуван од Борис Сарафов, новиот претседател на Врховниот комитет. Тој се обидел да организира средба помеѓу Ѓорче Петров и Иван Гарванов, но до средба не дошло, бидејќи Ѓорче сакал да организира ликвидација на Гарванов во Софија.

Сарафов во своите спомени истакнува дека: Централистите беа решиле со терор да се справат со Гарванов и др... Ѓорче аплаудираше на акцијата против Наумов. Беше на мислење дека треба да се испоколат сите од Братството, никакво разбирање, никакво помирување. Ние во комитетот усвоивме решение да посредуваме да се сложат. Против тоа решение беше Ѓорче... Избравме човек, што специјално од наша страна да отиде во Солун за да се постигне спогодба меѓу Братството и Централниот комитет. Во тоа испраќање на специјален човек од наша страна Ѓорче гледаше нарушување на самостојноста на ЦК, па според неговото сфаќање, ние навистина се појавуваме нешто како врховен комитет...[27]

По враќањето во Солун, Гарванов и остантите членови на Братството решиле да се постигне помирување, но да се причека пратеникот на Сарафов. Првите преговори помеѓу Братството и Организацијата биле водени во септември 1898 година, меѓутоа без успех. Во септември 1899 година, во Солун пристигнал емисарот на Врховниот комитет, поручникот Иван Камбуров. Тој пред Управниот совет на Братството ги изложил условите за обединување. Членовите на Братството побарале еден нивни член да влезе во ВМК на местото на Ѓорче Петров, но тоа било одбиено. Нивното барање било спротивно од целите на ВМК на Сарафов. Врховниот комитет сакал целосно да го премавне Задграничното претставништво од Софија. Нивното барање било заменето со условот: Никој од централистите да не го претставува ЦК, туку еден претставник на ВМК да седи во Солун и да го следи развојот на работите. Оттука е јасна целта на Сарафовиот комитет, да се наметне како единствен фактор во целото македонското револуционерно движење. Условите на Братството биле одбиени од Организацијата, а самите внатрешни дејци побарале растурање на Братството и негово слевање во редовите на ТМОРО. Братството се колебало дали да ги прифати уловите на Организацијата[21]. Но, Централниот комитет испратил ултимативен протокол кој бил прифатен од Братството. Членовите на Братството го прифатиле протоколот, затоа што биле убедувани од страна на Иван Камбуров дека Врховниот комитет ќе го преземе раководството на целото македонско револуционерно дело. По потпишувањето на протоколот за помирување: Гарванов, Колушев, Самарџиев, Кондов, Мирчев, Тенчев и други истакнати членови на Братството биле заколнати во Организацијата од страна на Пере Тошев. Јосиф Ковачев бил кооптиран во ЦК, a Иван Гарванов влегол во Солунскиот окружен комитет.

Ѓорче Петров, посредништвото на Иван Камбуров го оценил како принципиелно неправилно бидејќи со тоа се нарушила самостојноста на Организацијата. ВМК на Сарафов се грижел да задоволи одделни амбициозни групи, отцепници, за да ги печали на своја страна и да ги внесува во Внатрешната организација како надворешни елементи[21].

Заткулисни игри[уреди | уреди извор]

По ова Ѓорче веќе сосем се дистанцира, иако таму дојде до спогодба. Според Ѓорче, таа постапка била принципиелно неправилна, затоа што на некој начин излегува дека Комитетот тука се грижи да им излегува во пресрет на одделни амбициозни групи, отпадници, за да ги придобива на своја страна, и да ги вовлекува во Внатрешната организација како надворешен елемент...

— Борис Сарафов, Спомени
Иван Цончев
Цончев (во средината исправен) со други офицери

Борис Сарафов уште во текот на составување на новиот ВМК планирал да го преземе Централниот комитет и Организацијата, со што би станал главен раководител на целото македонско револуционерно дело. Оттука, тој склучил договор со полковникот Иван Цончев и потполковниците Атанас Јанков и Стефан Николов. Според договорот, Цончев требало да поднесе оставка на офицерската должност и да застане на чело на Врховниот комитет, а Сарафов со офицерите да замине во Македонија каде што требало да ја заземат Организацијата и во најкус рок да покренат едно востание. Македонија требало да биде поделена на 14 востанички окрузи на чело со по еден офицер, а Цончев требало да навлезе во Македонија со поголеми сили, слична како за време на т.н. Мелничко востание од 1895 година, меѓутоа сега би имале и внатрешни сили. Генералите се договориле целиот план да го изведат тактички, без да дознаат задграничните претставници[21].

Меѓутоа, за целиот договор, задграничните претставници дознале од офицерите Тома Давидов и Стојчо Гаруфалов, како и од полковникот Атанас Јанков кој бил доста глуп и се издал. Задграничните претставници за договорот соодветно го информирале ЦК во Солун. Во овој период, Организацијата израснала во вистинска сила, а Гоце и Ѓорче Петров имале силен авторитет како во Македонија, така и сред македонската емиграција. Офицерите не се осмелувале на конкретна акција за реализација на договорениот план, без благослов на задграничните претставници. Оттука, на едно заседание на ВМК, офицерите им предложиле на Гоце и Ѓорче Петров во Централниот комитет да влезат двајца офицери од ВМК, а уште 14 до 16 офицери да бидат распоредени во револуционерните окрузи низ Македонија. Предлогот од страна на задграничните претставници во принцип не бил отфрлен[21].

Оттука, произлегла мајскиот компромисен договор од 1900 година. На преговорите, Внатрешната организација била претставена од Гоце Делчев и Ѓорче Петров, а ВМК од страна на Иван Цончев, Стефан Николов, Атанас Јанков, Стојчо Гаруфалов и Атанас Мурџев. Одредбите на мајската спогодба од 1900 година биле во форма на предлози до Централниот комитет на ТМОРО, со што Централниот комитет не морал изречно да ги спроведе. Спогодбата била дипломатска победа на задграничните претставници. Меѓутоа, ВМК на Сарафов сакал да ги протурка предлозите. Оттука, на 15 мај 1900 година се одржало заседание на Врховниот комитет. Во текот на заседанието, било решено да се пристапи кон избор на лица кои би требало да бидат испратени во Македонија било за членови на Централниот комитет, било за реонски раководители и прости работници. Едногласно, капетанот Димитар Венедиков бил избран за член на Централниот комитет, кој по заминувањето во Солун, со останатите членови на ЦК на ТМОРО требало да го изберат другиот член. ВМК иста така одлучил, Софрониј Стојанов да замине во Битола каде што требало да работи со Битолскиот окружен комитет[21].

Капетанот Венедиков бил прифатлив за задграничните претставници: Гоце Делчев и Ѓорче Петров. Тие сметале дека Димитар Венедиков е поумерен и посовесен. Тој бил прифатлив и за Централниот комитет, но само како советодавен глас. Ѓорче го информирал Венедиков за неговата улога во Централниот комитет. Но, тој одбил да замине за Солун, зошто сметал дека се најдува помеѓу два камена и дека неговата улога е неблагородна, некорисна. Поради долгите надмудрувања, Софрониј Стојанов дури во декември 1900 година, пристигнал во Солун. Врховниот комитет, првично одлучил тој да замине за Битола, меѓутоа поради Попставревата афера тој не заминал за Битолскиот вилает, и на крај било одлучено да го замени Димитар Венедиков. Во Солун, Софрониј Стојанов престојувал под лажно име Хаџиасенов, како претставник на друштвото Бугарија. Тој во Солун останал сè до Солунската провала од 1901 година[21].

Македонска крвава свадба[уреди | уреди извор]

Што напишав јас? Ништо не напишав. Јас го препишав од сè уште ненапишаната крвава историја на Македонија она што читателот ќе го прочита, а гледачот ќе го види во театарот. Крвожедноста на нашите Турци-бегови, готовноста на Македонките да умрат, но верата да не си ја менуваат, а машкоста на Македонецот јуначки да им одмаздува на оние крвници што ја извалкаа или ќе се обидат да ја извалкаат неговата семејна чест ете, во тоа главно се состои содржината на пиесата.

— Војдан Чернодрински, Предговор кон „Македонска крвава свадба“

Војдан Чернодрински соработувал со Македонскиот комитет од Софија, особено по формирањето на театарската дружина Скрб и утеха. Чернодрински позајмувал пари од касата на Врховниот комитет, за потребите на неговата група. Сарафов како претседател на Врховниот македонски комитет презел серија на активности за промоција на македонското револуционерно дело, оттука го покровителствувал Чернодрински и неговата Македонска крвава свадба, која требало да ја револуционизира македонската емиграција и да ја запознае пошироката јавност со состојбите во Македонија[28].

VІІ македонски конгрес[уреди | уреди извор]

Тоа беше во 1900 г., ми се чини во март или април. Поминав преку Виена за пушките. Се одбив во Штаер, каде оставив човек да раководи со работата. Потем таму нарочно одеше Софрониј Стојанов, за да ги презема една по една. Ги пренесовме по Дунав - минаа небаре носиме модар камен за државните лозја. Кога се вратив, по конгресот активноста продолжи. Се засилуваа активности за собирање средства. Кон крајот на 1900 г. се зафативме да формираме стрелачки дружини. Им ја оставивме таа работа на воените, тие да ги обучуваат и вежбаат - Јанков во Шумен, Николов во Варна, Протугеров во Русе, Јорд. Венедиков во Плевен, тука Гаруфалов и Д. Венедиков...

— Борис Сарафов, Спомени

Додека двете организации се надмудрувале околу спроведувањето на мајската спогодба, кон крајот на јули и почетокот на август 1900 година се одржал Седмиот македонски конгрес. Гоце и Ѓорче Петров за првпат присуствувале во работата на еден конгрес на Врховниот комитет. На Конгресот било констатирано дека недоразбирањата помеѓу двете организации произлегле поради различноста на програмите и духот на дејците. Делегатите заклучиле дека програмата на ВМК содржела повеќе дипломатски отколку револуционерен колорит и дух и дека иста таа програма како да произлегува од некакви државни задачи на Бугарија со што Врховниот комитет се ставал во зависност од неа.

Оттука, била покрената дискусија за усогласување на програмите помеѓу двете организации. Како заштитник на старата програма на ВМК се јавил Андреј Љапчев, меѓутоа тој ја немал поддршка од делегатите, а неговата дискусија била протолкувана како обид за вмешување на бугарската влада во внатрешните работи на ВМК. Во текот на дискусијата биле исфрлени следните принципи: 1) Македонското движење по својата природа е масовно. 2) Тоа не е и не може да биде дело на политиканти дипломати. 3) Автономијата на Македонија не треба да се поврзува со таа на кнежевството поради некакви комбинации. Овие принципи всушност биле воопштени сфаќања на Гоце и Ѓорче Петров за македонското револуционерно дело.[21] Самите принципи биле прифатени од Конгресот и како такви влегле во преработениот статус на Врховниот комитет.

Седмиот македонски конгрес, требало да ги отстрани недоразбирањата помеѓу двете организации, но тие не само што продолжиле, туку и се продлабочиле. Идните настани тоа го потврдуваат.

Судир со Внатрешната организација[уреди | уреди извор]

Ѓорче беше уште во Трново; Делчева го немаше. Тој дојде, но веќе и тој не доаѓаше кај нас, поради Ѓорче. Решивме да се тргнеме од Комитетот, со тоа што ќе заминеме внатре во Македонија, и тука да оставиме наши заменици, се разбира, ами кои други, ако не пријателите со кои се бевме договарале пред да влеземе во Комитетот, а имено Цончев и неговите другари...

— Борис Сарафов, Спомени
Полномошно на Врховниот македонски комитет за Ѓорче Петров, 17 октомври 1899 година
Симеон Радев, Сарафов, грофот Малато од Сицилија и Ставре Наумов

Во текот на двата мандата на Сарафовиот комитет, биле собрани 560.000 франци. Еден дел од овие финансиски средства биле наменети за набавка на муниција и оружје. Биле набавени 1.000 манлихери и 100 карабини манлихери од Австрија, како и 10.000 кримки со 1, 5 милиони патрони, околу 1.000 револвери, околу 1.500 мартинки, берданки и други. Добар дел од финансиските средства кои биле собрани од ВМОК на Сарафов, по разни основи биле потрошени за потребите на Организацијата.

На Десеттиот македонски конгрес од 1902 година, било утврдено дека за потребите на Организација во 1899 година биле ослободени 9.600 лева злато, 23.327,20 лева сребро, во 1900 година за ТМОРО биле расходувани 31.555,90 лева злато и 46.180,93 лева сребро. За периодот помеѓу 25 март и 9 април 1901 година, било констатирано дека за потребите на Организацијата биле ослободени 6.578,70 лева злато и 19.769,14 лева сребро. Во овие бројки влегувале сите средства кои биле поврзани со македонското револуционерно дело. Меѓутоа, значаен дел од овие расходи не биле признати од Ѓорче Петров и Гоце. Во текот на Осмиот македонски конгрес, Гоце истакнал дека како валидни расходи може да се сметаат само оние расписки кои го имаат печатот на ТМОРО. Оваа држење на задграничните претставници за финансиските средства, водат кон заклучок дека Принцот манипулирал со парите на Врховниот комитет.

