Јени џамија (Битола)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Јени џамија
Основни податоци
МестоБитола, Македонија
Припадностислам
Архитектонски опис
Архитектонски типџамија
Архитектонски стилотоманска
Завршен1558

Јени џамија — џамија којс се наоѓа во центарот на градот Битола, Македонија. Името на турски јазик означува Нова џамија. Има квадратна основа, со купола на врвот. Близу џамијата има минаре високо 40 m. Денес, одаите на џамијата се употребуваат за изложби. Недамнешни археолошки ископувања откриле дека е изградена врз стара црква.

Местоположба[уреди | уреди извор]

Џамијата се наоѓа на централниот градски плоштад, во близината на Саат кулата и црквата Свети Димитриј, на десната страна на реката Драгор каде бројот на монументалните џамии е поскромен. Преку големиот мост Јени џамија е поврзана со Безистенот, чаршијата, со главната џамија и Исхак Челеби џамија и некогашните управни згради. Денес, овој вреден споменик на османлиската архитектура зафаќа значителна површина од централното градско подрачје, со сочуван шадрван и убав градски парк околу неа.

Историја[уреди | уреди извор]

Џамијата Кади Mахмуд Челеби или Јени (Нова) џамија била изградена по нарачка на битолскиот кадија Махмуд-ефенди, на местото на постара џамиска зграда или врз остатоците од христијански храмови. Во истражувањата на објектот се откриени ѕидови од три цркви. Најстарата од VII век се верува дека е црквата „Св. Ѓорѓија“, втората црква е од XI, а третата од XIII век.[1] Последната црква била срушена пред да се изгради џамијата за што нема податоци дали се случило со освојувањето на Османлиите или од други причини.[1]

Во 1661 година била посетена од османлискиот патописец Евлија Челебија кој во својата патописна книга Сејахaтнаме забележал дека има една џамија на Mахмуд-ефенди со натпис:

Вистина е дека оваа светла џамија
Го осветлува градот како ден.

О, Лаели кој го состави овој хроностих за џамијата
Молитвено место за пратеникот на божјите намесници. 973 година[2]


Овој хроностих на поетот Лаели e во форма на хронограм (тарих) и ја кажува годината на градбата 973 година по хиџра или 1565 година. Но според пресметувањето на М. Тефик и К. Томовски, точната година е 966 хиџра или 1558-59 година додека според најновата пресметка (Ебџед хесап) на Е. Ајверди и на М. Асимов, точната година на изградбата е 961 по хиџра или 1553-54.

Кадијата Махмуд-ефенди, за кого нема многу сочувани податоци откако бил назначен во судот во Битола во 959 по хиџра или 1551-52 година, востановил побожен вакаф за новата џамија која содржела дуќани, куќи, магазини, анови и хотели. Во близина на џамискиот објект тој отворил медреса, а наоколу џамијата имала мали гробишта каде бил погребан битолскиот бекташки мистик Халил Баба.

Во 1589 според еден судски документ имало спор помеѓу муслиманите и христијаните, бидејќи христијаните кои живееле околу џамијата им сметале на муслиманите при службата. Можеби тука и христијаните доаѓале да се молат како старо христијанско култно место кое било во близината на христијанскиот кварт Дабижив, подоцна Црковно маало-Килисе. Со преселувањето на христијаните одовде веројатно се одбележала границата помеѓу двете верски концесии.

Џамијата во османлискиот период претставувала активно место за молитва, за што сведочи дека во 1829 во едно судско решение се споменува дека новиот имам Хафизхалил-ефенди го наследил стариот имам Мола Исмаил. Над влезот на денешната џамија е сочувана мермерна плоча со османски турски натпис во кој се споменува реновирањето на џамијата во 1890-91 година кога бил повторно изграден и проширен тремот на северната страна. Тогаш била реновирана џамијата од мајсторот-ѕидар Павле Ристиќ (Ристев) од Смилево и бил додаден нов трем со шест куполи[3]. По наредба на тогашниот имам биле преупотребени мермерните сполии, а надгробните камења натписите им биле исклепани, за со нив да биде поплочен просторот пред џамијата.

Во 1950 година објектите и гробиштата околу џамијата биле дислоцирани и бил уреден парк со шадрван, а џамијата била прогласена за културен споменик и била преуредена во уметничка галерија на современата графика.

