Манастир „Св. Ѓорѓи“ - Велушина

Од Википедија — слободната енциклопедија
Манастир Свети Ѓорѓи

Поглед на конаците и црквата

македонска православна црква
Епархија Преспанско-пелагониска
Архијерејско намесништво Битолско
Парохија Бистричка
Местоположба

Карта

Место Велушина
Општина Битола
Општи податоци
Покровител Св. Ѓорѓи
Изградба 1839
Живопис 1848
Зограф Јован Зограф
Архитектонски опис
Архит. тип трикорабна

Манастир „Свети Ѓорѓи“ – православен манастир во близина на битолското село Велушина. Административно манастирот му припаѓа на Преспанско-пелагониската епархија на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Манастирската црква била изградена во 1839, а живописана во 1848 година[1]

Бифори на камбанаријата на црквата

Метоположба[уреди | уреди извор]

Манастирот Свети Ѓорѓи се наоѓа на неполни 2 км западно од селото Велушина, на едно возвишување од каде се гледа целиот јужен дел од Пелагониската Котлина. До манастирот води тесен асфалтен пат, што овозможува многу добра комуникација со селото. Во комплексот се влегува низ големата манастирска порта, вклопена во приземниот дел на конакот, изграден јужно од црквата.[1]

Историја[уреди | уреди извор]

Манастирот бил тешко погоден во земјотресите во јануари 2022 година, при што се забележани изронети фрески во манастирската црква, распукани тавани, ѕидови и подови, а се срушиле и делови од конаците. Исто така, се распукала и камбанаријата и повеќе не била во функција.[2]

Архитектура[уреди | уреди извор]

Храмот Св. Ѓорѓи претставува релативно мала трикорабна градба поставена кон средината на манастирскиот двор. Од југоисточниот агол, црквата е надвишена со камбанаријата изведена од делкан камен. Во светилиштето се влегува низ тремовите од јужната и западната страна. Според натписот исклесан над западниот влез, градбата била подигната во 1839 година.

Фрескоживопис[уреди | уреди извор]

Над јужниот влез, во внатрешноста на храмот, постои опширен натпис во кој се внесени важни податоци поврзани со сликањето на црквата. Во натписот се испишани сите оние кои помогнале да се наслика овој свет храм. Испишана е и годината 1848 како време на изработката на живописот. Живописот бил дело на Јован Зограф кој самиот за себе кажува дека по потекло бил од селото Хјонатон или Хјонадес, но дека оттаму се преселил во Трново. Во насликаната програма Јован Зограф во долниот појас , вообичаено ја поставил галеријата на стоечки светители во цел раст. Во горните партии се сцените со претставите на Христовиот живот и страдања. Заслужува внимание илустрирањето на сцени од детството и успението на Св. Богородица како и од поетската композиција позната како Акатистот на Богородица. На темето од полукружниот свод се поставени во медалјони допојасните претстави на Св. Јован Крстител, малиот Исус обележан како Емануил како и Христос Пантократор или Седржител. Над иконостасот се претставени Светото Тројство и тоа Господ Саваот, Исус Христос и Светиот Дух. Стилот на Јован Зограф е импресивен, на многу места успешно ги соединува традиционалната поствизантиска иконографија и новите решенија инспирирани од западната уметност кои продираат на нашиве простори веќе од втората половина на 18 век. Неговите композиции како што се на пример сцените од Христовиот живот или од Акатистот на Св. Богородица исполнети со многу учесници, изнесени во еден раскажувачки стил, со многу детали.[1]

Иконостас[уреди | уреди извор]

Иконостасот во црквата, кој го одвојува олтарниот простор од централниот дел, исполнет е со икони работени од повеќемина зографи. Според стилските одлики, изгледа дека претставата на Архангел Михаил врз вратата на северниот дел од иконостасот е дело на Јован Зограф, авторот на ѕидното сликарство. Од првата половина на 19 век е датирана и големата икона на Св. Ѓорѓи, патронот на храмот. Другите престолни икони како и иконостасниот крст, стилски се блиски со творештвото на браќата Константин и Димитар Анастасови од Магарево. Од нив најверојатно се и насликаните медалјони со претставата на Благовештението врз царските двери украсени со резба. Иконите од горниот ред на иконостасот, вкупно 15, со сцени од животот на Христос, се одликуваат со една поинаква ликовна и колоритна звучност во однос на другите дела. Според Ристо Палигора, впечатокот е дека корените на овој ликовен пристап со тенденција кон идеализирање и сцени поставени во перспектива низ класицистички архитектонски форми, се инспирирани од примери на постарите западни мајстори од другата страна на Јадранот, чија уметничка филозофија била блиска на ренесансната уметност.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 Палигора, Ристо (декември 2011). Студија за поврзување и промоција на манстирскиот туризам на Баба Планина (PDF). Битола: Центар за развој на Пелагонискиот плански регион. стр. 30. Архивирано од изворникот (PDF) на 2013-12-28. Посетено на 2021-08-13.
  2. „ЗЕМЈОТРЕСИТЕ НАПРАВИЈА ГОЛЕМИ ОШТЕТУВАЊА ВО МАНАСТИРОТ „СВ ЃОРГИ ВО СЕЛОТО ВЕЛУШИНА“. Сакам Да Кажам. 2022-01-11. Посетено на 2022-01-12.
  3. Палигора, Ристо (декември 2011). Студија за поврзување и промоција на манастирскиот туризам на Баба Планина (PDF). Битола: Центар за развој на Пелагонискиот плански регион. стр. 31. Архивирано од изворникот (PDF) на 2013-12-28. Посетено на 2021-08-13.