Големите финансиски средства и оружјето, ја зголемиле и зацврстиле амбицијата на Сарафов да владее со целото македонското дело. Затоа, Сарафов започнал со подготовка на луѓе кои во погоден момент требало однатре да му помогнат. Тој најпрво почнал да ги врбува работниците на Организацијата, кои по разни основи доаѓале во Бугарија. Внатрешните дејци кои престојувале во Бугарија требало да бидат издржувани од страна на Задграничното претставништво, меѓутоа Сарафов започнал директно да им дава пари, со цел да ги спечали на своја страна.

За овие случувања, Ѓорче во своите спомени истакнува: Момчињата од внатрешноста, што доаѓаа тука, бидејќи требаше да ги издржува В.К., Сарафов... посакаа овие момчиња да зависат од нив, а не од мене и Делчев; како што беше уговорено. Тие требаше само да збираат пари и да ни помагаат, а ние ќе им помогнеме да ги соберат тука; тие не треба да се мешаат во внатрешните работи, како што сакаше В.К. Почнаа да им даваат на момчињата предебела издршка, не во духот на дотогашната наша практика, за да ги предрасположат кон себе... почнаа да дават плата по 60—100, дури и 150 лева месечно. Првите судирања ни беа по ова прашање. Момчињата понапред се натпреваруваа, кој повеќе да гладува, кој повеќе да покаже самоодрекување, а сега фатија да си завидуваат, кој повеќе плата добива... И самиот, Делчев, кога ги виде овие работи, се потресе, и како нестрплив отиде внатре, без да им речи дури и збогум, а ме остави мене да се расправам со нив. Борис беше главата на овие тенденции кон раскошност...[26]

Сарафов ја искористил потребата од кадар за изградба на Четничкиот институт. Голем дел од офицерите кои биле испратени од Бугарија, целосно се посветиле на македонското револуционерно дело, а дел од нив станале и фанатични македонски борци. Меѓу нив бил и Христо Чернопеев, еден од најблиските соработници на Јане Сандански и жесток противник на врховизмот во Македонија. Меѓутоа, Сарафов сепак успеал провлече во ТМОРО свои приврзаници од типот на Васил Чакаларов, кои подоцна ги користел за наметнување на своето влијание во Македонија и Организацијата. Задграничните претставници биле запознаени со тајниот офицерски договор и насетиле дека Принцот сака да владее со сè. Тие во договор со Централниот комитет одбегнувале да ги спроведат предлозите од Мајската спогодба. Но, Врховниот комитет од своја страна започнал една акција против Гоце. Тој бил обвинет дека сака да стане главен командант на востанието, а односите помеѓу двете страни се влошиле до тој степен што Гоце во просториите на ВМК бил физички нападнат од Христо Саракинов. Нападот имал за цел да го заплаши и парализира Гоце. Целиот настан имал големо влијание во неговиот однос кон Врховниот комитет и офицерите.

За судирот, Ѓорче истакнува: После првиот годишен конгрес Цончевите офицери беа многу одважни... Саракинов влезе во комитетот. Овој див човек внесе елемент на грубост во односите. Настроението беше против Делчев, зошто Делчев во своите обратувања беше порезок и беше јавно недоволен од комитетот, особено после Бозуковата работа. Во едно заседание, во присуството на сите нас во комитетот, стана пререкнување меѓу Делчев и Сарикинов поради постапката на еден тукашен младинец. Во ова пререкнување, како што се рашетуваше Делчев во собата, Саракинов се пушти како мачка од страна за да го собори... Делчев беше физички јак, успеа да се закрепи и му се фрли на него, се соборија. Делчев посегна по камата на Саракинов да ја земе за да го прободи. Делчев не носеше оружје. Јас го видов ова намерение, се фрлив на Саракинов, ја зедов камата и попречив да не стане убиство. Делчев го напушти комитетот со потсмевање. Го последував и јас. После доаѓаа Борис и Давидов да нè убедуваат да не се оддава значење на случката. Делчев се убеди така што ја заташкавме работата, не ја соопштивме во Солун. Оваа случка не остана без значење за подоцнежните односи на Делчев кон комитетот и воопшто кон офицерите. Тој веќе не можеше да ги трпи.[26]

Според Мајската спогодба, задграничните претставници требало да кореспондираат со Централниот комитет преку Славчо Ковачев, секретар на Врховниот комитет. Меѓутоа, Ѓорче ја продолжил директната комуникација со ЦК. Едно од писмата кои Ѓорче ги праќал до ЦК, се нашло во рацете на Александар Кипров кој бил испратен во Солун, како прислужник на Централниот комитет. Кипров писмото го препратил до ВК во Софија, а тоа било копирано во 20 примероци. Во Софија, писмото му било прочитано на Ѓорче. Оваа писмо било испратено до Пере Тошев, во него Ѓорче ја посочил дволичната улога на Врховниот комитет, дека присуството на Александар Кипров е всушност обид на ВМК во Солун да има свое претставништво, а Централниот комитет да биде внимателен кон ВМК и да не се доверува многу. Врховниот комитет од порано ги познавал ставовите на Ѓорче, а писмото всушност било искористено како повод за да се отарасат од Ѓорче, бидејќи веќе се почувствувале јаки.

На 19 декември 1900 година во Софија се одржало заседание на Врховниот комитет. Од протоколот no. 59 дознаваме: ... Бидејќи Ѓорче Петров криво го информирал почитуваниот ТРЦМ-Одрински комитет за дејноста на ВМ Одрински комитет и го заблудува за суштината на тукашните работи, затоа ВМ Одрински комитет во својот денешен состав изјавува дека му е невозможно понатаму да другарува со Ѓорче Петров, поради тоа на овој последниот му предложи во еден (15) петнаесетдневен рок од денес да ја напушти Бугарија и да престане да дејствува во реонот на ВМ Одрински комитет. За горното неодложно да се соопшти на почитуваниот ЦТРМ Одрински комитет и да се замоли согласно точка 2 од вонредниот протокол од 1 мај оваа година да испрати за членови во ВМ Одрински комитет на местото на Ѓорче Петров, други двајца свои другари.[29]

Сарафовиот комитет не застанал тука. По судирот со задграничните претставници, Сарафов продолжил да агитира помеѓу дејците на Организација со цел да ги придобие на своја страна. Тој успеал, преку финансиски средства, да го придобие ќустендилскиот пунктовен началник на ТМОРО, Никола Зографов. Со овој чекор, односите помеѓу двете организации уште повеќе се заостриле. Кон крајот на 1900 година, ВМК и ТМОРО ги прекинале односите. Врховниот комитет во почетокот на 1901 година ја прекратил материјалната помош за Организацијата, а таа била возобновена на 5 март 1901 година, откако Иван Гарванов застанал на чело на Централниот комитет.

Но, Организацијата презела соодветни мерки. За време на Коледните празници, Сава Михајлов престојувал во Софија. Тој имал средба со Ѓорче Петров од кога разбрал дека Сарафов од чисто славољубие сака да ја овенча својата дејност... природно во него се развила желба славно да заврши. По враќањето во Македонија, Сава Михајлов како раководител на Горноџумајскиот околиски комитет склучил договор со соседните реони: Малешевско и Разлошко, да му се спротивстават на Сарафов. Серскиот револуционерен округ прифатил да ја брани самостојноста на Организација и без знаење на Ѓорче и Гоце Делчев да не допушта чети во Џумајско.

Солунска афера[уреди | уреди извор]

Меѓутоа, уште пред да нè уапсат нас, ги уапсија членовите на Комитетот во Солун. Од Солунскиот комитет добивме непотполнети бели листови, подвлечени, со порака да си напишеме сами полномошно за да влеземе ние внатре, и да го замениме Централниот комитет, за чиј состав да влезат лица што ние ги сметаме за погодни. И покрај тоа, Делчев беше против. Тој велеше дека не ги признава тие работи, тоа решение на Солунскиот комитет, што било донесено во момент на неговото апсење. И навистина оние во Солун си помислиле дека пропаѓа сè кога ќе ги уапсат. Тие ни предлагаа да формираме еден подвижен ЦК, во чиј состав да бидам јас, Делчев и Ефрем Чучков. Но бидејќи Делчев се спротивставуваше на тоа и постоеше такво расположение (тогаш под негово раководство беа четите, тој беше назначен за инспектор на четите), од тоа не бидна ништо. Делчев веќе не сакаше да се дружи со нас, затоа што се сомневаше дека имаме поголема блискост со Цончев, одошто со Внатрешната организација...

— Борис Сарафов, Спомени
Христо Татарчев
Белата кула во Солун

На 23 јануари 1901 година, кога веќе дошло до раскинување на односите помеѓу двете организации, се разврзала Солунската афера. Османските власти ги уапсиле Милан Михајлов, Александар Ников и Кочо Георгиев. По затворањето, Александар Ников успеал да го искористи невниманието на стражарот и избегал. Во потрага по Александар Ников и Милан Ризов, полицијата започнала со претрес на сите куќи, каде што можеле тие да се кријат. Набргу биле уапсени повеќе членови на Организацијата. На 25 јануари 1901 година, Христо Матов и Пере Тошев биле уапсени[21].

Од членовите на Централниот комитет, последен на слобода останал Иван Хаџи Николов. Тој оптоварен со помислата дека пропаѓа сè, ги повикал Иван Гарванов и Спас Мартинов, при што им го објаснил начинот на коресподенција со внатрешноста. На втората средба, било одлучено на Врховниот комитет да му се доделат 5 бланко полномоштва, кои од страна на офицерите требало да бидат искористени во случај на евентуално востание. Софрониј Стојанов откако ги добил полномоштвата веднаш заминал за Софија. Солунската афера имала катастрофални последици. Целиот Централен комитет бил во затвор. Револуционерната мрежа била разнишана во Солунско, Кукушко, Гевгелиско, Дојранско, Воденско и Тиквешко, а на индиректен начин биле засегнати и нивните соседни околии. Аферата на површина го исфрлила Иван Гарванов. Тој македонското револуционерно дело го гледал низ бугарска призма, а по неговото застанување на чело на ЦК, Организацијата зазела друг правец на движење.

Во целата афера, сомнителна е улогата на Врховниот комитет. Антон Страшимиров истакнува дека: Во Солун беше фатен човек од Софија пратен, којшто им ги предаде на Турците сите функционери, целиот ЦК[21]. Според Димески: Кој се крие зад Солунската афера од 1901 година? Дали таа се должи на обична случајност, или на зголемената офанзивност на османлиските власти насочена кон расчистување со водачите на МРО за што сведочат Скопскиот, Солунскиот и Битолскиот процес (сите во 1901 година), или пак во неа се вплетени прстите на Б. Сарафовиот ВМК, кој немал скрупули за постигање на целта? [30] Изгледа, од сè по малку. Едно е сигурно: Солунската афера ја предизвикал Милан Михајлов... инаку, морално лабилна личност. Михајловски, воедно бил и најголемиот предавник во текот на аферата. Но, тој не бил единствениот човек на ВМК. Загадочна е улогата на Софрониј Стојанов. Димитар Димески заклучува дека Софрониј Стојанов всушност бил претходница на Борис Сарафов, со задача да го сондира теренот за инкорпорирањето на Сарафов во ЦК на Организација, а по можност, да го подготви реализирањето на потајната желба на Сарафов да застане на чело на ТМОРО[30]. Софрониј веднаш откако ги добил 5 бланко полномоштва заминал за Софија и изјавил дека си го уредил прашањето. Оваа изјава може да се протолкува на два начина, таа може да се однесува на 5 бланко полномоштва кои подоцна Врховниот комитет се обидел да ги употреби за завладување на Организацијата, или пак поради успешното предавство. Ниту еден од членовите на поранешното БТРБ не бил уапсен, а според Ангел Динев, аферата дошла од Кочо Георгиев Карловалијата. А. Шопов, истакнува дека тој бил единствениот што не бил од Македонија, туку од Источна Румелија[21].

По Солунската афера, ВМОК на Борис Сарафов се обидел да ја искористи тешката положба во која се нашла Организацијата, меѓутоа Гоце и Ѓорче Петров презеле една силна иницијатива со која ги пресекле сите обиди на ВМОК за преземање на Организацијата. Меѓутоа, срцето и умот на Организацијата, не застанале тука. Тие, истовремено им наредиле на сите раководни тела на ТМОРО да не ги извршуваат наредбите на Централниот комитет, во кој главна личност станал Бугаринот Иван Гарванов[21].

Судир со бугарската влада[уреди | уреди извор]

Истовремено владата беше против одржувањето на конгресот. Не им дозволуваа на учителите да дојдат на конгресот. Отидов кај Каравелов, и го запрашав каков демократ е тој, кога не им допушта на учителите да дојдат на конгресот! Дали тој е, на чело на демократијата, или е само извршител на заповедите на кнезот? Каравелов сиот растреперен ми рече: „Ќе видиме, ќе видиме.“...

— Борис Сарафов, Спомени
Петко Каравелов
Софија

Додека задграничните претставници преземале мерки за консолидирање на Организацијата од провалата, Борис Сарафов дошол во судир со бугарската влада. Како повод за судирот, послужиле двете ликвидации извршени во Романија, во режија на Врховниот комитет. На 1 февруари 1900 година бил ликвидиран комитетскиот пратеник Кирил Фитовски. Самиот Фитовски се понудил и бил задолжен, да купи пушки за потребите на македонското револуционерно дело. Но отишол кај турскиот пратеник и за пари поткажал сè. Сарафов во своите спомени истакнува дека Фитовски бил претставен од Александар Протугеров, еден од приврзаниците на Иван Цончев. По убиството на Фитовски, на 22 јули 1900 година бил ликвидиран Стефан Михајљану, уредник на весникот Peninsula Balkanika. Тој бил убиен поради навредливите написи насочени против Внатрешната организација[21].

