Михаил Бакунин

Од Википедија — слободната енциклопедија
Михаил Бакунин
Роден 30 мај 1814
Прјамухино, Русија
Починал 1 јули 1876
Берн, Швајцарија
Занимање Анархистички револуционер и политички есеист.

Михаил Александрович Бакунин (руски: Михаил Александрович Бакунин; 30 мај 18141 јули 1876) — прочуен револуционер и еден од „татковците“ на современиот анархизам.

Рани години[уреди | уреди извор]

Михаил Александрович Бакунин е роден во 1814 во аристократско семејство во селото Прјамухино помеѓу Торжок и Кувшиново, во Тверската губернија, северозападно од Москва. На возраст од 14 години оди во Петроград, каде што се здобива со воена обука при Универзитетот за артилерија. Ги завршува студиите во 1832 година, а во 1834 е назначен за помлад офицер во Руската Царска Гарда и бил испратен во Минск и Гардинас во Литванија (денес Белорусија). Тоа лето, Бакунин се најде во семејна расправија, каде што ја зазема страната на сестра си, која се бунтува поради несреќниот брак. И покрај желбите на татка си да продолжи во воената или цивилната служба, Бакунин оди во Москва со надеж дека ќе студира филозофија.

Интерес за филозофијата[уреди | уреди извор]

Во Москва, Бакунин брзо се стекнува со пријатели кои се поранешни универзитетски студенти и се ангажира во систематска студија за идеалистичката филозофија, групирана околу поетот Николај Станкевич,

храбриот пионер кој го отвори широкиот и плоден континент на германската метафизика кон руската мисла

—E. H. Carr

. Филозофијата на Имануел Кант од почетокот зазема централно место во нивните студии, потоа следел Шелинг, Фихте и Хегел. Во есента 1835, Бакунин започна со формирање на филозофски кружок во неговиот роден град Прјамухино. Во 1836, Бакунин се враќа во Москва, каде што објавува преводи од Фихте како Some Lectures Concerning the Scholar's Vocation и The Way to a Blessed Life, која патем стана негова омилена книга. Со Станкевич тој исто така го чита Гете, Шилер, Жан Пол и Хофман.

Тој имаше големо влијание од Хегел. За време на овој период тој се запознава со социјалистите Александар Херцен и Николај Огарев, како и славофилите Константин Аксаков и Петар Чадаев. Во овој период тој почнува да ги развива своите пансловенски погледи.

Студирање во Германија[уреди | уреди извор]

По долги расправии со својот татко, Бакунин оди во Берлин во 1840 година и ги слуша предавањата на Фридрих Вилхелм Јозеф фон Шелинг. Неговиот тогашен план беше да стане универзитетски професор („свештеник на вистината“, според него), но тој набрзо им се придружи на радикални студенти на таканаречената “хегелијанска левица”, со што се придружи и на социјалистичкото движење во Берлин.

По три семестри изминати во Берлин Бакунин оди во Дрезден каде се спријателува со Арнолд Руге. Тука го чита делото Der Sozialismus und Kommunismus des heutigen Frankreich на Лоренц фон Штајн со што ја разгорува страста за социјализмот. Тој ги напушта своите интереси во академската кариера, посветувајќи се повеќе време на промовирање на револуција. Руската влада, која станува свесна за неговиот радикализам, му наредува да се врати во Русија. По неговото одбивање, неговата сопственост била конфискувана. Тој отишол со Георг Хервег во Цирих, Швајцарија.

Швајцарија, Брисел и Париз[уреди | уреди извор]

За време на шест-месечниот престој во Цирих, се поврзува со германскиот комунист Вилхелм Вајтлинг. Сè до 1848 тој остана во добри односи со германските комунисти, повремено нарекувајќи се себеси комунист и пишувајќи статии за комунизмот во Schweitzerische Republikaner. Се пресели во Женева кратко по апсењето на Вајтлинг. Неговото име често се споменувало во материјалите на Вајтлинг кои беа запленети од полицијата. Овие извештаи стигнаа до царската полиција. Рускиот амбасадор во Берн, му нареди на Бакунин да се врати во Русија, но наместо тоа тој отиде во Брисел, каде запозна многу водечки полски националисти, како Јоаким Лелевел. Тој се судри со нив за нивното барање за историска Полска со границите од 1776, тој го бранел правото за автономија на не-Полјаците во истите територии. Тој исто така не го поддржувал нивниот клерикализам, а пак тие не ги поддржуваа неговите повици за еманципација на селанството.

