Џамијата Ќосе Кади е џамија во Скопје, сместена во непосредна близина на Безистенот во Старата скопска чаршија. Градбата се одликува со својата автентичност, при што молитвениот простор од џамијата се наоѓа на кат, под којшто минува улица со дуќани.
За времето на изградбата на џамијата не постојат точни податоци, но се претпоставува дека била изградена во текот на 18. век. Ова се поткрепува со тоа што слични објекти во Отоманското Царство биле градени кон крајот на 18. и во текот на 19. век. Џамијата претрпела огромни штети со земјотресот во 1963 г., иако и претходно била запуштена и служела како магацин. Нејзиното обновување започнало во 1992 година, врз основа на нацрт изработен од страна на Архитектонскиот факултет во Скопје, а проектот бил финансиран од страна на Исламската Верска Заедница во Македонија. Џамијата повторно била отворена во 1996 година.[1]
Архитектурата на џамијата е необична, па така градбата се состои од приземје и кат. На приземјето, односно под џамијата минува улица со дуќани, додека молитвениот простор се наоѓа на катот.[1]