Двете убиства ги влошиле односите помеѓу Бугарија и Романија. Новата влада на Петко Каравелов и Стојан Данев го предупредиле Сарафов дека Бугарија ќе употреби сила за да ги врати на нивното место. Но тој се заканил дека има сомисленици во војската, кои ќе бидат со нив. Бугарските власти решиле да го соборат ВМОК на Сарафов. Сарафов во декември 1900 година, го повикал Иван Цончев да поднесе оставка, врз основа на претходниот договор, на офицерската должност и да го преземе ВМОК во своите раце. Цончев ја прифатил понудата и во почетокот на јануари 1901 година се нашол во Софија. Цончевото доаѓање во Софија по некоја случајност се поклопила со Солунската афера. Според договорот, Иван Цончев требало да застане на чело на Врховниот комитет, а Сарафов со 15 до 16 офицери да навлезе во Македонија и како нелегален да ја преземе Организацијата. Меѓутоа, Сарафов не можел да навлезе во Македонија поради силното спротивставување на Гоце кој се заканил дека Организацијата ќе употреби сила. Во меѓувреме, Сарафов се предомислил. Според Ѓорче: Симеон (Радев б.н.) беше го навил во згоден момент против Цончев, а Бориса да го инекцираш беше лесно. Сарафов сметал дека е доволно силен да владее со сè и дошол во судир со Иван Цончев. Главниот мотив (за судирот б.н.) беше амбицијата кај Бориса.[31]

Поделба во Врховниот македонски комитет[уреди | уреди извор]

Цончев со својата компанија побараа да ги кандидираме на претстојните избори за идниот Комитет. Офицерите и Цончев и компанија настојуваа да се согласиме со таа комбинација, така што во извесна смисла и ни го наложуваа тоа, дека тоа треба божем да го сториме од другарска, офицерска солидарност, затоа што најпосле Цончев и компанија можеле да бидат на чело на Комитетот и порано. Јас им одговорив дека не можам да се согласам да стане таква официјална смена на Комитетот, но се согласувам да доаѓаат и потоа, дури и на Комитетот, па како и порано да дејствуваме во слога. Тоа не им беше пријатно. Цончев дури ме запраша: „Вие и заповедате тука?“ Му одговорив дека во својство на претседател на Комитетот, обврзан да ги пазам интересите на делото, јас заповедам. Цончев одговори дека тие нема да се согласат со таква заповед. На тоа јас им ја покажав вратата, - и ги избркав. Раскинот беше потполн. Тие ми се заканија дека од утре ќе бидат опозиција. Им одговорив нека повелат, само нека бидат опозиција врз основа на принципи, а не на амбиции. И навистина тие уште утредента низ цела Бугарија разгласија дека имало големи злоупотреби. Тоа беше нивни маневар (тоа стана вечерта на 13 март 1901 г.). Јас распратив телеграми дека луѓето Јанков, Мурџев и Саракинов се отпадници, па друштвата да не им укажуваат доверба...

— Борис Сарафов, Спомени

Офицерите имале различни погледи од Сарафов. Генералот Иван Цончев имал силен авторитет меѓу офицерите. Набргу, Врховниот комитет се поделил на две крила: сарафисти и цончевисти. Во подгреаната атмосфера, Сарафов го свикал вонредниот Осми македонски конгрес на македонските друштва во Бугарија. Судирот и расцепот кој настанал во редовите на ВМОК, задграничните претставници сакале да го искористат за да провлечат своја сопствена листа, иако себеси се претставувале како неутрални посматрачи. Целата дилема околу приматот на двете офицерски струи на претстојниот конгрес била решена од бугарската влада. На 23 наспроти 24 март 1901 година, Сарафов бил уапсен, заедно со Тома Давидов, Славчо Ковачев и Георги Петров. Последниот бил уапсен по грешка, наместо Ѓорче Петров. Со затворањето на Сарафов, бугарската влада реализирала две цели: а) Задоволување на Романија и големите сили. б) Отстранување на Сарафов од ВМОК и создавање на услови за негово преземање од страна на Иван Цончев кој бил близок со бугарскиот кнез Фердинанд[21].

IX македонски конгрес[уреди | уреди извор]

Нè уапсија одеднаш сите: мене, Ковачев, Давидов, благајникот Ѓорги Петров, кого го сметале за Ѓорче Петров (и тој беше замешан по делото). Благајникот го пуштија по 3-4 дена. Со Комитетот остана да управува Ѓорги Минков, а за помошници ги назначиле покојниот Славе Мерџанов, покојниот Соколов и други блиски другари. На 8 април се одржа конгресот. Цончев и компанија уште на станицата ги пречекуваат делегатите, растураа пак клевети за големи злоупотреби и агитираа за своја кандидатура. Со ретки исклучоци кај нас не ги пуштаа делегатите....

— Борис Сарафов, Спомени

Кон крајот на јули и почетокот на август 1901 година во Софија се одржал Деветтиот македонски конгрес. Овој Конгрес поминал во знакот на целосната победа на Цончев. За претседател на ВМОК бил избран Стојан Михајловски, Иван Цончев за потпретседател, секретар Иван Стојчев, касиер Георги Белев, а членови Стефан Николов и Антон Бозуков. На Конгресот присуствувал Борис Сарафов, но било забележливо отсуството на Гоце Делчев. Габровски и овој пат успеал да провлече една резолуција во корист на Организацијата, која од страна на цончевистите била прифатена од тактички причини[21]. Според оваа резолуција: Задачата на македонската организација во слободна Бугарија не е да го организира и раководи револуционерното движење во Македонија и Одринско, кое се развива при особено социјални услови и не трпи никакви присилувања однадвор, туку само го помага морално и материјално и истовремено да ги изнесува и толкува неговите цели и стремежи како пред бугарското, така и пред европското општество.

Агитација низ Европа[уреди | уреди извор]

Жална грешка е да се претпоставува дека ние ја бараме Македонија во име на Бугарија. Ние Македонците се сметаме себеси за сосема одделен национален елемент и ни најмалку не сме наклонети кон дозволување нашата земја да биде заграбена од Бугарија, Србија или Грција. Впрочем, ние ќе се спротивставиме на какво било здружување од тој тип со сета наша моќ. Македонија мора да припадне на Македонците...

— Борис Сарафов, The Times[32]
Ефор
во 1904 година, „Такома Тајмс“ (The Tacoma Times) ги именува овие тројца мажи (кнезот Фердинанд од Бугарија, султан Абдул Хамид II од Турција, и Борис Сарафов од Македонија ) како „зла на Балканот“, поради тоа што се очекува дека тие наскоро ќе одат во војна еден против друг

Прва земја што ја посетува е Русија (уште во 1900). Тука стапува во контакт со грофот Игнатиев, баронесата[Дистерло и со други високи луѓе на царскиот двор. Во Виена се запознава со австрискиот гроф Јозеф и со фон Милер (идниот цивилен агент во Македонија). Ним им ја објаснува состојбата во Македонија и целите на организацијата. Почнува да собира пари за печатењето на весник „Ефор“. На неколкупати пишува статии во весникот „Тан“ (Temps, Време) во којшто пропагира за македонското дело.

Сарафов ги обиколува и виенските казина и салони, правејќи познанства со богати луѓе од целиот свет. Така на пример во едно казино се запознава со еден богат Англичанец, кој се заљубува во македонското дело и на Сарафов му дава 8.000 франка. Половина од тие пари Сарафов ги праќа во Софија за купување на оружје, а другите за печатење на весниците „Ефор“ и „Дело“ (весник што постојано ги критикува врховистите на Цончев). Во Париз Сарафов има средби со истакнати политички личности на кои им говори за целите и борбата на Македонците. Во Будимпешта Сарафов се сретнува со претставниците на српскиот двор Балукчиќ и Симиќ и со нив започнува преговори (Сарафов е првиот македонски деец што започнал преговори со Србија)[33]. Тој веднаш ги предупредува Србите дека ВМОРО е вистинската македонска организација, а не ВМОК на Цончев - како што вели во неговите спомени: да имаат доверба во мене и моите луѓе, и да се држат настрана од луѓето на Цончев, бидејќи внатрешната организација искрено работи за идејата „Македонија на Македонците“[33].

На прашањето што ќе се случи со Македонија ако евентуално добие независност Сарафов им одговара: Јас им реков да бидат уверени дека кога ќе се воспостави автономна Македонија, веднаш ќе се формира најсилна партија, која ќе биде против анексијата (со Бугарија), од која страхуваат Србите. Им реков уште дека таа плејада борци за слободата на Македонија нема да плука врз своите принципи, оти Србија тогаш ќе излезе на море, бидејќи меѓу нас нема да има царински граници[33].

По средбата со Србите, Сарафов во 1902 година оди во Женева, каде што благодарение на неговиот шарм и дипломатски способности успева да издејствува богати Англичани да му дадат 50.000 франци. Најголемиот дел од тие пари ги дава на младиот студент по право Симеон Радев за печатење на весникот „Ле мувман маседонјен“ (Le Mouvement Macedonien, Македонско движење) во Женева. Другиот дел го праќа во Софија за купување пушки, а им испраќа пари и на гемиџиите за извршувањето на познатите Солунски атентати. Исто така тој се запознава и со ќерката на богатиот Англичанец, која ја натерува да се заљуби во него и да испраќа пари на ВМОРО. Како што се изразува тој во спомените: И се прилепив јас и на ќерка му на богатиот, стара мома (таа многу го симпатизираше нашето дело). Дополнително оди во Париз и купува од таму 1.000 килограми динамит, кои ги праќа во Солун за потребите на гемиџиите.

Рехабилитација[уреди | уреди извор]

На Давидов му испратив чек на 10.000 франка. Ѝ се прилепив јас и на ќерка му на богатиот, стара мома (таа многу го симпатизираше нашето дело). Истовремено го повикав од Солун Јордан поп Јорданов (Орцето), и му дадов 10.000 франка, за да продолжат со работата. Уште кога бев во Комитетот, со согласност на Делчев се започна со поткопување на банката во Солун. Таа идеја беше на Славко Мерџанов, што ја имаше применето во Цариград, а пак Орцето и Диме Мечето беа негов огранок во Солун. Оние од Цариград, заедно со Мерџанов, ја намислиле таа работа. Орцето беше поработел некое време во Цариград, па таму научил како треба да се поткопува и сл...

— Борис Сарафов, Спомени

Цончевистите биле опасни непријатели, не само на Организацијата, туку и на целото македонско дело. Оттука, внатрешните дејци решиле да придобијат што поголем број на сојузници во борбата против Цончев. Во овој период, своите услуги ги понудил Борис Сарафов[21]. На 25 март 1902 година, Сарафов преку писмо до Задграничното претставништво побарал средба со Гоце. Тој потенцирал дека во минатиот период потполно се согласувал со Гоце и Ѓорче Петров, а сега некаков си нов фактор, Гарванов, заседнал во Солун, кому вие му ги исполнувате заповедите и кому ќе треба и ние да му палиме свеќи преку вас, за да станеме добри работници. На крајот од писмото, Сарафов запрашал: ... дали ние сме македонски револуционери или бугарски патриоти?[29]

Сарафов сакал да го искористи судирот со Цончев и поранешното непријателството меѓу ЦК и Гарванов, во своја полза. Непознато е дали Гоце му одговорил на Борис Сарафов. На Организацијата ѝ биле потребни сите кои можеле да го поматат планот на Цончев. Оттука, Сарафов успеал да се доближи до Организацијата, бил тивко прифатен и рехабилитиран преку Ѓорче Петров и Гоце. Против рехабилитацијата на Сарафов, истапил ЦК на Иван Гарванов. На 4 јули 1902 година, ЦК испратил писмо до Задграничното претставништво во кое известил дека гемиџиите, кои биле под влијание на Сарафов, со својата дејност правеле проблеми за Организацијата, затоа било потенцирано: Ако Принцот, мисли со тукашните Орцевци да ја ослободува Македонија, тешко нему и нам. На вклучувањето на Сарафов во Организацијата, како и на неговиот план да замине за Пирин, остро се спротивставил Јане Сандански, кој се заканил дека ќе се отцепи[21].

Х македонски конгрес[уреди | уреди извор]

Јас требаше да дојдам на конгресот (во последниот ден на јули). Дојдов и јас да се потрудам да им го одземеме Комитетот. Меѓутоа, тие толку несмасно буричкале тука, што Цончев успеал да си збере свои делегати. Имавме наши делегати, - половината од нив беа мои лични пријатели, половината му беа пријатели на Делчев, - туку не можевме да собереме мнозинство. Уште во почетокот на конгресот Цончев не го допушти пристапот на конгресот на делегатите од исклучените друштва. Ако ги беа пуштиле делегатите од овие последниве, секако ќе успеевме. Јас предложив да се наметнеме - да си пробиеме пат со ками и револвери в раце. Ѓорче не сакаше, туку велеше да организирам тајфа. Јас не го прифатив тоа, и се си остана така...

