Хамза-бегова џамија (Битола)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Хамза-бегова џамија
Хамза-бегова џамија
Основни податоци
МестоБитола, Македонија
Припадностислам
Архитектонски опис
Архитектонски типџамија
Архитектонски стилосманлиска
ЗавршенXVI-XVII век
Особености
Куполи1
Минариња1
Висина на минарето23,40 м

Хамза-бегова џамија (Hamza Bey Camii), позната и како Џамија на три шеици – муслимански храм во Битола.[1]

Местоположба[уреди | уреди извор]

Џамијата се наоѓа во западниот дел на градот, на улица „Пецо Божиновски“, меѓу Курдерес (кој повеќе не постои) и Зандан куле, во маалото Хамза-бег.[1]

Историја[уреди | уреди извор]

Џамијата може да е од 16 век или пред 1634 година. Единствените писмени сведоци се датумот 1798, напишан на барабанот на куполата и мермерната плоча со натпис, според која џамијата е реновирана во 1273 година по хиџра (1857/1858 по Христа).[1] Можно е храмот да има врска со Хамза-беговата џамија во Солун, изградена во 1468 година од неговата ќерка Хафса и обновена во 1619 година.[1] Џамијата станува центар на дервишкиот ред суфиски Халвети во Битола. Вакафот на џамијата за првпат е споменат во 1633 година, а зградата во 1634 година како вакаф на Хамза-бег во судски документи во Битола. На јужната страна на куполата со црвено била напишана 1798 година, веројатно датумот на обновување. Во 1857/1858 година било завршено уште едно реновирање, бил додаден едноставен портик. Дарители на џамијата биле Дефтердар Али во 1853 година и Емир-паша во 1864 година и поради тоа во 19 век храмот бил познат и под тие имиња. Комплексот се состои од џамија, сибјан мектеб, медреса позната како „Тефикије“ , потоа едно халветиско теќе и турбе со гробови на другата страна на улицата.[2]

Имињата на трите шеика, според кои била крстена џамијата, се Ибрахим, Абдул Керим и Ахмед и тие биле припадници на дервишкиот ред Халвети од крајот на 18 век чиј центар бил во Охрид. Тие биле ученици на шеикот Мехмед Хајати, основач на Зејнел Абедеин-паша текето во Охрид. Централното теке имало ограноци во Костур, Лерин и Албанија.[2]

Архитектура[уреди | уреди извор]

Џамијата од назад
Влезната врата во дворот со мермерната плоча со натпис од 1857/1858 година

Џамијата има правоаголна основа со димензии 8,90 x 10,21 m и претставува поедноставена завиена џамија со правоаголна апсида со рамен покрив со димензии 5,50 x 2,60 m, во која е поставен михработ, кој го дели централниот простор на два дела.[2] Апсидата има два елегантни сводести прозорци на јужната страна. Овој необичен дизајн е последица на заемното влијание меѓу византиската и османлиската архитектура која започнува на почетокот на 14 век. Овој архитектонски елемент бил воведен во џамијата на Мурат I во Бурса, Јусуф-пашината џамија во Одрин (1429), болницата на Бајазит II во Одрин (1485), Мехмед-беговата џамија во Сер (1491), Хусамедин-пашината џамија во Штип, Синан-пашината џамија во Призрен, Исхак-беговата џамија во Скопје, Гази Хусрев-беговата џамија во Сараево (1531), Ферхад-пашината џамија во Бања Лука (1531).[3]

Молитвеното пространство е покриено со купола во форма на осумаголен барабан. По ѕидовите видливи се остатоци од шарени орнаменти и розети со штуко декорација. Ѕидаријата е од слоеви од по три до пет реда тули и делкан камен. Горниот дел завршува со назабен корниз од тули. Во долниот дел на ѕидовите има осум прозорци со крунисани со сталактитни ниши. Над нив има четири сводести прозорци.[3]

Минарето е многуаголно, изѕидано од камен и тули и е високо 23,40 m и е добро зачувано. Шерефето му е украсено со сталактити, а балконот има мермерен парапет.[3]

Додадениот трем има димензии 5 m x 10,25 m, со кос покрив. На вратата кон дворот има мермерна плоча 35 cm x 35 cm, која известува за обновувањето на градбата во 1273 година по хиџра (1857/1858).[3]

Теќето и турбето на Трите шеика биле разрушени уште во 1911 година. За време на Првата светска војна џамијата била многу оштетена.[3]

На запад од храмот се сочувани неколку надгробни камења.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Mihajlovski, Robert (2012). „The Seventeenth Century Ottoman Religious Architecture of Bitola/Manastir“ (PDF). Патримониум. V (10): 292. Посетено на 12 мај 2019.
  2. 2,0 2,1 2,2 Mihajlovski, Robert (2012). „The Seventeenth Century Ottoman Religious Architecture of Bitola/Manastir“ (PDF). Патримониум. V (10): 293. Посетено на 12 мај 2019.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 Mihajlovski, Robert (2012). „The Seventeenth Century Ottoman Religious Architecture of Bitola/Manastir“ (PDF). Патримониум. V (10): 294. Посетено на 12 мај 2019.