Цер (село)
Цер | |
Поглед на селото | |
Координати 41°25′0″N 21°4′29″E / 41.41667° СГШ; 21.07472° ИГД | |
Регион | Југозападен |
Општина | Кичево |
Област | Железник |
Население | 60 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 6255 |
Повик. бр. | 045 |
Шифра на КО | 12075 |
Надм. вис. | 1010 м |
Цер на општинската карта Атарот на Цер во рамките на општината | |
Цер на Ризницата |
Цер — село во областа Железник, во Општина Кичево, на патот помеѓу градовите Кичево и Демир Хисар. До март 2013 година, селото било дел од поранешната Општина Другово, која била споена со Општина Кичево.
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото се наоѓа во областа Железник, во крајниот југоисточен дел на територијата на Општина Кичево, чиј атар се допира со подрачјето на општините Македонски Брод, Крушево и Демир Хисар.[2] Селото е планинско, на надморска височина од 1.010 метри. Од градот Кичево е оддалечено 22 километри.[2]
Селото е сместено во залив на некогашно езеро, а околу селото се наоѓаат планините Лубен и Баба Сач.[3]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Крачунец, Кавчел, Магарево, Рамнин, Мал и Голем Коприн Дол, Црни Врх, Круша, Грнчаро’ец, Патериче, Преслоп, Стрмол, Шумко’а Ливада, Баба, Ливаѓе, Корито, Леско’а, Бело Камење и Буков Дол.[3]
Се простира помеѓу планините Баба Сач и Лубен во областа популарно наречена Преку Турла, бидејќи во близина се наоѓа преминот преку малата планина Турла (стариот пат кон Кичево). Селото се протега во источниот дел на Церското Поле, кое претставува најголемо карстно поле во Македонија (површина 9,5 км2, должина од 7,5 км, широчина 3,7 км). Сместено е на надморска височина од 990 m до 1050 m, во подножјето на планината Баба Сач (1.695 м) од север и Лубен (1.764 м) од југ.
Низ селото минува Церска Река која низводно од селото понира и се движи во подземјето на Церското Поле. Заедно со неколку околни реки, Церска Река излегува на површина кај селото Железнец и го образува врелото на Црна Река.
Иако административно селото е кичевско, сепак Цер е демирхисарско село.
Природно опкружување на местото
[уреди | уреди извор]Цер се наоѓа во претежно планински предел. Во неговата непосредна близина од северната страна се издига планината Лубен со осамениот и горделив врв Кавчел, висок 1762 метри. Врвот го зазема средишното место во западна Македонија. Од неговата височина се добива глетка на сите страни во Западна Македонија. Од овој врв може да се забележи: Пелистер, Кајмакчалан, Караџица, Шар Планина, Галичица, Кораб и Бистра. Двете планини - во непосредна близина на Цер имаат големи сличности. Нивните јужни делови се каменливи, но со одлични пасишта, а нивните северни страни се покриени со букова шума, посебно северниот дел на Баба Сач, познат под името Стрмол, каде опстојува големо богатство на стари букови стебла кои даваат посебна убавина.
Историја
[уреди | уреди извор]Цер е многу старо село, во пописниот дефтер од XV век во селото биле забележани 58 семејства, 3 неженети и 2 вдовици или вкупно 63. Селото настанало со уништувањето на 5 други помали населби, од каде жителите на петте села решиле да се префрлат во Цер, за да можат заеднички да се одбранат од непријателските пљачкосувања и насилства.[4]
За време на Брсјачката буна од ова село бил познат Анѓеле Танаскоски, кој заедно со Илија Јованоски (Илија Делија) и Мицко од Латово биле водачи на востанието. Анѓеле бил убиен во месноста Лопушник во близина на селата Душегубица и Лазарополе.[4]
Во XIX век, Цер било село во Демирхисарската нахија во Битолската каза на Отоманското Царство.
Селото има доста голема историја. За него може да се каже дека е еден од поголемите револуционерни села во текот на османлиската власт. За време на Илинденското востание, селото е нападнато од турски аскер и башибозук, при што се опожарени 189 од вкупно 245 куќи и се убиени 13 души.
За време на Битката кај Ѓургејца од ова село загинале: Спиро Зуноски, Стеван Крпачоски, Анѓеле Китески, Спиро Бурески, Јон Стаматоски, Ташко Тавоски, Стојан Кацески, Блаже Магдески, Никола Арминоски,Ристе Чавкоски, Вељан Крстаноски и Анѓеле Попоски.
На 24 април 1905 година во селото Цер, војводата Христо Узунов и неговата чета по долга и нерамна битка со османлискиот аскер, се самоубиваат не сакајќи живи да паднат во рацете на непријателот. Денеска таму се наоѓаат нивните гробови во посебно изградена спомен-гробница.