— Борис Сарафов, Спомени
Ле мувман маседонјен (Le Mouvement Macedonien, Македонско движење)
Христо Станишев

Една недела пред почетокот на Конгресот, бугарскиот министер за внатрешни работи А. Људсканов имал подготвено сценарио. Тој во еден разговор со српскиот дипломатски претставник во Софија истакнал дека во Бугарија постојат 43 македонски друштва кои го признаваат ВМОК и 34 друштва кои се на страната на Сарафов, поради што не биле признати. Министерот истакнал дека на закажаниот Конгрес ќе учествуваат само признаените друштва, а доколку делегатите на непризнаените друштва навалат да влезат или доколку мнозинството од делегатите на признатите друштва му се спротивстават на Цончев, тогаш генералот имал намера да го одложи Конгресот на неодредено време. Доколку тоа не било можно, Цончев бил подготвен да употреби сила и да предизвика неред со што би го растурил конгресот, со што дефинитивно би се укинал ВМОК. Људсканов рекол дека бугарската влада нема да го забрани конгресот и функционирањето на ВМОК сè додека не настапи погоден момент, за да не биде обвинета од страна на македонската емиграција[21].

На 28 јули 1902 година во Софија започнал со својата работа Десеттиот македонски конгрес. Претходно, со посебно окружно бил објавен списокот на друштвата кои можеле да испратат делегати. Во рамките на поканетите друштва, ТМОРО успеала да провлече свои приврзаници, меѓу нив биле: Никола Наумов, Тома Карајовов, Никола Габровски, Борис Сарафов, Владимир Ковачев, Георги Петров, Пејо Јаворов и други. Истовремено, Софиското друштво презело обврска да ги организира непризнаените друштва. За да се попречи учеството на делегатите на непризнаените друштва, проверката на полномоштвата траело неколку дена. Во тој период, опозициските делегати и непризнатите друштва го усогласувале својот став кон Цончев. Сарафов тогаш предложил да се пробијат со кама и револвер, но тоа било отфрлено од Ѓорче Петров. Опозициските делегати решиле да учествуваат во работата на Конгресот сè додека не помине отчетот[21].

Конгресот посветил специјално внимание на односите помеѓу двете организации. Притоа, Организацијата била обвинета дека не е способна да го вооружи населението во Македонија, со што технички би се подготвила револуцијата, а повторно била уфрлена старата осуда дека Задграничното претставништво се претворило во трета организација, и демек таа била главна пречка за нормализирање на односите помеѓу ТМОРО и ВМОК. Гоце Делчев бил поканет од страна на Конгресот да даде објаснување, но тој одбил да се обрати, бидејќи не им било допуштено на сите делегати да учествуваат во работата.

На 1 август 1902 година, Гоце се обратил писмено до него, како До собранието во Славјанска беседа, со што го деградирал Конгресот, на ниво на Собрание и го довел во прашање неговиот легитимитет. Делчев истакнал: Во моите очи собранието на луѓето, кое ме кани на објаснување, не претставува вистински израз на дејците по македонското дело, бидејќи уште многу претставници на друштва... не се допуштени во него... Од друга страна, не би сакал да давам отчет на оние, од чии дејства Внатрешната организација се мачи повеќе, отколку од турските власти.[21].

Писмото требало да биде прочитано од страна на Никола Наумов, но тој бил спречен во тоа. Сепак Димитар Стефанов ги дал неопходните објаснувања. Тој го обвинил ВМОК дека не ги почитува поранешните договори и ја осудил неговата завојувачка тенденција кон ТМОРО. Во ист дух се изјасниле Наумов, Јаворов, Карајовов и Сарафов. Бидејќи опозицијата била слаба, таа го напуштила Конгресот. Преостанатите 41 делегат, за претседател го избрале Михајловски, а Иван Цончев за потпретседател. Опозициските и недопуштените делегати конституирале нов Десетти редовен конгрес. Тие избрале дисидентски комитет на чело со Христо Станишев и Тома Карајовов. Овој комитет бил на страната на ТМОРО[21].

Илинденско востание[уреди | уреди извор]

Се договоривме дека ќе заминам и јас. Зборувавме за тоа посебно со Делчев и со Гарванов. Најнапред беше решено да заминам во Малешевско, Струмичко, Радовишко, Кочанско, за да видам што може да се стори во тој реон. Затоа почнав да се подготвувам за пат. Тргнав веднаш, бидејќи владата беше узнала оти ќе заминам. Тука не можев да се договорам какви пушки и друго ќе ми бидат дадени, ми рекоа дека сето тоа ќе ме чека на границата. Васил Попов од Стара Загора, кој делувал порано во Малешевско, ја зеде на себе грижата за собирање на момчињата. Константин Бараков (учител) родум од с. Скребатно, Хаџи Димов (социјалист), фелдфебелот Дачо Иванов од Књажево, мојот братучед поручникот Стојков (родум од Гајтаниново), поручникот Панајотов, родум од Трново, резервниот портопеј јункер Димитар Дечев (што беше заминал со Давидова и преку Грција се беше вратил), - тоа беа од пописмените во мојата чета, сè на сè околу 40-мина...

— Борис Сарафов, Спомени

Советувања[уреди | уреди извор]

Во Софија се собравме со внатрешните - со Делчева и др. Им раскажав каков одраз имаше надвор востанието на Цончев. Нашите односи со Делчева сега, по ударот што им го нанесе Цончев, станаа посрдечни. Имавме едно важно собрание пред Божиќ, и на Божиќ (во улицата Цар Симеон, спроти куќата на Цуцев, таму беше сместен и Комитетот на Станишев). На состанокот беа Сава Михајлов, Герџиков, Татарчев, Матов, Прличев, Хр. Силјанов, В`лчо Антонов, Ѓорче Петров и др. Се разгледуваше писмото на Гарванов од Солун, дека по востанието од Цончев многу е зголемен теророт од страна на Турците, дека положбата во Битолско е неподнослива, дека наскоро таму ќе вивне востание и сл. Гарванов бараше од тука мислење за нивниот претстоен конгрес, што требало наскоро да се одржи во Солун. Имаше две мислења. Едното: Хр. Матов и компанија сметаа дека треба да се крене востание, штом веќе е таква положбата. Поинаку мислеа: Делчев, јас, Ѓорче, и воопшто мнозинството беа против масовно раздвижување, туку само на четите да им се дадат инструкции за поактивни герилски акции, и тоа така што првенствено да се дејствува со динамит по пруги, мостови и сл. Имаше борба меѓу двете мислења. Имаше и друго мислење, застапувано од В'лчо Антонов, терорист, според кое не треба да се продолжи со невооружена активност, да се казни Цончев и сл... И Герџиков беше за тоа Цончев да биде казнет...

— Борис Сарафов, Спомени

Во јули 1902 година во куќата на Бојан Биолчев во Софија се одржала средба на која присуствувале: Гоце Делчев, Иван Гарванов, Тома Карајовов, Туше Делииванов, Владимир Руменов, Никола Наумов, Лазар Димитров, Атанас Мурџев и домаќинот Бојан Биолчев. На оваа средба било разгледано барањето на битолчани за кревање на востание. Делчев, Руменов и Карајовов остро се спротивставиле за востание и била донесена одлука против дигање на какво и да е востание.[34]. Кога веќе било евидентно дека ќе дојде до Горноџумајското востание, Централниот комитет сметал дека движењето на Врховниот комитет не е сериозно и опасно, се искажал против него и го осудил. Но по избувнувањето на востанието, ЦК почнал да приклонува кон востание. Задграничното претставништво откако го примило окружното од ЦК организирало советување во Софија кое траело неколку дена. На оваа советување присуствувале: Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Пере Тошев, Христо Матов, Христо Татарчев, Иван Хаџи Николов, Борис Сарафов, Михаил Герџиков, Кирил Прличев, Туше Делииванов, Христо Силјанов и други [21].

На ова советување Матов и Татарчев ја поддржувале идејата за општо востание, додека пак Ѓорче Петров и Гоце Делчев се залагале за перманентно востание. Ѓорче Петров предложил да дојде до засилување на четите и терористичките акции кои постепено требало да водат кон востание кое не требало официјално да се објави. Михаил Герџиков предложил терористички напади кои би ја засегнале османската власт и европскиот капитал. Тој планирал да се формираат терористички групи по градовите кои би биле во контакт со Централниот комитет, а кон овие идеи клонел и Гоце Делчев.Делчев истакнал дека Турција треба да се фрли во анархија, да се разниша царството во неговите основи со што би се предизвикале големите сили да интервенираат за решавање на македонското прашање. Меѓутоа Делчев се решил за комбинирано дејствување со чети и терористички акции.

Смилевски конгрес[уреди | уреди извор]

Јас изнесов дека сега востанието ѝ се наложува на Организацијата поради авантурата што ја прави Цончев. Сега веќе се задржаа гурбетчиите и друго, па востанието веќе молчешкум е прогласено во Битолскиот вилает. Тоа претставува вистинско злосторство, да се крева неподготвено востание, но бидејќи се зголемени по бројност четите и се задржани луѓето, самите да се повлекуваме - не може, треба да се оди напред. Се искажуваа надежи дека Бугарија нема да остане настрана, ќе се смешала и слично. Јас изјавив дека не бива да се одгледуваат такви надежи, знаејќи ја добро положбата во Бугарија, никаква војна нема да се отвора заради нас, туку да пресметаме така што таа работа да ја започнеме и да ја изнесеме на своите плешки сами, пред да падне снегот. Нема сомневање дека ќе има некаква интервенција од страна на големите сили, но не верувам дека може да дојде до оружена интервенција од страна на големите сили, но не верувам дека може да дојде до оружена интервенција...

— Борис Сарафов, Спомени
Анастас Лозанчев
Меморијалниот музеј во с. Смилево посветен на Смилевскиот конгрес

Најголемиот број од делегатите веќе на 18 април 1903 година се собрале во селото Смилево. Соселаните на Даме ја сфатиле честа како и одговорноста од престојот на такво мноштво на револуционерни првенци во нивното село. Дел од месната вооружена сила, деноноќно ја вардела целата околина на час, час и половина растојание, а стотина души вооружени смилевци биле на нозе внатре во селото.

По предлог на Сарафов, за претседател бил избран Даме. За секретари биле посочени и прифатени Георги Поп Христов и Парашкев Цветков. Смилевскиот конгрес, како конгрес на Битолскиот округ, според решенијата донесени во Солун, требало дефинитивно да ја потврди одлуката за кревање востание. Во таа насока се развила остра дискусија, во која се јавила струја која сметала дека условите за сенароден бунт, сè уште, не се созреани. Даме Груев во своите спомени истакнува: На конгресот ја прикажав положбата онаква каква што е: сметав за безумно да се премолчува дека некои реони воопшто не се подготвени, и дека нема да земат учество. Со Сарафов се сретнав за првпат во Смилево дома кај мене. На конгресот Сарафов беше категорички за акции. Имаше мислење порано да се започне со востанието. Не верувавме дека Турците ќе се решат да прибегнат до толкава жестокост, сосем да го сотираат населението. Сарафов во доверба кажуваше дека некој министер рекол оти ако бидеме во состојба да задржиме 60.000 турска војска, Бугарија ќе се смешала. И јас најпосле допуштив дека може да дојде до тоа. Конгресот ме избра за член на Генералштабот на битолскиот вилает, заедно со Сарафов и Лозанчев.[35].

На првиот ден од конгресот од излагањето на делегатите било утврдено дека Прилепскиот, Битолскиот, Кичевскиот и некои делови на други реони не се достатно подготвени. Меѓу делегатите се јавиле лица кои биле против востание во текот на таа година како што биле: Ѓорѓи Сугарев, Петар Ацев, Тале Христов, Никола Карев, Никола Петров Русински и други. Во една крајно напната атмосфера по повод острите расправии околу решението за востание. Несогласувањата ги прекинал Даме Груев, кој како еден од основачите на Организацијата и претставник на неговиот Централен комитет, уживал огромен авторитет. Според сеќавањата на Пандо Кљашев, тој рекол:  :А бре луѓе, не губете си го времето да го решавате прашањето - ќе има ли востание или не, зашто тоа е решено - битти даваси! Говорете сега за востание, како да го направиме и кога, но не по ден и по време[36].

Бил избран Главен штаб за II Битолски револуционерен округ со тројца членови: Даме Груев, Борис Сарафов и Анастас Лозанчев[37]. Конгресот го задолжил Главниот штаб да го одреди и датумот на востание. Бил изработен Востанички дисциплински устав, со кој се определувале правата и должностите на востаниците, на реонските горски началства и на ГШ.

Главен штаб за II Битолски револуционерен округ[уреди | уреди извор]

Отидовме во Ресенско. Покојниот Славејко Арсов уште не беше сосем на јасно како ќе се води востанието. Тој си мислел од 900-мина вооружени селани да изведе во планината само 150-мина. Му се кажа дека треба да ги крене сите. Му беше даден план, како да го нападне градот Ресен. Груев многу очекуваше од Арсова, но јас видов дека нема да биде кадарен. Против Арсов имаше многу оплакувања, поради женски работи и др. Сакаа да биде заменет од Кокарев. Јас им реков дека штом веќе сте го поднесувале досега, стрпете се, сега е доцна да се сменува пред самото востание. Незадоволните ги уапсивме, ги казнивме и сл. Речиси насила го оставивме таму. Јас го сторив сето тоа. Тука, во с. Кривени преку Битола ми дојде писмо од Софија, во кое ми се јавуваше каков разговор имал Матов со генерал Савов во Софија. Савов му рекол дека Бугарија ќе била готова накај септември, штом веќе не е можно да се одложува востанието. Треба да споменам дека на одење од Софија, јас бев кај Паприков, и му реков дека одам во Македонија, дека таму ќе има движење. Паприков ми рече тоа да биде одложено, ако е можно, за мај. Јас го разбрав така, дека смислата на неговото искажување е во тоа, оти Бугарија може да војува...

