Марксизам

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Марксизмот е социјалистичка политичка и општествена теорија втемелена врз делата на Карл Маркс и Фридрих Енгелс. Марксизмот беше еден од највлијателните правци во меѓународното работничко движење во 19 век и, како марксизам-ленинизам, основа првенствено за комунистичкото движење во 20 век. Денес, по падот на комунистичките режими во бившиот Советски Сојуз и во Источна Европа, привлечноста на марксизмот значително опадна, иако првенствено, иако не и исклучиво, комунистичките групи и партии сè уште го сметаат марксизмот како основа на својата партиска идеологија.

Во текот на животот на Маркс, марксизмот беше далеку помалку влијателен отколку по смртта на Маркс во 1883. Оттогаш, марксизмот почна да ја зацврстува својата позиција како највлијателна идеологија на новоформираните работнички партии во Западна и Средна Европа и во Северна Америка.

Сепак, многу брзо настанаа поделби во рамките на марксистичкото движење. Основното прашање околу кое настанаа спорови беше дали капитализмот може да биде заменет со социјализам само преку револуција или е можен мирен, реформски пат во социјализам. Поделбите во врска со ова прашање по Болшевичката револуција од октомври 1917 доведе до расцеп на дотогаш единствените социјалдемократски партии помеѓу приврзаниците на Владимир Илич Ленин и на Болшевичката револуција, кои се нарекоа комунисти, и оние што поради различни причини не се согласуваа со режимот што болшевиците го воведоа во Русија по револуцијата и кои останаа во социјалдемократските партии, задржувајќи го името “социјалдемократи”. На почетокот и двете страни тврдеа дека токму тие се вистинските следбеници на Маркс и дека другата страна го искривува Марксовото учење, но со текот на времето социјалдемократите се откажаа од својата посветеност на марксизмот и марксизмот почна сè повеќе да се идентификува со неговата ленинистичка варијанта.

Основни поставки на марксизмот[уреди]

Основни поставки на марксизмот се класната анализа на општеството, теоријата за одумирање на државата и трудовата теорија на вредноста.

  • Марксизмот инсистира дека сите досегашни општества, со исклучок на првобитната заедница, се општества поделени на класи. Односите помеѓу овие класи не се хармонични, туку антагонистички и доведуваат до класна борба помеѓу нив. Во капиталистичкото општество основни, иако не и единствени, класи се капиталистичката и работничката класа. Нивната класна борба, според марксизмот, ќе доведе до победа на работничката класа, создавање на социјалистичко општество и укинување на класите.
  • Државата не е неизбежна карактеристика на секое општество. Така, првобитната заедница беше бездржавна заедница, а бездржавна заедница ќе биде и идното комунистичко општество. Изградбата на бескласно и бездржавно општество по укинувањето на капитализмот, според Маркс ќе се одвива во две фази. Во првата, пониска фаза на комунизмот (обично нарекувана социјализам) сè уште ќе има потреба од државата, но со пренесувањето на власта врз народот, државата при преминот од пониската во повисоката фаза на комунизмот, односно при преминот од социјализам во комунизам, одумира.

Една од најкрупните дилеми во врска со марксизмот е проблемот на т.н. диктатура на пролетаријатот. Оваа концепција која Маркс ја спомна само неколкупати и воопшто не ја разработи, Ленин ја постави во самите темели на своето толкување на марксизмот и инсистираше дека диктатурата на пролетаријатот е период идентичен со социјалистичката фаза. Тоа во понатамошниот тек на развој на комунистичките режими доведе наместо до одумирање на државата до нејзино енормно ширење и јакнење кое доведе до создавање на тоталитарни режими во земјите на чие чело беа комунистички партии.

  • Трудовата теорија на вредноста Маркс ја споделуваше со некои свои претходници во економската теорија, како Адам Смит и Дејвид Рикардо. Основното во Марксовата верзија на трудовата теорија на вредноста е т.н. вишок на вредноста, која се однесува на неплатениот дел од трудот што го врши работникот, а преку кој производот ја зголемува својата вредност во однос на ресурсите од кои произлезе. Токму овој неплатен дел од трудот е основата за профитот на капиталистите.

Поттеории (варијанти) на марксизмот[уреди]

Надворешни врски[уреди]

Македонска архива на марксизмот