Џамија Коџа Мехмед Бег (Табановце)
Поглед кон џамијата | |
Основни податоци | |
Место | Табановце, Општина Куманово |
Координати | 41°13′25″N 21°42′7″E / 41.22361° СГШ; 21.70194° ИГД |
Припадност | сунитски ислам |
Духовно-организациски статус | неактивна |
Културнонаследствен статус | Споменик на културата |
Водство | Кумановско муфтиство |
Архитектонски опис | |
Архитектонски тип | џамија |
Архитектонски стил | османлиски |
Завршен | 1596 |
Особености | |
Куполи | 1 |
Минариња | 1 |
Материјали | камен тула |
Џамијата Коџа Мехмед-бег — муслимански храм кој се наоѓа во селото Табановце, Општина Куманово, Македонија.
Местоположба
[уреди | уреди извор]Џамијата се наоѓа во непосредна близина на селото Табановце, од левата страна на автопатот кој води кон граничниот премин кон Србија.
Историја
[уреди | уреди извор]За периодот на изградбата на овој објект денеска не постојат сигурни податоци. Според Исламската верска заедница, овој објект датира од 1380 година[1], иако тоа може впрочем да се однесува на остатоците од објект од средновековието пронајден на истото место, чиј карактер не е утврден.[2]
Според стилските особености и начинот на градење, овој објект бил изграден во т.н. класичен период на османското градежништво од крајот на XVI и почетокот на XVII век. Познато е, според вакафнамата на Коџа Синан-паша, дека меѓу останатите имоти, се споменува и имотот во селото Табановце и дека бил формиран чифлик кој се состоел од коначиштето и две воденици на блиската река. Според овој документ, кој бил составен во 1586 година (или 944 според исламскиот календар), се смета дека датирањето на џамијата треба да се лоцира во овој период, или најдоцна во 1596 година, година на смртта на Големиот везир Коџа Синан-паша. Ктитор на џамијата би можело да биде и синот на Коџа, Мехмед-бег, на што наведува и името на џамијата, со што годината на изградба би се поместила до самиот почеток на XVII век.
Опис
[уреди | уреди извор]Џамијата претставува еднокуполна градба со квадратна основа и трем од северозападната страна. Преминот во осмостраниот тамбур е изведен со помош на пандантифи. На југоисточниот ѕид во внатрешноста на молитвениот простор, се наоѓа михработ кој е богато украсен со сталактитни орнаменти во пет реда.
На североисточниот ѕид видливи се остатоци од постоење на дрвен махвил - галерија. Осветлувањето на целиот објект е преку прозорците поставени во два реда на секој од масивните ѕидови.
Тремот, кој се наоѓа на северозападната страна ја зафаќа целата широчина на џамијата, и е сочуван само во основа. Според остатоците, тремот бил невообичаено затворен од западната страна со продолжување на страничниот ѕид на централниот молитвен простор, додека останатиот дел од тремот е отворен. Целиот трем ја имал истата висина со централниот кубус, а според аналогиите со други објекти од овој период (Дуќанџик џамија во Скопје, Алтин-алем џамија во Нови Пазар), веројатно бил прекриен со две мали куполи. Влезот во молитвениот простор е поставен асиметрично - лево од северозападниот ѕид на кој е сместена и едноставна михрабија врамена со благо профилирана рамка.
Во западниот агол од џамијата, на просторот меѓу тремот и молитвениот дел се издига не многу високо многуаголно минаре. Градено е од камен и тула во долниот дел, само од тула во горниот дел и целото е малтерисано. Сочувано е во целата своја височина освен ќулафот. Парапетните плочи од шерефето не се сочувани. Видлива е само богатата сталактитна декорација од пет реда од неговата основа.
Целиот објект е граден од наизменично поставени редови на обработен камен и тула, додека тамбурот и куполата се изведени од концентрично сложени низови на тула. Куполата веројатно била покриена со оловни плочи кои денес не се сочувани.
Објектот денес
[уреди | уреди извор]Џамијата денеска е загрозена од понатамошно руинирање поради нејзиното неодржување, односно немање на функција. Џамијата е прогласена за значајно културно наследство на Македонија во 2008 година[3] и е дел од 38 верски објекти кои се заштитени со закон во Македонија. Џамијата е под надлежност на Исламската верска заедница.
Поврзано
[уреди | уреди извор]- Џабинка - Аништа — наоѓалиште со остатоци од објект од средниот век на местото на џамијата
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Џамијата „Коџа Мехмет Беј“, национален споменик, оставена на забот на времето
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 223. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Културно добро бр. 240: „Коџа мехмед бег џамија“ — Национален информативен систем за културното наследство на УЗКН. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2017-08-21. Посетено на 2022-12-09.