Татар Синан Бег џамија (Куманово)
Стара џамија | |
Поглед на џамијата | |
Основни податоци | |
Место | Куманово, Македонија |
Припадност | сунитски ислам |
Духовно-организациски статус | активна |
Водство | Кумановско муфтиство |
Архитектонски опис | |
Архитектонски тип | џамија |
Завршен | 1532[1] |
Особености | |
Куполи | 1 |
Минариња | 1 |
Материјали | камен |
Татар Синан Бег џамија е муслимански храм кој се наоѓа во Куманово, Македонија.
Историја
[уреди | уреди извор]Џамијата е една од најстарите исламски историски споменици во Општина Куманово. Според протоколарни податоци била изградена од Татар Синан бег во 1532 година. Првото споменување на џамијата е во 1550 година кога „...селото добило голем муслимански храм, кој имал свој имам, два муезини и еден прислужник - каим.[2].” Познатиот патописец Евлија Челебија, кој во 1660 година поминувал низ Куманово, забележал:
“... тоа е каза во рангот на кази од сто и педесет акчиња. Местото е украсено со многу реки и искитено со шестотини, со ќерамиди покриени, куќи. Џамијата што се наоѓа во чаршијата е убава. Тука има текија, медреса, ан, амам, доволен број дуќани и воденици...”.
Во текот на овој временски период џамијата била реновирана неколкупати. Своето најголемо оштетување го доживеала во 1944 година, при што било погодено минарето и нејзиниот горен дел[3].
Архитектура
[уреди | уреди извор]Во натписот на една надгробна плоча во дворот на џамијата стои дека 1659/60 година Хаџи Осман Сулејман бил прв мутевелија на оваа џамија. Џамијата претставува еднокуполна градба со трем на северната страна, што претставува основна архитектонска одлика на раноосманлиската џамија и еден од најмногубројните типови на џамии во 16 век на Балканот. Преминот од молитвениот дел кон куполата е решен со помош на т.н. фриз на турски триаголници, доста интересно и ретко преодно решение под купола, кое и со појавата на необично високиот тамбур на куполата на џамијата (кој како и кај средишната купола над тремот е кружен и од внатре и од надвор), ја сврстуваат џамијата меѓу најинтересните, а воедно и единствен пример со вакво архитектонско решение во Македонија од 16 век. Во внатрешноста на џамијата се сместени вообичаените елементи присутни во молитвениот простор – михраб, минбер и махвил кои се одликуваат со едноставност на формите[4].
Единственоста на џамијата е присутна и во декоративната обработка во плиток релјеф на натпрозорниците од втората зона на прозори од надвор, но и во обработката на надвратникот над главниот влез во молитвениот простор и шерефето, што говори за прецизна мајсторска рака и важноста која била дадена при градбата на овој објект. Флоралните и геометриските орнаменти употребени за декорирање на натпрозорниците од горната зона на прозорите, со своите стилски одлики во голема мера потсетуваат на декоративните елементи од црквата Св. Ѓорѓи во Младо Нагоричане, што упатува на можноста дека се работени од локални мајстори.
Целата џамија (исклучувајќи ги нејзините подоцнежни доградби) е градена од добро обработени камени квадри од жолто-кафен камен од реонот на Жеглигово, и на начин ретко применуван при градењето на овој вид објекти во Македонија. Минарето кое му дава вертикален акцент на објектот е сместено на западната страна од џамијата. Тоа не е многу високо, поставено на четириаголен постамент кој продолжува во многуаголно тело и се одликува со елегантно изведена сталактитна декорација под шерефето. Во дворот, западно од џамијата, се наоѓа некропола со поголем број на нишани. Џамијата, во зависност од потребите, повеќепати била реновирана и проширена со што е нарушен нејзиниот првобитен изглед.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ cdnh.ii.edu.mk Џамија на Татар Синан Паша
- ↑ „Османлиски споменици“,Зоран Павлов (2008), стр. 20.
- ↑ http://www.cdnh.edu.mk/ostanati2007/dzamiite_kumanovsko/dzamiitekumanovsko/links/Kumanove.html[мртва врска]
- ↑ „Османлиски споменици“,Зоран Павлов (2008), стр. 21.