УЕФА Лига на шампиони 1997/98 — 6. сезона на најсилното натпреварување на европските фудбалски клубови под името УЕФА Лига на шампиони и 43. сезона од основањето на натпреварувањето.
Финалето било одиграно на 20 мај 1998 година на Амстердам арена во Амстердам, каде што Реал Мадрид со резултат 1:0 издвоил победа над Јувентус, којшто го играл своето трето финале по ред, со тоа освојувајќи го седмиот трофеј во најсилното европско натпреварување (последен пат во 1966). Бранителот на титулата од претходната година, Борусија Дортмунд испаднала во полуфиналето, каде во двомеч била поразена од Реал Мадрид.
Ова била првата сезона во која што групната фаза била составена од шест групи, за разлика од претходните сезони кога во групната фаза имало четири групи. Така што премин во четвртфиналето покрај победниците во групите обезбедиле и двете најдобри второпласирани екипи од групната фаза. Оваа сезона исто така била првата сезона во која што имало две кола во квалификациската фаза наместо едно. По три години натпреварување во УЕФА Купот, прваците од послабо рангираните држави се вратиле во Лигата на шампионите, додека за првпат во натпреварувањето влегле и вицешампионите од највисоко рангираните држави.
Првите натпревари биле одиграни на 13 август, а реванш натпреварите на 27 август 1997 година. Поразените екипи од второто квалификациско коло од натпреварувањето го продолжиле своето учество во првото коло од УЕФА Купот.