— Борис Сарафов, Спомени
Даме Груев
Писмо од главниот штаб на II револуционерен округ до владите на големите сили со кое се известува за теророт на турските власти и се бара заштита на македонското население (јули 1903)

По завршувањето на Смилевскиот конгрес штабот презел разни дејности за засилување на подготовките за востание. Даме Груев и Борис Сарафов со чета започнале обиколка низ Охридско, Преспанско, Ресенско, Кичевско, Демихисарско, Крушевско и Костурско. При оваа обиколка биле изработени детални планови за започнување на востанието во секој реон во зависност од месните услови. Главниот штаб од страна на Смилевскиот конгрес бил овластен да го одреди датумот за започнување на востанието. По долги натегања на 14 јули Даме Груев, Борис Сарафов кај селото Буф востанието да се крене на 2 август на празникот св. Илија[38]. На 22 јули, Главниот штаб ги известил горските началства дека востанието ќе започне на 20 јули - стар стил (2 август)[39]. Централниот комитет го прифатил датумот за кревање на востанието и на другите револуционерни окрузи им го препорачал, а било дадено и појаснување дека востанието ќе започне: не вечерта спроти Илинден, туку вечерта на св. Илија[40].

Герилската тактика во почетокот на востанието дала резултати, востаниците во првите денови имале иницијатива. Но откако започнала офанзивата на османлиската армија, востаниците биле принудени да се повлекуваат и да избегнуваат директни судири со турската армија. Со Општиот план било предвидено населението да не учествува во борбите, но постепено востанието во Македонија и Одринско добивало масовен карактер. Откако армијата почнала со систематско палење на селата, при востаниците се создале големи збегови, со што дополнително се влошиле позициите на востаниците кои сега требало да го бранат населението. Македонската револуционерна организација, нејзините раководители, Смилевскиот конгрес и Главниот востанички штаб сметале дека турската армија нема да посегне толку жестоко по цивилното население. Самиот Даме Груев истакнал: Не верувавме дека Турците ќе се решат да прибегнат до таква жестокост - сосема да го разорат населението[41]. Меѓутоа централната власт по совет на германската дипломатија ѝ дозволила на својата армија систематски да го гони и уништува неборечкото население, при што биле изгонети, убиени голем број на жени, деца и старци, голем дел од турските села биле пеплосани. Главниот штаб на 30 јули 1903 година испратил Мемоар до големите сили во кој било истакнато дека:

Турската влада, чувствувајќи се бессилна да ги уништи директно нашите вооружени сили, им препорача на своите војски еден од најварварските начини за задушување на движењето што се состои во ограбување и горење на христијанските села и во обесчестување и убивање на жени и деца[42]

Мемоарот останал без ефект, а турската армија продолжила со дејствата против неборечкото население. Сето тоа придонело Главниот штаб, по палењето на Крушево и Смилево, по масакрот во збегот Голем Гар, да размислува за идната тактика на востанието. На 22 септември во Слоештица, Даме Груев, Борис Сарафов и Атанас Лозанчев имале средба. На оваа средба Сарафов предложил да се побара воена интервенција од Бугарија. Меѓутоа никој од нив не сакал да замине во Бугарија за да бара помош. Затоа истиот ден Главниот штаб се обратил писмено до бугарската влада, во писмото било истакнато дека Главниот штаб поради: критичната и ужасна положба (се обратил до бугарската влада б.н.), бугарското населени во Битослкиот вилает по извршените опустошувања и жестокости од страна на турските војски и башибозук, и со оглед на тоа дека тие опустошувања и жестокости на систематски начин продолжуваат и не може да се види до каде ќе отидат.

Во понатамошниот текст до бугарската влада била објаснета состојбата во Битолскиот вилает и Главниот штаб изразил чудење зошто бугарската влада: продолжува да гледа со ладнокрвност на систематското истребување на бугарскиот народ и било побарано од бугарската влада да притекне на помош со војна. Меѓутоа и самиот иницијатор на писмото Борис Сарафов, не верувал дека тоа ќе даде резултати[39]. Треба да се истакне дека ова писмо на Главниот штаб до бугарската влада од страна на бугарската историографија се користи за докажување на бугарскиот карактер на Илинденското востание и македонското население. Во момент на силно атакување на турската армија против мирното население и востаниците, на Главниот штаб му бил потребен сојузник во борбата против Отоманското Царство, тие се надевале во помошта на Бугарија и отворањето на нов фронт на исток со кои би се олесниле позициите на востаниците во Македонија и во Одринско.

Палежите на селата, апелот на османската власт за враќање на населението по селата, советите на конзулите, гаранциите за амнестија и гласините за реформи придонеле Главниот штаб да почне да размислува за распуштање на востаничките сили. На 2 октомври 1903 година, Главниот штаб над Смилевската корија донело одлука за организирана демобилизација на востаниците. Планот за демобилизација предвидувал, распуштање на востаниците и нивно враќање дома, собирање и складирање на оружјето, засолнување на компромитираните револуционерни раководители и дејци, раководниот кадар на теренот да биде сведен на минимум, а веднаш потоа Борис Сарафов заминал за Софија.

Судир со Даме Груев и Лозанчев[уреди | уреди извор]

Сарафов беше со мене. Тогаш се разделивме. Јас предложив да отидам во Леринско, но и тој го сакаше истото тоа. Борис се искажа, дека е решен да си замине во Бугарија, и се упати преку Преспанско-леринско. Со него тргнаа и некои од неговите луѓе, па и други...

— Даме Груев, Спомени

Во своите спомени Даме истакнува: Сарафов беше со мене. Тогаш се разделивме. Јас предложив да отидам во Леринско, но и тој го сакаше истото тоа. Борис се искажа, дека е решен да си замине во Бугарија, и се упати преку Преспанско-леринско. Со него тргнаа и некои од неговите луѓе, па и други[35]. По одлуката за демобилизација, Борис Сарафов го зел знамето на Главниот штаб и заминал за Бугарија. Во Софија, сарафистите му приредиле величествен пречек. Сарафов се појавил со развиореното знаме, по излозите на софиските улици бил обесени неговите портрети, а толпата во раце го одвела во неговиот дом. Христо Силјанов вели дека: Борис беше во својата стихија. Таквиот триумфален марш предизвикал реакција кај Даме. На 15 ноември 1903 година, Даме и Лозанчев испратиле писмо до Сарафов во кое истакнале: Трипати нè излажа со тоа знаме... Ти сакаш чисто и просто да го задоволиш своето его. На знамето не му е место во Софија. Предај му го на Матов и на Татарчев за да ни го испратат при првата можност[43]. Додека Сарафов дефилирал низ софиските улици, Даме останал во Македонија со што целиот морален товар за востанието паднал врз неговиот грб.

Преговори во Белград[уреди | уреди извор]

Во Белград ги затеков Матеј Геров и Љапов како претходница. Сарафов беше презел чекори да се рекламира насекаде. Матеј Геров беше ангажирал стотина студенти, други граѓани ангажирал Љапов, па на станицата се беше збрал множество свет, што го пречека Сарафова со овации. Јас не знаев ништо, дека пристигнува Сарафов, тоа Љапов и Геров го криеја од мене. Немав ни пари, чекав да ни испратат пари за да си купам облека. Грамадницата одеше по пајтонот, извикувајќи му „живео“ на Сарафов. Мнозина студенти се качија горе во хотелот „Код Париза“. Сарафов излезе на балконот и одржа говор. Воопшто земено беше многу свечен пречек...

— Михаил Герџиков, Спомени
Матеј Геров
Белград

По Илинденското востание во Србија дошло до раздвижување. Задграничните претставници Матов и Христо Татарчев се надевале дека ќе можат да издејствуваат некаква помош од српска страна за потребите на Внатрешната организација. Во теј период Сарафов решил да тргне на една обиколка низ Европа, тој си поставил три цели: да се одмоти, да го пропагира ослободителното дело и да најде пари. За да го контролираат Сарафов, задграничните претставници му наредиле на Михаил Герџиков да го придружува. Оваа задача Герџиков ја прифатил и заминал за Белград, каде го чекал Сарафов[33]

Сарафов пред да пристигне во престолнината на Србија го сондирал и го подготвил теренот за своето доаѓање. Неколку недели пред тоа, тој во Белград го испратил Матеј Геров. Геров во името на Сарафов воспоставил контакти со студентите-автономисти, меѓу македонските емигранти и други важни луѓе. Геров успешно ја извршил задачата која му била доверена. Студентите од македонско потекло и српската студентска младина околу друшштвото Побратимство се подготвиле свечено да го пречекаат, а организирале и митинг на кој говорел Сарафов. Принцот пристигнал на 27 ноември 1903 година во Белград. Герџиков, кој не бил известен за подготовките на Геров, му се придружил на Сарафов. Меѓутоа, Герџиков бил целосно маргинализиран и не учествувал во преговорите и доверливите средби на Сарафов[33].

Сарафов со српските првенци преговарал на своја рака и имал за цел да издејствува финансиски средства за себеси, а не за потребите на Внатрешната организација. Во замена за парите, Сарафов се обврзал да изврши одредени услуги. Таквата дејност ги поттикнала задграничните претставници да испратат свои луѓе во Белград. Најпрво Михаил Николов, а подоцна Сава Михајлов. Тие требало да ги проверат активностите на Геров и да ги дознаат намерите на Србите[33].

Противуслуга[уреди | уреди извор]

Повторно ме пратија во Белград. Од тамошниот комитет ми дадоа 20.000 динари кои му ги донесов на Сарафов... Јас знам дека се земени вкупно 40.000 лева: 20.000 ми ги дадоа мене, и другите 20.000 му ги дале директно на Сарафов или Геров...

— Апостол Димитров Грежов
Глигор Соколов(иќ) Љамев
Здружена чета на српската пропаганда: прв ред Коста Пекќнец (втор), Георги Скопјанчето (четврти), Јован Бабунски (петти), втор ред Глигор Соколов(иќ) (трети), Јован Довезенски (четврти), трет ред Петко Илиев (втор).

Во летото 1904 година, Глигор Соколов (поранешен четник на Внатрешната организација) од село Небрегово, организирал голема чета, составена од поранешни четници кои престојувале во Србија или биле повикани од Бугарија. Во четата влегол и Јован Долгач - поранешен организациски војвода во Крушевско. Оваа чета требало да навлезе во Македонија и да работи за интересите на српската пропаганда[33].

Кон крајот на август, четата која броела 60 души ја минала српската граница. По преминот, од четата се одделил еден дел за Скопско, потоа еден дел за Кичевско, еден дел за Охридско, а Соколов(иќ) со 12 души требало да остане во Прилепско. Меѓутоа, тој требало да мине низ Велешко, преку Вардар за да дојде во Прилепско. Овој подвиг без помошта на Внатрешната организација бил ризичен. Сите претходни обиди на српските чети биле неуспешни. Ренегатската чета на Тренко во пролетта се обидела да се пробие до Порече, но неуспешно. Била пречекана од организациската чета на Арсо Локвички[33].

Меѓутоа, Глигор Соколов бил добро подготвен за својата мисија. Тој насекаде се претставувал како организаторски војвода и бил снабден со неопходни писма за поминување. Сокол стапил во контакт со скопскиот војвода Боби Стојчев. Војводата Стојчев пред да оствари средба со Соколов, добил наредба од Сарафов да се стави на располагање на Глигор, тој сметал дека станува збор за организациска чета[33].

Бидејќи србоманската чета била препорачана од Сарафов, војводата Стојчев ја повел четата кон Велешко, ја пренел преку Вардар и ја придружувал до Азот, каде што се разделиле. За оваа постапка на Сарафов, Христо Силјанов истакнува: Сарафов не ги надитри Србите, туку беше надитрен од нив[33]. Сарафовата помош при минувањето на оваа србоманска чета, всушност била услуга за парите кои ги добил од Белград.

Расцеп на Македонската револуционерна организација[уреди | уреди извор]

Ниту тогаш, ниту пак сега (1930 г.) сум согласен со методите на организацијата. Една од нашите грешки беше, што ги советувавме нашите луѓе да ја избегнуваат власта, а други ја искористуваа. Ние не ги советувавме нашите луѓе да стануваат чиновници. Не еднаш во разговори со Пере и Ѓорче го застапував становиштето нашите луѓе да заземаат служби, да стануваат чиновници на турската држава. Но тие ми одговараа: Не. Ние тоа не можеме да го препорачуваме: ние не можеме со тоа да се согласиме, за нас власта расипува...

—  Анастас Лозанчев, Спомени
Петар Поп Арсов
Горе: Стефан Чавдаров, Добре Даскалов, Мише Анчев, Иван Караџов, Запранов, Михаил Дорев, Борис Мончев. Средина: Петар Ацев, Петар Кушев, Христо Матов, Тодор Лазаров, Тодор Александров. Долу: Стојан Мишев, Григор (Гешо) Илиев, Петко Пенчев, Христо Саракинов и Георги Занков.