Стопанство
[уреди | уреди извор]Атарот е голем и зафаќа простор од 50,4 км2. На него шумите зафаќаат површина од 2.229 хектари, на пасиштата отпаѓаат 2.171 хектар, а на обработливото земјиште 534 хектари.[2]
Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција.[2]
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Цер имало 1.560 жители, сите Македонци.[5] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, во 1905 година во Цер имало 1.960 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[6]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Цер се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 202 куќи.[7]
По Првата светска војна, селото Цер е центар на општина во Кичевската околија и има 1.241 жител.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 950Македонци.[8]
Селото е населено со македонско население од кое што голем број емигрирало. Така, селото во 1961 година имало 945 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на 208 жители.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Цер живееле 159 жители, од кои 158 Македонци и 1 Србин.[9]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 60 жители, од кои 49 Македонци и 11 лица без податоци.[10]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 1.560 | 1.960 | 1.072 | 1.163 | 945 | 672 | 390 | 223 | 208 | 159 | 60 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]
Родови
[уреди | уреди извор]Цер е македонско православно село. Селото е многу старо, се спомнува од првите пописи правени во Македонија, околу 1400-тите. Сите родови во селото се староседелски.[3]
Родови во Цер се: Влинтовци (16 к.), Кацевци (7 к.), Стаматовци (3 к.), Буревци (9 к.), Којчевци (6 к.), Поповци (4 к.), Спасовци (2 к.), Чавковци (8 к.), Шумкаровци (4 к.), Вренцовци (11 к.), Шурбановци (12 к.), Личовци (5 к.), Јуруковци (1 к.), Шлакевци (5 к.), Станковци (5 к.), Тупантовци (1 к.), Костановци (6 к.), Китевци (5 к.), Десковци (6 к.), Мечовци (2 к.), Влчевци (10 к.), Саботниковци (4 к.), Перијовци (1 к.), Насувовци (6 к.), Цабевци (2 к.), Стевановци (2 к.), Дуртановци (3 к.) и Пардовци (2 к.).
Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1952 година родови во селото:
- Староседелци: Влинтовци со Брушковци (26 к.), Чиплаковци со Беитовци и Домазетовци (16 к.), Саботниковци со Пардовци (8 к.), Арминовци со Бојаџиовци и Јарчевци (8 к.), Насуовци (4 к.), Цабевци (3 к.), Десковци (4 к.), Стевановци (2 к.), Кацевци (8 к.), Буревци (5 к.), Кокаровци (2 к.), Стаматовци (4 к.), Поповци (8 к.), Шумковци (6 к.), Вренцовци (11 к.), Апостоловци и Дуртановци (3 к.), Касовци (3 к.), Чавковци (4 к.), Крпачовци со Алексовци (11 к.), Којчевци (11 к.), Шурбановци (10 к.), Личовци (7 к.), Митановци (4 к.), Сојкаровци (1 к.), Ѕуновци (2 к.), Змејковци (1 к.), Крцовци (1 к.), Богдановци со Шлакевци (8 к.), Јуруковци (1 к.), Станковци со Тутантовци и Јоцовци (14 к.), Крстановци (6 к.), Зајаковци (4 к.), Несторовци (1 к.), Китевци (7 к.), Брдаровци (1 к.), Мечовци (1 к.) и Волчевци (16 к.)
- Доселеници: Богдановци (1 к.) доселени се од селото Журче. А таму од селото Слоештица; Размовци (1 к.) доселени се од селото Слатино во Дебрца.[15]
Општествени установи
[уреди | уреди извор]- Поранешна амбуланта
- Поранешна пошта
- Месна заедница
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Селото влегува во рамките на Општина Кичево, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2013 година. Во периодот од 1996-2013 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Другово.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кичево. Селото припаѓало на некогашната општина Кичево во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1950-1955, селото било дел од тогашната Општина Мало Црско, во која покрај селото Цер, се наоѓале и селата Велмевци, Големо Црско, Кладник, Мало Црско и Прострање.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Селото е опфатено во избирачкото место бр. 0781, кое според Државната изборна комисија е сместено во месната заедница во селото Цер, а во кое влегуваат селата Големо Црско, Мало Црско и Цер.[16]
На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 66 гласачи.[17] На референдумот во 2018 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 65 гласачи.[18]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 65 гласачи.[19]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Археолошки наоѓалишта[20]
- Селиште — средновековна населба;
- Тареа Краста — доцноантичка тврдина; и
- Црквиште — средновековна црква и некропола.
