Црква „Св. Никола“ - Куманово

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Поврзано: Свети Никола (појаснување)
Coat of arms of the Macedonian Orthodox Church.png
Macedonian cross.svg
Свети Никола
Sv.Nikola-Kumanovo.JPG

Поглед на црквата Света Никола во Куманово, од јужната страна

Македонска православна црква
Епархија Полошко-кумановска
Архијерејско намесништво Кумановско
Местоположба
Населено место Куманово
Општина Куманово
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Свети Никола
Изградба 1851 година
Архитектонски опис
Портал „МПЦ“

Свети Никола спаѓа во еден од најстарите објекти и претставува соборна црква на градот Куманово. Деншната црква е изградена во 1851 година, на местото на мала црква, вкопана во земја со девет скалила, којашто исто така го носела името "Свети Никола". Не е познато од кога датира изградбата на оваа црквичка, меѓутоа се претпоставува дека е многу стара и дека го следи присуството на христијанското население на овој простор. Инаку црквата "Свети Никола" била изградена од познатиот мајстор-градител Андреа Дамјанов од село Папрадиште, Велешко. Црквата е заштитена како споменик на културата.

Историја[уреди | уреди извор]

Црквата „Св. Никола“ во 1920-те

Црквата е изградена 1851/52 година на местото каде се наоѓала помала истоимена црква. Нејзиниот градител бил протомајсторот Андреја Дамјанов по потекло од мијачкиот род Рензовци, роден во Велешкото село Папрадиште. Црквата е трикорадна монументална градба од т.н. "базиликален" тип, карактеристичен за сакралните објекти на балканот од 19-ти век. Градена е од камен и тули. Од северната страна има трем со колонади. Централниот кораб е надвишен со четири слепи куполи. Над северниот, западниот и јужниот дел на црквата се простира галерија каде е сместена збирка од икони. Над западниот крак на галеријата се простира уште една галерија, но со помали димензии. Најстариот фрескоживопис е изведен само во слепите куполи на централниот кораб и потекнува, веројатно од шестата деценија на 19-ти век. Авторот е, веројатно, зографот Дичо од селото Тресонче со некои соработници. Денешните слики на северниот и јужниот ѕид се од понов период (1969-1972 г.) Иконостасот е репрезентативен и има три реда икони, царски двери во резба и Чесен крст со распетие. На него се наредени икони изработени во различно верме и од различни зографи. Најраните се од 1855 г. од зографот Хаџи-Костадин од Велес, од Дичо Зограф (1856/57 г.), од зографите Вено и Зфир (од 1868/69 г. и 1873 г.) и од Д.А.Папрадишки (1908 г.). Од црковниот мебел (изработен во 19 век) останал валдичкиот престол во резба од 1892 г. и амвонот поставен на еден од столбовите на северната колонада (веројатно од истите години). Најстарите икони во галеријата на икони потекнуваат од стариот иконостас на црквата во Карпинскиот манастир. Најбројни се иконите на познатиот мијачки зограф Димитар Крстевич - Дичо од село Тресонче.

Архитектура[уреди | уреди извор]

По својата просторна концепција оваа црква спаѓа во групата на карактеристични трикорабни базилики кои Дамјанов ги гради секогаш кога не е во можност да реализира куполна градба. Така, освен црквата во Осоговскиот манастир, сите дотогашни градби се со иста или слична просторно - волуменска дефиниција. Дури после овој објект, а почнувајќи со осоговската црква (инаку двете се завршени во иста година), Дамјанов ќе гради главно куполни цркви.

Основата на црквата Св. Никола е оформена од еден нагласено издолжен правоаголен простор поделен на три кораби со помош на два реда од по седум столба. Употребата на волкав број столбови во еден ред (исто како и во велешката и новоселската црква) ја потенцира нејзината базиликалност. Централниот кораб е речиси двојно поширок од страничните и забележливо повисок што се манифестира и на петтата фасада со базиликално надвишен покрив. Во внатрешноста, централниот кораб е нагласен и со начинот на покривање со четири слепи калоти, за разлика од страничните кораби каде што покривањето е само со полуцилиндричен свод. Меѓутоа, и во двата случаја, овие сводни конструкции завршуваат под косите покриви, без надворешна манифестација.

Трите брода на објектот во хоризонталниот план се надополнети со по уште еден страничен кораб од надворешната страна. Тоа се тремовите кои од три страни (југ, север и запад) го обиколуваат главното тело на црквата. Над отворените тремови од приземјето, на катот се формирани галерии - трибини кои отворено гледаат во наосот на црквата создавајќи ефект на петобродност. И тука овие галерии се користеле како “женска црква“. На источниот крај галериите завршуваат со мали затворени капели кои, сепак, визуелно комуницираат со наосот преку решеткави отвори.