По востанието во Софија се одржале првите повостанички советувања на Организацијата. Овие советувања се одржале во периодот од декември 1903 до февруари 1904 година, на нив учествувале истакнати раководители, војводи и началници, главно прашање кое било разгледувано е каков да биде правецот на делување по неуспешното востание. На овие советувања дошло до оформување на две гледишта, од кои подоцна ќе произлезат две струи, едната концепција била претставена од Христо Матов кој се залагал за зачувување на централистичкиот принцип, а другата струја се залагала за децентрализација и демократизација на Организацијата. На советувањата преовладала концепцијата за децентрализација и демократизација предводена од серчани[44]. Оттука произлегла Директивата за идната дејност на Организацијата изработена од Димо Хаџи Димов, Димитар Мирасчиев и Димитар Стефанов со што биле поставени основите на Реформската струја. Како одговор на директивата, Христо Матов ја создал брошурата Основите на Организацијата од Брут (бг. основитѣ на Организацията отъ Брутъ) во мај 1904 година. Во брошурата биле претставени пет принципи околу кој ќе се групира Конзервативна струја. Главните прашања околу кои се судриле дејците на организацијата, се прашањето за централизација или децентрализација, односно демократизирање, како и крајната цел на самата Организација, односно автономна Македонија или оформување на Македонија како самостојна политичка единица во рамките на една балканска федерација.

Кризата и поделбите кој се појавиле по Илинденското востание, во текот на 1904 и 1905 година се продлабочиле. Во овој период дошло до прегрупирање на силите, најистакнатите дејци на македонското револуционерно движење тргнале во барање на сојузници и приврзаници за наметнување на сопственото влијание. Влијанието на Даме во Битолскиот револуционерен округ по Илинденското востание опаднало, тој презел и една обиколка низ Солунскиот округ и пошироко за наметнување на своето влијание, но ова обиколка не ги постигнала посакуваните резултати. Прилепскиот конгрес покажал дека Даме има различни погледи од Пере Тошев и Ѓорче Петров, по прашањето за идното устројство на Организацијата. Даме бил во лоши односи и со Борис Сарафов, кој преку поедини војводи го ширел своето влијание во Македонија. Поради централистичките погледи, Даме бил на спротивната страна од Јане Сандански и серчани, како и со дејците на Струмичкиот револуционерен округ. Тој ги расипал односите и со Атанас Лозанчев, со него во ноември 1904 година имал и физички судир[45].

Во август 1904 година во Софија се вратил Ѓорче Петров. Тој истакнал дека Даме е уморен и дека е потребна негова замена ако сакаат да ја продолжат и завршат борбата на Организацијата. Петров тогаш бил во коалиција со Петар Поп Арсов, Пере Тошев и Јане Сандански. Оваа групација се залагала за демократизација на Организацијата, прекинување на врските со која било бугарска влада и распуштање на актуелното Задгранично претставништво. Според српскиот дипломатски претставник во Софија - Симиќ, во декември 1904 година македонското револуционерно движење било поделено на 4 групи, една околу Борис Сарафов, кон неа клонеле Ѓорче Петров и Васил Чакаларов, друга околу Матов - Татарчев, трета околу Даме и четврта анархистичка околу која се вртеле Петар Поп Арсов, Михаил Герџиков, Димитар Мирасчиев и други, тие биле групирани околу весникот Револуционерен лист. Симиќ истакнал дека највлијателна група била онаа на Даме, а нејзин најекспониран претставник во Бугарија бил Иван Гарванов[46]. Симиќ исто така истакнал дека дошло до зближување меѓу Даме, Гарванов и Иван Цончев, а на спротивната страна дошло до зближување меѓу Пере Тошев, Лозанчев, Сарафов и Ѓорче Петров[46].

Рилски конгрес[уреди | уреди извор]

Повеќето од нив, без сомнение знаеја дека овој конгрес има судбинско значење за ослободителното дело. Тие имаа огромна желба да се смират спротивностите и да ѝ се даде на Организацијата тоа што ѝ недостасува - соодветен основен закон, единствено раководство, полет во работата. Но, имаше и страсни функционери кои бараа надмоќ на својата група, имаше стари дејци кои им даваа магична сила на правилниците, имаше првенци кои преку конгресот сакаа да ги вратат загубените места во организациската хиерархија, а имаше и со тешки обвинувања кои не мислеа на ништо друго, освен како да се извлечат од рацете на врховниот револуционерен суд - општиот конгрес. Ете зошто конгресот не можеше да ја избегне двојноста, карактеристична за парламентите - со нивните пленарни дискусии, со претходни договори кулоарски шушкања и интриги

— Христо Силјанов, Ослободителните борби на Македонија, том два
Портрет на Сандански
Рилски манастир

Кон крајот на септември 1905 година во Софија се собрал најголем број од делегатите кој требале да присуствуваат на конгресот. Во главниот град на Бугарија биле извршени дополнителни советувања на кои дошло до недоразбирање околу местото за одржување на конгресот. Јане Сандански побарал конгресот да се одржи во Македонија и на тој начин да се повлече: чисто внатрешниот карактер и полната независност на Организацијата[47]. Сепак најголемиот број од делегатите посочиле дека Конгресот не треба да биде вознемируван од никого и затоа предложиле тој да се одржи надвор од границите на Македонија. По преговорите било постигнато компромисно решение конгресот да се одржи во Рилскиот манастир, во близината на македонската граница.[47]

Конгресот го имал следниот дневен ред:

1. Извештај за минатата дејност и сегашната положба во Организацијата по окрузи и околии;
2. Идната дејност на Организацијата;
3. Устројство и управа на Организацијата:
а) административен оддел;
б) судски оддел;
в) финансиски оддел:
г) културно - економски оддел:
4. Литература и печат;
5. Односот и поведението на организацијата спрема разните теченија; a) спрема сите пропаганди б) спрема бугарскиот државнички национализам и егзархијата в) спрема врховистите, емиграцијата и јавноста во Бугарија г) спрема одделни организациски групи внатре и надвор;
6. Тактика на Организацијата; и
7. Отчет за дејноста на ЦК и Задграничното претставништво.[47]

Најдолго време расправале, дваесет дена, за точката три, односно идното устројство на Организацијата. Според Христо Силјанов по ова прашање дошле во судир две струи кои имале различна концепција по ова прашање. Двете струи Силјанов ги нарекува: радикално-реформска и умерено-конзервативна[47]. На овој конгрес најистакнати претставници на првата групација биле Пере Тошев, Ѓорче Петров и Јане Сандански, тие ја имале наклонетоста на најголемиот број на делегати. Оваа крило се залагало за децентрализација и демократизација на Организацијата, широка примена на изборното начело. На страната на оваа група застанал и Борис Сарафов сакајќи на тој начин да добие амнестија од обвиненијата. На чело на другата групација застанал Даме кои се залагал за зачувување на централистичкиот хиерархиски поредок[белешка 4]. Меѓутоа тој ја немал поддршката на најголемиот број на делегати и затоа бил подготвен на компромис, а зад него застанале Аргир Манасиев, Борис Мончев, Лазар Маџаров, Стамат Икономов и Добри Даскалов.[47] По дваесетдневна расправа меѓу двете групи, конгресот ги прифатил новиот устав и правилник на организацијата. Христо Силјанов истакнува дека новоусвоените акти биле компромисно решение меѓу двете групации,

со чувствително наклонување на лево[47]

и дека отстапките за компромисот биле направени од умерено-конзервативното крило. Иако Христо Силјанов истакнува дека бил постигнат компромис, во постарата литература преовладува ставот дека влијанието на левицата преовладал на овој конгрес. Дополнителна конфузија е поделбата на левица и десница, кога е познато дека Борис Сарафов застанал на страната на радикално-реформска крило кое во постарата литература се нарекува како лево крило, а Даме бил на чело на умерено-конзервативната струја, во постарата литература познато како десно крило. И покрај струењата бил постигнат компромис и бил усвоен новиот Устав и Правилник според кој Организацијата добила ново официјално име: Внатрешна македоно-одринска револуционерна организација (ВМОРО)[47]. Врз основа на штотуку усвоените нови акти за членови на ЦК биле избрани: Дамјан Груев, Пере Тошев, Тодор Поп Антов, во Претставничкото тело влегле - Ѓорче Петров, Петар Поп Арсов и Димитар Стефанов, за уредник на Револуционерен лист бил избран Димо Хаџи Димов. За ревизори на Организацијата биле избрани Иван Гарванов, Никола Пушкаров и Борис Сарафов, меѓутоа тие не ја прифатиле должноста.[48].

Одговорноста на Борис Сарафов како и на другите дејци на Организацијата биле оставени за на крајот од дневниот ред, бидејќи оваа прашање било најделикатно. Сарафов бил обвинуван од сите страни и за секакви дејствија, дека земал пари од српската влада, за пропуштање на српски чети, за препраќање на свои чети во Македонија, давање пари на разни службеници со што предизвикувал раскол и расипништво. Според Христо Силјанов фактите биле толку силни што Сарафов: не можел, а да не се чувствува за грешник[47]. Главни обвинители на Конгресот бил Јане Сандански и серчани. Тие биле поддржани од струмичаните како и од реформските делегати, а против Сарафов биле и делегатите од Битолскиот и Солунскиот округ под влијание на Даме, нивен гласноговорник бил Борис Мончев[47]. Сарафов морал да се брани и затоа го обвинил Јане Сандански за пасивност при Илинденското востание, а на Дамјан Груев му дофрлил што дозволил да биде грабнат од просрпскиот војвода Мицко Крстевски. Единствен кој застанал на страната на Сарафов бил Ѓорче Петров кој пак добил поткрепа од страна на Пере Тошев дека амнестирањето на обвинетите е најдобро решение со што би се разрешило заплетканото прашање. Улогата на миротворец требало да ја одигра непомирливиот противник на Сарафов, самиот Јане Сандански. На изненадување на многумина Сандански истакнал дека во минатото сите грешеле, дека е потребно сплотување и помирување, да се остави минатото. Во тој дух се изјаснил и Ѓорче Петров, а поддршка дал и Даме. На крај конгресот изгласал општа амнестија за сите обвинети вклучително и за Сарафов[47]. На конгресот преовладал духот за постигнување на компромис и возобновување на единството. Со новиот устав и правилник во Организацијата требало да се воведе широка децентрализација и демократизација од највисоките до најниските раководни тела. Meѓутоа единството кое било воспоставено траело кратко.

Втор редовен конгрес[уреди | уреди извор]

Избраните делегати се собраа на договореното место, но конгресот не се одржа. Се одржаа само неколку подготвителни состаноци, колку да се констатира непомирливоста на двата блока и да се доведат работите до целосен расцеп. Улогата на малото камче, кое ја превртува претоварената кола, во дадениот случај ја одигра спорот за местото на конгресот.

— Христо Силјанов
Христо Матов
Михаил Даев

Во услови на поделби и разединувања, во летото 1906 година започнале подготовките за Вториот редовен конгрес на ВМОРО кој требало да се одржи до крајот на тековната година. Во рамките на подготовките, Серскиот округ го одржал својот Втор редовен конгрес во селото Ловча[49]. Кон крајот на ноември во Софија почнале да пристигнуваат делегати од цела Македонија за одржување на неопходните претконгресни средби. За време на Советувањата дошло до целосно слевање на веќе покојниот Даме Груев, Иван Гарванов и Борис Сарафов, кои заемно си ги признале своите делегати[49].Имено, Сарафов, Гарванов, Христо Матов, Христо Татарчев и Петко Пенчев го имале изгубено правото да бидат делегати на предвидениот конгрес, затоа што долго време биле надвор од територијата на ВМОРО. Во претходниот период помеѓу конзервативните групи постоела извесна нетрпеливост и соперништво, но во овој момент заедничката омраза кон Јане Сандански ги обединила[49]. Во текот на советувањата во Софија, серчани го наметнале прашањето за местото на одржување на претстојниот конгрес, истовремено инсистирале тој да се одржи во Македонија. Од своја страна, конзервативната група побарала да се предаде оружјето и муницијата ој пограничните пунктови, кои биле под контрола на Јане Сандански, на една мешовита комисија. Предлогот бил одбиен. Петар Поп Арсов и Сандански биле непопустливи пред барањата на конзервативците, а Пере Тошев се држел резервирано [49].

Во текот на советувањата во Софија спорни биле три прашања: 1) местото на одржување на Конгресот 2) предавање на оружјето од пограничните пунктови 3) верификација на делегатските мандати како најспорно прашање[49]. На едно собрание околу полноќ, дошло до заострени дискусии околу последното прашање, а дошло и до демонстративно напуштање на седницата од страна на Петар Поп Арсов, Христо Чернопеев, Крсто Б’лгаријата, Стојо Хаџиев, А. Станоев, Д. Икономов и други. Меѓутоа сепак бил постигнат компромис, било одлучено конгресот по вторпат да се одржи во Рилскиот манастир[49]. На првиот ден од Коледе, Претставништвото испратило покани до сите делегати повикувајќи да заминат за Рилскиот манастир но многумина делегати од конзервативното крило ги вратиле назад поканите[49].

И покрај оваа постапка на конзервативците, припадниците на реформската група на чело со Сандански, заминале за Рилскиот манастир. Непосредно пред манастирот, Михаил Даев во полупијана состојба предизвикал инцидент, во текот на кој двајца месни врховисти биле убиени, а еден бил ранет[49]. Оваа случка ѝ послужила на бугарската полиција како повод за блокада на Рилскиот манастир. Сандански и останатите делегати ја согледале стапицата, по што го напуштиле местото и ја минале границата. Следниот ден, 2 јануари 1907 година, во селото Рила пристигнал Петар Поп Арсов и тука дознал за инцидентот и веднаш се вратил во Софија. Борис Сарафов и Михаил Даев уште во Софија планирале да направат некоја провокација со која требало да се спречи одржувањето на конгресот[49], затоа што нивното мнозинство на конгресот не било сигурно[49]. Христо Силјанов тенденциозно тврди дека реформската група била во малцинство и се состоела од 12 делегати и затоа го напуштиле местото.

