Анархистички комунизам

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Анархистичкиот комунизам е форма на анархизам што предлага напуштање на државата и капитализмот во однос на хоризонтална мрежа на доброволни асоцијации каде што секој и секоја ќе биде слободен и слободна да ги задоволи сопствените потреби.

Анархистичкиот комунизам е исто така познат и како анархокомунизам, комунистички анархизам или понекогаш слободарски комунизам. Сепак, додека сите анархокомунисти се слободарски комунисти, некои од слободарските комунисти, како на пример советничките комунисти, не се анархисти. Тоа што го разликува анархистичкиот комунизам од варијантите на слободарскиот комунизам е во спротивставувањето на сите форми на политичка моќ, хиерархија или доминација.

Анархистичкиот комунизам го потенцира егалитаризмот, напуштањето на општествените хиерархии и класните разлики што потекнуваат од нееднаквоста на распределбата на богатството, како и напуштање на капитализмот и парите, колективно производство и распределување на богатството со средствата на доброволните асоцијации. Во анархистичкиот комунизам, државата и сопственоста не постојат. Секоја индивидуа или група е слободна да допринесе кон производството и да си ги задоволи потребите базирани на нивниот избор. Системите на производство и распределување се управуваат од оние кои земаат учество во истите.

Напуштањето на платениот труд е централна тема во анархистичкиот комунизам. Со распределување на богатството според сопствените потреби, луѓето ќе бидат слободни да воспостават било какви активности во кои наоѓаат исполнување и нема повеќе да работат нешто што не сакаат и немаат темперамент кон тоа. Анархистичките комунисти сметаат дека не постои валиден начин за мерење на вредноста на нечии економски придонеси, бидејќи сето богатство е колективен производ на сегашните и претходните генерации. Анархистичките комунисти сметаат дека било кој економски систем базиран на платен труд и приватна сопственост ќе има потреба од насилен државен апарат кој ќе ги засили правата на сопственост и ќе ги одржи нееднаквите економски врски кои неизбежно ќе се покренат.

Добро познати анархистички комунисти се: Петар Кропоткин, Ерико Малатеста и Нестор Махно. Кропоткин е често сметан како еден од најважните теоретичари на анархистичкиот комунизам, тој ги подвлекува неговите економски идеи во книгите: "Освојувањето на лебот" и "Полиња, фабрики и работилници". Кропоткин сметал дека соработката има повеќе предности од натпреварувањето, во книгата "Взаемна помош: Фактор за еволуција", тој тоа го покажува дека е така во природата. Анархокомунистичките идеи имаа големо влијание врз запознавањето со анархизмот во Јапонија, преку напорите на Котоку Шусуи во раните 1900-ти, кој кореспондирал со Кропоткин и ги има преведено неговите дела. Александар Беркман и Ема Голдман (кои и двајцата беа депортирани од САД во 1919) станаа едни од најважните пропоненти на "Комунистичкиот анархизам" и станаа особено критични кон Болшевизмот откако ја открија неговата запрепастувачка реалност од прва рака во Русија и откако Црвената армија го задуши Кронштатското востание. Тие пак имаа влијание и од емигрантот од Германија Јохан Мост, кој пак пред тоа има придонес во анархокомунистичката мисла во Британија, преку неговиот контакт Франк Киц во Лондон околу 1880.

Многу платформисти се сметаат себеси како анархистички комунисти, иако други анархистички комунисти не се согласуваат со одредени делови од Организационата платформа, документ каде што прашањето за "колективната одговорност" е подржана од Махно, но не и од Малатеста.[1] Воопшто анархистичките комунисти се критични кон некои аспекти од анархосиндикализмот според кој работното самоуправување од страна на работниците е од фундаментално значење за целите како и за средствата кон постигнувањето на општествената револуција и се уште ги одржува економските врски на награда од трудот и размена.

Денешните анархокомунисти се претставени во Интернационалата на Анархистички федерации.

Наводи[уреди]

  1. ОРГАНИЗАЦИОНА ПЛАТФОРМА НА ГЕНЕРАЛНИОТ СОЈУЗ НА АНАРХИСТИ

Надворешни врски[уреди]

Статии за анархо-комунизмот[уреди]

Анархокомунистички веб места и портали[уреди]