Карл Маркс

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Карл Маркс

Marx in 1875
Роден Карл Хајнрих Маркс
5 мај 1818(1818-05-05)
Трир, Кралство Прусија
Починал 14 март 1883(1883-03-14) (на 64 год.)
Лондон, Велика Британија
Школа Марксизам, Комунизам, Социјализам, Материјализам
Главни интереси политика, економија, филозофија, социологија, историја, класна борба,
Значајни идеи Коосновач на марксизмот (со Енгелс)
Потпис Karl Marx Signature.svg

Карл Маркс (Трир, 5 мај 1818 - Лондон, 14 март 1883) бил германски филозоф, политички економист и револуционер. Еден е од најистакнатите претставници на Меѓународното здружение на работниците (попознато како Прва интернационала) и е втемелувач на марксизмот. За најважно негово дело сме смета обемната тритомна расправа „Капиталот“.

Роден е во граѓанско семејство, кое во периодот на неговото раѓање од јудаизам преминува во христијанство. Неговиот татко бил адвокат, човек восхитен од идеалите на Француската револуција, со длабоки либерални чувства, во чиј дух го воспитувал и својот син.

Животен и интелектуален развој[уреди]

Маркс матурира 1835 година, во родниот град Трир. Студира право: прво, на универзитетот во Бон, потоа во Берлин. Дипломира 1841 година. Истата година го брани својот докторски труд од областа на античката филозофија, насловен За разликата помеѓу Демокритовата и Епикуровата филзофија на природата. Во текот на своето студирање, Маркс е близок до младохегелијанците, познати уште и како левохегелијанци. Како левоориентирани млади интелектуалции тие критички се однесуваат кон германската стварност, особено кон пруската монархија и кон религијата, сметајќи ги за основни виновници за состојбата во тогашна Германија (Прусија), која, според нивното мислење, била неспоредливо подолу од историското ниво на тогашна Франција, Англија, Белгија или Холандија, кои, за разлика од феудалистичка Прусија, биле веќе развиени капиталистички земји. Најистакнати мислители од тој младохегелијански круг биле: Мозес Хес, Арнолд Руге, браќата Едгар и Бруно Бауер. Извесно време на овој интелектуален круг му припаѓа и Лудвиг Фојербах.

Помеѓу младохегелијанците бил и Фридрих Енгелс. До првата вистинска средба помеѓу Маркс и Енгелс доаѓа во 1844 година во Париз, каде што Маркс бил веќе преселен со неговата сопруга. Во Париз поминуваат десетина дена заедно, доаѓајќи до сознанието дека нивните мислења се идентични и дека веќе битно се разликуваат од мислењата на нивните дотогашни истомисленици, младохегелијанците. Така, ја пишуваат нивната прва заедничка книга Светото семејство (1844) со јасни алузии на младохегелијанците. Наредното нивно дело е Германска идеологија (1846). Ова дело, забрането од цензурата, не било никогаш издадено за време на нивниот живот. Помеѓу Светото семејство и Германската идеологија Маркс ги пишува Тезите за Фојербах, кои, сеедно што како текст не се обемни, се сметаат за еден од најзначајните Марксови филозофски текстови, во кој на кондензиран начин е дадена суштината на новата филозофија. Најпознати се според последната, единаесетта теза: „Филозофите само различно го толкуваа светот, меѓутоа станува збор за тоа тој да се измени“, инаугурирајќи ја на тој начин идејата за филозофијата како чинител во измената на стварноста, а не само како нејзин толкувач/интерпретатор, која само надворешно ѝ приоѓа на стварноста. Всушност, низ сите единаесет тези провејува Марксовото инсистирање врз категоријата пракса (praxis), како темелна категорија на неговата филозофија и како принцип на неговото живеење: светот не само да се знае, туку, знаејќи го, и да се менува, бидејќи само така филозофијата може да ја оствари својата вистинска функција.

Учење[уреди]

Иако делото на Маркс се поврзува со повеќе различни области и теми, тоа е најпознато според сфаќањето на човечката историја како борба меѓу класите, сумирана во познатиот цитат од воведот на Комунистичкиот манифест: „Историјата на сите досегашни општества е историја на класната борба“.

Маркс своето учење за општеството не го нарекол социологија, туку историски материјализам, сакајќи на тој начин да ги надмине тогашните статички гледања на општеството и идеалистичките објаснувања на општествените настани. Марксовите анализи главно се насочени кон објаснување на општествените промени до кои дошло за време на индустриската револуција. Во таа смисла тој конституира една теорија дека општеството се движи напред врз основа на одредени противречности што постојат во негови рамки. Меѓу тие противречности посебно место заземаат спротивностите меѓу општествените класи. Во секое општество има една доминантна класа: во антиката тоа е робовладетелската класа, во феудализмот сопствениците на земјата - феудалците, а во капитализмот сопствениците на средства за производство, капиталистите.

Маркс посебно ја анализира современата фаза од развитокот на општеството. Според него, најважните промени се поврзани со развитокот на капитализмот кој како систем на производство радикално се разликува од другите претходни системи. Во другите систем доминантно е натуралното производство, а во капитализмот стоковно-паричното, односно се произведуваат стоки и се даваат услуги на широк круг потрошувачи. Тие што се сопственици на капиталот, односно фабрики, земја, финансиски институции и слично, се владејачка класа.

Маркс смета дека борбата меѓу капиталистите и пролетaријатот ќе биде последна фаза од класната борба (која ќе заврши со револуционен пресврт), и тоа општество ќе биде заменето со бескласно општество - комунизам, во кое ќе нема разлики меѓу богатите и сиромашните и ќе дојде до воспоставување на поправедно општество.

Марксовиот придонес за науката за општеството е огромен, но заедно со неговиот неразделен пријател Фридрих Енгелс оставиле длабоки траги не само во науката туку и во политичката практика во 19 и 20 век. Само до пред нешто повеќе од една деценија скоро половина од човештвото живееше во општества што се сметаа за социјалистички (комунистички), а огромен број интелектуалци (филозофи, социолози, економисти, уметници) се сметаа за марксисти и беа под огромно влијание на овој мислител. Помеѓу нив, на пример, беа Ѓерѓ Лукач и Ернст Блох. Понатаму, значајни се припадниците на Франкфуртската школа: Херберт Маркузе, Теодор Адорно, Ерих Фром, Макс Хоркхајмер, Валтер Бенјамин и Јирген Хабермас. Помеѓу другите, во Англија денес активно работат Ерик Хобсбаум и Пери Андерсон. Во САД сѐ уште е актуелен Фредерик Џејмсон. Еден од најголемите интелектуалци од 20 век, Жан Пол Сартр, постепено го модифицираше својот егзистенцијализам, сѐ повеќе приклонувајќи се кон марксизмот. Исто така, значајни се Антонио Грамши, Карл Корш и Луј Алтисе.

Позначајни дела[уреди]

  • Прилог кон критиката на Хегеловата филозофија на правото. Вовед (1843)
  • Економско-филозофски ракописи (1844)
  • Светото семејство (1846) (Заедно со Фридрих Енгелс)
  • Тезите за Фојербах (1845)
  • Германска идеологија (1846) (Заедно со Фридрих Енгелс)
  • „Манифест на Комунистичката партија“ (заедно со Фридрих Енгелс, 1848);
  • Осумнаесетти бример на Луј Бонапарта (1852)
  • „Кон критиката на политичката економија“ (1859)
  • Капиталот I (1867)
  • „Граѓанската војна во Франција“ (1871)
  • „Критика на Готската програма“ (1875) и други.

Поврзано[уреди]

Надворешни врски[уреди]