Ерменски геноцид (Ерменски масакр или Ерменски холокауст; (ерменски: Հայոց Ցեղասպանություն) — присилната масовна евакуација и убиството на неколку стотици илјади или преку милион Ерменци од страна на младотурскиот режим во Отоманската Империја. Настанот се случил во текот на Првата светска војна и бил споведен во две фази: масовно убиство на машката популација или нивна принудна работа, и депортација на жените и децата кон Сириската Пустина. Се проценува дека вкупниот број на загинати изнесува меѓу 1 и 1,5 милиони луѓе. Асирците, Грците и другите малцински групи биле исто така цел на истребување од страна на османлиската власт.
Русија и Турција влегуваат во Првата светска војна како непријатели. Турските власти на Ерменците во земјата ги сметале како големи поддржувачи. Во февруари 1915 година сите 60.000 мобилизирани ерменски војници биле затворени во работнички кампови и потоа биле убиени. Ерменците кои се наоѓале во непосредна близина на фронтот започнале да бегаат. Се смета дека почетниот датум на геноцидот е 24 април 1915, денот кога турските власти уапсиле околу 250 ерменски интелектуалци и лидери на заедниците во Константинопол. По ова следувало присилно иселување од нивните домови, лишувајќи ги од храна и вода во Сириската Пустина. Поголемиот дел од ерменската дијаспора била формирана како резултат од овие настани.
Некои основни моменти во врска со случувањата се предмет на жестоки дискусии помеѓу Ерменците и делови од меѓународната јавност, од една страна, и Турција. Иако главно постои согласност дека Ерменскиот геноцид навистина се случил, турската влада и неколку странски историчари ја отфрлаат квалификацијата „геноцид“ и тврдат дека не се работи за државно-спонзориран план за масовно истребување, туку дека Ерменците настрадале поради меѓуетничките тензии, болестите и гладот за време на Првата светска војна.