Чифте амам

Од Википедија — слободната енциклопедија
Чифте амам
National Artgallery of Republic of Macedonia (Skopje).JPG
Чифте амам
Карта
Општи податоци
Стилосманлиска архитектура
ГрадСтара скопска чаршија
Скопје
Земја Македонија
Почната15 век
НарачателМузеј на уметност

Чифте амам — поранешен амам во Скопје, којшто се наоѓа во средишниот дел на Старата скопска чаршија, поточно на потегот меѓу Мурат-пашината џамија и Сули ан. Заедно со овие два објекта ја сочинува единствената постојна „исламска тројка“ на просторот на чаршијата и во Скопје воопшто. Чифте амам денес се употребува како уметничка галерија и во него е сместен дел од поставката на Националната галерија на Македонија.[1]

Имиња[уреди | уреди извор]

Амамот името го добил од турскиот збор „чифт“ (турски: çift; со значење „парен, двоен“), поради тоа што неговата градба спаѓа во групата на двојни амами. Во чест на наредбодавачот за негова изградба, Иса-бег, познат е и под името „Иса-бегов амам“, додека познатиот патописец Евлија Челебија во своите записи го нарекува „нов амам“.[2]

Историја[уреди | уреди извор]

Една од бањските простори

Амамот е изграден во втората половина на 15. век, како завештание на Иса-бег. За првпат се споменува во вакуфнамата на Иса-беговата џамија во 1531 година. Тешко бил погоден со земјотресот од 1963 година, но подоцна е обновен и денес претставува уметничка галерија.[3] Во него е сместен и дел од поставката на Националната галерија на Македонија, чиешто седиште се наоѓа во Даут-пашиниот амам.[1]

Архитектура[уреди | уреди извор]

Објектот е редок пример на Балканот со голема архитектонска вредност, којашто денес не може да дојде до израз, бидејќи амамот, речиси, целосно е опколен со дуќани. Тој претставува монолитна градба, а при неговата изградба, особено, се водело сметка за функционалното единство и надворешното обликување. Граден е од камен, тули и малтер. Содржи две поголеми куполи и повеќе помали. Се состои од два дела, машки и женски, па оттаму и го добил името „чифте“, односно двоен амам.[3] За разлика од другите двојни амами, машкиот и женскиот дел во Чифте амамот се спојуваат во делот за капење.[2]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Национална галерија на Македонија, официјално мрежно место.
  2. 2,0 2,1 Чифте амам Архивирано на 21 февруари 2015 г., Old Skopje.
  3. 3,0 3,1 Чифте амам[мртва врска], Проект „Стара скопска чаршија“.