Во 1844 Бакунин оди во Париз, во тоа време центар на европскиот радикализам. Тој остварува контакти со Карл Маркс и со анархистот Пјер Жозеф Прудон, кој го импресионира многу.

Во декември 1844, царот Николај I потпишува декрет за укинување на привилегиите на Бакунин како благородник, забранувајќи му ги граѓанските права, конфискувајќи ја неговата земја во Русија и прогонувајќи го во доживотно прогонство во Сибир, ако го фатат. Тој реплицира со долго писмо во La Réforme, каде го нарекува царот деспот и бара демократија во Русија и Полска. Во март 1846 во друго писмо во the Constitutionel ја брани Полска, следејќи ги репресиите од католиците таму. Некои полски бегалци од Краков, по поразот од востанието таму, го поканија да зборува на состанокот во ноември 1847 по повод полското востание од 1830 година. Во неговиот говор Бакунин повикува за сојузништво помеѓу полскиот и рускиот народ против царот. Како резултат на сето тоа, тој бил избркан од Франција, по што повторно отиде во Брисел.

Панславизам и револуцијата[уреди | уреди извор]

Обидот на Бакунин да ги вовлече Александар Херцен и Висарион Белински во заговорничка акција за револуција во Русија беше неуспешен. Во Брисел, Бакунин ги обнови контактите со револуционерните Полјаци и со Карл Маркс. Тој одржа говор на состанок организиран од Лелевел во февруари 1848 за големата иднина на Словените. Во меѓувреме руската амбасада пушта гласини дека Бакунин е руски агент. Како што револуционерното движење избиваше на површина, Бакунин е екстатичен, и покрај разочарувањето од фактот дека малку работи се случуваат во Русија. Бакунин обезбеди средства од социјалисти како Фердинанд Флокон, Луј Блан, Александар Огуст Ледри Ролан и Алберт Ловриер, за проект за Словенска федерација и ослободување на оние кои беа под пруска, австроунгарска и турска власт. Тој ја напушта Германија патувајќи преку Баден до Франкфурт и Келн. Тој ја поддржа Германската Демократска Легија предводена од Хервег. Тој ги влоши односите со Маркс, поради последната критика на Маркс за Хервег. Многу подоцна, во 1871, Бакунин ќе запише:

Јас морам отворено да признаам дека во оваа контроверзна ситуација Маркс и Енгелс беа во право. Тие го нападнаа Хервег на лична основа кога тој не беше таму да се брани. Се конфронтирав со нив лице в лице, каде жестоко го бранев Хервег, и тогаш започнаа нашите заемни антипатии”.


Тој отиде во Берлин, но беше спречен од полицијата да оди во Посен, дел од Полска кој беше окупиран од Прусија, каде што се будеше националната свест на народот таму. Така Бакунин отиде во Лајпциг и Бреслав, потоа во Прага каде зема учество во Првиот пансловенски конгрес. Тој се врати во Бреслав, каде Маркс го реобјави тврдењето дека Бакунин е царски агент, тврдејќи дека Жорж Санд имал доказ. Маркс ја повлекува изјавата по одбраната на Жорж Санд на Бакунин.

Бакунин го објавува неговиот Апел до Словените есента 1848, каде предлага на обединување на револуционерите Словени со Унгарците, Италијанците и Германците со цел да ги отфрлат трите главни автократии во Европа како Руската Империја, Австроунгарското Царство и Кралството Прусија.

Бакунин одигра важна улога во Мајското востание во Дрезден 1849 година, помагајќи да се организира одбраната на барикадите од пруските војски, заедно со Рихард Вагнер и Вилхелм Хајне. Го заробија во Хемниц и го држеа тринаесет месеци пред да биде осуден на смрт од страна на властите во Саксонија. Бидејќи беше баран и од властите на Австрија и Русија, пресудата се смени во доживотен затвор. Во јуни 1850, го предаваат на властите од Австрија. Единаесет месеци подоцна, тој повторно е осуден на смртна казна и повторно казната се менува во доживотен затвор. Конечно во мај 1851, Бакунин е предаден на властите во Русија.