Архитектура[уреди | уреди извор]

Екстериер[уреди | уреди извор]

Архитектурата на оваа џамија е сосема слична со главната битолска џамија Исхак Челеби, изградена 45 години порано и која претставува преодна фаза помеѓу раниот османлиски стил од Едрене и класичниот османлиски стил. Џамијата има молитвен простор со димензии од 12,78 и 12,78 метри и купола висока 19 метри, и минаре високо 39 метри. Sидовите се градени од камен кој има пожолта нијанса од Исхак Челеби џамијата, со купола поставена со осумаголен тамбур преку тромпи на квадратната основа. Тремот е долг 14,20 метри и широк 10 метри и е покриен со два реда по три куполи.

Ентериер[уреди | уреди извор]

Ентериерот на молитвениот простор е украсен со сталактити по аглите со тромпи, и е осветлен со по четири реда на прозорци монументално изработени. Михработ е украсен со сталактитна геометриска орнаментика. Интересен елемент е дрвениот балкон за проповедникот - Махвил Муке бир, чиј влез е преку тунел низ ѕидот до минарето. Преминот помеѓу молитвениот дел и тремот е заштитен со тешки двокрилни порти, во чиј горен дел се изрезбани осумаголни розети со натписи од Куранот, 112-та сура ал иклас напишана со чели несих букви. Порталот кој го обрабува махвилот и портата е врамен со керамички плочки од фајанс со димензии 25 по 25,5 сантиметри и се украсени со кобалтно-тиркизна нијанса врз бела основа. Тие се производ на работилницата од Изник од 16 век и можат да се најдат и во џамијата во Комотини. Тремот на џамијата се потпира на мермерни столбови со два вида на капители со декоративен карактер.

Внатрешноста на големата купола со сталактитните тромпи, киблата со михработ, ѕидовите на молитвената одаја биле насликани со земјени бои во ал секо техника. Сцени од куранската небесна есхатологија, мотиви од светите места биле насликани во стилот на китахја школата. Но, за несреќа на почетокот на XX век, непознат италијански сликар ги пресликал со свои ведути. Сепак, чувството за монументалност и висока уметничка вредност на оваа џамија го исполнува секој нејзин посетител.

Легенди[уреди | уреди извор]

Оваа битолска џамија е присутна во легендите и преданијата запишани од Мехмед Тевфик, Марко Цепенков, Јован Хаџи Васиљевиќ, и е позната по неколку имиња. Најпознатото е Нал џамиси (Потковица џамија) која според легендата има сочувани траги од потковиците на коњот на Свети Ѓорги, кога коњот удрил со задните копита во ѕидот. Ваквата симболика е поврзана со градската христијанска митологија за постоењето на храм посветен на св. Ѓорги на оваа локација. Второто име, Синџирли Бунар џамија е поврзано со некогашниот стар бунар со синџир за влечење вода за џамијата, но кој одамна не постои. И во блискиот град Лерин постоела Јени џамија, на крајот од 19 век. Од ова може да се претпостави дека на местото на Јени џамија имало постара џамија, а пред неа христијански храм.

И во народните преданија забележани од Марко Цепенков е запишано дека во Битола бил манастирски центар и седумдесет и два светци се славеле во црквите. Според битолскиот историчар Мехмед Тефик и учителот по историја на Кемал Ататурк во неговата кратка историја на битолскиот вилает издадена во 1910 година е забележано дека пред освојувањето на градот на десната страна на реката Драгор имало четириесет и пет цркви со нивни воденици, а на левата страна на реката Драгор имало дваесет и девет цркви со еднаков број на воденици за нивно одржување. Според Тефик најголемиот манастир во предосманскиот град бил посветен на Свети Никола и бил управуван од игуменот Никола.

Патописецот Јован Хаџи Васиљевиќ при својата посета на Битола ги забележал тогашните преданија во својата книга Низ стара Србија и Македонија во 1879 година (Кроз стару Србију и Македонију 1879 године), ја посетил џамијата и ги собрал усните преданија заклучувајќи дека седум џамии биле цркви, при што ги наведува и црквите.

Рускиот конзул во 1885 дава скромни податоци за претворањето на црквата Свети Апостоли во џамија, како и П. Безсонов кој пишува за големиот манастир посветен на Свети Никола во предосманскиот период. Сепак овие легенди добиле поголеми размери во времето на преродбата и во времето на Балканските војни, но и често биле творба на народната имагинација откако Османлиското Царство започнала да се распаѓа..

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „Свети Ѓорѓи ја крепи Јени џамија во Битола“. Дневник. Архивирано од изворникот на 2015-02-27. Посетено на 2014-06-13.
  2. Михајловски, Роберт (2009). „Битолската Јени џамија во светлината на најновите археолошки откритија“ (PDF). Патримониум: 183. Посетено на 2015-02-27.
  3. Михајловски, Роберт (2009). „Битолската Јени џамија во светлината на најновите археолошки откритија“ (PDF). Патрониум. Посетено на 2014-06-13.