Заминувањето на Сандански и неговите приврзаници од Рила го искористиле конзервативците за да ги обвинат серчани дека го провалиле Конгресот. По ова прашање, Ванчо Ѓорѓиев истакнува: Меѓутоа, провалувањето дошло од самите конзервативци. Тие дури и не се појавиле на местото закажано за одржување на Конгресот. Предизвиканиот инцидент од страна на М. Даев, враќањето на поканите за учеството на Конгресот, непојавувањето на местото на одржување на Конгресот, и секако, појавата на бугарската полиција кај Рилскиот манастир, не биле случајни. Тоа била смислена саботажа од страна на конзервативците со цел да го прикријат своето отсуство од конгресот[49]. По пропаѓањето на Конгресот, конзервативците се собрале во Ќустендилско и конституирале во советодавно собрание. Тие во своето излагање ги прогласиле за непрактични и неприменливи нормативните акти на ВМОРО од Рилскиот конгрес од 1905 година. На крајот, си избрале свои задгранични претставници: Иван Гарванов, Борис Сарафов и Христо Матов за Солунскиот, Битолскиот и Скопскиот револуционерен округ[49].

Кулминација на судирот[уреди | уреди извор]

За жал, а можеби и за среќа на организацијата истовремено, истакнатите разлики не се повеќе од една етикета. Практиката кај Пелистер и на Пирин е еднаква. Ако сакате, примената на револуционизмот и интернационализмот во границите на можноста ќе ја сретнете секаде на друго место, но не и на Пирин. Таму владее еден грозен терор од цели 5 години и таму организацијата се крепи предимно на играта на мечот. Да се убиваат секоја година со десетици невини селани и истовремено да се врши мирна културна работа, - тоа е противречно. Сандански вешто ги крие под маската на тие идеи своите амбиции да ја игра ролјата на Делчев и Груев, но за несреќа, тој е мошне малечок и по ум, и по срце за слична улога. Посебно за неговите другари. Тие можеби се вдахновуваат од поискрени намери, но голем дел од нив се робови не на реалноста, туку на своите доктринерски апстракции. Тие прават обиди на грбот на македонското население.

— Христо Матов
Мише Развигоров
Петар Ангелов, Крсто Б'лгаријата и Никола Жеков

Во почетокот на 1907 година, судирот меѓу конзервативната и реформската струја на ВМОРО добил нова димензија, а кон крајот на истата година ја достигнал и својата кулминација. Времето на заемни отстапки и компромиси веќе било само минато[49]. Решенијата сега се барале преку нишанот на оружјето. Првите вооружени инциденти биле предизвикани од страна на конзервативците.

На 26 јануари 1907 година, Мише Развигоров го нападнал ќустендилскиот пунктовен началник Петар Ангелов, кој бил приврзаник на Сандански и Петар Поп Арсов[49]. Истовремено, Борис Сарафов и Иван Гарванов започнале со отворено поттикнување на војводите во Македонија, од типот на воденскиот војвода Тодор Иванов, да се удри со куршум по сите душмани[49]. Како такви биле именувани: Поп Арсов, Александар Станоев, Стефан Димитров и особено, Сандански и Чернопеев[49].

Во мај 1907 година, приврзаниците на Сарафов и Иван Гарванов, во содејство со бугарската полиција, во Ќустендилско го разоружиле Крсто Б’лгаријата и го спровеле во Софија. Овие провокации биле прифатени од Јане Сандански, само што тие во своите планови предвидувале ликвидирање на самите инспиратори на судирите. За тоа дознаваме од едно писмо на П. Христов до П. Ацев од 26 мај 1907 година. Во него било истакнато дека Сандански и Христо Чернопеев во тоа време јавно биле поттикнувани од Петар Поп Арсов, а потајно од Пере Тошев и Ѓорче Петров, да донесат решение за ликвидација на Гарванов и Сарафов[49].

Убиство[уреди | уреди извор]

Денес се одигра страшна ‘Македонска трагедија’, во која паднаа две нови жртви. Македонецот Паница (Тодор Паница, н.б.), денес со револвер ги уби Борис Сарафов, претседател на Македонската револуционерна организација заедно со професорот Гарванов (Иван Гарванов, н.б.). Постои убедување дека смртта на Гарванов ќе предизвика распад на Македонската револуционерна организација, така што судирот со врховистите ќе ескалира...

— Московскiя вѣсти, 1907
Тодор Паница
Телата на Борис Сарафов и Иван Гарванов

По неуспешните обиди на бугарските власти за помирување меѓу двете групи, Борис Сарафов и Иван Гарванов, преку Михаил Даев, направиле обид за ликвидација на Јане Сандански[49]. Според српските дипломатски извори, Сарафов во уште во половината на 1907 година презел чекори за ликвидација на Сандански, во еден српски извештај се истакнува: Самиот факт што Б. Сарафов му беше подготвил чета на Тодор Паница и го имаше упатено во серскиот крај каде што оперира Сандански, тоа јасно го потврдува. Беше познато urbi et orbi дека Сарафов е владин човек. Утврдено е дека... Т. Паница, требаше да ја мине границата со 30 четници што му ги регрутирал и вооружил Сарафов и му дал на Паница 6.000 лева[49][50].

Вечерта на 28 ноември 1907 година, самопрогласените задгранични претставници во домот на Принцот, на улица Осогово, 36, договориле средба со Тодор Паница, нивниот нов приврзаник [51]. Кога Сарафов ја привршувал својата вечера, пристигнал Иван Гарванов. Малку подоцна пристигнал Тодор Паница, вооружен со два наганта. На гостинот му биле понудени мезе и чаша вино, но Паница одбил. Во разговорот со Сарафов и Гарванов, дознал дека Христо Матов нема да присуствува на средбата[51]. Матов ги известил дека поради неодложна работа нема да дојде на средбата. Сарафов и неговите двајца гости се повлекле во друга соба, каде што разговорот меѓу нив течел спокојно. Околу 11 часот, Паница станал да си оди, а Сарафов и Гарванов станале да го испратат.

Кога пристигнале до влезната врата, се слушнале зборовите: Уште едно прашање? а во истиот момент се слушнале два истрела. Веднаш дотрчале домашните кои се стаписале од ужасот: Сарафов и Гарванов, облеани во крв, умираа. И двајцата беа погодени со по еден смртоносен удар. Сарафов беше застрелан во левото слепо око, а Гарванов во левото уво[51]. Тодор Паница веднаш го напуштил местото, а набргу во домот на Сарафов пристигнале еден полициски инспектор и судски истражувач, во придружба на еден софиски репортер, кој вака ја опишал глетката која ја затегнал:

Во антрето, до влезната врата, Сарафов паднал, потпрен на левиот ѕид, со спуштена глава в десни, со раширени нозе и раце - една отворена, другата со свиткани прсти. Гарванов паднат на грбот, со главата легната на десната нога на Сарафов, испружен во ходникот со раширени нозе кон внатрешноста. И двајцата со бледи лица изгледаат како заспани... Под труповите и наоколу големи локви крв која продолжуваше да тече. Околу безживотните трупови горко плаче остарениот татко на Сарафов, неговата мајка, неговите браќа, сестра му, снаа му и неговите блиски.[51]


Според Христо Силјанов нивниот погреб бил еден од најсугестивните кои биле видени кога и да е во Софија. Нивните ковчези биле носени од војводи, а на чело биле носени нивните ликови во раскошни рамки, накитени со живи цвеќиња. Поворката ја предводел софискиот митрополит Патениј, луѓето на Николаев, а ковчезите биле завиткани во траурни знамиња на македонските братства, а македонските и ерменските револуционерни знамиња биле носени од четници кои биле приврзаници на покојниците. На погребот присуствувале многу народни претставници, а меѓу нив биле и тројца бугарски министри: д-р Н. Генадиев, К. Панајотов и Н. Апостолов.[51]

Контроверзии[уреди | уреди извор]

Споменот за Борис Сарафов е сè уште жив, за него не е потребно да се зборува многу. Неговото име беше славно додека тој беше жив и продолжи да одѕвонува и по неговата смрт, не само во Македонија... во цела Европа, дури и во Америка... Во Македонија за него се говореше: Човек со ѕвезда-роден да биде водач. Ете, тоа е објаснувањето за популарноста на Сарафов, ретка популарност која направи неговата смрт да стане национална жалост...

— Симеон Радев, Великите сенки
Борис Сарафов во традиционална четничка облека
Споменик на Борис Сарафов, пред Министерството за надворешни работи на Македонија, Скопје

Делото на Сарафов во македонското револуционерно движење од крајот на 19 и почетокот на 20 век не е целосно проучено. До Втората светска војна, македонската интелигенција од Бугарија која се занимавала со проучување и издавање на дела поврзани со борбите на македонскиот народ против Османлиското Царство, не објавила сериозен труд за ликот и делото на Сарафов. По војната, бугарската и македонската историографија кои се занимавале со истражување на македoнските револуционерни борби, не објавиле некои подлабоки истражувања кои би го расветлиле делувањето на Сарафов. Во повоениот период историчарите Сарафов го оцениле како: офицер на бугарската армија, учесник во импровизираните востанија и акции, врховист и припадник на пробугарското крило во Македонската револуционерна организација, авантурист по европските престолнини, склон на собирање средства за организацијата и нивно ненаменско расфрлање и трошење[52].

По создавањето на македонската современа држава, се зголемува интересот за истражувања и објавувања на дела поврзани со личности од македонската историја, кои во минатото биле избегнувани, меѓу нив се нашол и Борис Сарафов. Постепено, личноста на Сарафов е рехабилитирана во Македонија и се преземени одредени активности со кои Сарафов се вбројува меѓу македонските национални херои како што се: Гоце Делчев, Даме Груев, Ѓорче Петров, Јане Сандански и многумина други. Во тој правец, во 2013 година е подигнат споменик на Борис Сарафов пред Министерството за надворешни работи на Македонија во Скопје[53], улицата 4 јули во Општината Ѓорче Петров, Скопје е преименувана во Борис Сарафов[54], Друштвото за издавачка дејност „Македонија“ од Скопје и Државниот архив на Република Македонија ја објавија книгата Борис Сарафов (биографија) од Павел Шатев, во врска со овој настан Зоран Тодоровски истакнал: Преку овој ракопис посветен на Борис Сарафов, Павел Шатев не само што се осврнува на најважните настани од револуционерното минато на Македонија и на македонскиот народ, туку во него се содржани и неговите погледи, опсервации, размислувања и констатации во однос на историските настани, процеси и личности од македонската историја, како и за македонските проблеми и за потребите и методите за изнаоѓање решение за македонското прашање[55], за неговата дејност е објавен и документарен филм[56]. Друштвото Тодор Александров во црквата св. Пресвета Богородица во Битола организира панихида за Сарафов[57].

Антропологот Кит Браун во својата книга Минатото под прашање - модерна Македонија и неизвесностите на нацијата истакнува: Веројатно повеќе од кој и да е друг водач на востанието, Борис Сарафов поседувал и локален и меѓународен углед. Дури и македонските историчари му ја признаваат водечката организаторска улога во годините пред 1903 година кога тесно соработувал со Делчев, Груев. Без Сарафов Илинден можеби и немаше да се случи[58]. Илија Димовски за контроверзиите околу Сарафов истакнува: Пред неколку години имав трема секогаш кога ќе требаше да го спомнам Сарафов. Знаев дека луѓето или не чуле за него или она што го слушнале е целосно искривоколчено на штета на неговата големина. Секое негово спомнување предизвикуваше сомнеж кон намерите и чистотата во разговорот за нашата историја. Во една таква дебата во Собранието на Република Македонија дури доживеавме овој великан да биде ословуван како предавник, токму од луѓе кои немаат прочитано ниту еден ред за неговиот живот, потекло, убедувања и дело. Така требало да биде, за жал, така некој ја кроел и ја прекројувал историјата[59].

Дел од темата
„Контроверзни дејци на македонското револуционерно движење“

Историски гледано, дејноста на Борис Сарафов е противречна во македонското револуционерно движење. Неговите потфати имаат позитивен импулс, меѓутоа и негативни последици кои влијаеле врз целото македонско дело. На Запад дава бројни интервјуа, едно од нив e и за руски весник во кој повторно изјавил дека Македонците се посебна народност[60]. Наспроти оваа агитација, Главна водителка во дејноста на Сарафов била неговата амбиција, односно стремежот за преземање на целото македонско револуционерно движење во свои раце. При остварувањето на оваа цел, тој презел цела серија на дејствија кој негатив се одразиле врз Македонската револуционерна организација и движењето. Во 1899 година со посредништво на Врховниот македонски комитет (односно Борис Сарафов), доаѓа до слевање на Бугарското тајно револуционерно братство во Македонската револуционерна организација - чин што се покажало како погубен за македонското национално ослободително движење. Сарафов од своја страна во критичните моменти ја прекинал својата помош за Македонската револуционерна организација и директно придонел за нејзино ослабување и полесно продирање на врховизмот во Македонија. Сарафов подоцна со поддршка на Гоце Делчев бил рехабилитиран и ставен на располагање на Македонската револуционерна организација и во текот на Илинденското востание заедно со Даме Груев ќе се најде во Главниот штаб за II Битолски револуционерен округ. Меѓутоа и тогаш Сарафов делувал негативно, имено тој го зел знамето на Главниот штаб на II Битолски револуционерен округ и го однел во Софија. По Илинденското востание, Сарафов преговара со српските кругови во Белград, каде што во замена за финансиски средства се обврзува да го олесни навлегувањето на една српска чета во Македонија. Сите Сарафови постапки неминовно довеле до негова ликвидација по наредба на Јане Сандански.