Затвор, признание и егзил[уреди | уреди извор]

Бакунин е однесен во тврдината Св. Петар и Св. Павле. Беше посетен од страна на грофот Орлов, емисар на царот, кој му предлага да напише изјава која ќе го стави Бакунин, како духовно така и физички, во рацете на Руската држава. Бакунин му пишува на царот:

Го сакате моето признание. Но, мора да знаете дека грешникот не е обврзан да ги открива не-делата на другите. Јас ја имам само честа и совеста дека никогаш не сум ги предал оние кои ми веруваат, и ете затоа нема да ви дадам имиња.


Читајќи го писмото царот Николај I забележува:

Тој е добар човек, полн со дух, но е опасен и ние не треба да престанеме да го набљудуваме.


Ова признание е прилично контраверзно. Постојат и поинакви толкувања на истото.

По три години во занданите на тврдината Св. Петар и Св. Павле, тој поминува уште четири години во замокот Слиселбург. Тука, тој пати од болест на забите кои му паѓаат како резултат на исхраната. Тој подоцна вели дека нашол одредено олеснување од ментална гледна точка во легендата за Прометеј. Ужасните услови во кои се наоѓа, како и долгото време поминато во затвор, имплицираат да тој побара од брат му да го снабди со отров. По смртта на Николај I, новиот цар Александар II лично го брише од листата за амнестија. Во февруари 1857, неговата мајка молејќи го царот успева да го прогонат во перманентен егзил, во сибирскиот град Томск.

Животот во Сибир[уреди | уреди извор]

За речиси неполна година по пристигнувањето во Томск, Бакунин се жени со Антонија Квијатковска, ќерка на полски трговец. Во август 1858 Бакунин е посетен од негов втор братучед, грофот Николај Муравјов-Амурски, кој е гувернер на Источен Сибир десетина години. Муравјов бил либерал, а Бакунин како негов роднина му станал омилен. Во пролетта 1859, Муравјов му помага на Бакунин за работа која ќе му овозможи на Бакунин да се пресели со сопругата во Иркутск, главен административен и културен центар на Источен Сибир во тоа време.

Тоа му овозможува на Бакунин да биде дел од круг на луѓе чии политички дискусии се позиционирани во колонијалниот штаб на Муравјов. Негодувајќи од третманот на Петроград спрема колонијата, која се користи како отпад за бунтовници од страна на бирократите во Петроград, се појави предлог за Соединети Држави на Сибир, независни од Русија, како примерот со Соединетите Американски Држави. Во тој круг на луѓе беа: Кукел кој е шеф на персоналот на Муравјов, инаку поврзан со Петар Кропоткин и кој ги има сите дела на Александар Херцен, потоа цивилниот гувернер Изволски, заменикот и можен наследник на Муравјов генералот Александар Додуков-Корсаков. Кога Херцен го критикува Муравјов во The Bell, Бакунин ревносно го брани Муравјов.

Благодарение на влијанието на Муравјов, Бакунин заработуваше 2000 рубљи годишно без да работи нешто конкретно. Сепак, Муравјов беше присилен да се повлече од позицијата како генерален гувернер, делумно поради неговите либерални погледи, делумно поради стравувањата на Петроград дека тој може да му донесе независност на Сибир. Така на таа позиција доаѓа Корсаков, кој на Бакунин му дава писмо за да може да патува на било кој брод на реката Амур под услов да се врати кога ќе пристигне мразот.

Бегство од егзил и враќање во Европа преку Јапонија и Америка[уреди | уреди извор]

На 5 јуни 1861, Бакунин го напушти Иркутск како сибирски трговец кој патува до Николаевск. Веќе на 17 јули тој се наоѓа на рускиот воен брод Стерлок, а на пристаништето Олга, Бакунин ќе успее да го убеди американскиот капетан на бродот SS Vickery да го качи на бродот. На 6 август тој се наоѓа во Хакодате на јапонскиот остров Хокаидо, а потоа оди во Јокохама. Во Јапонија Бакунин се најде со Вилхелм Хајне. Тој исто така се сретна со германскиот ботаничар Филип Франц фон Зиболд кој пак беше инволвиран во отворање на Јапонија кон Европејците, особено кон Русите и Холанѓаните, но беше и пријател на Муравјов.