- Цркви[21]
- Црква „Св. Никола“ — главна селска црква;
- Црква „Вознесение Христово“ — манастирска црква;
- Црква „Св. Атанасиј“ — селска црква;
- Црква „Св. Богородица“ — селска црква; и
- Црква „Св. Петка“ — селска црква.
- Реки[22]
- Церска Река — извира на Бушева Планина, тече низ селото, а потоа понира во Церско Поле
- Полиња
- Церско Поле — најголемо карстно поле во Македонија
Личности
[уреди | уреди извор]Родени во Цер
[уреди | уреди извор]- Спиро Симјанов Кацески (р. 1878 - ?) — македонски револуционер од ВМОРО, дел од четата на Ѓорче Петров, која водела битки со турскиот аскер низ цела Македонија.[23]
- Спиро Јонов Крпачовски (р. 1877 - ?) — македонски револуционер од ВМОРО. Соработник и дел од четата на Јордан Пиперката.[24]
- Јован Ѓоргиев Личоски (р. 1869 - ?) — македонски револуционер од ВМОРО. Соработник со Јордан Пиперката, Никола Карев, Никола Дечев, Блаже Биринчето, Ѓурчин Наумов, Сотир Војвода, Пере Тошев, Ѓорги Сугарев, и др.[25]
- Наум Симонов Буревски — македонски револуционер од ВМОРО.[26]
- Анѓеле Димов Дуртаноски — македонски револуионер од ВМОРО.[27]
- Трајан Мирчев Арминоски — македонски револуционер од ВМОРО.[26]
- Трајан Сиљанов Богдановски — македонски револуционер од ВМОРО.[26]
- Цветан Магденов Магдески — македонски револуционер од ВМОРО.[28]
- Стојко Анастов Робевски — македонски револуционер од ВМОРО.[29]
- Ангеле Попоски — македонски револуционер од ВМОРО
- Кицо Аврамоски (1921-1944) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Диме Шумка (1921-1999) — филмски сценограф
- Починати во Цер
- Христо Узунов (1878-1905) — македонски револуционер
- Јордан Пиперката (1870-1903) — македонски револуционер
- Ванчо Србаков (?-1905) — македонски револуционер
Иселеништво
[уреди | уреди извор]Низ Македонија, но најмногу во западниот дел на државата постојат доста родови кои се доселени од Цер, и сите тие се отселени од Цер во постаро време (XVIII и XIX век), па така се познати следните родови иселени од Цер: Ѓоршовци иселени во селото Слатино, Дебрца. Црниновци иселени во селото Велмеј, Дебрца. Миловци, Зајаковци, Ќиријовци и Матевци иселени се во селото Вранештица. Патерковци, Џаџовци и Чулевци иселени се во селото Русјаци. Секуловци се иселени во Крушево. Постари иселеници има и во Бугарија (13 семејства), Романија (31 семејство), Србија (13 семејства), САД (8 семејства), Грција (1 семејство), Русија (2 семејства), Кичево (9 семејства), Битола (17 семејства), Скопје (3 семејства), Велес (1 семејства), Прилеп (1 семејство), Охрид (1 семејство) и во Крушево (1 семејство).[15] Од крајот на 50-тите на XX век населението почнало масовно да се иселува во градовите, па така иселеници од Цер постојат на следните места: Кичево, Скопје, Битола, Охрид, Прилеп, Тетово, Гостивар, Пробиштип и Демир Хисар. Надвор од Македонија иселеници од овој период има во: Србија, Словенија, Хрватска, Австралија, Шведска и САД.[4]
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Стара куќа во селото
-
Поглед на селото
-
Поранешната фабрика Про Гранит
-
Сретселото
-
Стара куќа во селото
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 311. Посетено на 26 март 2019.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 „Кичевија - Тома Смиљаниќ (1926) - Кичево“. Кичево. 2018-05-16. Посетено на 2018-11-25.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 Поповски, Александар (1993). Цер-Корени. Скопје.
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 256.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 172-173.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 14.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 26 март 2019.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ 15,0 15,1 Русиќ, Бранислав. фондот „Бранислав Русиќ“. Архивски фонд на МАНУ, к-5, АЕ 97.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 26 март 2019.
- ↑ „Локални избори 2017“. Архивирано од изворникот на 2020-12-09. Посетено на 26 март 2019.
- ↑ „Референдум 2018“. Посетено на 26 март 2019.[мртва врска]
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ Коцо, Димче (1996). Археолошка картаг на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 76. ISBN 978-9989-2117-6-8.
- ↑ Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том II, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
- ↑ Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том II, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија. стр. 1256–1259.
- ↑ Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том II, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија. стр. 1505–1506.
- ↑ 26,0 26,1 26,2 Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
- ↑ Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
- ↑ Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том III, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
- ↑ Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том III, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Цер (село) на Ризницата ?