Белешки[уреди | уреди извор]

  1. Во Османлиското Царство не постоел редовен систем за попис на населението со утврдени методи и принципи како во западноевропските држави. Османските власти го евидентирале само машкото население и тоа не по национална основа, туку по вероисповед. Мажите муслимани биле запишувани поради воената обврска, а христијаните поради даноците. Меѓутоа постоеле еден вид на матични книги т.н. нуфуз дефтери во кои биле запишувани датумот на раѓање, името, името на родителите и презимето, меѓутоа од нуфузите не може да се утврди националниот состав на населението во Македонија. Под графата Муслимани биле запишувани: Турците, Циганите, исламизираните Македонци, Арнаутите, Черкезите, Арапите и други, односно припадниците на муслиманската вероисповед. Во графата Рум Милет (Грци) биле запишувани сите православни христијани во Отоманското Царство кои биле под духовна јурисдкција на Цариградската патријаршија, тука спаѓаат Македонците-патријаршисти кои биле нарекувани и како Грци. Христијанското население кое било под духовна власт на Бугарската егзархија било запишувано како Бугар милет, тука спаѓаат Македонците-егзархисти кои биле нарекувани како Бугари. Од национален аспект само за Евреите постоела посебна графа како Јауди, но и тука имало исклучок. Евреите муслимани биле впишувани како Турци, види: Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително движење во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Табернакул, Институт за историја - Филозофски факултет, Скопје, 2003
  2. Под влијание на бугарската пропаганда во Македонија, еден дел од Македонците се изјаснувале како Бугари, таквите нивни изјаснувања од страна на бугарските историчари се користат како основа за прикажување на Ване Занешев и другите негови истомисленици во борбата против Цариградската патријаршија, како бугарски дејци односно како борци за создавање на бугарска црква. Меѓутоа борбата против Цариградската патријаршија на Македонците има неколку одлики: обнова на некогашната Охридска архиепископија, македонските епархии да потпаднат под нејзина јурисдикција, оваа борба во себе носела и македонски национален карактер бидејќи македонското граѓанство се стремело во македонски општини, наставата да се изведува на македонски народен јазик, а во црквите да се отстрани грчкиот јазик и да се замени со црковнословенски. Со создавањето на Бугарската егзархија не биле решени овие прашања. Македонските епархии потпаднале под егзархијата, а во училиштата истата таа бугарска црква започнала да го наметнува бугарскиот јазик. По создавањето на егзархијата, оние кои се бореле против патријаршијата ја продолжиле борбата за решавање на овие прашања, сега против егзархијата. Постепено во Македонија се јавило едно антиегзархиско движење, кое освен просветен и црковен карактер, започнало да добива и револуционерна боја, така што Македонската револуционерна организација била создадена од и сред оние кои биле насочени против егзархијата и нејзината дејност, тоа го потврдуваат нејзините основачи, види Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници, Славко Димевски, За развојот на македонската национална мисла до создавањето на ТМОРО, Култура - Скопје, 1980 и др.
  3. Меѓу професорите биле Григор Прличев, Петар Даниилович Драганов, Константин Величков, Трајко Китанчев и други
  4. Въ тѣзи разисквания се сблъснаха дветѣ известни намъ течения — радикално-реформаторското и умѣрено-консервативното. Макаръ че нѣкои отъ най-влиятелнитѣ вдъхновители на първото (марксистътъ Димо хаджи Димовъ, писательтъ А. Страшимировъ и др.), отсѫтствуваха, демократичнитѣ начала и децентрализацията въ управлението бидоха блѣскаво защитени отъ Г. Петровъ и П. Тошевъ, при подкрепата на Я. Сандански и други отчаяни лѣвичари. Отсѫтствуваше отъ конгреса и най-упоритиятъ привърженикъ на умѣреностьта въ преобразованията, Хр. Матовъ, който и съ перо и съ слово не престана, въ продължение на две години, да доказва пакостьта отъ крайни и неприложими реформаторски тежнения. Съ своята упоритость той бѣше си навлѣкълъ неприязъньта на лѣвичаритѣ, а като задгранични представители, сиречь членове на единствения редовно функциониращъ презъ цѣлия периодъ отъ възстанието до конгреса, общоорганизационенъ висшъ институтъ, той и др.ъ Хр. Татарчевъ бѣха станали прицѣлна точка на всѣкакви критики и нападки. Поради това и двамата, въпрѣки грамаднитѣ си заслуги презъ време на междуцарствието, не можаха да попаднатъ между конгреснитѣ делегати. Наистина, умѣрено-консервативното течение се застѫпваше въ конгреса отъ най-авторитетния деятель въ вѫтрешностьта, Д. Груевъ. Той обаче, било поради природната си склонность къмъ практическитѣ постижения по пѫтя на взаимнитѣ отстѫпки, било поради заемания председателски постъ, остана и тукъ вѣренъ на своята примирителна тактика. Все пакъ централистичната система и умѣрениятъ реформизъмъ броеха множество убедени привърженици, като Л. Маджаровъ, Ст. Икономовъ, П. Васковъ, Добри Даскаловъ и др. и намѣриха въ конгреса горещи защитници въ лицето на Б. Мончевъ, А. Манасиевъ и др, види Хр. Силянов, том II Следъ Илинденското възстание

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Николов, Борис. ВМОРО - псевдоними и шифри 1893-1934, Звезди, 1999, стр. 7, 15, 17, 18, 23, 52, 56, 62, 73, 80, 95.
  2. „The Dormition of Virgin Mary Church in Ilinden“. Архивирано од изворникот на 2014-11-10. Посетено на 2015-05-22.
  3. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 126-127.
  4. Верковичъ, С.И. „Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи“. СПб, 1889, стр. 234-235.
  5. 5,0 5,1 Кънчов, Васил. „Избрани произведения“, Том I, София, 1970, стр. 229.
  6. Орохидрографија на Македонија
  7. ПИСМО НА ПЕТКО СЛАВЕЈКОВ ДО ЕГЗАРХОТ АНТИМ I ( јануари 1874, Солун)
  8. Царевна Миладинова, "От Бяло море до Витоша", во: Мир, 40, No 10055, 18 януари 1934 г.
  9. „Панчавлиев, Атанас“. Архивирано од изворникот на 2014-03-15. Посетено на 2015-05-22.
  10. Гаджев, Иван. История на българската емиграция в Северна Америка: поглед отвърте, Томове 1–2, Институт по история на българската емиграция в Северна Америка, 2003 стр. 217.
  11. Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или смрт, Македонското националноослободително движење во Солунскиот вилает 1893-1903 година, Табернакул, Институт за историја - Филозофски факултет, Скопје, 2003
  12. Димитар Димески, Македонското национално движење во Битолскиот вилает (1893-1903), II издание, Скопје, 1982
  13. К. Кондовъ, Гоце Делчев и другаритеж му, Сборник Илинден, София, 1926, 139-140
  14. Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт..., 399.
  15. Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт..., 399-400.
  16. Иван Катарџиев, Борба до победа, том еден, Мисла, Скопје, 1983, 535-536.
  17. Крсте Петков Мисирков, За македонските работи
  18. А. В. Амфитеатров, Земја на раздорот, Македонска книга, Скопје, 1990, 134
  19. А. В. Амфитеатров, Земја на раздорот, Македонска книга, Скопје, 1990, 134, додадено од Цветан Станоевски
  20. M. Malecki, Z zagadnien dialaktologii macedonskiej, Rocznik Slawistyczny (Krakow), XIV (1938), p.142
  21. 21,00 21,01 21,02 21,03 21,04 21,05 21,06 21,07 21,08 21,09 21,10 21,11 21,12 21,13 21,14 21,15 21,16 21,17 21,18 21,19 21,20 21,21 21,22 21,23 21,24 21,25 21,26 21,27 21,28 21,29 Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското револуционерно националноослободително движење во Солунскиот вилает 1893-1903, Табернакул - Филозофски факултет, Скопје, 2003
  22. Спомени на Борис Сарафов,38.
  23. Спомени на Борис Сарафов, 38-40.
  24. Мандатот на Гоце и Ѓорче Петров како задгранични претставници се состои од три етапи: 1) Првата, од нивното доаѓање во Бугарија до 1899 година. 2) Втората започнува со улогата на Задграничното претставништво во формирањето на комитетот на Борис Сарафов. 3) Третата и последна етапа се одбележува со клучната улога на ЗП по Солунската афера кога целиот ЦК на Организацијата во 1901 година бил уапсен.
  25. Спомени на Борис Сарафов - на македонски литературен език
  26. 26,0 26,1 26,2 26,3 Спомени - Ѓорче Петров
  27. Спомени - Борис Сарафов
  28. Александар Алексиев, Војдан Чернодрински, Мисла, Скопје, 1974
  29. 29,0 29,1 Ванчо Ѓорѓиев, ВМРО 1893-1903. Поглед низ документи, Матица македонска - Скопје, 2013
  30. 30,0 30,1 Димитар Димески, Гоце Делчев, Јубилејно издание 100 години од смрта на Гоце Делчев (1903-2003), Матица македонска, Институт за историја - Филозофски факултет Скопје, 2003
  31. Спомени - Ѓорче Петров
  32. „Интервју на дописник од британски „Тајмс" со Борис Сарафов на 12 април 1901“ (PDF). Архивирано (PDF) од изворникот 2008-02-27. Посетено на 2008-02-27.
  33. 33,00 33,01 33,02 33,03 33,04 33,05 33,06 33,07 33,08 33,09 „Освободителнитѣ борби на Македония“, том II Следъ Илинденското възстание, Издателство на Илинденската организация, София, 1943.
  34. Д. Димески, „Солунски јануарски конгрес на македонската револуционерна организација 1903 година“, ГИНИ, бр. 2, Скопје 2001.
  35. 35,0 35,1 Спомени на Дамянъ Груевъ, Борисъ Сарафовъ и Иванъ Гарвановъ, сообщава: Љ. Милетичъ, София, 1927
  36. Спомени на П. Кљашев..., 242
  37. Васил Чекеларов, Дневник..., 223
  38. Манол Пандевски, Македонското ослободиѕелно дело..., том втори, 267
  39. 39,0 39,1 Спомени на Борис Сарафов
  40. Љубен Лапе, Нови документи за Илинденското востание, Илиндеснки зборник 1903-1953, Скопје, 1953
  41. Спомени на Дамяан Груевъ..., 24
  42. Извештаи од 1903-1904 година на австриските претсвници од Македонија..., 71
  43. Лапе Љ., Нови документи за Илинденското востание, Илинденски зборник 1903-1955, Скопје, 1953.
  44. Димитар Димески, Македонската револуционерна организација по Илинден (во пресрет на окружните конгреси), Годишен заборник на Филозофски факултет, книга, 19 (45), Скопје, 1992
  45. Даме Груев, Живот и дело, част I,..., 305
  46. 46,0 46,1 Ристовски Блаже, Даме Груев во извештаите на српскиот дипломатски застапник во Софија во 1905 година, Зборник - Даме Груев 1871-1906, истражувања и материјали, Битола, 1981
  47. 47,00 47,01 47,02 47,03 47,04 47,05 47,06 47,07 47,08 47,09 Христо Силянов, „Освободителнитѣ борби на Македония“, том II Следъ Илинденското възстание[мртва врска], Издателство на Илинденската организация, София, 1943. (бугарски)
  48. 36 години во ВМРО - Спомени на Кирил Прличев, издателство ВЕДА-МЖ, 1999, ISBN 954-8090-01-5
  49. 49,00 49,01 49,02 49,03 49,04 49,05 49,06 49,07 49,08 49,09 49,10 49,11 49,12 49,13 49,14 49,15 49,16 49,17 49,18 Ванчо Ѓорѓиев, Петар Поп Арсов. Прилог кон проучувањето на македонското националноослободително движење, Матица македонска, Скопје, 1997.
  50. ДАСИП-Београд, Дипломатско заступништво Србија-Софија, П. П. оддел, фасц, IX, 1907, пов. бр. 479/7.XII.1907
  51. 51,0 51,1 51,2 51,3 51,4 "Освободителнитѣ борби на Македония", том II Следъ Илинденското възстание, Издателство на Илинденската организация, София, 1943.
  52. „Објавена е биографијата на Борис Сарафов од Павел Шатев“. Архивирано од изворникот на 2016-03-05. Посетено на 2015-05-22.
  53. „Споменик на Борис Сарафов“. Архивирано од изворникот на 2014-08-25. Посетено на 2015-05-23.
  54. Град Скопје преименува улици
  55. „Зоран Тодоровски“. Архивирано од изворникот на 2016-03-05. Посетено на 2015-05-22.
  56. Документарен филм за Борис Сарафов
  57. ПАНИХИДА ЗА МАКЕДОНСКИОТ РЕВОЛУЦИОНЕР БОРИС САРАФОВ
  58. „Ќе имаше ли Илинден без Сарафов?!“. Архивирано од изворникот на 2011-03-03. Посетено на 2015-05-23.
  59. „Борис Сарафов – Го славиме востанието, ама не и водачот“. Архивирано од изворникот на 2015-04-28. Посетено на 2015-05-23.
  60. „Санкт -Петербургские Ведомосты“ 21 август (2 септември) 1902.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]


Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Статијата „Борис Сарафов“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).