Тој ја напушта Јапонија од Канагава како еден од деветнаесетмината патници на бродот SS Carrington меѓу кои беа Хајне, П. Ф. Кое и Жозеф Хеко. Хеко изигра многу важна улога осум години подоцна во советување на Кидо Такајоши и Ито Хиробуми за време на отфлањето на феудалниот шогунат Токугава. Тие пристигнаа во Сан Франциско на 15 октомври. Во периодот пред да се изградат транс-континенталните железнички пруги, најбрзиот пат до Њујорк беше преку Панама, по тој пат Бакунин пристигна во Њујорк. Во Бостон тој ја посети Керол Форстер, приврзаник на Лудвик Миерославски за време на револуцијата од 1848 во Париз, а се сретна и со Фридрих Кап кој исто така беше ветеран од таа револуција. Тој потоа отплови за Ливерпул од каде пак продолжи за Лондон за да се види со Херцен.

Враќање кон револуционерниот активизам[уреди | уреди извор]

По пристигнувањето во Европа, Бакунин веднаш се поврза со револуционерното движење. Тој во 1863 се придружи на револуционерната експедиција што требаше да ја помогне полската инсурекција против царот, но по поразот Бакунин оди во Шведска. Во 1864 тој допатува во Италија каде почнува да ги развива своите анархистички идеи. Тој го зачна планот за формирање на тајна организација на револуционери кои ќе продолжат со пропагандата и подготовките за директна акција. Тој регрутираше Италијанци, Французи, Скандинавци, Словени во Интернационалното Братство, познато и како Алијанса на Револуционерни Социјалисти. До јули 1866 тој ги информираше Херцен и Огарев за плодовите на својата работа за претходните две години. Неговото тајно друштво имаше членови од Шведска, Норвешка, Данска, Белгија, Англија, Франција, Шпанија, Полска и Русија. Во неговото дело „Револуционерен катехизам“ од 1866, тој се спротивставува на религијата и државата, и предлага:

апсолутно отфрлање на секаков авторитет вклучувајќи го и оној каде што се жртвува слободата за сметка на државата.


Лига за Мир и Слобода[уреди | уреди извор]

За време на периодот од 1867 до 1868, Бакунин одговори на повикот на Емил Аколас со инволвирање во Лигата за Мир и Слобода, за која напиша подолг есеј наречен Федерализам, Социјализам и Антитеологизам. Тој тука предлага федерален социјализам, и се заснова на делата на Прудон. Тој ја поддржува слободата за здружување и правото на сецесија на секоја единка од федерацијата, но потенцира дека:

Слободата без социјализам е привилегија, неправда; социјализам без слобода е ропство и бруталност.


Бакунин одигра проминентна улога на Женевската Конференција (септември 1867) и влезе во Централниот Комитет. На основачката конференција присуствуваа околу 6000 луѓе.

На конгресот на Лигата во Берн 1868 тој како и социјалистите Елизе Реклу, Аристид Реј, Жаклард, Џузепе Фанели, Н. Јуковски, В. Мрачковски и некои други го сочинуваа малцинството. Тие се отцепија од Лигата и ја создадоа Интернационална Алијанса на Социјалистичка Демократија која имаше усвоено револуционерна социјалистичка програма.

Првата Интернационала и ширењето на анархистичкото движење[уреди | уреди извор]

Во 1868, Бакунин се приклучи на женевската секција на Првата Интернационала, каде тој беше многу активен сè додека не беше избркан од Интернационалата од страна на Карл Маркс и неговите следбеници на Хашкиот конгрес во 1872.

Во 1869 на Социјал Демократската Алијанса не и беше дозволено за влезе во Првата Интернационала, врз основа на аргументите дека и самата организација е меѓународна организација, со што само на национални организации им беше дозволено членство. Алијансата се распадна на помали групи кои се придружија на Интернационалата посебно.

Помеѓу 1869 и 1870, Бакунин се поврзува со револуционерот Сергеј Нечаев. Сепак Бакунин ги раскинува врските со Нечаев поради језуитските методи на истиот, каде сите средства се оправдани за да се постигнат целите на револуцијата.

