Мурат-пашината џамија е џамија во Скопје, сместена во средишниот дел на Старата скопска чаршија. Градбата се наоѓа во непосредна близина на Чифте-амамот и Сули ан и заедно со овие два објекта ја сочинува единствената постојна „исламска тројка“ на територијата на чаршијата и во Скопје воопшто. Џамијата е со статус на заштитено културно наследство.[1]
Според натписот на мермерната плоча над влезната врата во џамијата, на арапски јазик е објаснето дека истата била изградена некаде околу 1802 и 1803 година, откако претходно изгорела во пожарот од 1689 година.[2] Извршени се истражувања, кои потврдуваат дека на истото место се наоѓала постара градба, од чии ѕидови се откриени остатоци. Последен пат, џамијата е реновирана кон крајот на XX век од страна на скопското муфтиство, во соработка со Заводот за заштита на спомениците на културата на Република Македонија.[3]
Освен минарето, џамијата е релативно нова градба и припаѓа на османлискиот барокен стил со примена на неокласицистички исламски елементи. Градбата е со четвртест облик и е покриена со покрив на четири води. Покрај главниот влез има и влез кој се наоѓа на северната страна. Внатрешноста на џамијата содржи дрвен касетиран таван, како и галерија (махвил), михраб и говорница (минбер), кои се сметаат за карактеристични елементи на османлиската барокна архитектура.[3] Во дворот на џамијата се наоѓа шадрван изграден во 1937 година. Пронајдени се и остатоци од гробишта, т.е. три надгробни споменици, кои потекнуваат од 1741 и 1790 година, додека за третиот е тешко да се утврди датумот.[2]
а На мермерната плоча над влезната порта од џамијата се споменува дека џамијата била изградена во 1802 или 1803 година. Сепак, не постојат никакви податоци за името на нејзиниот градител и годината во којашто била изградена, иако според археолошките истражувања и проучувања е јасно дека била изградена на темелите на постара џамија којашто изгорела во пожарот во 1689 година.[2]