Над првата галерија во кумановската црква, слично како кај велешката, е формирана втора галерија. Таа се протега само на западната страна, на висинска кота од 7,70 метри. Гледајќи во наосот од оваа висина, доаѓа до полн израз монументалноста на црквата на Дамјанов. Наоѓајќи се речиси во поткуполниот простор, се добива можност за доживување на внатрешноста на храмот од божествена перспектива. Чувството на возвишеност тука е неодминливо.

Влегувањето во наосот на црквата е низ трите главни влеза - по еден на западната, јужната и северната страна. Нивното значење како главни влезови е потенцирано и со раскошно обработените портали. Основната композиција на порталите е иста како кај повеќето негови реализации - отворот, најчесто лачен, е врамен со неколку профилации и колонетки кои на горната страна ја носат лунетата која странично е закрилена со богата пластична декорација во вид на геометриски, вегетативни и зооморфни мотиви. Кај кумановските портали оваа пластична декорација е дополнително збогатена со човечки фигури, но и со чудовишни суштества. Според употребените мотиви и тематиката која ги поврзува, се чувствуваат изразени влијанија од европската романика.

Покрај овие главни влезови, има уште два многу поедноставни - едниот на јужната страна кој води директно во олтарскиот простор, а другиот на западната наменет за директен пристап до галериите.[1]

Фасадно обликување[уреди | уреди извор]

Фасадните површини на црквата се дефинирани едноставно и чисто, без декоративни елементи. Единствено аглите од објектот се третирани нагласено со убаво делкан камен во две бои, а како завршница на еден од погорните камења се појавува пластично моделирана фигура на животно (овен, мајмун, птица и сл.)

И источната фасада е третирана со повеќе внимание. Трите апсиди на олтарот, протезисот и ѓакониконот се изведени од истиот убаво делкан камен со минимални фуги, но при нивното обликување Дамјанов е најстрог - тие се само полигонално склопени без никаква друга профилација. Внатрешната обработка на црквата е непретенциозна. Тука главно доминираат чистите линии на конструктивните елементи - столбови, лакови, сводови, куполи, кои со своите заоблени форми внесуваат доволна динамика во просторот. Употребата на профилирани венци, лакови, конзоли и сл. е сведена наминимум. Дури и капителите на столбовите се обликувани наједноставно, без пластична декорација, освен еден пред иконостасот, што можеби укажува дека првичната замисла за капителите не била така едноставна, и очигледно, докрај реализирана. Внатрешноста на црквата е особено светла заради, од една страна, добрата осветленост преку прозорските отвори, а од друга, заради чистите бели ѕидови кои не се живописани.[2]

Кулата - камбанарија, која денес се извишува над централниот дел од првата галерија, најверојатно е доградена подоцна. До нејзе се приоѓа од нивото на втората галерија. Таа е осмоаголна во основата, а пет од нејзините осум страни се перфорирани со двојни лачни отвори. Покривањето на камбанаријата е со висока, барокно извиена, покривна конструкција која ја надвишува покривната силуета на главниот базиликален корпус на црквата. Според фасадното обликување, таа се разликува од останатиот дел. Кај нејзе најмногу се чувствуваат влијанија од европската еклектика, што не е општа карактеристика за црквата.[3]

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Jasmina., Hadžieva-Aleksievska,; Јасмина., Хаџиева-Алексиевска,; 1813-1878., Дамјанов, Андреја,; Елизабета., Касапова, (2001). Arhitekt Andreja Damjanov, 1813-1878. Skopje: J. Hadžieva Aleksievska, E. Kasapova. ISBN 9989962413. OCLC 52760451. https://www.worldcat.org/oclc/52760451. 
  2. Jasmina., Hadžieva-Aleksievska,; Јасмина., Хаџиева-Алексиевска,; 1813-1878., Дамјанов, Андреја,; Елизабета., Касапова, (2001). Arhitekt Andreja Damjanov, 1813-1878. Skopje: J. Hadžieva Aleksievska, E. Kasapova. ISBN 9989962413. OCLC 52760451. https://www.worldcat.org/oclc/52760451. 
  3. Jasmina., Hadžieva-Aleksievska,; Јасмина., Хаџиева-Алексиевска,; 1813-1878., Дамјанов, Андреја,; Елизабета., Касапова, (2001). Arhitekt Andreja Damjanov, 1813-1878. Skopje: J. Hadžieva Aleksievska, E. Kasapova. ISBN 9989962413. OCLC 52760451. https://www.worldcat.org/oclc/52760451.