Во 1870 Бакунин беше водач на востанието во Лион кое беше засновано на принципи кои ќе се јават подоцна на Париската Комуна, повикувајќи на општо востание како реакција на падот на владата на Франција за време на Француско-Пруската војна, со цел да се трансформира империјалистичката војна во социјална револуција. Во неговите писма до еден французин за моменталната криза, тој цели кон алијанса на работничката класа и селанството:

ние мора да ги шириме нашите принципи, не со зборови туку со дела, бидејќи ова е најпопуларна и најпотентена и најнеодолива форма на пропаганда.


Бакунин беше силен поддржувач на Париската Комуна од 1871, која беше брутално задушена од француската влада. Тој ја гледаше комуната пред сè како „бунт против државата“ и предлагаше не само напуштање на државата, туку и напуштање на револуционерното диктаторство. Во серија памфлети, тој ја бранеше Комуната и Првата Интернационала од италијанскиот националист Џузепе Мацини, со што ги привлече италијанските републиканци во Интернационалата и кон каузата за револуционерен социјализам.

Несогласувањата на Бакунин со Маркс, што го предизвикаа исклучувањето на Бакунин од Интернационалата во 1872, ги илустрираа растечките разлики помеѓу анти-авторитарците, кои се залагаа за директна револуционерна акција и организација на работниците со цел да се напушти државата и капитализмот, и социјал-демократите во сојуз со Маркс, кои се залагаа за освојување на политичката моќ од страна на работничката класа. Анти-авторитарците создадоа нивна Интернационала на конгресот во St. Imier и ја усвоија револуционерната анархистичка програма.

Иако Бакунин ги прифати анализите на класата на Маркс и економските теории што се однесуваа за капитализмот, со што го признава и „генијот на Маркс“, тој го сметаше Маркс за арогантен и неговите методи ги сметаше за опасни за социјалната револуција. Бакунин исто така го критикуваше „авторитарниот социјализам“ (марксизам) и концептот на диктатура на пролетеријатот.

Ако ја земете најуспешната револуција и ја фокусирате кон апсолутната моќ, за помалку од една година би била полоша од самиот цар


Бакунин се повлекува во Лугано во 1873, и умира во Берн на 13 јуни 1876 година.

Политички убедувања[уреди | уреди извор]

Политичките убедувања на Бакунин одбиваа секаков вид на владеачки системи, почнувајќи од идејата за бог. Тој во Dieu et l’Etat(Господ и Државата) напиша:

Слободата на човекот се состои само во тоа што тој се потчинува на законите на природата бидејќи самиот ги препознава како такви, а не бидејќи тие беа наметнати над него од нечија надворешна волја без разлика дали таа волја е човечка, божествена, колективна или пак поединечна.


Бакунин исто така ја одбива и позицијата на привилегираната класа:

чудното кај привилегијата и секоја привилегирана позиција е убивањето на интелектот и срцето кај човекот. Привилегираниот човек, без разлика дали е привилегиран политички или економски, е човек со изопачени интелект и срце


Политичките убедувања на Бакунин се засновани на неколку меѓусебно поврзани концепти како: слободата, социјализмот, анти-теизмот и материјализмот. Тој исто така разви и прецизна критика за марксизмот, предвидувајќи дека ако марксистите ја заземат моќта во свои раце, тие ќе создадат партиско диктаторство:

уште поопасно, бидејќи претставува лажен израз за волјата на народот“.


Критика за марксизмот[уреди | уреди извор]

Несогласувањето помеѓу Михаил Бакунин и Карл Маркс ги потенцираше разликите помеѓу анархизмот и марксизмот. Бакунин решително се спротивставуваше на оние аспекти од марксизмот што гледаа кон контрола на државата. Тој напиша:

Тие(марксистите) тврдат дека само диктатурата - нивната диктатура, се разбира - може да ја создава волјата на народот, додека нашиот одговор на ова е: Секоја диктатура нема да има друга цел освен онаа на само-обновување и може да наметне само ропство на луѓето кои ќе го толерираат тоа; слободата може да се создаде само со слобода, т.е. со универзален бунт од страна на луѓето и слободните организации на работните маси од дното па нагоре.


Додека и анархистите и марксистите ја делат истата цел, создавање на слободно, егалитарно општество без класи и без влада, тие не се согласуваат на начинот како да се постигне таа цел. Анархистите веруваат дека општество без држави и без класи треба да биде воспоставено преку директната акција на масите, кулминирајќи со социјална револуција и одбивање на каква било преодна фаза како диктатура на пролетаријатот, бидејќи таквата диктатура ќе стане само-обновлива.

За Бакунин, фундаменталната контрадикција е дека за марксистите,

анархизмот или слободата е целта, додека државата и диктаторството се средствата, па така за да се ослободат масите, тие мора прво да бидат поробени.


Сепак Бакунин напиша за средбата со Маркс во 1844:

Што се однесува до учењето, Маркс беше и уште е неспоредливо понапреден од мене. Јас тогаш не знаев ништо за политичка економија, јас сѐ уште се немам ослободено од метафизичките опсервации... Тој ме нарече сентиментален идеалист и беше во право...


Бакунин сметаше дека економската анализа на Маркс е многу корисна и започна да го преведува Капиталот на руски. За возврат Маркс напиша за бунтовниците од дрезденската инсурекција од 1848:

Во рускиот бегалец Мухаил Бакунин тие видоа способен водач кој размислува со ладна глава.


Маркс му пиша на Енгелс за средбата со Бакунин во 1864 по бегството од Сибир велејќи:

Во целост тој е еден од неколкумината со кој јас не сум ги уназадил односите по 16 години, туку сум ги развил уште повеќе.

Бакунин сметаше дека:

државата отсекогаш била патрон на некоја привилегирана класа: свештеничка класа, аристократска класа, буржоаска класа. Конечно кога сите други класи ќе се поништат самите, тогаш државата ќе стане патрон на бирократската класа, а потоа ќе падне или ако сакате ќе се воздигне на позицијата на машината.


Дела на Бакунин[уреди | уреди извор]

  • Реакцијата во Германија, 1842
  • По повод 17-годишнината од полското востание, 1847
  • Апел до Словените, 1848
  • Исповед до царот Николај I, 1851
  • Писмо до Херцен и Огарев, 3 октомври 1861
  • Писмо до Херцен и Огарев, 1861
  • Писмо до Херцен и Огарев, 1861
  • Проект декларација за полскиот народ, 1861
  • Каде стојам јас, 1862
  • Писмо до Херцен и Огарев, 17 август 1863
  • Револуционерен катехизам, 1866
  • Национален катехизам, 1866
  • За основањето на Работничката Интернационала
  • Моќта најдобро корумпира, 1867
  • Работниците и Сфингата, 1867
  • Солидарност во Слободата: Патот на работниците до Слободата, 1867
  • Федерализам, Социјализам, Анти-Теологизам, 1867
  • Четири писма до другарите од Locle и Chaux-De-Fonds, 1869
  • Програма на Интернационалната Алијанса за Социјалистичка Демократија, октомври 1868
  • За образованието, јули 1869
  • Политиката на Интернационалната Работничка Асоцијација, август 1869
  • Програма на Интернационалното Братство, 1869
  • Политика на Советот, 1869
  • Организацијата на Интернационалата, 1869
  • За Универзалното Гласање, 1870
  • Црвената Асоцијација, 1870
  • Класна Војна, 1870
  • Германската Криза, 1870
  • За Социјалната Промена, 1870
  • Писмо до Алберт Ричард, 1870
  • Писмо до еден францизин за сегашната криза, 1870
  • Бог и Државата, 1871
  • Бог или Труд: Двата кампа
  • Комуната, Црквата и Државата
  • Што е авторитет?, 1871
  • Човек, Општество и Слобода, 1871
  • Политики и Државата, 1871
  • Спомени за Маркс и Енгелс, 1869-71
  • Марксизам, Слобода и Државата, 1870-72
  • За програмата на Алијансата, 1871
  • Париската Комуна и идејата за Држава, 1871
  • Капиталистичкиот Систем, 1871
  • Писмо до La Liberté, 1872
  • За Интернационалата и Карл Маркс, 1872
  • Државност и Анархија, 1873
  • Теоријата на Русо за Државата
  • Етика: Моралност на Државата
  • Бездржавен Социјализам: Анархизам
  • Писмо до другарите од Јурската Федерација, 1873
  • Писмо до Élisée Reclus, 1875

Надворешни врски[уреди | уреди извор]